Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зајакни ја својата доверба во Јехова

Зајакни ја својата доверба во Јехова

Зајакни ја својата доверба во Јехова

Во тек е еден убиствен заговор. Сите високи службеници од земјата се консултираат и донесуваат предлог за нов закон. Тие сакаат, ако некој се впушти во обожавање кое државата не го одобрува, тоа да биде престап што се казнува со смрт.

ТИ ЗВУЧИ ли ова некако познато? Историјата е полна со примери на луѓе кои прибегнувале кон смислување зло со помошта на законот. Горенаведениот пример се случува во Персиската Империја во деновите на пророкот Даниел. Законот, кој го донесува цар Дариј, пропишува: ‚Секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до царот, да биде фрлен во лавовска јама‘ (Даниел 6:7-9).

Што ќе стори Даниел под таква закана со смрт? Дали и понатаму ќе има доверба во својот Бог, Јехова, или ќе направи компромис и ќе постапи така како што диктира царот? Записот ни кажува: „Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш“ (Даниел 6:10). Останатиот дел од извештајот е добро познат. Поради својата вера, Даниел е фрлен во лавовска јама, но Јехова им ја ‚затворил устата на лавовите‘ и го спасил својот лојален слуга (Евреите 11:33; Даниел 6:16-22).

Време за самоиспитување

Денес, Јеховините слуги живеат во непријателски свет, соочувајќи се со многу закани за нивната физичка и духовна благосостојба. На пример, во бруталниот излив на расна омраза во некои земји, многу Сведоци беа убиени. На други места, Јеховините слуги се соочуваат со недостиг на храна, економски тешкотии, природни катастрофи, сериозни болести и други ситуации во кои животот им е во опасност. Освен тоа, мораат да поднесуваат прогонства, притисоци на работното место и различни искушенија да прават лошо, што може да биде закана за нивната духовност. Навистина, големиот Противник, Сатана, е решен да ги уништи Јеховините слуги со кое и да било средство што ќе се покаже успешно (1. Петрово 5:8).

Што можеме да правиме кога се соочуваме со вакви околности? Иако е природно да се плашиме кога ни е во прашање животот, можеме да ги имаме на ум успокојувачките зборови на Павле: „[Јехова] рекол: ‚Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам‘. Затоа можеме да бидеме исполнети со храброст и да речеме: ‚Јехова е мој помошник; нема да се плашам. Што може да ми стори човек?‘“ (Евреите 13:5, 6). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова го чувствува истото за своите слуги денес. Меѓутоа, едно е да го знаеме Јеховиното ветување, но сосема друго е да бидеме уверени дека тој ќе дејствува во наша корист. Затоа е животоважно да го испитаме темелот на кој се гради довербата во Јехова и да направиме сѐ што можеме за да ја зајакнеме и одржиме. Ако го правиме тоа, „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува [нашите] срца и [нашите] умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:7). Така, кога ќе дојдат испити, ќе бидеме во состојба јасно да размислуваме и мудро да се справиме со нив.

Темел за доверба во Јехова

Секако, имаме многу причини за доверба во нашиот Творец, Јехова. Прв меѓу нив е фактот дека Јехова е Бог полн со љубов, кој вистински се грижи за своите слуги. Во Библијата се запишани безброј примери што кажуваат за Јеховината љубезна грижа за своите слуги. Опишувајќи како Јехова постапувал со својот избран народ, Израел, Мојсеј напишал: „Тој го најде во степска земја, во морничава пустинска пустина. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око“ (Второзаконие 32:10). Во денешно време, Јехова и понатаму добро се грижи за своите слуги, како група и како поединци. На пример, кога некои Сведоци се најдоа во краен недостиг на храна за време на граѓанската војна во Босна, Јехова се погрижи да ги добијат многу потребните резерви преку храбрите напори на нивните браќа од Хрватска и Австрија, кои го ризикуваа животот за да патуваат низ крајно тешкото подрачје со цел да им однесат материјална помош на своите браќа. a

Со оглед на тоа што е Семоќен, Јехова Бог навистина е способен да ги заштити своите слуги под секакви околности (Исаија 33:22; Откровение 4:8). Но, дури и кога дозволува некои негови слуги да се покажат верни дури до смрт, Јехова сепак ги поддржува и им помага да го задржат својот интегритет, овозможувајќи им да останат цврсти, радосни и смирени сѐ до крајот. Затоа, можеме да ја имаме довербата што ја имал и псалмистот: „Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја. Затоа не се плашиме кога земјата се лулее, кога бреговите се рушат во морето“ (Псалм 46:1, 2).

Исто така, Библијата открива дека Јехова е Бог на вистината. Ова значи дека тој секогаш ги исполнува своите ветувања. Всушност, Библијата го опишува како Бог „кој не може да лаже“ (Тит 1:2). Со оглед на тоа што Јехова секогаш одново повторувал дека е спремен да ги штити и спасува своите слуги, можеме да бидеме апсолутно сигурни дека тој не само што е способен туку е и подготвен да ги исполни ветувањата (Јов 42:2).

Начини да ја зајакнеме својата доверба

Иако ги имаме сите причини да ја положиме нашата доверба во Јехова, не смееме да го земаме тоа за само по себе разбирливо. Тоа е така бидејќи светот, општо земено, има мала вера во Бог и таквиот став може лесно да ја ослабне нашата доверба во Јехова. Затоа, мораме да вложуваме енергични напори да ја зајакнуваме и да ја одржуваме таа доверба. Јехова добро го знае ова, и дал начини на кои можеме да го правиме тоа.

Пред сѐ, ја дал својата пишана Реч, Библијата, во која се запишани голем број моќни дела што ги извршил тој во корист на своите слуги. Размисли само, колкава доверба би можел да имаш во некого ако сѐ што знаеш за него е неговото име? Веројатно сосема мала, ако и воопшто би ја имал. Треба да го знаеш неговиот начин на постапување и неговите дела за да имаш доверба во него, зар не? Додека читаме и медитираме за таквите библиски извештаи, нашето спознание за Јехова и за неговите прекрасни патишта се продлабочува, и уште повеќе сфаќаме колку е тој веродостоен. На тој начин се зајакнува нашата доверба во него. Псалмистот дал одличен пример кога во горлива молитва му рекол на Бог: „Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса. Ги набљудувам сите Твои дела, го разгледувам она што го направи“ (Псалм 77:11, 12).

Освен Библијата, имаме и богат извор на духовна храна во библиските публикации што ги издава Јеховината организација. Меѓу другото, овие публикации честопати содржат трогателни извештаи за Божји слуги во денешно време и покажуваат како Јехова можел да даде помош и олеснување кога западнале во очајни ситуации. На пример, Мартин Пецингер, кој подоцна стана член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, паднал сериозно болен додека служел како пионер во подрачја на Европа далеку од неговата татковина. Немал пари, и ниеден лекар не бил спремен да го прегледа. Но, Јехова не го напуштил. Конечно било стапено во контакт со еден виш специјалист од локалната болница. Како човек кој цврсто верувал во Библијата, овој љубезен лекар се грижел за брат Пецингер како за свој син, и тоа бесплатно. Читањето на таквите лични приказни секако може да ни ја зајакне довербата во нашиот небесен Татко.

Друга непроценлива помош што ја дава Јехова за да ни ја зајакне довербата во него е скапоцената предност на молитвата. Апостол Павле со љубов ни кажува: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог“ (Филипјаните 4:6). „Сѐ“ може да ги вклучува нашите чувства, потреби, стравови и тегобни грижи. Колку се почести и поискрени нашите молитви толку појака ќе биде нашата доверба во Јехова.

Кога бил на Земјата, Исус Христос понекогаш одел сам на некое осамено место за да може непречено да се моли (Матеј 14:23; Марко 1:35). Пред да донесе тешки одлуки, поминувал дури и по цела ноќ молејќи му се на својот Татко (Лука 6:12, 13). Не е за изненадување што Исусовата доверба во Јехова била толку јака што можел да го поднесе најморничавиот испит што некој го доживеал. Неговите последни зборови на маченичкиот столб биле: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух“. Тој израз на увереност покажал дека неговата доверба во Татко му не се намалила до крајот, иако Јехова не интервенирал да го спаси (Лука 23:46).

Понатамошно средство кое ја изградува нашата доверба во Јехова е редовното дружење со оние што со цело срце имаат доверба во него. Јехова им заповедал на припадниците на својот народ редовно да се собираат за да научат повеќе за него и да се храбрат едни со други (Второзаконие 31:12; Евреите 10:24, 25). Таквото дружење ја зајакнувало нивната доверба во Јехова, овозможувајќи им да поднесат пресудни испити на верата. Во една африканска земја, каде што делото на проповедање било забрането, на Јеховините сведоци им била ускратена полициска заштита, патни документи, уверенија за брак, болничко лекување и работни места. Кога во едно подрачје избувнала граѓанска војна, 39 члена на едно собрание во близината, меѓу кои имало и деца, речиси четири месеци живееле под едно ниско мовче во пустината за да го избегнат бомбардирањето во нивниот град. Под такви крајни тешкотии, нивната секојдневна дискусија за некој библиски текст, како и другите состаноци им дале голема сила. На тој начин можеле да го поднесат тоа тешко искушение без да биде оштетена нивната духовност. Ова искуство јасно покажува колкава е вредноста на редовното состанување со Јеховиниот народ.

На крај, за да ја зајакнеме нашата доверба во Јехова, мораме да останеме активни во делото на проповедање на Царството, секогаш спремни со другите да ја споделуваме добрата вест. Ова е илустрирано со трогателното искуство на една ревносна млада објавителка од Канада што била смртно болна од леукемија. И покрај нејзината тешка болест, сакала да стане општ пионер, т.е. полновремен министер. Во еден период кога нејзината болест за кратко попуштила, се чувствувала доволно добро што поминала еден месец во службата како помошен пионер. Потоа, состојбата ѝ се влошила, и по неколку месеци умрела. Сепак, останала духовно јака сѐ до крајот, и нејзината доверба во Јехова никогаш, ни за момент, не се поколебала. Мајка ѝ се сеќава: „Сѐ до крајот беше повеќе загрижена за другите отколку за себе. Ги храбреше да ја проучуваат Библијата, велејќи им: ‚Ќе бидеме заедно во Рајот‘“.

Да ја докажеме нашата доверба во Јехова

„Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 2:26). Она што го рекол Јаков за верата во Бог може да се рече и за нашата доверба во Него. Колку и да велиме дека имаме доверба во Бог, тоа е безначајно ако таа доверба не ја покажеме со постапките. Авраам имал безрезервна доверба во Јехова и ја покажал со непоколеблива послушност на неговите заповеди, до тој степен што дури бил подготвен да го жртвува својот син, Исак. Поради таквата извонредна доверба и послушност, Авраам станал познат како Јеховин пријател (Евреите 11:8-10, 17-19; Јаков 2:23).

Ние не мораме да чекаме на нас да наиде некој суров испит за да ја покажеме довербата во Јехова. Исус им рекол на своите ученици: „Кој е верен во најмалото, верен е и во многу, а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу“ (Лука 16:10). Треба да научиме да имаме доверба во Јехова во сите наши секојдневни активности, да му бидеме послушни дури и во работи кои можеби изгледаат безначајни. Кога ги гледаме користите што доаѓаат од таквата послушност, нашата доверба во небесниот Татко се зајакнува, а тоа ни овозможува да се соочиме со поголеми или позастрашувачки испити.

Додека светот се приближува кон својот катастрофален крај, Јеховиниот народ сигурно ќе доживува повеќе испити и опасности (Дела 14:22; 2. Тимотеј 3:12). Со тоа што сега ќе изградиме силна и безрезервна доверба во Јехова, ќе можеме со нетрпение да го чекаме преживувањето во неговиот ветен нов свет — или живи низ големата неволја или со воскресение (2. Петрово 3:13). Никогаш да не дозволиме каков и да е недостиг на доверба од наша страна да ни го уништи скапоцениот однос со Јехова. Затоа, она што било речено за Даниел откако бил избавен од лавовската јама може да се рече и за нас: „Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше [имаше доверба, NW] во својот Бог“ (Даниел 6:23).

[Фуснота]

a За поединости, види Стражарска кула од 1 ноември 1994, страници 23-27.

[Слика на страница 9]

Читањето на извештаите за верните Јеховини слуги, како Мартин Пецингер, ја зајакнува верата