Да бидеме радосни жетвари!
Да бидеме радосни жетвари!
„Жетвата е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (МАТЕЈ 9:37, 38).
1. Што ни помага да се напрегаме во вршењето на Божјата волја?
КОГА ќе се сетиме на денот на нашето крштавање како Јеховини слуги, сеедно дали тоа се случило пред неколку или пред многу години, можеби ни изгледа како да било вчера. Фалењето на Јехова станало средишна точка на нашиот живот што сме му го предале нему. Додека сме го откупувале поволното време за да им помогнеме на другите да ја чујат и можеби да ја прифатат пораката за Царството, радосната служба за Јехова била наша главна преокупација (Ефешаните 5:15, 16). До ден-денес увидуваме дека кога сме зафатени, „обилно вработени во делото Господово“, времето лета (1. Коринќаните 15:58). Иако наидуваме на проблеми, нашата радост во вршењето на Јеховината волја нѐ тера напред (Неемија 8:10).
2. Што придонесува за радоста што ја доживуваме во симболичната жетва?
2 Како христијани, учествуваме во една симболична жетва. Исус Христос го споредил собирањето поединци за вечен живот со жетва (Јован 4:35-38). Со оглед на тоа што учествуваме во една таква активност на жнеење, ќе биде охрабрувачки да ја преиспитаме радоста што ја имале раните христијански жетвари. Ќе разгледаме три фактори што придонесуваат за радоста која ја доживуваме во денешната жетва. Тоа се: 1) нашата порака на надеж, 2) успехот во нашето барање и 3) нашиот миротворен став како жетвари.
Испратени како жетвари
3. Во кој поглед Исусовите рани следбеници доживувале радост?
3 Колку само животот на раните жетвари — особено на Исусовите 11 верни апостоли — се сменил во 33 н.е., на денот кога отишле на една гора во Галилеја за да се сретнат со воскреснатиот Христос! (Матеј 28:16). Во таа прилика можеби биле присутни „повеќе од петстотини браќа“ (1. Коринќаните 15:6). Во нивните уши одѕвонувал налогот што им го дал Исус. Тој им рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). И покрај горкото прогонство, тие доживувале голема радост во делото на жетвата гледајќи како од едно место во друго се основаат собранија на Христови следбеници. Со текот на времето, ‚добрата вест му била проповедана на сето создание под небото‘ (Колошаните 1:23; Дела 1:8; 16:5).
4. Под какви околности биле испратени учениците на Христос?
4 Во еден претходен момент од својата служба во Галилеја, Исус ги повикал 12-темина апостоли и ги испратил особено да објавуваат: „Се приближи небесното царство“ (Матеј 10:1-7). И самиот ‚почнал да ги обиколува сите [галилејски] градови и села, поучувајќи во нивните синагоги, проповедајќи ја добрата вест за царството и лекувајќи секаков вид болест и секаква немоќ‘. Исус се сожалувал на мноштвата ‚бидејќи биле одрани и расеани како овци без пастир‘ (Матеј 9:35, 36). Потоа, длабоко трогнат, тој им рекол на своите ученици: „Да, жетвата е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата [Јехова Бог] да испрати работници на својата жетва“ (Матеј 9:37, 38). Исусовата проценка на потребата од жетвари била иста и во Јудеја, кога останале само шест месеци од неговата служба на Земјата (Лука 10:2). Во обете прилики, тој ги испратил своите следбеници како жетвари (Матеј 10:5; Лука 10:3).
Нашата порака на надеж
5. Каква порака објавуваме ние?
5 Како Јеховини слуги денес, ние радосно се одѕиваме на повикот за жетвари. Еден фактор кој во голема мера придонесува за нашата радост е тоа што носиме порака на надеж до потиштените и депримираните. Слично на Исусовите ученици од првиот век, колкава само предност имаме што им ја објавуваме добрата вест — вистинска порака на надеж — на оние што се „одрани и расеани како овци без пастир“!
6. Во која активност учествувале апостолите во првиот век?
6 Кон средината на првиот век, апостол Павле бил зафатен со проповедањето на добрата вест. А неговото дело на жетва сигурно било делотворно, бидејќи кога им пишувал на христијаните во Коринт, околу 55 н.е., рекол: „Ви ја разгласувам, браќа, добрата вест која ви ја објавив, која и ја примивте, во која и стоите“ (1. Коринќаните 15:1). Апостолите и другите рани христијани биле трудољубиви жетвари. Иако Библијата не кажува колкумина апостоли ги преживеале значајните настани што завршиле со уништувањето на Ерусалим во 70 н.е., знаеме дека околу 25 години подоцна апостол Јован сѐ уште проповедал (Откровение 1:9).
7, 8. Која порака на надеж ја објавуваат Јеховините слуги со поголема итност од кога и да било порано?
7 Потоа настапиле векови на доминација од страна на свештенството на христијанскиот свет, отпадничкиот ‚човек на беззаконието‘ (2. Солуњаните 2:3). Меѓутоа, кон крајот на 19 век, оние што сакале да го обликуваат својот живот според првобитното христијанство се зафатиле со пораката на надеж, објавувајќи го Царството. Всушност, уште од првото издание на овој журнал (јули 1879), во насловот биле вклучени зборовите: „Гласник на Христовата присутност“, „Гласник на Христовото Царство“ или „Го објавува Јеховиното Царство“.
8 Божјето небесно Царство под власта на Исус Христос било воспоставено во 1914, и ние сега ја објавуваме пораката на надеж со поголема итност од кога и да било порано. Зошто? Затоа што меѓу благословите од владата на Царството спаѓа и претстојниот крај на сегашниов зол систем (Даниел 2:44). Каква подобра порака би можела да постои? И каква поголема радост би можеле да имаме отколку да учествуваме во објавувањето на Царството пред да избувне ‚големата неволја‘? (Матеј 24:21; Марко 13:10).
Успешно барање
9. Какво упатство им дал Исус на своите ученици, и како реагирале луѓето на пораката за Царството?
9 Друг фактор што придонесува за радоста што ја имаме како жетвари е нашиот успех во барањето на оние што стануваат ученици и ни се придружуваат во делото на жетвата. Во 31—32 н.е. Исус им дал упатство на своите ученици: „Во кој град или село ќе влезете, побарајте кој во него е достоен“ (Матеј 10:11). Сите поединци не биле достојни, како што можело да се види по нивната реакција на пораката за Царството. Сепак, Исусовите ученици ревносно ја проповедале добрата вест секаде каде што имало луѓе.
10. Како настојувал Павле да ги бара достојните?
10 По смртта и воскресението на Исус, барањето на достојните енергично продолжило. Павле резонирал со Евреите во нивната синагога и со луѓето што се затекнувале на плоштадот во Атина. Откако дал сведоштво на Ареопагот во тој грчки град, ‚некои луѓе му се придружиле и станале верници, меѓу нив и Дионисиј, судија при судот на Ареопагот, и една жена по име Дамара, и други со нив‘. Секаде каде што одел, Павле бил примерен во објавувањето и „јавно и од куќа до куќа“ (Дела 17:17, 34; 20:20).
11. Кои методи за извршување на службата се користеле пред повеќе години?
11 Во завршните децении на 19 век, помазаните христијани смело учествувале во барањето на достојните. Во една статија со наслов „Помазани да проповедаат“, во Zion’s Watch Tower (Сионска Стражарска кула) од јули/август 1881, стоело: „Проповедањето на добрата вест . . . продолжува кај ‚кротките‘ — оние што се спремни и способни да чујат, за да се развие од нив телото на Христос, придружните наследници“. Божјите жетвари честопати ги среќавале луѓето кога тие си заминувале од црковните служби и им давале трактати со библиски пораки наменети да побудат поволна реакција кај достојните. По едно преиспитување на делотворноста на оваа метода на сведочење, Стражарска кула од 15 мај 1903 ги поттикнала жетварите да ги дистрибуираат трактатите „од куќа до куќа во недела претпладне“.
12. Како ја зголемивме делотворноста во нашето дело на проповедање? Илустрирај.
12 Последниве години ја проширивме службата на тој начин што стапуваме во контакт со луѓето и на други места, а не само во нивните домови. Ова се покажа многу делотворно во земјите во кои поради економските услови и тежнеењето по релаксација луѓето се надвор од своите домови во периоди кога обично ги посетуваме. Кога забележале како со автобус редовно си заминуваат посетители по еден ден уживање крај брегот, една жена Сведок од Англија и нејзината придружничка собрале храброст да се качуваат во автобусите и на патниците да им нудат примероци од Стражарска кула и Разбудете се! За еден месец дистрибуирале 229 примероци. Тие известуваат: „Не се плашиме да сведочиме покрај брегот, на деловно подрачје или од каков и да е друг предизвик со кој можеби ќе се соочиме бидејќи знаеме дека Јехова е секогаш со нас“. Тие воспоставиле рута со списанија, започнале една библиска студија и обете учествуваат во помошната пионерска служба.
13. Какво преиначување во нашата служба е потребно сега на некои места?
13 Додека барањето на достојните продолжува, на некои места можеби ќе биде потребно грижливо да ја преиспитаме нашата служба. Иако многу Сведоци редовно учествуваат во проповедањето од куќа до куќа в недела наутро, на некои подрачја увиделе дека раните посети во домовите на луѓето не се многу делотворни бидејќи станарите се одмораат. Преиначувајќи го својот распоред, многу Сведоци сега ги бараат луѓето подоцна во денот, можеби по христијанските состаноци. И ваквото барање навистина се покажало плодоносно. Минатата година бројот на објавители на Царството по целиот свет се зголеми за 2,3 проценти. Ова му донесува чест на Господарот на жетвата, а нам ни донесува радост во срцата.
Да го задржиме мирот во делото на жетвата
14. Со каков став ја презентираме нашата порака, и зошто?
14 Една друга причина за нашата радост е поврзана со миротворниот став што го покажуваме во делото на жетвата. „Кога влегувате во куќата,“ рекол Исус, „поздравете го домаќинството; и ако куќата заслужува, нека дојде на неа мирот кој ѝ го посакувате“ (Матеј 10:12, 13). Хебрејскиот поздрав и соодветниот термин во библискиот грчки јазик ја пренесуваат мислата ‚Нека ти биде добро‘. Нашиот пристап до луѓето кога ја проповедаме добрата вест е воден од таков став. Ние се надеваме дека тие поволно ќе реагираат на пораката за Царството. Оние што ќе го сторат тоа, ако се покаат за своите гревови, се обратат и ја вршат неговата волја имаат изглед да се помират со Бог. Од друга страна, пак, мирот со Бог води до вечен живот (Јован 17:3; Дела 3:19; 13:38, 48; 2. Коринќаните 5:18-20).
15. Како можеме да задржиме мирољубив став кога наидуваме на неповолна реакција во нашето дело на проповедање?
15 Како можеме да го задржиме мирот кога наидуваме на неповолна реакција? Исус го дал ова упатство: „Ако [куќата] не го заслужува, вашиот мир нека ви се врати вам“ (Матеј 10:13). Извештајот на Лука за испраќањето на 70 ученици ја вклучува и Исусовата изјава: „Ако таму е пријател на мирот, вашиот мир ќе почива врз него. Но ако не е, ќе се врати кај вас“ (Лука 10:6). Кога на луѓето им пристапуваме со добрата вест, пригодно го правиме тоа пријатно настроени и на мирољубив начин. Апатична реакција, приговор или некаква нељубезна забелешка од станарот служи само за тоа нашата мирољубива порака да се ‚врати кај нас‘. Но, ова на никого од нас не му го одзема мирот, кој е плод на Јеховиниот свет дух (Галатите 5:22, 23).
Убава цел за жетварите
16, 17. а) Каква е нашата цел додека правиме повторни посети? б) Како можеме да им помогнеме на оние што имаат библиски прашања?
16 Како жетвари, ние се восхитуваме што имаме удел во собирањето на луѓето за вечен живот. И колкава само радост доживуваме кога едно лице на кое му проповедаме реагира поволно, сака да дознае повеќе и се покажува како „пријател на мирот“! Можеби тоа има многу библиски прашања и во текот на една посета не можеме да му одговориме на сите. Со оглед на тоа што можеби не е соодветно подолго да се задржиме на првата посета, што можеме да сториме? Можеме да имаме иста цел како онаа што била препорачана пред околу 60 години.
17 „Сите Јеховини сведоци треба да бидат подготвени да водат модел студии на Библијата.“ Таа изјава се појавила во третата од серијата брошурки со упатства Model Study (Модел студија), кои биле издавани од 1937 до 1941. Понатаму стоело: „Сите објавители [на Царството] треба да бидат марливи за на секој можен начин да им помагаат на луѓето на добра волја што покажуваат интерес за пораката за Царството. Кај ваквите лица треба да вршиш повторни посети, да одговориш на различните прашања . . . и потоа да започнеш модел студија . . . колку што можеш побрзо“. Да, нашата цел при повторните посети е да започнеме домашна библиска студија и да ја водиме редовно. a Пријателскиот став и љубезната грижа за заинтересираното лице нѐ поттикнува добро да се подготвиме и делотворно да ја водиме студијата.
18. Како можеме да им помогнеме на новите да станат ученици на Исус Христос?
18 Со помош на книгата Спознание кое води до вечен живот и брошури, како што е Што бара Бог од нас?, можеме да водиме делотворни домашни библиски студии и на тој начин да имаме удел во помагањето на новозаинтересираните да станат ученици. Додека настојуваме да го имитираме Големиот Учител, Исус Христос, веројатно тие библиски студенти ќе учат и од нашето мирољубиво, радосно однесување, нашата искреност и почит кон Јеховините мерила и упатства. Кога им помагаме на новите одговарајќи на нивните прашања, да направиме сѐ што можеме за да ги поучиме како да им одговорат на оние што ним им поставуваат прашања (2. Тимотеј 2:1, 2; 1. Петрово 2:21). Како симболични жетвари, сигурно можеме да бидеме радосни што минатата службена година низ целиот свет беа водени просечно 4.766.631 домашна библиска студија. Особено сме радосни ако лично се наоѓаме меѓу жетварите што имаат удел во активноста на домашни библиски студии.
Да продолжиме да се радуваме на жетвата
19. Зошто имало добри причини за радување на жетвата во текот на Исусовата служба и кратко потоа?
19 Во текот на Исусовата служба и кратко потоа имало добри причини за радување на жетвата. Тогаш многумина поволно реагирале на добрата вест. Радувањето било особено големо на Пентекост 33 н.е., зашто тогаш околу 3.000 луѓе го прифатиле упатството од Петар, го примиле Јеховиниот свет дух и станале дел од Божјата нација на духовниот Израел. Навистина, нивниот број продолжил да се зголемува и радоста изобилувала додека ‚Јехова секојдневно им ги придодавал оние кои се спасувале‘ (Дела 2:37-41, 46, 47; Галатите 6:16; 1. Петрово 2:9).
20. Што ни донесува изобилна радост во нашето дело на жетва?
20 Во тоа време се обистинило пророштвото на Исаија: „Ти [Јехова] го умножи народот, ја зголеми веселбата, и тие се радуваат пред Тебе, како што луѓето ѝ се радуваат на жетвата, како што викаат кога се дели пленот“ (Исаија 9:3). Иако сега гледаме дека овој ‚умножен народ‘ од помазаници е практично пополнет, нашата радост е изобилна додека набљудуваме како од година во година расте бројот на други жетвари (Псалм 4:7; Захарија 8:23; Јован 10:16).
21. За што ќе дискутираме во следната статија?
21 Сигурно имаме здрави причини да продолжиме да се радуваме на делото на жетвата. Нашата порака на надеж, барањето на достојните и нашиот миротворен став — сите овие фактори ни донесуваат среќа како жетвари. Сепак, тие предизвикуваат неповолна реакција кај многумина. Апостол Јован го доживеал тоа. Тој бил затворен на островот Патмос ‚затоа што зборувал за Бог и сведочел за Исус‘ (Откровение 1:9). Тогаш, како можеме да ја задржиме радоста кога се соочуваме со прогонство и противење? Што ќе ни помогне да се справиме со сѐ позакоравениот став на повеќето на кои сега им проповедаме? Нашата следна статија нуди библиска помош во одговорот на овие прашања.
[Фуснота]
a Студиите најпрвин биле организирани на места каде што можеле да се соберат групи заинтересирани луѓе. Меѓутоа, наскоро студиите биле одржувани со поединци и со семејства. (Види Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom [Јеховини сведоци — Објавители на Божјето Царство], страница 574, издадена од Јеховини сведоци.)
Како би одговорил?
• Што е симболичното дело на жетва?
• Каква порака објавуваме ние?
• Зошто е успешно нашето барање ученици?
• Како го задржуваме мирот во делото на жетвата?
• Зошто продолжуваме да се радуваме на жетвата?
[Прашања]
[Слики на страници 12 и 13]
Проповедање во 1 и во 20 век
[Слики на страница 13]
Исто како Павле, денешните жетвари се обидуваат да ги достигнат луѓето насекаде
[Слика на страница 13]
Објавувај ја добрата вест пријатно настроен