Прашања од читателите
Прашања од читателите
Како треба вистинските христијани да гледаат на вообичаената практика на некои поединци да им даваат на други примероци од комерцијални софтвер програми за компјутери?
Некои можеби погрешно се обидуваат да најдат изговор за оваа практика укажувајќи на Исусовите зборови: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“. Се разбира, Исус не укажувал на раздавање бесплатни примероци од литература или од компјутерски програми (софтвер) кои имаат свое авторско право, бидејќи користењето на таквиот материјал е регулирано со закон. Мислел на давањето како дел од службата. Исус им рекол на апостолите да одат во различни градови и села каде што требало да го проповедаат Царството, да лекуваат болни и да истеруваат демони. Наместо да наплатуваат за ова, апостолите требало да ‚даваат бесплатно‘ (Матеј 10:7, 8).
Со сѐ поголемиот број персонални и деловни компјутери, на многу луѓе им е потребен софтвер. Тој обично мора да се купи. Се разбира, некои поединци
пишуваат програми кои тие бесплатно ги ставаат на располагање и наведуваат дека можат да се копираат и да им се дадат и на други. Но, поголемиот дел од компјутерскиот софтвер е со комерцијална намена. Сеедно дали е за нивна лична употреба дома или за деловна употреба, од корисниците на софтвер се очекува да го купат, да платат за него. Ако некој земе или копира еден софтверски пакет без да плати, тоа би било незаконски, како што би било фотокопирањето книги на големо, па дури и кога таквите се даваат бесплатно.Повеќето компјутерски програми (вклучувајќи и игри) даваат лиценца и од сопственикот/корисникот се бара да ги почитува неговите специфични подготовки и ограничувања. Многу такви лиценци наведуваат дека само едно лице може да ја инсталира и да ја користи програмата — обично инсталирајќи ја само во еден компјутер, сеедно дали е тоа персонален компјутер или на работа или, пак, на училиште. Во некои лиценци се вели дека корисникот може да има резервна копија за себе, но да не прави копии за други луѓе. Ако сопственикот сака да ја даде некому целата програма (вклучувајќи ги лиценцата и документацијата), може да го стори тоа. Меѓутоа, на тој начин го прекинува своето сопствено право да ја користи. Лиценците се разликуваат, па затоа лицето кое купува или му се нуди програма треба да открие што е пропишано со таа лиценца.
Многу нации се странки во договори за авторски права со кои се штити „интелектуалниот имот“, како што се компјутерските програми, и се обидуваат да ги спроведат законите за авторски права. На пример, The New York Times од 14 јануари 2000 извести дека „службениците на германската и данската полиција уапсија членови на она што тие го опишаа како најголема софтвер пиратска банда“ која размножувала и дистрибуирала компјутерски програми и игри, па дури и продавала некои од нив на Интернет.
Каде стои христијанското собрание во овој поглед? Па, Исус рекол: „Плаќајте го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Марко 12:17). Тоа бара христијаните да бидат послушни на законите на земјата кои не се во конфликт со Божјиот закон. Во врска со владите, апостол Павле напишал: „Секоја душа нека им биде подложна на вишите власти . . . оној кој се спротивставува на власта, зазел став против Божјето уредување; а оние кои зазеле став против него, ќе примат осуда на себеси“ (Римјаните 13:1, 2).
Старешините во христијанското собрание не се одговорни да ги проверуваат компјутерите на другите, како да се овластени да ги толкуваат и спроведуваат законите за авторски права. Но, тие веруваат и поучуваат дека христијаните треба да избегнуваат да земат нешто што не им припаѓа и дека треба да настојуваат да се придржуваат за законот. Ова ги заштитува христијаните од тоа да бидат казнети како прекршители на законот, и им овозможува да имаат добра совест пред Бог. Павле напишал: „Затоа постои силна причина да бидете подложни, не само поради тој гнев туку и поради својата совест“ (Римјаните 13:5). На сличен начин, Павле ја изразил желбата на вистинските христијани со зборовите: „Уверени сме дека имаме чесна совест, зашто во сѐ сакаме да се однесуваме чесно“ (Евреите 13:18).
[Рамка на страница 29]
Некои продавници и школи купуваат лиценци за повеќе корисници во кои се пропишува колкав е максималниот број на корисници на кои им е дозволено да ја користат програмата. Во 1995, собранијата на Јеховините сведоци дискутираа за една статија во која беше вклучен и овој совет:
„Повеќето компании кои подготвуваат и продаваат компјутерски програми имаат авторско право над нив, и даваат лиценца во која е наведено како можат законски да се користат тие програми. Во лиценцата обично се вели дека сопственикот не може да им дава на другите примероци од програмата; всушност, според меѓународниот закон за авторски права тоа е незаконски . . . Некои големи фирми продаваат компјутери кои содржат прединсталирани програми со лиценца. Меѓутоа, извесни продавници за компјутери не даваат лиценци бидејќи програмите што тие ги прединсталираат се незаконски копии, што значи дека купувачот го прекршува законот ако ги користи програмите. Во врска со ова, христијаните треба да се чуваат од тоа да внесуваат на електронските огласни табли, или да префрлаат од нив материјал кој има свое авторско право (како што се публикациите на Заедницата) и да го копираат без законска дозвола од сопствениците.