Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биле задоволени неговите духовни потреби

Биле задоволени неговите духовни потреби

Објавителите на Царството известуваат

Биле задоволени неговите духовни потреби

КИПАР е остров што се наоѓа во североисточниот дел на Средоземното Море. Во библиски времиња Кипар бил прочуен по бакарот и квалитетната граѓа. Таму Павле и Варнава ја објавувале добрата вест за Царството во текот на своето прво мисионерско патување (Дела 13:4-12). Денес, добрата вест сѐ уште има позитивен ефект врз животот на многу Кипрани. Тоа секако е случај и со Лукас, човек во своите 40-ти години. Тој раскажува:

„Роден сум во семејство со седум деца на една сточна фарма. Уште од раното детство имав апетит за читање. Омилена книга ми беше едно џебно издание на Христијанските грчки списи. Кога имав десет години, некои пријатели и јас формиравме една мала група за проучување на Библијата. Меѓутоа, таа не се одржа долго, бидејќи некои постари луѓе од селото нѐ нарекуваа еретици.

Подоцна, додека бев на школување во Соединетите Држави, запознав луѓе со различно религиозно потекло. Тоа повторно ја распламти мојата желба за духовни работи. Со денови седев во универзитетската библиотека, проучувајќи различни религии. Посетив и неколку цркви, но и покрај моите напори, во духовен поглед сѐ уште не бев задоволен.

Откако ги завршив студиите, се вратив на Кипар и прифатив работа како директор на една медицинска лабораторија. На работното место почна да ме посетува еден постар човек по име Андонис, Јеховин сведок. Но, неговите посети не поминаа незабележано од Грчката православна црква.

Набрзо ме посети еден теолог и ме убедуваше да не разговарам со Јеховините сведоци. Со оглед на тоа што уште од детството бев поучуван дека Грчката православна црква ја има вистината, попуштив и престанав да разговарам со Андонис, а за Библијата почнав да дискутирам со теологот. Посетив и многу манастири на Кипар. Дури отпатував во северна Грција за да ја посетам планината Атос, која се смета за најсвета гора во православниот христијански свет. Сепак, моите библиски прашања останаа неодговорени.

Потоа му се помолив на Бог да ми помогне да ја пронајдам вистината. Кратко потоа, Андонис пак ме посети на работа, и имав чувство дека тоа беше одговор на мојата молитва. Така престанав да се гледам со теологот и почнав да ја проучувам Библијата со Андонис. Продолжив да напредувам и, во октомври 1997, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода.

Мојата сопруга и нашите две постари ќерки, кои во тоа време имаа 14 и 10 години, во почетокот се противеа. Но, поради моето добро однесување, сопругата реши да дојде на еден состанок во Салата на Царството. Беше длабоко импресионирана од љубезноста на Сведоците и од личниот интерес што го покажаа. Особено беше импресионирана од тоа како ја користеа Библијата. Како резултат на тоа, мојата сопруга и двете постари ќерки прифатија библиска студија со Јеховините сведоци. Замислете си го само мојот восхит кога трите се крстија на Обласниот конгрес „Божјата пророчка реч“ во 1999 година!

Да, мојата потрага по вистината беше задоволена. Сега целото наше семејство, вклучувајќи ја и мојата сопруга и четирите деца, се обединети во чистото обожавање на Јехова“.