Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Радосна и благодарна и покрај болната загуба

Радосна и благодарна и покрај болната загуба

Животна приказна

Радосна и благодарна и покрај болната загуба

РАСКАЖАЛА НЕНСИ И. ПОРТЕР

Беше 5 јуни 1947, топла вечер на Бахамите, острови кои лежат на југоисточниот брег на Соединетите Држави. Мојот сопруг Џорџ и јас имавме неочекувана посета од еден службеник за доселеници. Тој ни врачи писмо во кое стоеше дека нашето присуство на островите повеќе не е добредојдено и дека ‚треба веднаш да ја напуштиме колонијата!‘

ЏОРЏ и јас бевме првите мисионери на Јеховините сведоци што дојдоа во Насау, најголемиот град на Бахамите. Овде бевме доделени откако дипломиравме во осмиот клас на Гилеад, мисионерска школа во северниот дел на Њујорк. Со што предизвикавме една ваква остра реакција по само тримесечен престој? И како, по повеќе од 50 години, сѐ уште сум овде?

Обучување за служба

Поради силното влијание на татко ми, Хари Килнер, мојот живот испадна таков каков што е. Тој ми даде одличен пример со тоа што направи многу жртви за да стане Јеховин сведок. Иако здравјето не му беше најдобро, речиси секој викенд одеше да проповеда, ревносно ставајќи ги на прво место интересите на Царството (Матеј 6:33). Во финансиски поглед бевме многу ограничени, но неговиот дуќан за чевли во 1930-тите беше центар на духовна активност во Летбриџ (Алберта, Канада). Моите најрани спомени се поврзани со полновремените министри на Јеховините сведоци, наречени пионери, кои доаѓаа кај нас дома и споделуваа искуства со нас.

Во 1943 почнав со пионерската служба во близина на Форт Меклауд и во Кларцхом (Алберта). Нашето дело на проповедање во Канада во тоа време беше забрането како резултат на погрешните информации што ги ширеа противниците во текот на II светска војна. Нашето подрачје се протегаше по 50 километри во спротивни правци, но, бидејќи бевме млади и полни со енергија, не ни пречеше да возиме со велосипеди или да пешачиме за да дојдеме до малите заедници и фарми на подрачјето. Во тоа време имав прилика да разговарам со некои дипломци на Гилеад, и нивните искуства побудија кај мене желба да станам мисионер.

Во 1945 се омажив за Џорџ Портер, кој беше од Саскачивен (Канада). Неговите родители беа ревносни Сведоци од 1916 година, а и тој ја имаше избрано полновремената служба за своја кариера. Нашата прва доделба беше прекрасната долина Лин во Северен Ванкувер (Канада). Кратко потоа бевме поканети во Гилеад.

Низ годините имав разговарано со дипломци на различни теолошки семинарии и видов како нивната теолошка обука им ја поткопала верата во Бог и во неговата Реч, Библијата. За разлика од нив, она што ние го научивме на Гилеад ни ја изостри способноста да размислуваме и, пред сѐ, ни ја зајакна верата во Јехова Бог и во неговата Реч. Нашите колеги беа доделени во Кина, Сингапур, Индија, земјите на Африка, Јужна Америка и на други места. Сѐ уште се сеќавам на возбудувањето кога дознавме дека наша доделба се тропските острови Бахами.

Како можевме да останеме

Во споредба со патувањата на колегите, нашето патување до Бахамите траеше кратко. Наскоро уживавме во топлото време, во синото небо, тиркизната вода, градбите во пастелни бои и големиот број велосипеди. Меѓутоа, моите први најдлабоки впечатоци беа поврзани со малата група од пет Сведоци што нѐ пречекаа кога пристигна нашиот брод. Набрзо дознавме дека овдешната култура многу се разликува од онаа на која бевме навикнати. На пример, мојот сопруг беше замолен да не ме вика ‚мила‘ во јавноста, бидејќи тој израз обично е резервиран за вонбрачна врска.

За кратко време свештенството, кое изгледа се чувствуваше загрозено од нашето слободно движење меѓу луѓето, лажно нѐ обвини дека сме комунисти. Како резултат на тоа ја добивме наредбата да ја напуштиме земјата. Но, Сведоците — во тоа време на островите ги имаше помалку од 20 — веднаш добија илјадници потписи на петиција за да ни дозволат да останеме. Така, наредбата за протерување беше преиначена.

На ново подрачје

Библиската вистина брзо никнуваше во срцата што го сакаа Бог, па затоа на Бахамите беа испратени повеќе мисионери на Гилеад. Потоа, во 1950, беше основана канцеларија на подружницата. Десет години потоа, Милтон Хеншел, член на персоналот на светската централа во Бруклин (Њујорк), ги посети Бахамите и нѐ праша нас, мисионерите, дали некој би бил спремен да отиде и да го отвори делото на проповедање на еден друг остров на Бахамите. Се пријавивме Џорџ и јас, и на тој начин почна она што се претвори во 11-годишен престој на Лонг Ајленд.

Овој остров, еден од многуте кои ги сочинуваат Бахамите, е долг 140 километри и широк 6 километри. Во тоа време немаше вистински градови. Главниот град, Кларенс Таун, имаше околу 50 домови. Животот беше прилично примитивен — без струја, текушта вода, без внатрешна кујна, без водовод. Затоа моравме да се приспособиме кон таканаречениот живот на зафрлен остров. Омилена тема на разговор овде беше здравјето на луѓето. Научивме во поздравот да не го вклучуваме прашањето: „Како сте денес?“ бидејќи одговорот честопати беше еден долг извештај за целосната историја на лицето.

Најмногу сведочевме од кујна до кујна, бидејќи луѓето обично можевме да ги најдеме во нивната надворешна кујна со сламен покрив и огниште на дрва. Заедниците претежно беа составени од сиромашни, но многу љубезни земјоделци или рибари. Повеќето од нив не беа само религиозни туку и многу суеверни. Невообичаените појави обично беа толкувани како знаци.

Свештениците немаа грижа на совеста поради тоа што одеа непоканети по домовите на луѓето и ја кинеа библиската литература што ја остававме. На тој начин ги застрашуваа плашливите, но сите не се грчеа од страв пред нив. На пример, една енергична 70-годишна старица не дозволи да ја заплашат. Таа сакаше самата да ја разбере Библијата, и на крај стана Сведок заедно со неколку други. Кога ќе најдевме позаинтересирани луѓе, некои недели Џорџ мораше да вози по 300 километри, помагајќи им на таквите да присуствуваат на нашите состаноци.

Во текот на првите месеци кога немаше други Сведоци, Џорџ и јас ја одржувавме нашата духовност на тој начин што ги држевме сите редовни христијански состаноци. Освен тоа, секој понеделник навечер следевме една марлива програма на проучување на лекција од списанието Стражарска кула и ја читавме Библијата. Исто така, ги читавме сите изданија на Стражарска кула и Разбудете се! веднаш штом ќе ги добиевме.

Татко ми умре додека бевме на Лонг Ајленд. Следното лето, во 1963, организиравме мајка ми да дојде и да живее во наша близина. Иако беше во поодминати години, таа се приспособи прилично добро и живееше на Лонг Ајленд сѐ до својата смрт, во 1971. Денес на Лонг Ајленд има собрание со сосем нова Сала на Царството.

Болен предизвик

Во 1980 Џорџ забележа дека здравјето почнува да му се влошува. Со тоа започна едно од најболните искуства во мојот живот — да гледам како мојот сакан сопруг, соработник и другар подлегнува на Алцхајмерова болест. Целата негова личност се промени. Последниот и најтежок дел траеше приближно четири години, пред тој да умре во 1987 година. Ме придружуваше во службата и на состаноците колку што можеше, иако многупати напорите што ги вложуваше ме тераа да плачам. Љубовта со која ме опсипуваат нашите христијански браќа вистински ме теши, но тој сѐ уште многу ми недостига.

Еден од најдрагоцените аспекти од мојот брак со Џорџ беше нашата редовна и пријатна комуникација. Сега кога него го нема, поблагодарна сум му на Јехова од кога и да било порано што тој ги поканува своите слуги да ‚се молат непрестајно‘, да ‚истраат во молитва‘ и да користат „секаков облик на молитва“ (1. Солуњаните 5:17; Римјаните 12:12; Ефешаните 6:18). Многу е утешително што знам дека Јехова е заинтересиран за нашата благосостојба. Навистина се чувствувам како псалмистот што пеел: „Благословен да е Бог од ден на ден, Бог нѐ носи“ (Псалм 68:19). Живеењето ден за ден, прифаќањето на моите ограничувања и благодарноста за благословите што ги донесува секој ден, како што советувал Исус, навистина е најдобриот начин на живот (Матеј 6:34).

Радосни награди од службата

Зафатеноста во христијанската служба ми помага да не мислам претерано на минатото. На тој начин можам да ги совладам оние емоции што можат да доведат до депресија. Поучувањето на другите за библиската вистина ми е посебен извор на радост. Тоа ми овозможува една уредна духовна рутина што ми дава устројство и стабилност во животот (Филипјаните 3:16).

Еднаш ми се јави една госпоѓа со која пред 47 години ја споделив пораката за Царството. Таа е ќерка на еден од првите библиски студенти што ги имавме кога стигнавме на Бахамите, во 1947. Мајка ѝ, татко ѝ и сите нејзини браќа и сестри станаа Јеховини сведоци, како и поголемиот дел од нивните деца и внуци. Всушност, повеќе од 60 членови на семејството на оваа жена се Сведоци. Но, самата таа никогаш не ја прифати библиската вистина. А сега таа е конечно спремна да стане слуга на Јехова Бог. Колкава само радост е да се набљудува како грстот Сведоци, кои беа на Бахамите кога пристигнавме со Џорџ, порасна на повеќе од 1.400!

Понекогаш луѓето ме прашуваат дали ми недостигаат свои деца. Се разбира, децата можат да бидат благослов. Сепак, љубовта што постојано ми ја покажуваат моите духовни деца, внуци и правнуци е нешто што веројатно не го доживуваат сите биолошки родители. Навистина, оние кои „го прават она што е добро“ и се „богати во добри дела“ се најсреќните луѓе (1. Тимотеј 6:18). Затоа сум зафатена во службата колку што ми дозволува здравјето.

Еден ден, во стоматолошка ординација, ми пристапи една млада жена и ми рече: „Ти мене не ме знаеш, но јас те знам, и само сакав да ти кажам дека те сакам“. Потоа ми раскажа како ја запознала библиската вистина и колку е благодарна што ние мисионерите сме дошле на Бахамите.

Во една друга прилика, кога се вратив од одмор, на вратата каде што сега живеам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Насау најдов трендафил. На него стоеше писменце: „Се радуваме што повторно си дома“. Срцето ми се прелева од благодарност и ме тера многу да го сакам Јехова кога гледам какви луѓе создала неговата Реч, организација и неговиот дух! Навистина, Јеховината поткрепувачка рака честопати се покажува преку луѓето околу нас.

Изобилување со благодарност

Животот не ми беше секогаш лесен ниту, пак, сега ми се лесни некои аспекти од него. Но, имам толку многу работи за кои можам да бидам благодарна — радостите од службата, љубовта и наклоноста од толку многу христијански браќа и сестри, љубезната грижа од Јеховината организација, прекрасните вистини од Библијата, надежта дека ќе бидам со саканите кога ќе воскреснат и спомените од 42-те години брак со верен Јеховин слуга. Пред да се венчаме, се молев секогаш да му бидам од помош на мојот сопруг за да остане во полновремената служба, која многу ја сакаше. Јехова љубезно одговори на таа молитва. Затоа сакам да му ја изразам мојата благодарност на Јехова на тој начин што секогаш ќе му бидам верна.

Бахамите се популарна дестинација за туристите, кои трошат илјадници долари за да дојдат и да уживаат во тропските радости. Со тоа што решив да му служам на Јехова секаде каде што ќе ме упати неговата организација, го имав радосното доживување да патувам од едниот крај на овие острови до другиот, објавувајќи ја добрата вест за Божјето Царство. Но, што е уште поважно, ја запознав и високо ја ценам извонредната љубов на пријателски настроените Бахамци.

Многу сум им благодарна на оние што им ја донесоа вистината на моите родители кои пак, од своја страна, во мојот младешки ум и срце всадија длабока желба да го барам најпрвин Божјето Царство. На сличен начин, младите слуги на Јехова денес можат да добијат многу благослови ако влезат низ ‚големата врата‘ која води во големи прилики за проширена служба (1. Коринќаните 16:9). И ти ќе изобилуваш со благодарност ако го користиш животот за да му искажеш чест на ‚Богот на боговите‘, Јехова (Второзаконие 10:17; Даниел 2:47).

[Слика на страница 24]

Во служба на улица во Викторија, (Б.К.), во 1944

[Слика на страница 24]

Џорџ и јас ја посетувавме школата Гилеад во 1946

[Слика на страница 25]

Со Џорџ пред мисионерскиот дом во Насау (Бахами) во 1955

[Слика на страница 26]

Мисионерскиот дом во Дедменс Кеј, каде што служевме од 1961 до 1972