Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да одиме напред кон конечна победа!

Да одиме напред кон конечна победа!

Да одиме напред кон конечна победа!

„Гледај, бел коњ; и оној кој седеше на него имаше лак; и му беше дадена круна, и излезе победувајќи и да ја доврши својата победа“ (ОТКРОВЕНИЕ 6:2).

1. Кои идни настани ги видел Јован во визија?

 ПОД божествена инспирација апостол Јован можел да гледа околу 1.800 години во иднината и да го опише востоличувањето на Христос како Цар. На Јован му била потребна вера за да поверува во она што го видел во визија. Ние денес имаме јасни докази дека ова претскажано востоличување се случило во 1914 година. Со очите на верата гледаме како Исус Христос излегува „победувајќи и да ја доврши својата победа“.

2. Како реагирал Ѓаволот на раѓањето на Царството, и за што е доказ тоа?

2 По раѓањето на Царството, Сатана бил исфрлен од небото, што било причина тој да се бори пожестоко и со поголем бес, но никако не ги подобрил своите шанси за успех (Откровение 12:7-12). Поради неговиот гнев, светските околности станале уште покритични. Се чини дека човечкото општество се распаѓа. За Јеховините сведоци ова е јасен доказ дека нивниот Цар оди напред за „да ја доврши својата победа“.

Се формира општеството на новиот свет

3, 4. а) Какви организациски промени биле направени во христијанското собрание од времето кога се родило Царството, и зошто биле потребни? б) Од каква корист биле овие промени, кои ги претскажал Исаија?

3 Штом се родило Царството, дошло време христијанското собрание — сега со зголемени одговорности на Царството — да се доведе во уште поголем склад со образецот на христијанското собрание од првиот век. Затоа, во своите изданија од 1 и 15 јуни 1938, Стражарска кула испитала како треба да функционира христијанската организација. Подоцна, во изданието од 15 декември 1971, уште појасно го идентификувала современото Водечко тело во статијата „Водечко тело не е исто со законска корпорација“. За да им се обезбеди помош и водство на локалните собранија, во 1972 биле наименувани старешински тела.

4 Обновувањето на правилното надгледување во голема мера го зајакнало христијанското собрание. За ова придонеле и подготовките што Водечкото тело ги направило за да ги школува старешините за нивните должности, во што било вклучено и нивното обучување за правни работи. Постепените текови, кои го вклучувале уредувањето на Божјата земна организација, и нивните позитивни резултати биле претскажани во Исаија 60:17: „Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен, железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел“. Овие позитивни промени биле одраз на божествениот благослов и биле доказ дека оние што ревносно го поддржале Божјето Царство имаат негово одобрување.

5. а) Како реагирал Сатана на Јеховиниот благослов врз својот народ? б) Во склад со Филипјаните 1:7, како реагира Јеховиниот народ на гневот на Сатана?

5 Вниманието полно со љубов и водството што Бог му го дал на својот народ по раѓањето на Царството не поминало незабележано од Сатана. Разгледај ги следниве примери: Во 1931 оваа мала група христијани јавно изјавиле дека тие не се само Библиски студенти. Во согласност со Исаија 43:10, тие биле Јеховини сведоци! Случајно или не, Ѓаволот подигнал бран на беспримерно прогонство низ целата Земјина топка. Дури и во земји што обично биле познати по својата религиозна слобода, како што биле Соединетите Држави, Канада и Германија, Сведоците честопати биле присилени да водат правни битки за да ја задржат својата слобода на обожавање. До 1988, Врховниот суд на САД преиспита 71 случај во кој се работеше за Јеховини сведоци, од кои две третини беа решени во нивна корист. Денес, низ целиот свет, правните битки продолжуваат така што, исто како и во првиот век, може да има ‚одбрана и законско утврдување на добрата вест‘ (Филипјаните 1:7).

6. Дали забраните и ограничувањата го спречиле Јеховиниот народ да оди напред? Илустрирај.

6 Во текот на 1930-тите, во деновите кои ѝ претходеле на II светска војна, диктаторските влади поставиле забрани или ограничувања врз делото на Јеховините сведоци во Германија, Шпанија и Јапонија, и ова се само три случаи. Но, во 2000 година, само во овие три земји имаше приближно 500.000 активни објавители на Божјето Царство. Тоа е речиси десетпати повеќе од бројот на Сведоците во целиот свет во 1936! Јасно, забраните и ограничувањата не можат да го спречат Јеховиниот народ да оди напред под водство на својот победоносен Водач, Исус Христос.

7. Каков извонреден настан се одиграл во 1958, и каква драматична промена се случува оттогаш?

7 Колкав само показател на ова одење напред било кога, во 1958, во Њујорк Сити бил одржан најголемиот конгрес што некогаш го имале Јеховините сведоци, Меѓународниот собир „Божествена волја“, со најголем број од 253.922 присутни. До 1970 нивното дело било отворено во трите претходно спомнати земји, освен во она што тогаш било познато како Источна Германија. Но, Сведоците сѐ уште биле под забрана во огромниот Советски Сојуз и кај нациите здружени со него во Варшавскиот пакт. Денес, во овие порано комунистички нации има повеќе од половина милион активни Сведоци.

8. Каков е резултатот од Јеховиниот благослов врз неговиот народ, и што имала да каже во врска со тоа Стражарска кула од 1950?

8 Јеховините сведоци се благословени со пораст бидејќи продолжуваат ‚да го бараат најнапред царството и [Божјата] праведност‘ (Матеј 6:33). Пророштвото на Исаија во буквална смисла веќе доживеало исполнување: „Од најмалиот ќе останат илјада, од слабиот силен народ, Јас, Господ, зборував, ќе го извршам тоа во право време“ (Исаија 60:22). Но, тоа не е сѐ. Само во изминатава деценија, бројот на активни поборници на владеењето на Царството се зголеми за повеќе од 1.750.000 лица. Тие доброволно станаа дел од една група за која Стражарска кула од 1950 година го дала ова забележување: „Сега Бог го подготвува општеството на новиот свет . . . Ова јадро ќе премине преку Армагедон . . . прво на сцената на ‚новата земја‘ . . . теократски организирано, со познавање на организациските процедури“. Статијата заклучи: „Затоа, напред, цврсто, сите ние заедно, како општество на новиот свет!“

9. Како се покажаа корисни работите што Јеховините сведоци ги научија низ годините?

9 Во меѓувреме, ова сѐ поголемо општество на новиот свет стекна вештини, а тоа се покажа од непроценлива вредност денес и можеби дури и во делото на обновување по Армагедон. На пример, Сведоците научија да организираат големи конгреси, да спроведуваат брзи акции за помош и брзо да градат објекти. Оваа активност наведе многумина на Јеховините сведоци да гледаат со восхит и почит.

Исправање погрешни впечатоци

10, 11. Илустрирај како се исправени некои погрешни впечатоци за Јеховините сведоци.

10 Сепак, постојат луѓе што ги обвинуваат Јеховините сведоци дека се лица што не се во склад со човечкото општество. Ова е главно поради библиски темелениот став на Сведоците за некои работи како што се: трансфузијата на крв, неутралноста, пушењето и моралот. Но, јавноста сѐ повеќе почнува да признава дека гледиштата на Сведоците заслужуваат почит. На пример, една лекарка во Полска се јавила во административната канцеларија на Јеховините сведоци и рекла дека таа и нејзините колеги во болницата неколку часа дебатирале во врска со трансфузијата на крв. Дискусијата била поттикната од една статија што се појавила истиот ден во полскиот дневник Dziennik Zachodni. „Јас лично жалам што на полето на медицината претерано се користи крв“, признала лекарката. „Ова мора да се промени, и среќна сум што некој ја начна таа тема. Би сакала повеќе информации.“

11 Во текот на една конференција одржана минатата година, медицински авторитети од Европа, Израел, Канада и Соединетите Држави дискутирале за еден материјал предвиден да им помогне на лекарите да ги лекуваат пациентите без користење крв. На овој состанок, одржан во Швајцарија, било истакнато дека, спротивно на популарното мислење, стапката на смртност кај пациенти што примиле трансфузија на крв е, всушност, повисока отколку кај пациенти што не примиле. Пациентите Сведоци обично биле во состојба да ја напуштат болницата порано од оние што биле лекувани со крв што, пак, од друга страна, обично го намалува трошокот на лекувањето.

12. Наведи пример за тоа како истакнати поединци го пофалиле ставот што го зазеле Јеховините сведоци во врска со политичката неутралност.

12 Многу позитивни коментари биле дадени и за неутралниот став што го зазеле Јеховините сведоци пред и за време на II светска војна, кога го издржале ударот на нацистичкиот напад. Видеокасетата Јеховините сведоци стојат цврсто наспроти нацистичкиот напад, во продукција на Јеховините сведоци, чија премиера соодветно беше прикажана во концентрациониот логор Равенсбрук во Германија, на 6 ноември 1996, предизвика многу поволни коментари. На отворањето на една слична презентација во озлогласениот концентрационен логор Берген–Белзен, на 18 април 1998, д-р Волфганг Шил, директор на Центарот за политичко образование во Долна Саксонија, призна: „Една од најзасрамувачките вистини од историјата е тоа дека Јеховините сведоци го отфрлија националсоцијализмот со далеку поголема решеност отколку христијанските цркви . . . Сеедно што мислиме за учењата и религиозноста на Јеховините сведоци, нивната цврстина за време на нацистичкиот режим налага да имаме почит кон нив“.

13, 14. а) Каква мудра изјава дошла од еден неочекуван извор во корист на раните христијани? б) Наведи примери за тоа какви поволни коментари биле дадени во корист на Божјиот народ денес.

13 Кога истакнати поединци или судски одлуки се залагаат за Јеховините сведоци во врска со некои полемични спорни прашања, тоа може да ги намали предрасудите и да предизвика на Сведоците да се гледа во попозитивна светлина. Ова честопати им го отвора патот за разговор со луѓе што никогаш пред тоа не биле спремни да слушаат. Според тоа, таквите постапки се добредојдени, и Јеховините сведоци навистина ги ценат. Ова нѐ потсетува на она што се случило во првиот век во Ерусалим. Кога Синедрионот, еврејскиот врховен суд, сакал да ги уништи христијаните поради нивното ревносно проповедање, Гамалиел, ‚учител по Законот, кој бил почитуван од сиот народ‘, дал предупредување и рекол: „Мажи Израелци, пазете се што планирате да им направите на овие луѓе . . . Не чепкајте ги овие луѓе, туку оставете ги; (зашто, ако оваа замисла или ова дело е од луѓе, ќе пропадне; но ако е од Бог, не ќе можете да ги уништите;) инаку би можеле да се најдете како борци против самиот Бог“ (Дела 5:33-39).

14 Слично на Гамалиел, истакнати поединци неодамна смело зборувале во корист на религиозната слобода на Јеховините сведоци. На пример, поранешниот претседавач на Меѓународната академија за слобода на религијата и верувањето тврдел: „Религиозните права на една религија не треба да се скусуваат само затоа што општеството ги смета нејзините уверувања за неприфатливи или неконвенционални“. А еден професор по научни студии на религија при универзитетот во Лајпциг постави умесно прашање во врска со една комисија на германската влада, која е основана за да ги испита таканаречените религиозни секти, со зборовите: „Зошто треба да се испитаат само религиозните малцинства, а не двете големи цркви [римокатоличката и лутеранската]?“ Одговорот можеме лесно да го најдеме во зборовите на еден поранешен германски службеник, кој напишал: „Не може да постои сомневање дека, зад затворени врати, правецот на владината комисија го диктираат црковните фанатици“.

Од кого очекуваме олеснување?

15, 16. а) Зошто постапката на Гамалиел имала ограничена делотворност? б) Како тројца други влијателни поединци биле ограничени во она што можеле да го сторат во корист на Исус?

15 Она што го рекол Гамалиел само го истакнува фактот дека не е можно да пропадне дело што има божествена поддршка. Раните христијани, без сомнение, извлекле корист од неговите зборови до Синедрионот, но не заборавиле дека биле точни и Исусовите зборови дека неговите следбеници ќе бидат прогонувани. Постапката на Гамалиел ги спречила плановите на верските водачи да ги уништат, но таа не го отстранила во потполност прогонството, бидејќи читаме: „Тогаш го послушаа, па ги викнаа апостолите, ги истепаа и им наредија да престанат да зборуваат на темел на Исусовото име и ги пуштија“ (Дела 5:40).

16 Откако на судскиот процес не нашол кривица кај Исус, Понтиј Пилат се обидел да го пушти. Но, не успеал (Јован 18:38, 39; 19:4, 6, 12-16). Дури и двајца членови на Синедрионот, Никодим и Јосиф од Ариматеја, кои биле поволно наклонети кон Исус, биле ограничени во она што можеле да го сторат за да го спречат судот да поведе постапка против Исус (Лука 23:50-52; Јован 7:45-52; 19:38-40). Олеснувањето до кое доаѓа кога луѓето застануваат во одбрана на Јеховиниот народ — од каква и да е причина — во најдобра рака е ограничено. Светот ќе продолжи да ги мрази вистинските следбеници на Христос, исто како што го мразел него. Целосно олеснување може да дојде само од Јехова (Дела 2:24).

17. Какво реалистично гледиште имаат Јеховините сведоци, но зошто не ослабнала нивната решеност да продолжат да ја проповедаат добрата вест?

17 Реалистично гледано, Јеховините сведоци очекуваат прогонството да продолжи. Противењето ќе прекине само тогаш кога Сатановиот систем ќе го снема по конечниот пораз. Сепак, ова прогонство, колку и да е непријатно, не ги тера Сведоците да се воздржуваат од исполнувањето на својот налог да го проповедаат Царството. А зошто и да се воздржуваат, кога имаат божествена поддршка? Тие гледаат на својот храбар Водач, Исус Христос, како на исправен пример (Дела 5:17-21, 27-32).

18. Каква тешкотија допрва го очекува Јеховиниот народ, но во каков исход е уверен тој?

18 Уште од самиот свој почеток, вистинската религија се соочила со силно противење. Наскоро, таа ќе стане предмет на еден интензивен напад од Гог, односно од Сатана во својата понижена состојба откако е исфрлен од небото. Но, вистинската религија ќе преживее (Езекиел 38:14-16). „Царевите од целата населена земја,“ под водство на Сатана, „ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, бидејќи е Господар на господарите и Цар на царевите“ (Откровение 16:14; 17:14). Да, нашиот Цар оди напред кон конечна победа и наскоро ќе ја „доврши својата победа“. Колкава само предност е да одиме заедно со него, знаејќи дека наскоро никој нема да може повторно да им се спротивстави на Јеховините обожаватели кога ќе речат: „Бог е за нас“! (Римјаните 8:31; Филипјаните 1:27, 28).

Можеш ли да објасниш?

• Што правел Јехова за да го зајакне христијанското собрание откако се родило Царството?

• Што се обидувал Сатана да прави за да го спречи Христос да ја доврши својата победа, и со какви резултати?

• Какво урамнотежено гледиште треба да имаме за поволните постапки на луѓето што не се Сведоци?

• Што ќе направи наскоро Сатана, и со каков исход?

[Прашања]

[Слика на страница 18]

Конгресите се показател дека Јеховиниот народ оди напред

[Слики на страница 20]

Неутралноста на Сведоците за време на II светска војна сѐ уште му донесува фалба на Јехова