Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховиниот ден на суд е близу!

Јеховиниот ден на суд е близу!

Јеховиниот ден на суд е близу!

„Близу е Господовиот [Јеховиниот, NW] ден, голем! Близу е и доаѓа брзо“ (СОФОНИЈА 1:14).

1. Кое предупредување го дал Бог преку Софонија?

 ЈЕХОВА БОГ само што не стапил во акција против злобните. Слушај! Еве го неговото предупредување: „Ќе ги уништам луѓето . . . ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата“ (Софонија 1:3). Овие зборови на Суверениот Господ Јехова биле кажани преку неговиот пророк Софонија, можеби праправнук на верниот цар Езекија. Оваа објава, дадена во деновите на добриот цар Јосија, не претскажувала добро за злобните кои живееле во земјата Јуда.

2. Зошто постапките на Јосија нема да го спречат доаѓањето на Јеховиниот ден на суд?

2 Пророкувањето на Софонија несомнено ја зголемило свесноста на младиот Јосија за потребата да ја исчисти Јуда од нечистото обожавање. Но, постапките на царот во чистењето на земјата од лажната религија не ја отстраниле сета злоба што ја имало меѓу луѓето ниту, пак, ги искупиле гревовите на дедо му, цар Манасија, кој ‚го наполнил Ерусалим со невина крв‘ (2. Цареви 24:3, 4; 2. Летописи 34:3). Затоа Јеховиниот ден на суд сигурно ќе дојде.

3. Како можеме да бидеме сигурни дека е можно да се преживее „денот на Јеховиниот гнев“?

3 Сепак, ќе има преживеани во тој ден што влева страв. Затоа, Божјиот пророк поттикнал: „Пред законската одредба да роди нешто, пред да помине денот како плева, пред да дојде на вас разгорениот гнев на Јехова, пред да дојде на вас денот на Јеховиниот гнев, барајте го Јехова, сите кротки на Земјата, сите вие кои ја извршувате Неговата судска одлука. Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Веројатно ќе можете да бидете сокриени во денот на Јеховиниот гнев“ (Софонија 2:2, 3NW). Имајќи ја на ум надежта за преживување во текот на Јеховиниот ден на суд, да се зафатиме со разгледување на библиската книга Софонија. Напишана во Јуда, пред 648 пр.н.е., таа е дел од Божјата ‚пророчка реч‘ на која сите ние треба да ѝ обрнеме внимание со цело срце (2. Петрово 1:19).

Јеховината рака се подига

4, 5. На кој начин Софонија 1:1-3 се исполнил на злобните во Јуда?

4 „Господовото слово“ до Софонија започнува со предупредувањето наведено претходно. Бог изјавува: „Да, сѐ ќе избришам од лицето на земјата — говори Господ! Ќе ги уништам луѓето и ѕверовите, небесните птици и морските риби, соблазните идоли со безбожниците, ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата — говори Господ!“ (Софонија 1:1-3).

5 Да, Јехова ќе ѝ стави крај на огромната злоба во земјата Јуда. Кого ќе употреби Бог за да ‚избрише сѐ од лицето на земјата‘? Со оглед на тоа што очигледно Софонија пророкувал во раниот дел од владеењето на цар Јосија, кое започнало во 659 пр.н.е., овие пророчки зборови се исполниле во опустошувањето на Јуда и нејзиниот главен град, Ерусалим, од рацете на Вавилонците во 607 пр.н.е. Во тоа време имало ‚избришување‘ на злобните во Јуда.

6-8. Што било претскажано во Софонија 1:4-6, и како се исполнило тоа пророштво во древната Јуда?

6 Претскажувајќи ги Божјите постапки против лажните обожаватели, во Софонија 1:4—6 се вели: „Ќе подигнам рака на Јуда и на сите жители на Ерусалим и ќе го истребам од ова место Вааловиот остаток, и името на паганските свештеници заедно со израелевите свештеници; оние, кои се клањаат по покривите на небесната војска, оние, кои се клањаат и заколнуваат пред Господа, а се заколнуваат и во Мелхом; оние кои отстапија од Господа, кои не Го бараат Господа и не прашуваат за него“.

7 Јеховината рака се подигнала против народот на Јуда и Ерусалим. Тој бил одлучен да ги истреби до смрт обожавателите на Ваал, хананскиот бог на плодноста. Различни локални божества биле наречени Ваал бидејќи нивните обожаватели мислеле дека тие поседуваат одредени месности и имаат влијание над нив. На пример, постоел Ваал кого Моавците и Мадијамците го обожавале на гората Фегор (Броеви 25:1, 3, 6). Низ цела Јуда, Јехова ќе ги истреби свештениците на Ваал, како и неверните свештенички Левити кои го прекршувале Божјиот закон дружејќи се со нив (Излез 20:2, 3).

8 Бог ќе ги истреби и оние кои ‚се клањале на небесната војска‘, очигледно со тоа што практикувале астрологија и го обожавале сонцето (2. Цареви 23:11; Еремија 19:13; 32:29). Божествениот гнев ќе се излее и врз оние кои се обидувале да го измешаат вистинското обожавање со лажната религија на тој начин што се ‚заколнувале пред Господа и во Мелхом‘. Можно е Мелхом да е друго име за Молох, главниот бог на Амонците. Обожавањето на Мелхом вклучувало жртвување деца (1. Цареви 11:5; Еремија 32:25).

Крајот на христијанскиот свет е близу!

9. а) За што е виновен христијанскиот свет? б) За разлика од неверните во Јуда, на што треба да бидеме решени ние?

9 Сево ова можеби нѐ потсетува на христијанскиот свет, потонат во лажно обожавање и во астрологија. А неговата улога во жртвувањето на милиони животи на олтарот на војните кои ги поддржува свештенството навистина е одвратна! Никогаш да не бидеме како неверните во Јуда кои ‚отстапиле од Господа‘ на тој начин што станале рамнодушни и повеќе не го барале ниту него ниту неговото водство. Наместо тоа, да го задржиме нашиот интегритет кон Бог.

10. Како би го објаснил пророчкото значење на Софонија 1:7?

10 Следните зборови на пророкот одговараат како за престапниците во Јуда така и за злобните од нашево време. Во Софонија 1:7 се вели: „Молкни пред Господа Бога, зашто е близу Господовиот [Јеховиниот, NW] ден! Да, Господ ја подготви жртвата, ги освети своите повиканици“. Овие „повиканици“ очигледно биле халдејските непријатели на Јуда. „Жртвата“ била самата Јуда, вклучувајќи го и нејзиниот главен град. Со тоа Софонија ја објавил Божјата намера да го уништи Ерусалим, а ова пророштво укажува и на уништувањето на христијанскиот свет. Всушност, со оглед на тоа што Божјиот ден на суд денес е толку близу, целиот свет треба да ‚молчи пред Господа Бога‘ и да слуша што вели тој преку ‚малото стадо‘ на Исусови помазани следбеници и нивните придружници, неговите „други овци“ (Лука 12:32; Јован 10:16). Сите кои нема да слушаат и кои со тоа ќе се постават против владеењето на Божјето Царство ги очекува истребување (Псалм 2:1, 2).

Наскоро — ден на ридање!

11. Што е суштината на Софонија 1:8-11?

11 Во врска со Јеховиниот ден, во Софонија 1:8-11 се додава: „Во денот на Господовата жртва ќе ги казнам кнезовите, царските синови, и сите кои се облекуваат со туѓинска облека. Ќе ги казнам во тој ден, сите кои прескокнуваат преку прагот, кои домовите на своите господари ги полнат со насилство и измама. Во оној ден — говори Господ — ќе се дигне викотница од Рибната Врата, плач од новиот дел на градот, големо разурнување на ридови. Ридајте, жители на Мактес, зашто е сотрен сиот трговски народ, истребени се сите мерачи на среброто“.

12. Зошто некои се ‚облекувале со туѓинска облека‘?

12 Цар Јосија ќе го наследат Јоахаз, Јоаким и Јоахин. Потоа, ќе дојде владеењето на Седекија, кое ќе биде одбележано со уништувањето на Ерусалим. Иако се соочувале со таква катастрофа, некои очигледно барале да бидат прифатени од соседните нации така што се ‚облекувале со туѓинска облека‘. На сличен начин, денес многумина на различни начини покажуваат дека не се дел од Јеховината организација. Како очигледен дел од Сатановата организација, тие ќе бидат казнети.

13. Во согласност со пророштвото на Софонија, што ќе се случи кога Вавилонците ќе го нападнат Ерусалим?

13 „Оној ден“ на пресметка за Јуда одговара на Јеховиниот ден кога ќе го изврши судот врз своите непријатели, ќе стави крај на злобата и ќе ја докаже својата превласт. Кога Вавилонците ќе го нападнат Ерусалим, од Рибната Врата ќе се чуе викотница. Можеби тоа име го добила бидејќи се наоѓала во близина на еден пазар за риби (Неемија 13:16). Вавилонските орди ќе влезат во секторот наречен нов дел на градот, а ‚големото разурнување на ридовите‘ можеби го означува звукот на Халдејците кои се приближувале. Ќе има ‚ридање‘ од жителите на Мактес, можеби горниот дел од Тиропоенската Долина. Зошто ќе ридаат? Бидејќи ќе престане трговската дејност, вклучувајќи ја и активноста на „сите мерачи на среброто“.

14. Колку далекосежно ќе биде Божјето испитување на оние кои се исповедуваат како негови обожаватели?

14 Колку далекосежно ќе биде Јеховиното испитување на оние кои се исповедувале како негови обожаватели? Пророштвото продолжува: „Во тоа време, ќе го пребарам Ерусалим со светилници и ќе ги посетам со казна луѓето, кои се одмараат на својот вински талог, и зборуваат во своето срце: ‚Господ [Јехова, NW] не може да направи ни добро ни зло‘. Нивното богатство ќе биде оставено на грабеж, нивните куќи на запустување. Тие градеа куќи — не ќе живеат во нив; садеа лозја, не ќе пијат вино од нив“ (Софонија 1:12, 13).

15. а) Што ќе се случи со отпадничките свештеници на Ерусалим? б) Што ги очекува оние кои практикуваат лажна религија денес?

15 Отпадничките свештеници на Ерусалим го мешале обожавањето на Јехова со лажната религија. Иако се чувствувале безбедни, Бог ќе ги побара како со сјајни светилници кои ќе продрат во духовната темнина таму каде што тие ќе побараат заштита. Никој нема да побегне од објавата и извршувањето на божествениот суд. Тие самозадоволни отпадници се наталожиле како вински талог на дното на винско буре. Не сакале да бидат вознемирувани со каква и да е изјава за божествена интервенција во човечките работи, но нема да го избегнат извршувањето на Божјиот суд врз нив. Исто така, нема да избегнат ни оние кои денес практикуваат лажна религија, вклучувајќи ги и членовите на христијанскиот свет и оние кои отпаднале од Јеховиното обожавање. Одрекувајќи дека ова се „последните денови“, тие во своето срце велат: ‚Јехова не може да направи ни добро ни зло‘. Колку само грешат! (2. Тимотеј 3:1-5; 2. Петрово 3:3, 4, 10).

16. Што ќе се случи кога ќе биде извршен божествениот суд врз Јуда, и како треба тоа спознание да влијае врз нас?

16 Отпадниците на Јуда биле предупредени дека Вавилонците ќе го ограбат нивното богатство, ќе им ги запустат куќите и ќе им ги земат плодовите од лозјата. Материјалните работи ќе бидат безвредни кога врз Јуда ќе биде извршен божествениот суд. Истото ќе биде случај и кога Јеховиниот ден на суд ќе дојде врз сегашниов систем на работи. Затоа, да имаме духовно гледиште и да ‚собираме блага на небото‘ така што ќе ја задржиме Јеховината служба на прво место во нашиот живот! (Матеј 6:19-21, 33).

‚Големиот Јеховин ден е близу‘

17. Според Софонија 1:14-16, колку е близу Јеховиниот ден на суд?

17 Колку е близу Јеховиниот ден на суд? Според Софонија 1:14—16 (NW), Бог ја дава оваа гаранција: „Големиот Јеховин ден е близу. Близу е и многу ита. Звукот на Јеховиниот ден е горчлив. Таму силниот маж испушта крик. Тој ден е ден на бес, ден на неволја и болка, ден на бура и опустошување, ден на темнина и безнадежност, ден на облаци и густ мрак, ден на рог и на знак за тревога, против утврдените градови и против високите аголни кули“.

18. Зошто не би требало да заклучиме дека Јеховиниот ден на суд е некаде во далечна иднина?

18 Грешните свештеници, кнезови и народ во Јуда биле предупредени дека „големиот Јеховин ден е близу“. За Јуда ‚Јеховиниот ден многу итал‘. Слично и во наше време, никој да не мисли дека извршувањето на Јеховиниот суд врз злобните ќе се случи во далечна иднина. Напротив, како што Бог брзо дејствувал во Јуда така ќе ‚ита‘ и неговиот ден за погубување (Откровение 16:14, 16). Какво само горко време ќе биде тоа за сите кои ги игнорираат Јеховините предупредувања што ги даваат Сведоците и за оние кои пропуштаат да го пригрнат вистинското обожавање!

19, 20. а) Кои биле некои обележја на излевањето на Божјиот гнев врз Јуда и Ерусалим? б) Со оглед на селективното уништување со кое се соочува овој систем на работи, кои прашања се поставуваат?

19 Излевањето на Божјиот гнев врз Јуда и Ерусалим било „ден на неволја и болка“. Вавилонските освојувачи им нанеле многу страдања на жителите на Јуда, вклучувајќи ги и душевните болки кога се нашле лице в лице со смртта и уништувањето. Тој „ден на бура и опустошување“ бил ден на темнина, облаци и густ мрак, можеби не само фигуративно туку и буквално, зашто чад и колеж имало насекаде. Тоа било „ден на рог и знак на тревога“, но предупредувањата биле огласувани залудно.

20 Стражарите на Ерусалим биле беспомошни кога вавилонските бојни овни ги срушиле „високите аголни кули“. Тврдините на сегашниов зол систем на работи ќе бидат исто толку бескорисни наспроти оружјето од Божјиот небесен арсенал, спремно за употреба од негова страна уште од почетокот на селективното уништување. Дали се надеваш да бидеш поштеден? Дали си зазел цврст став на страната на Јехова ‚кој ќе ги пази оние кои го љубат, а ќе ги сотре сите злосторници‘? (Псалм 145:20).

21, 22. Како Софонија 1:17, 18 ќе се исполни во нашево време?

21 Каков само ужасен ден на суд бил претскажан во Софонија 1:17, 18! „Ќе им ги препуштам луѓето на неволјите“, вели Јехова Бог, „и ќе одат како слепци зашто згрешија против Господа, нивната крв ќе се разлее како прав, нивните трупови ќе бидат фрлени како смет. Ни нивното сребро ни нивното злато не ќе ги спаси. Во денот на Господовиот гнев, огнот на Неговата ревност ќе ја изгори сета земја. Зашто ќе ги уништи, и тоа наскоро, сите жители на земјата“.

22 Како што сторил и во деновите на Софонија, Јехова наскоро ќе им нанесе неволји на „сите жители на земјата“, на оние кои одбиваат да внимаваат на неговото предупредување. Бидејќи му грешат на Бог, тие ќе одат наоколу беспомошни како слепци, без да можат да најдат избавување. Во Јеховиниот ден на суд, нивната крв „ќе се разлее како прав“, како нешто безвредно. Нивниот крај навистина ќе биде срамен ‚ зашто Бог ќе ги расфрли телата — па дури и утробата — на тие злобници врз Земјата, „како смет“.

23. Иако престапниците нема да избегаат „во денот на Господовиот гнев“, каква надеж дава пророштвото на Софонија?

23 Никој нема да може да ги спаси оние кои се борат против Бог и неговиот народ. Ниту среброто ниту златото не можеле да ги избават престапниците на Јуда, исто како што натрупаното богатство и митото нема да обезбедат заштита или излез „во денот на Господовиот гнев“ врз христијанскиот свет и врз остатокот од овој систем на работи. Во тој ден на одлука, ‚целата земја ќе биде изгорена‘ од огнот на Божјата ревност додека тој ги истребува злобните. Бидејќи ние имаме вера во Божјата пророчка реч, уверени сме дека сега сме навлезени длабоко во „времето на свршетокот“ (Даниел 12:4). Јеховиниот ден на суд е близу, и наскоро тој ќе им се одмазди на своите непријатели. Сепак, пророштвото на Софонија дава надеж за избавување. Тогаш, што се бара од нас за да бидеме скриени во денот на Јеховиниот гнев?

Како би одговорил?

• Како се исполнило пророштвото на Софонија врз Јуда и Ерусалим?

• Што го очекува христијанскиот свет и сите злобни во нашево време?

• Зошто не треба да мислиме дека Јеховиниот ден на суд ќе дојде во далечна иднина?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Софонија смело изјавил дека Јеховиниот ден на суд е близу

[Извор на слика]

Од Self-Pronouncing Edition of the Holy Bible, кои ги содржи Кинг Џејмс и Ревидираната верзија

[Слика на страница 15]

Јеховиниот ден дошол врз Јуда и Ерусалим од рацете на Вавилонците во 607 пр.н.е.

[Слика на страница 16]

Дали ти се надеваш да бидеш поштеден кога Јехова ќе ги уништи злобните?