Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Благословите се за праведниот‘

‚Благословите се за праведниот‘

‚Благословите се за праведниот‘

„МЛАД бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб“, рекол псалмистот Давид на стари години (Псалм 37:25). Јехова Бог ги сака праведните и многу се грижи за нив. Во својата Реч, Библијата, тој ги поттикнува вистинските обожаватели да бараат праведност (Софонија 2:3).

Праведноста е состојба кога човек е прав пред Бог на тој начин што се повинува на неговите мерила за добро и лошо. Охрабрувајќи нѐ да се повинуваме на Божјата волја, 10. поглавје од библиската книга Пословици укажува на богатите духовни благослови кои ги уживаат оние што постапуваат така. Во нив спаѓаат изобилната резерва од духовно хранлива храна, наградувачката и задоволителна работа, како и добриот однос со Бог и со човекот. Затоа, да ги разгледаме Пословици 10:1-14.

Убав поттик

Уводните зборови во поглавјето не оставаат сомневање што се однесува до тоа кој е писателот на следниот дел од книгата Пословици. Тие гласат: „Пословици Соломонови“. Давајќи еден убав поттик да се постапува според она што е исправно, цар Соломон од древниот Израел вели: „Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка“ (Пословици 10:1).

Колкава само жалост доживуваат родителите кога некое од нивните деца го напушта обожавањето на вистинскиот и жив Бог! Мудриот цар ја издвојува жалоста на мајката, можеби за да укаже дека таа жали подлабоко. Така било во случајот со Дорис. a Таа кажува: „Кога нашиот 21-годишен син ја напушти вистината, мојот сопруг Френк и јас бевме скршени од болка. Емоционалната болка беше посилна кај мене отколку кај Френк. Иако изминаа 12 години, раната сѐ уште не е залечена“.

Децата можат да влијаат врз среќата на својот татко и можат да предизвикаат болка во срцето на својата мајка. Да покажуваме мудрост и да им носиме радост на своите родители. И, на секој начин, да го радуваме срцето на нашиот небесен Татко, Јехова.

‚Душата на праведниот е задоволена‘

„Не ползува ништо нечесно богатство“, вели царот, „додека праведноста избавува од смрт“ (Пословици 10:2). За вистинските христијани кои живеат длабоко во времето на крајот, овие зборови се навистина скапоцени (Даниел 12:4). Уништувањето на безбожниот свет е на повидок. Ниедно човечко средство за сигурност — материјално, финансиско или воено — нема да обезбеди заштита во текот на претстојната ‚голема неволја‘ (Откровение 7:9, 10, 13, 14). Само „праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа“ (Пословици 2:21). Затоа, да продолжиме ‚да го бараме најнапред царството и [Божјата] праведност‘ (Матеј 6:33).

Јеховините слуги не мораат да го чекаат ветениот нов свет за да ги доживеат Божјите благослови. „Господ не остава да гладува душата на праведниот, но ја отфрла лакомоста на нечесните“ (Пословици 10:3). Јехова обезбедува изобилна духовна храна преку „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Праведниот сигурно има причини да ‚се радува од среќа во срцето‘ (Исаија 65:14). Спознанието му е угодно на душата. Трагањето по духовно богатство му причинува задоволство. На злобниот му се непознати таквите задоволства.

‚Трудољубивоста збогатува‘

Праведниот е благословен и на еден друг начин. „Мрзливата рака го осиромашува човекот, а трудољубивата го збогатува. Кој собира лете, разумен син е, а кој спие во жетвата донесува срам“ (Пословици 10:4, 5).

Особено значајни се зборовите на царот до работниците во текот на жетвата. Сезоната на жетва не е време за сон. Таа е време за трудољубивост и часови напорна работа. Навистина, таа е време на итност.

Имајќи ја на ум не жетвата на житото, туку на луѓето, Исус им рекол на своите ученици: „Жетвата е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата [Јехова Бог] да испрати работници на својата жетва“ (Матеј 9:35-38). Во 2000 година, на Меморијалот на Исусовата смрт присуствуваа над 14 милиони луѓе — повеќе од двапати од бројот на Јеховините сведоци. Тогаш, кој може да негира дека ‚полињата се бели за жетва‘? (Јован 4:35). Вистинските обожаватели го молат Господарот за повеќе работници додека енергично се напрегаат во делото на правење ученици во согласност со своите молитви (Матеј 28:19, 20). И колку само Јехова богато ги благословил нивните напори! Во текот на 2000 службена година се крстија повеќе од 280.000 лица. И тие настојуваат да станат учители на Божјата реч. Да ги доживееме и ние радоста и задоволството во оваа сезона на жетва на тој начин што ќе имаме целосен удел во делото на правење ученици.

‚Благословите се над неговата глава‘

„Благословите се над главата на праведникот“, продолжува Соломон, „а устата на нечесните крие насилство“ (Пословици 10:6).

Оној што е чист и има праведно срце дава обилни докази за својата праведност. Неговиот говор е љубезен и изградувачки, а неговите постапки позитивни и великодушни. Другите поволно го примаат. Таквиот го стекнува нивното ценење — нивните благослови — со тоа што тие зборуваат добро за него.

Нечесниот, пак, е полн со омраза или злоба и во основа е сконцентриран на тоа да им нанесува штета на другите. Неговиот говор може да е пријатен и со него тој може да го ‚крие насилството‘ што му е притаено во срцето, но на крајот прибегнува кон физички или вербални напади (Матеј 12:34, 35). Од друга страна, пак, „насилството ќе ја покрие [или затвори] самата уста на злобните“ (Пословици 10:6; NW, фуснота). Од ова се гледа дека злобниот обично од другите го добива она што и самиот го покажува, имено непријателство. Тоа, така да се каже, ја покрива, односно ја затвора неговата уста и го замолчува. Какви благослови може да очекува таквиот човек од другите?

„Благословен е праведниковиот спомен“, пишува царот на Израел, „а името на нечесниот ќе изгние“ (Пословици 10:7). Праведниот е поволно запаметен од другите и, што е најважно, од Јехова Бог. Со својата верност до смрт, Исус ‚наследил име поизвонредно‘ од името на ангелите (Евреите 1:3, 4). Верните претхристијански мажи и жени се запаметени денес од страна на верните христијани како примери вредни за имитирање (Евреите 12:1, 2). Колку само ова се разликува од името на злобните, кое станува нешто одвратно и гнило! Да, „добро име е подобро од големо богатство, и подобра е милоста од сребро и злато“ (Пословици 22:1). Да стекнеме и ние поволно име кај Јехова и кај ближниот.

‚Човек од интегритет ќе оди безбедно‘

Споредувајќи ги мудрите и безумните, Соломон вели: „Кој е со мудро срце, прима заповеди, додека брбливиот безумник пропаѓа“ (Пословици 10:8). Мудриот добро знае дека „човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:2 3 ). Тој ја признава потребата да бара водство од Јехова и спремно ги прифаќа Божјите заповеди. Брбливиот безумник, пак, од своја страна, не го сфаќа овој основен факт. Неговата бесмислена брбливост го доведува до пропаст.

Праведниот ужива и еден вид сигурност, која го заобиколува злобниот. „Кој живее непорочно [со интегритет, NW], оди без страв [безбедно, NW], а кој оди по криви патишта, ќе се познае. Кој намигнува со окото, задава тага, а кој зборува лудо, пропаѓа“ (Пословици 10:9, 10).

Човек од интегритет постапува чесно. Тој ги заслужува почитта и довербата на другите. Чесниот е ценет работник и честопати му се доверува поголема одговорност. Неговата репутација на чесност може да му го задржи работното место дури и кога нема доволно работа. Освен тоа, неговата чесност придонесува за пријатна и мирољубива атмосфера дома (Псалм 34:13, 14). Тој се чувствува безбедно во своите односи со членовите на семејството. Безбедноста е навистина плод на интегритетот.

Поинаква е ситуацијата кај лице кое се оддава на нечесност заради себична добивка. Еден измамник можеби се обидува да ја замаскира својата измама со нечесен говор или гестови (Пословици 6:12-14). Око кое намигнува со злобна или измамничка намера може да предизвика голема душевна болка кај жртвите на измамата. Но, кога-тогаш, нечесноста на таквиот ќе се дознае. Апостол Павле напишал: „Гревовите на некои луѓе јавно се покажуваат и директно водат до пресуда, а што се однесува до другите луѓе, нивните гревови се покажуваат подоцна. Исто така и добрите дела јавно се покажуваат, а оние кои се поинакви, не можат да останат скриени“ (1. Тимотеј 5:24, 25). Сеедно кој е вклучен — било да е тоа родител, пријател, брачен партнер или познаник — нечесноста на крајот се разоткрива. Кој може да му верува на човек што има репутација на нечесност?

‚Устата му е извор на живот‘

„Устата на праведниот е извор на живот“, вели Соломон, „а устата на нечесниот крие насилство“ (Пословици 10:11). Зборовите што излегуваат од устата можат да лекуваат или да повредуваат. Тие можат да освежат и да оживеат некого, или да го обесхрабрат.

Идентификувајќи ја мотивацијата што стои зад кажаните зборови, царот на Израел вели: „Омразата предизвикува раздор, а љубовта ги прикрива сите погрешки“ (Пословици 10:12). Омразата предизвикува расправии во човечкото општество, поттикнува борби. Оние што го љубат Јехова мораат да ја искоренат омразата од својот живот. Како? Заменувајќи ја со љубов. „Љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8). Љубовта „сѐ поднесува“, односно „сѐ премолчува“ (1. Коринќаните 13:7ДХК). Побожната љубов не очекува совршенство од несовршени луѓе. Наместо да трубиме наоколу за грешките на другите, таквата љубов ни помага да ги превидуваме нивните пропусти ако не се работи за сериозен престап. Љубовта поднесува дури и лошо постапување во службата на теренот, на работното место или на училиште.

Мудриот цар продолжува: „Во усните на разумниот се наоѓа мудрост, а стапот е за плеќите на неразумниот“ (Пословици 10:13). Мудроста ги води чекорите на разумниот. Изградувачките зборови на неговите усни им помагаат на другите да одат по патот на праведноста. Ниту тој ниту оние што го слушаат не мораат да бидат водени по исправниот правец присилно — со стапот на сурово казнување.

‚Собирај спознание‘

Што помага нашите зборови да бидат ‚порој на мудрост‘ наместо поточе на безначајни работи? (Пословици 18:4). Соломон одговара: „Мудрите го кријат [собираатNW] знаењето, а устата на неразумните е близу до пропаста“ (Пословици 10:14).

Првото барање е нашиот ум да биде исполнет со изградувачко спознание за Бог. Постои само еден единствен извор на тоа спознание. Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Мораме да собираме знаење и да копаме во Божјата реч како да трагаме по скриено богатство. Колку само е возбудливо и наградувачко тоа трагање!

За да може да се најде мудрост на нашите усни, спознанието за Писмото мора да го допре и нашето срце. Исус им кажал на своите слушатели: „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а зол човек од својата зла ризница изнесува зло; бидејќи устата му зборува од изобилието на срцето“ (Лука 6:45). Затоа, мораме да стекнеме навика да медитираме за она што го учиме. Точно, проучувањето и медитирањето бараат напор, но колку само таквото проучување збогатува! Не постои причина да се следи погубниот правец на некој што само брбори непромислени зборови.

Да, мудриот го прави она што е исправно во Божји очи и има добро влијание врз другите. Тој ужива изобилни резерви духовна храна и е обилно вработен во наградувачкото дело Господово (1. Коринќаните 15:58). Затоа што е човек од интегритет, тој чекори безбедно и има Божје одобрување. Навистина, праведниот има многу благослови. Да ја бараме праведноста на тој начин што ќе го приспособиме својот живот кон Божјите мерила за добро и лошо.

[Фуснота]

a Името е сменето.

[Слика на страница 25]

Чесноста придонесува за среќен семеен живот

[Слика на страница 26]

‚Мудриот собира знаење‘