Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Оддавање почит

Оддавање почит

Оддавање почит

ЧИН на поклонување, наведнување, паѓање пред некого или правење некаков друг гест за да се покаже подложност. Во многу случаи соодветен превод на хебрејскиот збор хиштачавах и грчкиот проскинео.

Хиштачавах во основа значи ‚да се поклони‘ (Битие 18:2). Таквото поклонување би можело да се направи како чин на покажување респект или почит кон друг човек (Битие 19:1, 2; 1. Самуил 2:36; 24:9; 2. Цареви 2:15; Псалм 45:11; Рута 2:8-10). Благословот што Исак му го дал на Јаков вклучувал на Јаков да му се поклонат националните групи и неговите сопствени „браќа“ (Битие 27:29; спореди 49:8). Мардохеј одбил да падне пред Аман, не затоа што сметал дека таа практика сама по себе е погрешна туку несомнено бидејќи овој висок персиски службеник по потекло бил проколнат Амалик (Естира 3:1-6).

Од горниве примери се гледа дека не значи дека овој хебрејски термин сам по себе има религиозно значење или дека означува обожавање. Сепак, во голем број случаи се користи во врска со обожавањето на вистинскиот Бог (Излез 24:1; Псалм 95:6; Исаија 27:13; 66:23) или на лажни богови.

Поклонувањето на луѓе како чин на покажување респект било дозволено, но поклонувањето на кој и да е друг освен на Јехова како на божество, било забрането од Бог (Излез 23:24; 34:14). На сличен начин, поклонувањето на религиозни слики или на која и да било творба во знак на обожавање било апсолутно осудено (Излез 20:4, 5; Левит 26:1; Второзаконие 4:15-19; Исаија 2:8, 9, 20, 21). Значи, во Хебрејските списи, кога некои Јеховини слуги паѓале пред ангели, тоа го сториле само за да покажат дека ги признаваат како Божји претставници, а не да им оддаваат почит како на божества (Исус Навин 5:13-15; Битие 18:1-3).

Што се однесува до хебрејскиот термин, мора да се земе предвид контекстот за да се одреди дали проскинео укажува на оддавање почит само во облик на длабок респект или оддавање почит во облик на религиозно обожавање. Иако некои преведувачи го користат зборот „обожавање“ во поголемиот број случаи каде што проскинео ги опишува постапките на луѓето кон Исус, доказите не одат во прилог на тоа човек премногу да се потпре на ваквиот превод. Напротив, околностите кои довеле до оддавање почит многу одговараат на оние кои довеле до тој чин кај раните пророци и цареви. (Спореди Матеј 8:2; 9:18; 15:25; 20:20 со 1. Самоил 25:23, 24; 2. Самуил 14:4—7; 1. Цареви 1:16; 2. Цареви 4:36, 37). Самите изјави на луѓето за кои станува збор честопати откриваат дека, иако тие јасно го признавале Исус како Божји претставник, му оддавале почит не како на Бог или божество туку како на „Божји син“, претскажаниот „Син човечки“, Месијата со божествен авторитет.

Додека раните пророци, а и ангелите, прифаќале да им се оддаде почит, Петар го спречил Корнелиј да го стори тоа кон него, а ангелот или ангелите од визијата на Јован двапати го спречиле да го направи тоа, укажувајќи на себе како на ‚соробови‘ и заклучувајќи со поттикот да ‚се обожава Бог [тои Теои проскинесон]‘ (Дела 10:25, 26; Откровение 19:10; 22:8, 9). Очигледно, Христовото доаѓање довело до нови односи кои длабоко влијаеле врз мерилата на однесување кон другите Божји слуги. Тој ги поучувал своите ученици: „Еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа . . . еден е вашиот Водач, Христос“ (Матеј 23:8-12), зашто во него се исполниле пророчките ликови и прототипови, исто како што ангелот му рекол на Јован дека „сведочењето за Исус е тоа што инспирира на прорекување“ (Откровение 19:10). Исус бил Давидовиот Господ, поголемиот од Соломон, пророк поголем од Мојсеј (Лука 20:41-43; Матеј 12:42; Дела 3:19-24). Оддавањето почит кон тие луѓе било претслика на должната почит кон Христос. Затоа Петар со право одбил да му дозволи на Корнелиј да му даде преголема важност.

Значи и Јован, со тоа што бил прогласен за праведен или оправдан од Бог како помазан христијанин, повикан да биде небесен Божји син и член на Царството, бил во еден поинаков однос со ангелот(-ите) од Откровение отколку што биле Израелците со ангелите кои претходно им се појавувале. Ангелот(-ите) изгледа ја признале оваа промена на односот кога одбиле Јован да им оддаде почит. (Спореди 1. Коринќаните 6:3.)

Од друга страна, пак, Христос Исус бил воздигнат од својот Татко на положба на втора личност веднаш после Бог (Филипјаните 2:9-11; спореди Даниел 7:13, 14, 27). Во Евреите 1:6 исто така се покажува дека дури и ангелите му оддаваат почит на воскреснатиот Исус Христос. Многу преводи на овој текст овде го преведуваат проскинео со „обожавање“ додека некои го преведуваат со изрази како што се „да му се поклонат“ (Радосна вест; ДХК) и „нека паднат пред него“ (Duda-Fućak). Без разлика кој македонски термин е употребен, оригиналниот грчки останува ист и разбирањето за она што го прават ангелите кон Христос мора да биде во склад со останатиот дел од Писмото. Самиот Исус отсечно му рекол на Сатана: „Јехова, твојот Бог, да го обожаваш [облик на проскинео], и единствено нему да му принесуваш света служба“ (Матеј 4:8-10; Лука 4:7, 8). На сличен начин, ангелот(-ите) му рекол на Јован ‚да го обожава Бог‘ (Откровение 19:10; 22:9), и оваа наредба дошла веднаш по Исусовото воскресение и возвишување, што покажува дека работите во тој поглед не се смениле.