Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали имаш бесмртен дух?

Дали имаш бесмртен дух?

Дали имаш бесмртен дух?

„ЦЕЛОТО Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност“, напишал апостол Павле (2. Тимотеј 3:16). Да, Библијата е книга на вистината што доаѓа од вистинскиот Бог, Јехова (Осија 12:5СП).

Бидејќи Јехова е Творец на сѐ, вклучувајќи ги и луѓето, тој добро знае што се случува со нас кога ќе умреме (Евреите 3:4; Откровение 4:11). А во својата инспирирана Реч, Библијата, тој ни дал вистинити и задоволителни одговори на прашањата во врска со задгробниот живот.

Што е духот?

Во Библијата, зборовите кои се преведени со „дух“ во основа значат „здив“. Но, ова вклучува многу повеќе од чинот на дишење. Библискиот писател Јаков, на пример, наведува: „Телото без дух е мртво“ (Јаков 2:26). Значи, духот е она што го оживува телото.

Оваа оживувачка сила не може да биде само здивот, односно воздухот кој минува низ белите дробови. Зошто не? Затоа што, откако ќе престане дишењето, животот останува во телесните клетки уште кратко време — „неколку минути“, според The World Book Encyclopedia. Од оваа причина можат да бидат успешни обидите некој повторно да се врати во живот. Но, штом животната искра згасне во клетките на телото, залудни се сите обиди да се врати животот. Никаков здив, односно воздух, не може да оживее ниту една клетка. Значи, духот е невидливата животна сила — животната искра која ги одржува клетките и човекот во живот. Оваа животна сила се поддржува со дишењето (Јов 34:14, 15).

Дали тој дух дејствува само кај луѓето? Библијата ни помага да дојдеме до исправен заклучок во овој поглед. Мудриот цар Соломон признал дека луѓето и животните „имаат само еден дух“ (NW), и прашал: „Кој знае дали човечкиот дух се искачува горе, а духот на ѕверот слегува долу во земјата?“ (Проповедник 3:19-21). Значи, и за животните и за луѓето се вели дека имаат дух. Како е можно тоа?

Духот, односно животната сила, може да се спореди со електрична струја која тече низ една направа или апарат. Невидливата електрична струја може да извршува различни функции, во зависност од видот на опремата што ја снабдува. На пример, електричниот шпорет може да произведува топлина, компјутерот може да обработува податоци, а телевизорот може да создава слики и звук. Сепак, електричната струја никогаш не ги добива карактеристиките на опремата што ја активира. Таа останува само сила. На сличен начин, животната сила не добива никакви карактеристики на суштествата што ги оживува. Таа нема личност, нема способност за размислување. И луѓето и животните „имаат само еден дух“ (Проповедник 3:19NW). Значи, кога некој ќе умре, неговиот дух не продолжува да постои во некое друго подрачје како духовно суштество.

Тогаш, во каква состојба се мртвите? И што се случува со духот кога некој ќе умре?

„Во прав ќе се вратиш“

Кога првиот човек, Адам, намерно не ја послушал Божјата заповед, Јехова му рекол: „Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен — прав си, и во прав ќе се вратиш“ (Битие 3:19). Каде бил Адам пред да го создаде Јехова од прав? Па, тој не бил никаде! Едноставно, не постоел. Значи, кога рекол дека Адам ‚ќе се врати во земјата‘, Јехова Бог мислел на тоа дека Адам ќе умре и ќе се врати во земјините елементи. Адам немало да премине во царството на духовите. Кога ќе умрел, повторно ќе станел безживотен, немало да постои. Неговата казна била смрт — отсуство на живот — а не преминување на некое друго место (Римјаните 6:23).

Што е со другите кои умреле? Состојбата на мртвите јасно е опишана во Проповедник 9:5, 10, каде што читаме: „Мртвите не знаат ништо . . . нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето“. Значи, смртта е состојба на непостоење. Псалмистот напишал дека, кога ќе умре некој, ќе „излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалм 146:4).

Јасно, мртвите не постојат. Тие не знаат ништо. Не можат да те видат, да те чујат ниту да зборуваат со тебе. Не можат да ти помогнат ниту да ти наштетат. Сигурно дека не треба да се плашиш од мртвите. Но, во кој поглед духот ‚излегува‘ од човекот кога тој ќе умре?

Духот ‚се враќа при Бога‘

Библијата наведува дека, кога човек ќе умре, ‚духот се враќа при Бога, Кој го дал‘ (Проповедник 12:7). Дали ова значи дека некое духовно битие буквално патува низ вселената за да дојде кај Бог? Воопшто не! Начинот на кој Библијата го користи зборот ‚се враќа‘ не бара буквално преминување од едно место на друго. На пример, на неверните Израелци им било речено: „Вратете се при Мене и Јас ќе се вратам при вас — говори Господ над Воинствата“ (Малахија 3:7). ‚Враќањето‘ на Израел кај Јехова значело да се одвратат од погрешниот правец и повторно да се подложат на Божјиот праведен пат. А Јеховиното ‚враќање‘ кај Израел значело тој повторно да обрне поволно внимание на својот народ. Во обата случаи, ‚враќањето‘ вклучувало став, а не буквално преместување од едно географско место на друго.

На сличен начин, и при смртта не настанува никакво буквално преминување од Земјата во небесното подрачје кога духот ‚ќе се врати‘ кај Бог. Штом животната сила ќе излезе од човекот, само Бог може да ја врати. Значи, духот ‚се враќа при Бога‘ во таа смисла што секаква надеж за живот во иднината за тој човек сега е целосно во рацете на Бог.

На пример, да разгледаме што вели Писмото за смртта на Исус Христос. Лука, писателот на едно евангелие, раскажува: „Исус извика со силен глас и рече: ‚Татко, во твоите раце го доверувам својот дух‘. Штом го рече тоа, издивна“ (Лука 23:46). Кога духот излегол од него, Исус не отпатувал буквално на небото. Тој бил воскреснат од мртвите дури третиот ден, а на небото се вознел дури по 40 дена (Дела 1:3, 9). Меѓутоа, кога умрел, Исус со увереност го препуштил својот дух во рацете на својот Татко, имајќи целосна доверба во Јеховината способност да го врати во живот.

Да, Бог може да врати некого во живот (Псалм 104:30). Колку само величествен изглед отвора ова!

Сигурна надеж

Библијата вели: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Да, Исус Христос ветил дека сите оние што се во Јеховиното сеќавање ќе бидат воскреснати, односно вратени во живот. Меѓу нив, без сомневање, ќе бидат оние што тежнееле по праведен пат како Јеховини слуги. Но, милиони други луѓе умреле без да покажат дали ќе се повинат на Божјите праведни мерила. Тие или не знаеле за Јеховините барања или немале доволно време да ги направат потребните промени. Таквите поединци се исто така во Божјето сеќавање и ќе бидат воскреснати, зашто Библијата вели: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).

Денес Земјата е полна со омраза и борби, насилство и крвопролевање, загаденост и болести. Ако мртвите бидат вратени во живот на таква Земја, сигурно дека секаква среќа што ќе произлезе од тоа ќе биде краткотрајна. Но, Творецот ветил дека наскоро ќе стави крај на сегашново светско општество кое е под контрола на Сатана Ѓаволот (Пословици 2:21, 22; Даниел 2:44; 1. Јованово 5:19). Тогаш, едно праведно човечко општество — „нова земја“, ќе биде прекрасна реалност (2. Петрово 3:13).

Во тоа време „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24). Ќе исчезне и болката од смртта, зашто Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:4). Каков само изглед е тоа за оние што се во „спомен-гробовите“!

Кога ќе ја избрише злобата од Земјата, Јехова нема да ги уништи праведниците заедно со злобните (Псалм 37:10, 11; 145:20). Всушност, „едно големо мноштво“ луѓе „од сите нации и племиња и народи и јазици“ ќе ја преживее „големата неволја“, која ќе го уништи сегашниов зол свет (Откровение 7:9-14). Според тоа, едно големо мноштво ќе биде присутно за да им изрази добредојде на мртвите.

Дали копнееш повторно да ги видиш своите сакани? Сакаш ли да живееш засекогаш во Рај на Земјата? Тогаш мораш да примаш точно спознание за Божјата волја и намери (Јован 17:3). Јеховина волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4).

[Слика на страница 4]

„Прав си, и во прав ќе се вратиш“

[Слика на страница 5]

Духот може да се спореди со електрична струја

[Слика на страница 7]

Воскресението ќе донесе трајна радост