Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Стандардите се промениле, довербата е изиграна

Стандардите се промениле, довербата е изиграна

Стандардите се промениле, довербата е изиграна

Во деновите на англискиот цар Хенри I (1100—1135), за еден јард, мерка за должина, се сметало „растојанието од врвот на носот на царот до крајот на неговиот испружен палец“. Колку била точна мерката за еден јард што ја користеле поданиците на цар Хенри? Изгледа дека приемот кај монархот бил единствениот начин точно да се знае тоа.

ДЕНЕШНИТЕ мерки попрецизно се дефинирани со помош на стандарди. Според тоа, метарот се дефинира како растојанието со кое светлината патува во вакуум во една секунда, поделено на 299.792.458. Да бидеме попрецизни, оваа светлина е со фиксна бранова должина и се емитува со еден посебен вид ласер. Ако имаат опрема која го репродуцира стандардот, луѓето насекаде можат да потврдат дека нивната мерка за должина е иста како кај сите.

Колку и да се незначителни промените во стандардите за мерење, можат да предизвикаат несигурност, па се вложуваат големи напори за да се сочуваат. На пример, во Британија стандардот за мерење маса е една прачка од платина и иридиумска легура која тежи еден килограм. Оваа прачка се чува во Националната лабораторија за физика. Поради загадувањето на воздухот и авионите кои летаат наоколу, стандардот за килограм секој ден станува потежок. Меѓутоа, оваа метална прачка, односно цилиндар, е копија на светскиот стандард која се чува под три стаклени ѕвона во еден трезор во Меѓународното биро за тегови и мерки во Севр (Франција). Но, како последица од микроскопското загадување, тежината дури и на овој предмет варира. Досега, светските метролози не смислиле некој постабилен стандард.

Додека многу ситните промени на просечниот човек му изгледаат неважни, целосната промена на некој стандард може да предизвика збрка. Во Британија, сменувањето на кралската мерка за тежина (фунти и унци) во метричка (килограми и грамови) создала прилична недоверба — и тоа не без причина. Некои бескрупулозни трговци го искористиле општото непознавање на новиот систем за да ги поткраднуваат купувачите.

Семејни и морални стандарди

А што е со промените во семејните и моралните стандарди? Ефектот од тие промени може да предизвика далеку поголема штета. Актуелните извештаи за распадот на семејствата, промискуитетното сексуално однесување и раширената злоупотреба на деца шокираат многумина и потврдуваат дека живееме во ера во која стандардите опаѓаат. Семејствата со еден родител, децата одгледани од „родители“ од ист пол и стравотната сексуална злоупотреба на децата кои се под покровителство на локалните власти се последица од тоа што луѓето им вртат грб на прифатените стандарди. Сѐ повеќе, луѓето стануваат „себељубиви . . . без природна наклоност . . . без љубов кон доброта . . . љубители на уживања наместо љубители на Бог“, како што пред две илјади години претскажала Библијата (2. Тимотеј 3:1-4).

Опаѓањето на моралните стандарди оди рака под рака со бездушното изигрување на довербата. Дрски отстапувања од високите стандарди во медицинската професија неодамна излегоа на виделина во Хајд, град во северна Англија, каде што жителите му се доверувале на својот „почитуван и доверлив“ семеен лекар. Но, за жал, нивната доверба била изиграна. Како? Судските извештаи откриле дека овој лекар по општа пракса предизвикал смрт на најмалку 15 свои пациентки. Всушност, полицијата морала да преиспита уште 139 други смртни случаи во кои бил вклучен лекарот. До кој степен била изиграна довербата било нагласено кога лекарот бил осуден на затвор. Двајца затворски службеници, чија мајка можеби била убиена од овој лекар, добиле други задолженија за да не мораат тие да се грижат за овој озлогласен затвореник. Не е ни чудо што еден извештај за тој случај во The Daily Telegraph го опишал виновниот лекар по општа пракса како „Лекарот ‚Ѓавол‘“.

Со оглед на променливите и влошените стандарди во толку многу подрачја од животот, во кого можеш со сигурност да ја положиш својата доверба? Каде можеш да најдеш непроменливи стандарди, поткрепени од авторитет кој има моќ да ги поддржи? Следнава статија се занимава со овие прашања.