Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Црковните отци — застапници на библиската вистина?

Црковните отци — застапници на библиската вистина?

Црковните отци — застапници на библиската вистина?

Сеедно дали се исповедуваш како христијанин или не, веројатно тие извршиле влијание врз твоето сфаќање за Богот на Библијата, за Исус и за христијанството. Еден од нив бил наречен Златоуст; друг Велики. Во целина, опишани се како „врховни олицетворенија на животот на Христос“. Кои се тие? Тие се древните религиозни мислители, писатели, теолози и филозофи кои обликувале голем дел од денешното „христијанско“ размислување — црковните отци.

„БИБЛИЈАТА не е целокупната Божја реч“, тврди Деметриос Ј. Константелос, грчки православен професор по религиозни студии. „Светиот дух кој ја открива Божјата реч не може да се ограничи на страниците на една книга.“ Кој би можел да биде друг доверлив извор на божествено откровение? Во својата книга Understanding the Greek Orthodox Church (Да се разбере Грчката православна црква) Константелос тврди: „На светата традиција и на Светото писмо [се] гледа како на две страни на истиот медалјон“.

Сржта на таа ‚света традиција‘ ги вклучува учењата и записите на црковните отци. Тие биле истакнати теолози и „христијански“ филозофи кои живееле меѓу вториот и петтиот век н.е. Колкаво влијание извршиле тие врз современата „христијанска“ мисла? Дали во своето учење се држеле цврсто за Библијата? Што треба да биде цврстиот темел на христијанската вистина за еден следбеник на Исус Христос?

Историска заднина

Кон средината на вториот век н.е., оние кои се исповедувале како христијани ја бранеле својата вера како од римските прогонители така и од еретиците. Меѓутоа, тоа било ера на премногу теолошки гласови. Религиозните дебати во врска со „божественоста“ на Исус и природата и дејствувањето на светиот дух предизвикале повеќе отколку само интелектуални јазови. Во политичката и културната сфера избиле силни несогласувања и неповратни поделби околу „христијанската“ доктрина, што понекогаш доведувало до немири, бунтови, граѓански борби па дури и војни. Историчарот Пол Џонсон пишува: „[Отпадничкото] христијанство започнало во збрка, полемики и раскол, а така и продолжило . . . Централното и источното Средоземје во првиот и вториот век А.Д. вриеле од бескрајно мноштво религиозни идеи, кои се бореле да се пропагираат самите себе . . . Значи, уште во почетокот имало повеќе видови христијанство кои имале сосема малку заеднички работи“.

Во таа ера почнале да цветаат писатели и мислители кои сметале дека е нужно да ги толкуваат „христијанските“ учења користејќи филозофски термини. За да ги задоволат образованите пагани кои биле нови преобратеници во „христијанството“, тие религиозни писатели во голема мера се потпирале на раната грчка и еврејска литература. Почнувајќи со Јустинијан Маченик (о. 100—165 н.е.), кој пишувал на грчки јазик, оние кои се исповедувале како христијани станувале сѐ пософистицирани во асимилирањето на филозофското наследство на грчката култура.

Овој тренд се остварил во записите на Ориген (о. 185—254 н.е.), грчки автор од Александрија. Монографијата на Ориген На првите принципи била првиот систематски обид да се објаснат главните доктрини на „христијанската“ теологија со помош на грчката филозофија. Никејскиот концил (325 н.е.), со неговиот обид да ја објасни и утврди „божественоста“ на Христос, бил пресвртница која му дала нов поттик на толкувањето на „христијанската“ догма. Тој концил го означил почетокот на една ера во која сеопштите црковни концили настојувале што попрецизно да ја дефинираат догмата.

Писатели и оратори

Евзебиј од Ќесарија, кој пишувал во времето на првиот Никејски концил, се поврзал со императорот Константин. За нешто повеќе од 100 години по Никеја, некои теолози, од кои повеќето пишувале на грчки, во една долга и огнена дебата го развиле она што станало доктрина која е карактеристика на христијанството — тројството. Главни меѓу нив биле Атанасиј, наметлив епископ од Александрија, и тројца црковни водачи од Кападокија (Мала Азија) — Василиј Велики, неговиот брат Григориј од Ниса и нивниот пријател Григориј Насијански.

Писателите и проповедниците од таа ера достигнале високи стандарди на речитост. Григориј Насијански и Јован Хрисостом (што значи „Златоуст“) на грчки, како и Амбросиј Милански и Августин од Хипон на латински биле одлични оратори, мајстори на најпочитуваната и најпопуларната уметничка форма од нивното време. Највлијателен писател од тој период бил Августин. Неговите теолошки монографии продорно влијаеле врз обликувањето на денешното „христијанско“ размислување. Ероним, најистакнатиот учен човек од тој период, бил главно одговорен за латинскиот превод на Библијата Вулгата од оригиналните јазици.

Меѓутоа, важни прашања се: Дали тие црковни отци тесно се придржувале за Библијата? Дали во своето учење цврсто се држеле за инспирираното Писмо? Дали нивните записи се сигурен водич до точно спознание за Бог?

Божји или човечки учења?

Неодамна, грчкиот православен митрополит Методиј од Писидија ја напиша книгата The Hellenic Pedestal of Christianity (Хеленистичкиот пиедестал на христијанството) за да покаже дека грчката култура и филозофија ја дале инфраструктурата на современата „христијанска“ мисла. Во таа книга, тој без двоумење признава: „Речиси сите истакнати црковни отци ги сметале грчките елементи за многу корисни, и ги позајмиле од грчката класична старина, користејќи ги како средство да ги разберат и точно да ги изразат христијанските вистини“.

Земи ја, на пример, идејата дека Таткото, Синот и светиот дух го сочинуваат тројството. Многу црковни отци по Никејскиот концил станале верни тринитаријанци. Нивните записи и толкувања биле пресудни за тројството да стане доктрина која била пресвртница во христијанскиот свет. Меѓутоа, дали тројството се наоѓа во Библијата? Не. Тогаш, од каде го добиле црковните отци? A Dictionary of Religious Knowledge (Речник на религиозно спознание) забележува дека многумина велат дека тројството „е искривување позајмено од паганските религии, и накалемено на христијанската вера“. А The Paganism in Our Christianity (Паганизмот во нашето христијанство) потврдува: „Потеклото на [тројството] е сосема паганско“ a (Јован 3:16; 14:28).

Или, размисли за науката за бесмртност на душата, верување дека некој дел од човекот живее по смртта на телото. Повторно, црковните отци послужиле како средство за да се внесе оваа идеја во религија во која немало учење за душа што ја преживува смртта. Библијата јасно покажува дека душата умира: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18:4СП). Кој бил темелот за верувањето на црковните отци во бесмртна душа? „Христијанскиот концепт за духовна душа создадена од Бог и внесена во телото при зачнувањето за да го направи човекот жива целина е плод на еден долг развој во христијанската филозофија. Само со помош на Ориген на Исток и со Св. Августин на Запад душата била утврдена како духовна суштина и бил формиран филозофски концепт за нејзината природа . . . [доктрината на Августин] . . . многу се должела (вклучувајќи и некои недостатоци) на неоплатонизмот“ вели New Catholic Encyclopedia. А списанието Presbyterian Life вели: „Бесмртноста на душата е грчки концепт оформен во древните мистериозни култови и разработен од филозофот Платон“. b

Цврстиот темел на христијанската вистина

Дури и по ова сосема кратко испитување на историската заднина на црковните отци, како и на потеклото на нивните учења, на место е прашањето: ‚Дали еден искрен христијанин треба да ги темели своите верувања на учењата на црковните отци?‘ Нека ни одговори Библијата.

Како прво, самиот Исус Христос ја исклучил употребата на религиозната титула „татко“ кога рекол: „Никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот“ (Матеј 23:9). Употребата на терминот „Татко“ (или: „оче“) за да се означи некоја религиозна личност е нехристијанска и небиблиска. Пишаната Божја реч била довршена околу 98 н.е. со записите на апостол Јован. Значи, вистинските христијани не треба да се потпираат на некој човек како на извор на инспирирано откровение. Тие внимаваат да не ја ‚направат неважечка Божјата реч‘ поради човечка традиција. Да се дозволи човечката традиција да го заземе местото на Божјата реч е духовно смртоносно. Исус предупредил: „Ако . . . слеп води слеп, обајцата ќе паднат во јама“ (Матеј 15:6, 14).

Дали на еден христијанин му е потребно некакво откровение освен Божјата реч која се наоѓа во Библијата? Не. Книгата Откровение предупредува да не се додава ништо на инспирираниот запис: „Ако некој нешто му додаде на ова, Бог нему ќе му ги додаде неволјите кои се запишани во овој свиток“ (Откровение 22:18).

Христијанската вистина е содржана во пишаната Божја реч, Библијата (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16; 2. Јованово 1-4). Исправното разбирање за неа не зависи од световната филозофија. Во врска со луѓето кои се обидувале да ја употребат човечката мудрост за да го објаснат божественото откровение, погодно е да се повторат прашањата на апостол Павле: „Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е расправачот од овој систем на работи? Зарем Бог не ја претвори мудроста на светот во безумство?“ (1. Коринќаните 1:20).

Освен тоа, вистинското христијанско собрание е „столб и потпора на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). Неговите надгледници ја чуваат чистотата на нивното поучување во рамките на собранието, спречувајќи да се вовлече во него каков и да е доктринален загадувач (2. Тимотеј 2:15-18, 25). Тие ги држат подалеку од собранието ‚лажните пророци, лажните учители и погубните секти‘ (2. Петрово 2:1). По смртта на апостолите, црковните отци дозволиле во христијанското собрание да пуштат корен „заведувачки инспирирани изрази и учења на демони“ (1. Тимотеј 4:1).

Последиците од овој отпад се гледаат во христијанскиот свет денес. Неговите верувања и практики ни оддалеку не личат на библиската вистина.

[Фусноти]

a Темелна дискусија за доктрината за тројството може да се најде во брошурата Дали треба да се верува во тројство?, издадена од Јеховините сведоци.

b За детална дискусија во врска со библиското учење за душата, види страници 98—104 и 375—380 од Расправљање на темељу Писма, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 18]

КАПАДОКИСКИТЕ ОТЦИ

„Православната црква . . . има посебна почит кон писателите од четвртиот век, а особено кон оние што ги означува како ‚тројцата Велики хиерарси‘, Григориј Насијански, Василиј Велики и Јован Хрисостом“, вели писателот Калистос, калуѓер. Дали овие црковни отци ги темелеле своите учења на инспирираното Писмо? Во врска со Василиј Велики, книгата The Fathers of the Greek Church (Отците на грчката црква) вели: „Неговите записи покажуваат дека тој задржал доживотна приврзаност кон Платон, Хомер, како и кон историчарите и ораторите, и тие сигурно извршиле влијание врз неговиот стил . . . Василиј останал ‚Грк‘“. Истото било случај и со Григориј Насијански. „Според него, победата и супериорноста на Црквата најдобро ќе се покаже ако таа потполно ги усвои традициите на класичната култура.“

Во врска со нив тројцата, професор Панајотис К. Кристу пишува: „Иако повремено предупредуваат против ‚филозофијата и лажната измама‘ [Колошаните 2:8] — за да бидат во склад со заповедта на Новиот завет — истовремено, тие желно студираат филозофија и други релевантни дисциплини, па дури и на другите им препорачуваат да ги студираат“. Очигледно, тие црковни учители сметале дека Библијата не е доволна за да ги поддржуваат своите идеи. Дали можеби тоа што барале други столбови на авторитет значи дека нивните учења биле туѓи за Библијата? Апостол Павле ги предупредил еврејските христијани: „Не давајте да ве одведат разни и туѓи учења“ (Евреите 13:9).

[Извор на слика]

© Archivo Iconografico, S.A./CORBIS

[Рамка/слика на страница 20]

КИРИЛ АЛЕКСАНДРИСКИ — КОНТРОВЕРЗЕН ЦРКОВЕН ОТЕЦ

Една од најконтроверзните личности меѓу црковните отци е Кирил Александриски (о. 375—444 н.е.). Црковниот историчар Ханс вон Кампенхаусен го опишува како „догматичен, насилен и препреден, полн со големината на својот позив и со достоинството на својата положба“, и додава дека „тој никогаш не сметал нешто за исправно ако тоа не му било од корист во унапредувањето на неговата моќ и неговиот авторитет . . . Бруталноста и бескрупулозноста на неговите методи никогаш не го депримирале“. Додека бил епископ во Александрија, Кирил користел мито, навреди и клевети за да го собори епископот на Константинопол. Се смета дека тој е одговорен за бруталното убиство на една жена, прочуен филозоф по име Хипатија, во 415 н.е. Во врска со теолошките записи на Кирил, Кампенхаусен вели: „Тој го вовел обичајот да се одлучува за прашања поврзани со верувањето не само на темел на Библијата туку и со помош на соодветни цитати и збирки цитати од признати авторитети“.

[Слика на страница 19]

Ероним

[Извор на слика]

Гаро Налбандијан