Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не бевме сами кога верата ни беше испитана

Не бевме сами кога верата ни беше испитана

Не бевме сами кога верата ни беше испитана

Вики беше убаво бебе — здраво, слатко и полно со живот. Да, кога се роди, пролетта 1993, нашата среќа не знаеше за граници. Живеевме во едно гратче во јужниот дел на Шведска и животот ни беше прекрасен.

МЕЃУТОА, кога Вики имаше една и пол година, како наеднаш нашиот свет да се сруши. Некое време таа не беше добра, па затоа ја однесовме во болница. Никогаш нема да го заборавиме мигот кога лекарот ни рече дека нашата ќеркичка страда од акутна лимфобластична леукемија, облик на рак кај децата кој ги напаѓа белите крвни клетки.

Ни беше тешко да сфатиме дека нашето девојче е погодено од оваа тешка болест. Штотуку почна да станува свесна за светот околу себе, а сега е можно да умре. Обидувајќи се да нѐ утеши, лекарот рече дека може да се укаже прилично успешно лекување, кое вклучува хемиотерапија и неколку трансфузии на крв. За нас ова беше уште еден шок.

Се испитува нашата вера

Секако дека ја сакавме нашата ќерка и имавме желба да добие најдобра медицинска нега. Сепак, трансфузија не доаѓаше предвид. Цврсто веруваме во Божјата реч, Библијата, која јасно кажува дека христијаните мора ‚да се воздржуваат од крв‘ (Дела 15:28, 29). Исто така, знаеме дека трансфузијата на крв и сама по себе е ризична. Илјадници луѓе се заразиле од болести и умреле од трансфузија. Единствена алтернатива беше високо квалитетно лекување без трансфузија на крв. Во тој поглед, започна нашата борба за верата.

Што можевме да направиме? Стапивме во контакт со Службата за болнички информации во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Шведска за да побараме помош. a Веднаш беа испратени факсови до различни болници низ Европа за да побараме болница и лекар кој ќе биде спремен да даде хемиотерапија без да користи трансфузија на крв. Ревноста и љубовта што ја покажаа нашите христијански браќа во обидите да ни помогнат ни беа големо зајакнување. Не бевме препуштени сами на себе во нашата борба за верата.

За неколку часа беше пронајдена една болница и еден лекар во Хомбург, на Сар, (Германија). Беа направени подготовки следниот ден да одлетаме таму за да ја прегледаат Вики. Кога пристигнавме, нѐ пречекаа нашите христијански браќа од локалното собрание на Јеховините сведоци во Хомбург, како и некои наши роднини. Срдечно добредојде ни изрази и еден претставник на локалниот Одбор за контактирање со болниците. Тој нѐ придружуваше до болницата и ни ја даде сета можна поддршка. Бевме утешени кога видовме дека дури и во странска земја, имаме духовни браќа кои стојат на наша страна.

Кога во болницата го запознавме д-р Граф, повторно се утешивме. Тој беше полн со разбирање и нѐ увери дека ќе стори сѐ што може за да ја лекува Вики без трансфузија на крв. Дури и нивото на хемоглобинот да ѝ падне на 5 г/дл, тој би бил спремен да продолжи со лекување без трансфузија на крв. Исто така, ни рече дека раната дијагноза и тоа што брзо ја однесовме Вики таму ѝ даваат добра шанса за успешно лекување. Тој призна дека ова ќе му биде првпат да дава хемиотерапија без да користи трансфузија на крв во случај како овој на Вики. Бевме многу благодарни и се восхитувавме од храброста и одлучноста на д-р Граф да помогне.

Финансиски проблеми

Сега, прашањето беше: ‚Како ќе го платиме лекувањето на Вики?‘ Бевме зашеметени кога нѐ информираа дека две години лекување ќе чинат околу 150.000 германски марки. Ние немавме ни приближно толку пари, а сепак беше неодложно веднаш да се започне со третманите на Вики. Бидејќи ја напуштивме Шведска заради лекувањето во Германија, немавме право на никакво државно здравствено осигурување. Така, бевме таму со нашата многу болна ќеркичка и со медицински експерти спремни да ни помогнат, но без доволно пари.

Болницата ни излезе во пресрет и ни беше кажано дека третманите ќе почнат веднаш ако дадеме капар од 20.000 марки и ако потпишеме гаранција за остатокот. Ние имавме некоја заштеда, и со љубезната помош од пријателите и роднините можевме да ги платиме тие 20.000 марки — но што е со остатокот?

Уште еднаш бевме потсетени дека не сме сами во нашата борба за верата. Еден духовен брат, во тоа време непознат за нас, беше спремен да ја преземе одговорноста за останатиот дел. Меѓутоа, немаше потреба да ја употребиме неговата великодушна понуда, бидејќи можевме да направиме некои други аранжмани.

Медицинските експерти во акција

Хемиотерапијата започна. Минуваа денови и седмици. Понекогаш беше многу тешко и исцрпувачки како за нашата ќеркичка така и за нас. Од друга страна, пак, бевме многу среќни и благодарни секојпат кога таа ќе покажеше знаци на подобрување. Хемиотерапијата траеше осум месеци. Најниското ниво на хемоглобин на Вики беше 6 г/дл и д-р Граф го одржа своето ветување.

Веќе поминаа повеќе од шест години, и последниот преглед на нејзиниот ’рбетен ликвор не покажува траги од леукемија. Сега таа е среќно девојче без знаци на болеста. Да, изгледа како чудо тоа што Вики толку целосно закрепна. Свесни сме дека многу деца со истата болест умираат и покрај тоа што добиваат хемиотерапија и трансфузија на крв.

Нашата борба за верата беше победоносна, но не без помошта на нашите роднини, христијански браќа и сестри и медицинските експерти. Службата за болнички информации ни даваше целосна поддршка 24 часа на ден. Д-р Граф и неговите колеги ги употребија своите вештини за да ѝ помогнат на Вики да закрепне. Навистина сме благодарни за сево ова.

Нашата вера е зајакната

Но, пред сѐ, ние му благодариме на нашиот Бог, Јехова, за неговата љубезна грижа и за силата што ја добивме преку неговата Реч, Библијата. Кога ќе се осврнеме наназад, сфаќаме колку научивме и колку ова тешко искуство во животот ја зајакна нашата вера.

Сега наша искрена желба е да го задржиме нашиот близок однос со Јехова Бог и да ја поучиме нашата ќерка за тоа колку вреди да се води живот кој е во согласност со неговите барања. Да, сакаме да ѝ дадеме добро духовно наследство — вечен живот во претстојниот Рај овде на Земјата (Приложено).

[Фуснота]

a Службата за болнички информации ја надгледува меѓународната мрежа на Одбори за контактирање со болниците. Тие пак, од своја страна, се составени од христијански доброволци кои се обучени да охрабрат на соработка меѓу лекарите и нивните пациенти Сведоци. Во над 200 земји, на пациентите им помагаат повеќе од 1.400 Одбори за контактирање со болниците.