Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховиниот обновен народ го фали низ целата земја

Јеховиниот обновен народ го фали низ целата земја

Јеховиниот обновен народ го фали низ целата земја

„Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за сите да можат да го привикуваат името на Јехова“ (СОФОНИЈА 3:9NW).

1. Зошто на Јуда и на другите нации се исполниле пораките на осуда?

 КОЛКУ само силни биле пораките на суд кои Јехова го инспирирал Софонија да ги разнесе! Тие зборови на осуда се исполниле на нацијата Јуда и на нејзиниот главен град, Ерусалим, бидејќи водачите и народот во целина не ја вршеле Јеховината волја. Соседните нации, како што биле Филистеја, Моав и Амон, требало исто така да го доживеат Божјиот гнев. Зошто? Затоа што со векови сурово му се противеле на Јеховиниот народ. Од истата причина ќе биде уништена и светската сила Асирија и никогаш повторно нема да се подигне.

2. Кому очигледно му биле упатени зборовите од Софонија 3:8?

2 Меѓутоа, во древна Јуда имало и некои исправно настроени поединци. Тие со душа го чекале извршувањето на божествениот суд врз злобните и очигледно ним им биле упатени зборовите: „Чекајте Ме Мене — говори Господ — до денот кога ќе станам како Обвинител, зашто Јас одредив да се соберат народите, да се зберат царствата, за да го излеам врз нив Својот гнев, сета горчина на Својата расрденост; во огнот на Мојата ревност ќе биде изгорена сета земја“ (Софонија 3:8).

„Чист јазик“ — за кого?

3. Каква порака на надеж бил инспириран да разнесува Софонија?

3 Да, Софонија ги разнесувал Јеховините пораки на осуда. Но, пророкот бил инспириран да вклучи и една прекрасна порака на надеж — порака која ќе биде многу утешителна за оние кои и понатаму му останувале верни на Јехова. Како што е запишано во Софонија 3:9 (NW), Јехова Бог изјавил: „Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за сите да можат да го привикуваат името на Јехова, да му служат рамо до рамо“.

4, 5. а) Што ќе се случи со неправедните? б) Кој ќе извлече корист од ова, и зошто?

4 Ќе има луѓе на кои нема да им се даде чистиот јазик. Пророштвото обрнува внимание на нив со зборовите: „Ќе ги отстранам од сред тебе твоите горди фалбаџии“ (Софонија 3:11). Значи, гордите кои ги презирале Божјите закони и практикувале неправедност ќе бидат отстранети. А кој ќе извлече корист од ова? Во Софонија 3:12, 13 се наведува: ‚Јас [Јехова] ќе оставам во твојата средина скромен и сиромашен народ, и во Господовото [Јеховиното, NW] име ќе бараш закрила. Остатокот Израелев веќе нема да прави неправда, не ќе зборуваат веќе лаги; во нивните усти не ќе се најде веќе измамлив јазик“.

5 Еден верен остаток во древната Јуда ќе извлече корист. Зошто? Бидејќи постапувал во склад со зборовите: „Барајте го Јехова, сите кротки на земјата, сите вие кои ја извршувате Неговата судска одлука. Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Веројатно ќе можете да бидете сокриени во денот на Јеховиниот гнев“ (Софонија 2:3NW).

6. Што се случило при првото исполнување на пророштвото на Софонија?

6 Во првото исполнување на пророштвото на Софонија, Бог ја казнил неверната Јуда на тој начин што дозволил Вавилонската светска сила да ја порази и да го одведе нејзиниот народ во заробеништво во 607 пр.н.е. Некои, вклучувајќи го и пророкот Еремија, биле поштедени, а други му останале верни на Јехова во заробеништво. Во 539 пр.н.е. Вавилон бил поразен од Мидијците и Персијците под цар Кир. Отприлика по две години, Кир издал декрет со кој му дозволил на еден еврејски остаток да се врати во својата татковина. Со текот на времето, храмот во Ерусалим повторно бил изграден, а свештенството пак било во состојба да го поучува народот за Законот (Малахија 2:7). Така Јехова предизвикал обновениот остаток да напредува — сѐ додека му бил верен.

7, 8. За кого важат пророчките зборови од Софонија 3:14-17, и зошто одговараш така?

7 Во врска со оние кои ќе ја доживеат таа обнова, Софонија претскажал: „Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сѐ срце, Ерусалимска Ќерко! Господ те ослободи од твојата пресуда, ги отстрани Твоите непријатели! Господ, Израелевиот Цар, е во твојата средина! Не бој се веќе од зло! Во оној ден ќе му се рече на Ерусалим: ‚Не бој се, Сионе! Нека не ти се истоштат рацете. Господ, твојот Бог, е во твојата средина, силен Спасител! Тој ќе ти се радува тебе, полн со веселба, ќе ти биде милостив во Својата љубов, ќе воскликнува радосно над тебе‘“ (Софонија 3:14-17).

8 Овие пророчки зборови укажувале на остатокот кој излегол од вавилонското заробеништво и се вратил во земјата на своите предци. Ова јасно се гледа во Софонија 3:18-20, каде читаме: „,Ќе ги соберам [јас, Јехова] напатените заради празниците, за да не носат веќе срам на себе. Еве ги совладувам сите твои угнетувачи. Во она време ќе ги избавам сите хроми, ќе ги соберам расеаните, ќе ги оставам за име и слава во секоја земја на нивниот срам. Во она време, Јас ќе ве доведам, во она време, Јас ќе ве соберам! Тогаш ќе ви дадам пофалба и слава меѓу народите на земјата, кога ќе ви ги вратам заробениците пред ваши очи‘, говори Господ“.

9. Како Јехова си стекнал име во врска со Јуда?

9 Замисли си го шокот на околните нации кои биле непријатели на Божјиот народ! Моќниот Вавилон ги одвел жителите на Јуда во заробеништво без никаква видлива надеж некогаш да бидат ослободени. Освен тоа, нивната земја лежела опустошена. Меѓутоа, со Божјата моќ, по 70 години биле вратени во својата татковина, додека непријателските нации биле на пат кон уништување. Какво само име си стекнал Јехова со тоа што го вратил тој верен остаток! Ги направил „пофалба и слава меѓу народите“. Колкава само фалба му донела таа обнова на Јехова и на оние кои го носеле неговото име!

Јеховиното обожавање возвишено

10, 11. Кога ќе се случи главното исполнување на пророштвото на Софонија за обнова, и од каде го знаеме тоа?

10 До една друга обнова дошло во првиот век од нашата ера, кога Исус Христос собрал еден остаток од Израел во вистинското обожавање. Тоа било претсјај на она што допрва требало да дојде, зашто главното исполнување на обновата сѐ уште лежело во иднина. Во пророштвото на Михеј било претскажано: „Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот [Јеховиниот, NW] Дом ќе биде поставена [цврсто утврдена, NW] над сите гори, возвишена над сите брегови. Сите народи ќе одат кон неа“ (Михеј 4:1, 2).

11 Кога ќе се случи ова? Како што вели пророштвото, „на крајот на деновите“ — да, во текот на овие ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1). Ова ќе се случи пред крајот на сегашниов зол систем на работи, додека нациите сѐ уште обожаваат лажни богови. Во Михеј 4:5 се вели: „Сите народи одат, секој во име на својот бог“. А како е со вистинските обожаватели? Пророштвото на Михеј одговара: „А ние, ние одиме во Името на Господ [Јехова, NW], нашиот Бог, секогаш и довека“.

12. На кој начин вистинското обожавање е возвишено во овие последни денови?

12 Значи, во овие последни денови, ‚Гората на Јеховиниот Дом станала цврсто утврдена над сите гори‘. Возвишеното вистинско обожавање на Јехова е обновено, цврсто утврдено и издигнато над сите други видови религии. Исто така, како што е претскажано во пророштвото на Михеј, ‚кон него ќе одат народите‘. И оние кои ја практикуваат вистинската религија ‚ќе одат во името на Јехова [својот] Бог, секогаш и довека‘.

13, 14. Кога овој свет влегол во „крајот на деновите“, и што се случува оттогаш во врска со вистинското обожавање?

13 Настаните кои се исполнување на библиските пророштва покажуваат дека овој свет влегол во „крајот на деновите“ — неговите последни денови — во 1914 година (Марко 13:4-10). Историјата покажува дека Јехова почнал да собира во вистинското обожавање еден верен остаток помазаници кои имаат небесна надеж. По ова следело собирање на „едно големо мноштво . . . од сите нации и племиња и народи и јазици“ — оние кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата (Откровение 7:9).

14 Од I светска војна па сѐ до денес, обожавањето на Јехова од страна на оние кои го носат неговото име оди напред под негово водство. Растејќи, од неколку илјади по I светска војна, обожавателите на Јехова сега бројат околу шест милиони, собрани во 91.000 собранија во 235 земји. Секоја година, овие објавители на Царството поминуваат повеќе од една милијарда часови јавно фалејќи го Бог. Јасно е дека овие Сведоци на Јехова се оние кои ги исполнуваат Исусовите пророчки зборови: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

15. Како се исполнува денес Софонија 2:3?

15 Софонија 3:17 забележува: „Господ [Јехова, NW], твојот Бог, е во твоја средина, силен Спасител“. Духовниот напредок кој го уживаат Јеховините слуги во овие последни денови е директен резултат на тоа што го имаат него ‚во својата средина‘ како свој семоќен Бог. Ова е случај денес исто како што било случај и при обновата на древната Јуда во 537 пр.н.е. Според тоа, можеме да видиме како Софонија 2:3 го доживува своето главно исполнување во нашево време, кога вели: „Барајте го Јехова, сите кротки на земјата“ (NW). Во 537 пр.н.е. во „сите“ спаѓал остатокот Евреи кој се вратил од вавилонското заробеништво. Денес, тоа ги претставува кротките од сите нации низ целата Земја, оние кои поволно реагираат на глобалното дело на проповедање на Царството и кои одат на ‚гората на Јеховиниот дом‘.

Вистинското обожавање напредува

16. Каква е веројатно реакцијата на нашите непријатели на напредокот на Јеховините слуги во нашево време?

16 По 537 пр.н.е., многумина од околните нации биле зачудени од обновата на Божјите слуги во вистинското обожавање во нивната татковина. Сепак, таа обнова се случила во релативно мали размери. Можеш ли да си замислиш што велат некои — па дури и непријателите на Божјиот народ — сега, кога го гледаат зачудувачкиот пораст, просперитет и напредното движење на Јеховините слуги во нашево време? Најверојатно, некои од овие непријатели се чувствуваат како фарисеите кога виделе како луѓето се собираат кај Исус. Тие извикнале: „Ене, светот отиде по него“ (Јован 12:19).

17. Што рекол за Јеховините сведоци еден писател, и каков пораст доживуваат тие?

17 Во својата книга These Also Believe (И овие веруваат), професор Чарлс С. Браден рекол: „Јеховините сведоци буквално ја прекриле Земјата со своето сведочење. Навистина може да се каже дека ниту една религиозна група во светот не покажала поголема ревност и упорност во обидот да ја шири добрата вест за Царството отколку Јеховините сведоци. Ова движење најверојатно ќе станува сѐ посилно и посилно“. Колку само бил во право! Пред 50 години, кога ги напишал овие зборови, во светот проповедале само 300.000 Сведоци. Што би рекол тој денес, кога добрата вест ја проповедаат скоро 20 пати повеќе Сведоци — околу шест милиони?

18. Што е чистиот јазик, и кому му го дал Бог?

18 Бог, преку својот пророк, ветил: „Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик, за сите да можат да го привикуваат името на Јехова, да му служат рамо до рамо“ (Софонија 3:9NW). Во овие последни денови, Јеховините сведоци се тие кои го привикуваат името на Јехова, кои му служат обединето во нераскинлива врска на љубов — да, „рамо до рамо“. Тие се оние на кои Јехова им го дал чистиот јазик. Овој чист јазик вклучува исправно разбирање на вистината за Бог и за неговите намери. Само Јехова го дава ова разбирање преку својот свет дух (1. Коринќаните 2:10). Кому му го дал тој својот дух? Само „на оние кои му се послушни како на владетел“ (Дела 5:32). Само Јеховините сведоци се спремни во сѐ да му бидат послушни на Бог како на Владетел. Затоа тие го примаат Божјиот дух и го зборуваат чистиот јазик, вистината за Јехова и за неговите прекрасни намери. Тие го користат чистиот јазик за да го фалат Јехова низ целата Земја во огромни и сѐ поголеми размери.

19. Што вклучува зборувањето на чистиот јазик?

19 Да се зборува чистиот јазик не значи само да се верува во вистината и да се поучуваат другите за неа туку и да се усогласи однесувањето со Божјите закони и начела. Помазаните христијани преземаат водство во барањето на Јехова и во зборувањето на чистиот јазик. Помисли само што сѐ е постигнато! Иако бројот на помазаниците е намален на помалку од 8.700, околу шест милиони други ја имитираат нивната вера на тој начин што го бараат Јехова и го зборуваат чистиот јазик. Тие се сѐ поголемиот број на големото мноштво од сите нации кое практикува вера во Исусовата откупна жртва, врши света служба во земниот двор на Божјиот духовен храм, и ќе ја преживее ‚големата неволја‘ која наскоро ќе дојде на овој неправеден свет (Откровение 7:9, 14, 15).

20. Што ги очекува верните помазаници и оние кои го сочинуваат големото мноштво?

20 Големото мноштво ќе биде воведено во Божјиот праведен нов свет (2. Петрово 3:13). Исус Христос и 144.000-те помазаници, воскреснати за небесен живот со цел да служат како цареви и свештеници со него, ќе го сочинуваат новото владејачко тело на Земјата (Римјаните 8:16, 17; Откровение 7:4; 20:6). Преживеаните од големата неволја ќе работат на тоа да ја претворат Земјата во рај и ќе продолжат да го зборуваат чистиот јазик кој им го дал Бог. Во принцип, за нив важат зборовите: „И сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои. Ти ќе се утврдиш со правда“ (Исаија 54:13, 14СП).

Најголемо дело на поучување во историјата

21, 22. а) Како што покажува Дела 24:15, кој ќе треба да биде поучен за чистиот јазик? б) Кое неспоредливо дело на поучување ќе се извршува на Земјата под владата на Царството?

21 Една многу голема група на која ќе ѝ биде дадена шанса да го научи чистиот јазик во новиот свет се оние за кои се зборува во Дела 24:15, каде се вели: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“. Во минатото, милијарди луѓе живееле и умреле без точно спознание за Јехова. Тој на еден уреден начин повторно ќе ги врати во живот. И воскреснатите ќе треба да бидат поучени за чистиот јазик.

22 Колкава само предност ќе биде да се има удел во тоа величествено дело на поучување! Тоа ќе биде најголемиот образовен потфат во историјата на човештвото. Сево ова ќе се постигне под добротворната влада на Христос Исус во моќта на Царството. Како резултат на тоа, човештвото конечно ќе го доживее исполнувањето на Исаија 11:9, каде се вели: „Земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“.

23. Зошто ти би рекол дека ние сме многу привилегирани како Јеховин народ?

23 Колку сме само привилегирани ние во овие последни денови кои се подготвуваме за тоа прекрасно време кога спознанието за Јехова навистина ќе ја исполни Земјата! И колкава само предност имаме токму сега да бидеме Божји народ, оние кои го доживуваат величественото исполнување на пророчките зборови запишани во Софонија 3:20! Таму ја наоѓаме Јеховината гаранција: „Тогаш ќе ви дадам пофалба и слава меѓу народите на земјата“.

Како би одговорил?

• Какви исполнувања имало пророштвото на Софонија за обнова?

• Како напредува вистинското обожавање во овие последни денови?

• Какво величествено дело на поучување ќе се врши во новиот свет?

[Study Questions]

[Слика на страница 25]

Јеховиниот народ се вратил во својата татковина за повторно да го воспостави чистото обожавање. Го знаеш ли значењето на ова денес?

[Слики на страница 26]

Зборувајќи го ‚чистиот јазик‘, Јеховините сведоци им ја нудат на луѓето библиската утешителна порака