Исповед што води до исцелување
Исповед што води до исцелување
„КОГА молчев, моите коски се исушија од моето офкање, преку целиот ден. Дење и ноќе, Твојата рака тежеше врз мене, мојата животна влага се претвори во летен припек“ (Псалм 32:3, 4). Овие трогателни зборови можеби ја одразуваат длабоката емоционална болка што ја чувствувал царот Давид од древниот Израел, болка што самиот си ја нанел така што криел еден сериозен грев наместо да го признае.
Давид бил човек со извонредни способности. Бил смел борец, вешт државник, поет и музичар. Сепак, не се потпирал на своите способности, туку на својот Бог (1. Самоил 17:45, 46). Тој бил опишан како човек чие срце било „потполно на Господа“ (1. Цареви 11:4). Но, еден негов грев особено заслужувал прекор, и можеби тој алудирал на него во 32. Псалм. Можеме многу да научиме ако ги испитаме околностите што воделе до неговиот грев. Ќе согледаме кои стапици да ги избегнуваме и ќе ја увидиме потребата да ги исповедаме гревовите за да го обновиме својот однос со Бог.
Еден лојален цар запаѓа во грев
Израелската нација учествувала во еден воен поход против Амонците, но Давид се наоѓал во Ерусалим. Една вечер, додека се шеткал на покривот од својата палата, забележал како во еден дом од соседството се капе една убава жена. Не покажал воздржување, туку почнал страсно да ја посакува. Откако дознал дека таа е Витсавеа, сопругата на Уриј, војник во неговата војска, Давид ја повикал и извршил прељуба со неа. Во свое време, Витсавеа го известила Давид дека е бремена (2. Самоил 11:1-5).
Давид бил фатен во стапица. Ако се разоткрие нивниот грев, казната за обајцата ќе биде смрт (Левит 20:10). Затоа смислил план. Го повикал Уриј, сопругот на Витсавеа, да се врати од битката. Откако надолго и нашироко го испрашал за војната, му наредил да се врати дома. Давид се надевал дека на тој начин ќе изгледа дека Уриј е татко на детето на Витсавеа (2. Самоил 11:6-9).
На разочарување на Давид, Уриј не си отишол кај сопругата. Рекол дека е незамисливо да се врати дома додека војската ја трпи суровоста на битката. Кога некоја израелска војска ќе учествувала во воен поход, мажите се воздржувале од сексуални односи, па дури и со сопствените сопруги. Морале да останат церемонијално чисти (1. Самоил 21:5). Потоа Давид го поканил Уриј на оброк и го опијанил, но тој сепак не си отишол дома кај сопругата. Верното однесување на Уриј го осудило тешкиот грев на Давид (2. Самоил 11:10-13).
Стапицата што Давид си ја поставил со сопствениот грев сѐ повеќе се стегала околу него. Очаен, тој гледал само еден излез. Го вратил Уриј во битката со писменце до воениот генерал Јоав. Намерата во краткото писменце била јасна: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него; нека биде погоден и нека загине“. Се чинело дека со замавот на перото моќниот цар ги покрил своите траги, испраќајќи го Уриј да умре (2. Самоил 11:14-17).
Штом за Витсавеа завршил периодот на тагување, Давид се оженил со неа. Минало време, и се родило нивното дете. Низ сево ова, Давид продолжил да молчи за своите Еремија 17:9; 2. Самоил 11:25).
гревови. Можеби се обидувал да ги оправда пред себе. Зар Уриј не умре чесно во битка како и некои други? Освен тоа, зар тој не покажа непослушност кон својот цар со тоа што одби да оди кај сопругата? ‚Измамливото срце‘ ќе ги употреби сите видови резонирања во обидот да го оправда гревот (Погрешни чекори што водат до грев
Како било можно Давид, љубител на праведноста, да се спушти толку ниско, па да изврши прељуба и убиство? Семето на неговиот грев очигледно било сеано низ извесен временски период. Можеби се прашуваме зошто Давид не бил со своите луѓе, поддржувајќи ги во воениот поход против Јеховините непријатели. Наместо тоа, Давид се опуштил во својата палата, каде што стварноста на војната била предалеку за да го избрише неговото погрешно посакување на сопругата на еден верен војник. Денес, за вистинските христијани е заштита да бидат активно вклучени во духовните тежнеења со своите собранија и редовно да учествуваат во делото на евангелизирање (1. Тимотеј 6:12).
Израелскиот цар бил упатен да направи копија од Законот и да го чита секој ден. Библијата ја дава причината за тоа: „За да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби; за да не се издигне со срцето над своите браќа и за да не сврти настрана од оваа заповед ни десно ни лево“ (Второзаконие 17:18-20). Можно е Давид да не го следел тоа упатство во времето кога ги извршил овие тешки гревови. Редовното проучување и медитирање за Божјата реч сигурно ќе нѐ сочува од престапување во овие критични времиња (Пословици 2:10-12).
Освен тоа, последната од Десетте заповеди конкретно кажувала: „Не пожелувај ја жената на ближниот свој“ (Излез 20:17, СП). Во тоа време Давид веќе имал неколку сопруги и конкубини (2. Самоил 3:2-5). Но, тоа не го спречило да посакува друга убава жена. Овој извештај нѐ потсетува на сериозноста на Исусовите зборови: „Секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28). Наместо да се занимаваме со такви неисправни желби, брзо да ги исфрлиме од умот и срцето.
Каење и милост
Библискиот отворен извештај за Давидовиот грев сигурно не е запишан за да задоволи нечии сексуални желби. Записот ни дава прилика да бидеме сведоци на еден активен и трогателен израз на една од Јеховините истакнати особини — неговата милост (Излез 34:6, 7).
Откако Витсавеа родила син, Јехова го испратил пророкот Натан да се соочи со Давид. Тоа било чин на милост. Ако не му пристапел некој на Давид и тој продолжел да молчи, можеби ќе закоравел во правецот на гревот (Евреите 3:13). За среќа, Давид реагирал на Божјата милост. Вештите, но јасни зборови на Натан ја подбуцнале совеста на Давид, и тој понизно признал дека згрешил против Бог. Всушност, 51. Псалм, кој се однесува на Давидовиот грев во врска со Витсавеа, бил компониран откако тој се покајал и го исповедал својот тежок грев. Никогаш да не дозволиме нашето срце да закорави ако сме извршиле сериозен грев (2. Самоил 12:1-13).
На Давид му било простено, но тој не бил поштеден од дисциплината ниту од последиците од неговиот грев (Пословици 6:27). А како и би бил поштеден? Ако Бог едноставно би преминал преку сѐ, неговите мерила би биле компромитирани. Би бил неефикасен како првосвештеникот Илија, кој им дал благ укор на своите злобни синови и потоа им дозволил да продолжат со лошите дела (1. Самоил 2:22-25). Сепак, Јехова не го отсекува покајникот од својата срдечна љубезност. Неговата милост, како освежителна, ладна вода, ќе му помогне на грешникот да ги истрпи последиците од гревот. Срдечното божествено простување и изградувачкото друштво на сообожавателите можат да му помогнат да закрепне. Да, на темел на Христовата откупнина, покајникот може да го вкуси „богатството на [Божјата] незаслужена љубезност“ (Ефешаните 1:7).
„Чисто срце“ и „нов дух“
Откако се исповедал, Давид не подлегнал на негативно чувство на безвредност. Неговите изјави во псалмите, кои ги напишал во врска со своите исповеди, покажуваат дека чувствувал олеснување и дека бил решен верно да му служи на Бог. Погледни, на пример, во 32. Псалм. Во 1. стих читаме: „Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени“. Сеедно колку е гревот сериозен, можен е среќен исход ако лицето искрено се кае. Еден начин да се покаже оваа искреност е да се прифати целосната одговорност за сопствените постапки, како што сторил Давид (2. Самоил 12:13). Тој не се обидувал да се оправдува пред Јехова или да ја префрли вината на другите. Во 5. стих вели: „Тогаш го признав [исповедав, NW] својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: ‚Ќе му го признам [исповедам, NW] на Господа својот престап‘, и Ти ми ја прости вината на мојот грев“. Вистинската исповед донесува олеснување, така што лицето повеќе не треба да го измачува совеста заради минатите грешки.
Откако го преколнувал Јехова да му прости, Давид молел: „Боже, создај ми чисто срце, и постојан [нов, NW] дух обнови во мене“ (Псалм 51:10). Тоа што молел за „чисто срце“ и ‚нов дух‘ покажува дека Давид бил свесен за грешната склоност што ја имал во себе и дека му била потребна Божја помош за да го исчисти срцето и да почне одново. Наместо да подлегне на самосожалување, тој бил решен да се напрега во својата служба на Бог. Се молел: „Господи, отвори ги моите усни, и мојата уста ќе ја разгласува Твојата фалба“ (Псалм 51:15).
Каква била Јеховината реакција на искреното каење на Давид и на одлучниот напор да му служи? Тој му ја дал на Давид оваа љубезна гаранција: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“ (Псалм 32:8). Ова е гаранција дека Јехова обрнува лично внимание на чувствата и потребите на оној што се кае. Јехова презел чекори за да му даде на Давид поголем увид, способност да гледа зад површинскиот изглед на работите. Ако се соочел со искушение во иднина, тој ќе можел да го согледа исходот од своите постапки и нивниот ефект врз другите, и ќе можел да постапи разборито.
Оваа епизода од животот на Давид служи како охрабрување за сите кои западнале во сериозен грев. Ако го исповедаме нашиот грев и покажеме искрено каење, можеме повторно да го добиеме нашиот најскапоцен посед, односот со Јехова Бог. Моменталната болка и срам што можеби ќе мораме да ги поднесеме се многу полесни отколку болката што настанува кога молчиме, или ужасните последици кога дозволуваме да закоравиме во бунтовен правец (Псалм 32:9). Наместо тоа, можеме да доживееме срдечно простување од еден полн со љубов, милостив Бог, „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3).
[Слика на страница 31]
Давид се надевал дека ќе ги избегне последиците од својот грев така што го испратил Уриј да умре