Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се излезе на крај со негативните чувства

Како да се излезе на крај со негативните чувства

Како да се излезе на крај со негативните чувства

● Асаф се жалел: „Дали само јас го чував напразно моето срце чисто и ги миев рацете во невиност. Кога примав удари секој ден, и казна утро по утро?“ (Псалм 73:13, 14).

● Варух јачел: „Тешко мене зашто Господ ми дава неволја врз неволја. Се заморив од воздивнувања и не можам да најдам мир“ (Еремија 45:3).

● Ноемина тагувала: „Сѐдржителот ме исполни со горчина! Оттука заминав со полни раце, а сега Господ ме враќа со празни раце. Зошто ме викате Ноемина кога Господ посведочи против мене, и Сѐмоќниот ме завитка во тага?“ (Рута 1:20, 21).

БИБЛИЈАТА содржи голем број примери на верни обожаватели на Јехова кои повремено биле совладани од чувства на обесхрабрување. Факт е дека, како несовршени луѓе, сите нас одвреме навреме нѐ обземаат такви чувства. Можеби некои од нас се посклони да се обесхрабрат отколку други — па дури и со извесен степен на самосожалување — поради тоа што преживеале трагични искуства.

Меѓутоа, ако не се контролираат, овие емоции можат да го разорат твојот однос со другите и со Јехова Бог. Една христијанка која е склона да се самосожалува признава: „Одбивав многу покани за друштвени активности бидејќи сметав дека не сум достојно друштво за луѓето во собранието“. Каков само разорен ефект можат да имаат тие чувства во животот на едно лице! Што можеш да сториш за да дејствуваш против нив?

Приближи му се на Јехова

Во Псалм 73, Асаф отворено пишувал за својата збунетост. Кога ја споредувал својата судбина со напредниот живот на злобните, почнал да им завидува. Забележал дека безбожните се вообразени и насилни, а се чинело дека поминуваат без казна. Тогаш Асаф изразил сомневања во врска со вредноста да тежнее по исправен начин на живот (Псалм 73:3-9, 13, 14).

Дали и ти, како Асаф, го забележуваш привидниот успех на злобните кои се фалат со своите престапи? Како ги совладал Асаф своите негативни чувства? Тој продолжува: „Размислував како да го сознаам тоа: но ми се гледаше мачно во моите очи, сѐ додека не најдов влез во Божјото Светилиште, и согледав каков им е свршетокот“ (Псалм 73:16, 17). Асаф презел позитивни чекори така што му се обратил на Јехова во молитва. Да се изразиме онака како што подоцна се изразил апостол Павле, Асаф го потиснувал „телесниот човек“ на тој начин што го будел „духовниот човек“ во себеси. Со обновена духовна визија, тој разбрал дека Јехова го мрази злото и дека во одредено време злите ќе бидат казнети (1. Коринќаните 2:14, 15).

Колку е само животоважно да дозволиш Библијата да ти помогне да се сосредоточиш на реалноста на животот! Јехова нѐ потсетува дека тој не е слеп за она што го прават злите луѓе. Библијата учи: „Немојте да се залажувате: со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее . . . Затоа, да не се откажуваме да го правиме она што е добро“ (Галатите 6:7-9). Јехова ќе ги стави злобните на „лизгава патека“; ќе ги ‚обрне во пропаст‘ (Псалм 73:18). На крајот ќе преовлада божествената правда.

Постојаната програма на духовна прехрана од Јеховината трпеза и здравото дружење со Божјиот народ ќе ти помогнат да ја зајакнеш верата и да го совладаш обесхрабрувањето или другите негативни чувства (Евреите 10:25). Исто како Асаф, ако останеш близок со Бог, ќе можеш да ја доживееш неговата љубезна поддршка. Асаф продолжува: „Отсега секогаш ќе бидам со Тебе, зашто Ти ја прифати мојата десница: ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во Својата слава“ (Псалм 73:23, 24). Една христијанка, која била злоупотребена како дете, ја научила мудроста на овие зборови. „Тоа што останав тесно поврзана со собранието“, вели таа, „ми покажа една друга страна од животот. Многу јасно увидов дека христијанските старешини се полни со љубов, дека не се полицајци туку пастири.“ Да, сочувствителните христијански старешини играат витална улога во растерувањето на штетните емоции (Исаија 32:1, 2; 1. Солуњаните 2:7, 8).

Прифати го Јеховиниот совет!

Варух, секретарот на пророкот Еремија, воздивнувал поради емоционалниот стрес на неговата задача. Меѓутоа, Јехова љубезно го сосредоточил вниманието на Варух на реалноста. „А ти бараш чудеса за себе! Не барај го тоа! Зашто, ете, ќе навалам зло врз сѐ живо — зборува Господ. А тебе како плен ќе ти го подарам твојот живот во сите места каде ќе дојдеш“ (Еремија 45:2-5).

Јехова отворено објаснил дека себичните тежнеења на Варух биле извор на неговата фрустрација. Варух не можел да најде радост во задачата која му ја дал Бог додека истовремено барал за себе големи работи. Можеби и ти ќе увидиш дека еден навистина позитивен чекор за да се совлада обесхрабрувањето е да се избегнуваат пречките и да се прифати душевниот мир што доаѓа од побожното задоволство (Филипјаните 4:6, 7).

Ноемина, која била вдовица, не дозволила неволјата во Моав, кога умреле нејзиниот сопруг и двата сина, да ја парализира. Меѓутоа, постои показател дека извесно време имала чувства на огорченост во однос на себе и своите две снаи. Кога ги испраќала да си одат, Ноемина рекла: „Мојата тага би била поголема од вашата, зашто Господовата рака се крена на мене“. Повторно, кога стигнала во Витлеем, таа инсистирала: „Не викајте ме веќе Ноемина [„Моја угодност“], туку викајте ме Мара [„Горчлива“] зашто Сѐдржителот ме исполни со горчина“ (Рута 1:13, 20).

Меѓутоа, Ноемина не се изолирала од жалост во шаторите — далеку од Јехова и од неговиот народ. Во Моав чула дека ‚Бог го посетил Својот народ и му дал леб‘ (Рута 1:6). Сфатила дека најдоброто место за неа било со Јеховиниот народ. Затоа, заедно со својата снаа Рута, Ноемина се вратила во Јуда и вешто ја упатила Рута како да постапи со нивниот роднина Воз, нејзиниот откупител.

На сличен начин и денес, лојалните кои поради смрт го изгубиле брачниот другар успешно излегуваат на крај со емоционалниот стрес на тој начин што остануваат зафатени во христијанското собрание. Исто како Ноемина, тие и понатаму се посветуваат на духовните работи, секојдневно читајќи ја Божјата реч.

Користи од применувањето на побожната мудрост

Овие библиски извештаи даваат увид во тоа како човек може да излезе на крај со последиците од негативните чувства. Асаф барал помош во Јеховиното светилиште и стрпливо чекал на Јехова. Варух се одѕвал на советот и избегнувал да биде одвлечен од материјалните работи. Ноемина останала активна меѓу Јеховиниот народ, подготвувајќи ја младата Рута за нејзините предности во обожавањето на вистинскиот Бог (1. Коринќаните 4:7; Галатите 5:26; 6:4).

Ти можеш да го совладаш обесхрабрувањето и другите негативни чувства ако размислуваш за божествените победи кои му ги дал Јехова на својот народ, поединечно и колективно. Со таа цел, медитирај за Јеховиниот најголем чин на љубов — откупнината што ја обезбедил за тебе. Цени ја вистинската љубов на христијанското братство. Сосредоточи се на твојот живот во Божјиот нов свет кој лежи пред нас. И одговори како Асаф: „А за мене милина е да бидам во Божја близина, да имам свое засолниште во Тебе, Господи Боже. Ќе ги проповедам сите Твои дела“ (Псалм 73:28).