Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се напрегаме во делото на жетвата!

Да се напрегаме во делото на жетвата!

Да се напрегаме во делото на жетвата!

„Оние што сеат со солзи, жнијат со песни“ (ПСАЛМ 126:5).

1. Зошто денес да го ‚молиме Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва‘?

 ПО СВОЕТО трето проповедничко патување низ Галилеја, Исус Христос им рекол на своите ученици: „Жетвата е голема, а работници малку“ (Матеј 9:37). Иста била ситуацијата и во Јудеја (Лука 10:2). Но, бидејќи тоа било случај пред речиси 2.000 години, како е денес? Па, во текот на минатата службена година, повеќе од 6.000.000 Сведоци на Јехова се напрегаа во симболичното дело на жетва среде светското население од 6.000.000.000 луѓе, од кои многумина се „одрани и расеани како овци без пастир“. Затоа, Исусовиот поттик да го ‚молат Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва‘ сега е исто толку важечки како и пред многу векови (Матеј 9:36, 38).

2. Со што им го привлекуваме вниманието на луѓето?

2 Јехова Бог, Господарот на жетвата, одговорил на молбата да испрати повеќе работници. И колкава само радост е да се учествува во ова дело на жетва водено од Бог! Иако сме малку на број во споредба со нациите, со нашето ревносно учество во активноста на проповедање на Царството и правење ученици го привлекуваме вниманието на светот. Во многу земји честопати сме спомнувани во медиумите. Ѕвонењето на вратата во некоја телевизиска драма може да повлече коментар дека на вратата се Јеховини сведоци. Да, нашата христијанска активност на симболични жетвари е добро позната во 21 век.

3. а) Од каде знаеме дека активноста на проповедање на Царството била забележана во првиот век? б) Зошто можеме да кажеме дека ангелите ја поддржуваат нашата служба?

3 На ист начин, светот ги забележал активностите на проповедање на Царството во првиот век и ги прогонувал објавителите на добрата вест. Затоа, апостол Павле напишал: „Ми се чини дека Бог нас апостолите нѐ прикажал последни, како луѓе одредени за смрт, зашто [ние, апостолите] станавме театарски спектакл за светот, и за ангелите, и за луѓето“ (1. Коринќаните 4:9). На сличен начин, нашата истрајност како објавители на Царството и покрај прогонството го привлекува вниманието на светот и е важна за ангелите. Во Откровение 14:6 се вели: „[Јас, апостол Јован] видов друг ангел како лета среде небото, и тој имаше вечна добра вест за да им ја објави како радосна новост на оние кои живеат на земјата, и на секоја нација и племе и јазик и народ“. Да, ние имаме ангелска поддршка во нашата служба — нашето дело на жетва! (Евреите 1:13, 14).

„Предмет на омраза“

4, 5. а) Кое предупредување им го дал Исус на своите ученици? б) Зошто денешните Божји слуги се „предмет на омраза“?

4 Кога биле испратени како жетвари, апостолите на Исус внимавале на неговото упатство да бидат „претпазливи како змии, а сепак невини како гулаби“. Исус додал: „Чувајте се од луѓето; зашто ќе ве предаваат на месните судови, и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. Да, поради мене ќе ве довлекуваат пред управители и цареви за сведоштво на нив и на нациите . . . и ќе бидете предмет на омраза кај сите луѓе поради моето име; но кој ќе истрае докрај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:16-22).

5 Ние сме денес „предмет на омраза“ бидејќи „целиот свет лежи во власта на злобниот“, Сатана Ѓаволот, кој е најголемиот непријател на Бог и на Неговиот народ (1. Јованово 5:19). Нашите непријатели го забележуваат нашиот духовен просперитет, но одбиваат да му го припишат на Јехова. Противниците ги гледаат нашите среќни, насмеани лица додека радосно учествуваме во делото на жетвата. Се чудат на нашето единство! Всушност, тие можеби неволно го признаваат тоа кога патуваат во друга земја и увидуваат дека тамошните Јеховини сведоци го вршат токму истото дело што тие го забележале во својата татковина. Се разбира, ние знаеме дека Јехова, оној што нѐ поддржува и е изворот на нашето единство, во одредено време ќе им стане познат дури и на нашите непријатели (Езекиел 38:10-12, 23).

6. Каква гаранција имаме додека учествуваме во делото на жетвата, но кое прашање се поставува?

6 Господарот на жетвата му ја дал на својот Син, Исус Христос, „сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Така Јехова го користи Исус за да го води делото на жетвата преку небесните ангели и помазаниот ‚верен и разборит роб‘ овде на Земјата (Матеј 24:45-47; Откровение 14:6, 7). Но, како можеме да излеземе на крај со противењето од непријателите и сепак да ја задржиме радоста додека се напрегаме во делото на жетвата?

7. Каква настроеност треба да настојуваме да задржиме кога ни се противат или нѐ прогонуваат?

7 Кога се соочуваме со противење или дури со директно прогонство, да ја бараме Божјата помош за да можеме да задржиме настроеност како онаа што ја имал Павле. Тој напишал: „Кога нѐ навредуваат, благословуваме; кога нѐ прогонуваат, поднесуваме; кога нѐ клеветат, сесрдно се молиме“ (1. Коринќаните 4:12, 13). Овој дух, заедно со нашата тактична јавна служба, понекогаш го менува ставот на нашите противници.

8. Какво уверување црпиш од Исусовите зборови запишани во Матеј 10:28?

8 Дури ни заканата со смрт не ја задушува нашата ревност како жетвари. Ние бестрашно ја објавуваме пораката за Царството колку што е можно поотворено. И црпиме охрабрувачко уверување од Исусовите зборови: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата; туку плашете се повеќе од оној кој може да ги уништи и душата и телото во Геена“ (Матеј 10:28). Ние знаеме дека нашиот небесен Татко е Дарител на животот. Тој ги наградува оние што задржуваат интегритет кон него и верно се напрегаат во делото на жетвата.

Животоспасувачка порака

9. Како реагирале некои на зборовите на Езекиел, и како денес се случува слично нешто?

9 Кога пророкот Езекиел смело му ги објавувал Јеховините пораки на „одметничкиот народ“ — царствата Израел и Јуда — на некои поединци им било драго да чујат што имал тој да каже (Езекиел 2:3). „Ете,“ рекол Јехова, „ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика“ (Езекиел 33:32). Иако ним им се допаѓале зборовите на Езекиел, пропуштиле да постапуваат во согласност со нив. Што се случува денес? Кога помазаниот остаток и нивните придружници храбро ги објавуваат Јеховините пораки, некои сакаат да слушаат за благословите на Царството, но не реагираат со ценење, не стануваат ученици и не се придружуваат во делото на жетвата.

10, 11. Што се правело во првата половина на 20 век за да ѝ се даде публицитет на нашата животоспасувачка порака, и со какви резултати?

10 Од друга страна, пак, многумина поволно реагирале на делото на жетвата и учествувале во објавувањето на Божјите пораки. На пример, во една серија христијански конгреси од 1922 до 1928 јасно одѕвонувале пораките на суд над Сатановиот зол систем на работи. Радиостаниците ги емитувале овие јавни осуди што биле презентирани на тие собири. Потоа, Божјиот народ ги дистрибуирал во милиони печатени примероци.

11 При крајот на 1930-тите, започнал еден друг облик на сведочење — информативни маршеви. Во почетокот, Јеховиниот народ носел плакати на кои биле најавувани јавни предавања. Подоцна, носеле плакати со слогани како, на пример, „Религијата е стапица и измама“ и „Служи им на Бог и на Христос Царот“. Додека марширале низ улиците, им го привлекувале вниманието на минувачите. ‚Ова во голема мера придонесе Јеховините сведоци да дојдат во центарот на вниманието и ги охрабри‘, коментирал еден брат кој редовно учествувал во ова дело на прометните улици во Лондон (Англија).

12. Освен Божјите пораки на суд, што истакнуваме во нашата служба, и кој е сега обединет во проповедањето на добрата вест?

12 Додека ги објавуваме Божјите пораки на суд, ги истакнуваме и позитивните аспекти на пораката за Царството. Нашето смело сведочење на светската сцена ни помага да ги бараме достојните (Матеј 10:11). Повеќето од последните членови на помазаната класа се одѕвале на продорниот повик за жетва во текот на 1920-тите и 1930-тите години. Потоа, на еден конгрес во 1935, дошла прекрасната вест за благословена иднина за „едно големо мноштво“ на „други овци“ на рајска Земја (Откровение 7:9; Јован 10:16). Тие внимаваат на Божјите пораки на суд и се обединети со помазаниците во проповедањето на животоспасувачката добра вест.

13, 14. а) Каква утеха можеме да црпиме од Псалм 126:5, 6? б) Што ќе се случи ако продолжиме да сееме и да залеваме?

13 На Божјите жетвари, а особено на оние што трпат прогонство, голема утеха им се зборовите во Псалм 126:5, 6: „Оние што сејат со солзи, жнијат со песни. Одеа со плачење, носејќи го семето за сеење: навистина ќе се враќаат со песна, носејќи ги своите снопови“. Зборовите на псалмистот за сеење и жнеење ја илустрираат Јеховината грижа и благословот врз остатокот што се вратил од заробеништво од древниот Вавилон. Тие биле многу среќни кога биле пуштени, но можеби плачеле кога сееле семе на запустената земја која не била обработувана во текот на 70-годишното изгнанство. Меѓутоа, оние што продолжиле со своите активности на сеење и изградба уживале во плодовите и задоволството од својот труд.

14 Можеби лееме солзи кога се наоѓаме под испит, или кога ние или нашите соверници страдаме поради праведноста (1. Петрово 3:14). Во нашето дело на жетва можеби во почетокот ни е тешко бидејќи нема видливи резултати од нашите напори во службата. Но, ако продолжиме да сееме и да залеваме, Бог ќе направи да расте, честопати надминувајќи ги нашите очекувања (1. Коринќаните 3:6). Ова добро го илустрираат резултатите од нашата дистрибуција на Библии и библиски публикации.

15. Наведи пример за тоа колку се корисни христијанските публикации во делото на жетвата.

15 Разгледај го примерот на еден човек по име Џим. Кога мајка му умрела, меѓу нејзините лични работи ја нашол книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?  a Со интерес ја прочитал. Во дискусија со една жена Сведок, која му пристапила на улица, Џим се сложил на повторна посета, а тоа водело до библиска студија. Џим брзо духовно напредувал, му се предал на Јехова и се крстил. Им кажал на другите членови на своето семејство за она што го научил. Како резултат на тоа, сестра му и брат му станале Јеховини сведоци, а подоцна Џим ја добил предноста да служи како полновремен доброволец во Бетел во Лондон.

Прогонувани, а сепак радосни

16. а) Зошто се постигнува успех во делото на жетвата? б) Какво предупредување дал Исус во врска со ефектот на добрата вест, но со каков став им пристапуваме на луѓето?

16 Зошто има толкав успех во делото на жетвата? Затоа што помазаните христијани и нивните придружници внимаваат на Исусовите упатства: „Она што ви го зборувам во темнина, кажете го на светлина; и она што ви се шепнува, проповедајте го од покривите“ (Матеј 10:27). Меѓутоа, можеме да очекуваме тешкотии, зашто Исус предупредил: „Брат ќе предаде брат на смрт, и татко своето дете, и децата ќе станат против родителите и ќе дадат да бидат убиени“. Понатаму, Исус рекол: „Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Матеј 10:21, 34). Намерата на Исус не била намерно да ги раздвои семејствата. Но, добрата вест понекогаш имала таков ефект. Истото е случај и со Божјите слуги денес. Кога ги посетуваме семејствата, ние немаме намера да бидеме фактор за раздор. Наша желба е сите да ја прифатат добрата вест. Затоа се обидуваме да им пристапуваме на сите членови на семејството на еден љубезен, сочувствителен начин што ќе им ја направи нашата порака привлечна на оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48).

17. На кој начин се издвојуваат оние што го поддржуваат Божјиот суверенитет, и кој е пример за тоа?

17 Пораката за Царството ги издвојува оние што го поддржуваат Божјиот суверенитет. На пример, размисли како нашите сообожаватели се издвојувале како поинакви бидејќи ‚му го плаќале цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог‘ во деновите на националсоцијализмот во Германија (Лука 20:25). За разлика од верските водачи и номиналните христијани поврзани со црквите на христијанскиот свет, Јеховините слуги застанале цврсто, одбивајќи да ги прекршат библиските начела (Исаија 2:4; Матеј 4:10; Јован 17:16). Професор Кристин Кинг, автор на книгата The Nazi State and the New Religions (Нацистичката држава и новите религии), забележала: „[Нацистичката] влада била неуспешна само против Сведоците, бидејќи иако убила илјади од нив, делото продолжило и, во мај 1945 движењето на Јеховините сведоци било сѐ уште живо, додека националсоцијализмот нигде го немало“.

18. Каков став покажува Јеховиниот народ и покрај прогонството?

18 Навистина е значаен ставот што го покажувал Јеховиниот народ кога се соочувал со прогонство. Иако можеби се импресионирани од нашата вера, световните авторитети изразуваат зачуденост што кај нас отсуствува злонамерност или пакост. На пример, Сведоците кои го преживеале холокаустот честопати изразуваат радост и задоволство додека се осврнуваат на своите искуства. Тие знаат дека Јехова им дал ‚сила која ја надминува нормалната‘ (2. Коринќаните 4:7). Помазаниците кои се меѓу нас имаат гаранција дека нивните „имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:20). Нивната истрајност им донесува надеж која не води до разочарување, а верните жетвари со земни изгледи имаат слично убедување (Римјаните 5:4, 5).

Истрај во делото на жетвата

19. Кои делотворни методи се користат во христијанската служба?

19 Уште колку долго Јехова ќе ни дозволува да учествуваме во симболичното дело на жетва останува да видиме. Во меѓувреме, треба да имаме на ум дека жетварите имаат конкретни методи на работа. На сличен начин, можеме да бидеме уверени дека нашата верност во користењето на испитаните и испробани начини на проповедање ќе се покаже делотворна. На сохристијаните Павле им рекол: „Сесрдно ве молам, станете мои имитатори“ (1. Коринќаните 4:16). Кога се состанал со ефешките старешини на Милет, Павле ги потсетил дека не се воздржувал да ги поучи „јавно и од куќа до куќа“ (Дела 20:20, 21). Павловиот придружник Тимотеј научил какви биле методите на апостолот и затоа можел да ги запознае коринќаните со нив (1. Коринќаните 4:17). Бог ги благословил Павловите методи на поучување, исто како што ќе ја благослови нашата истрајност во проповедањето на добрата вест јавно од куќа до куќа, на повторни посети, на домашни библиски студии и секаде каде што можат да се најдат луѓе (Дела 17:17).

20. Како покажал Исус дека претстои обилна духовна жетва, и како тоа се покажало случај во изминативе години?

20 Откако ѝ посведочил на една Самарјанка во близината на Сихар во 30 н.е., Исус зборувал за духовната жетва. На своите ученици им рекол: „Подигнете ги своите очи и погледнете ги полињата, како се бели за жетва. Жетварот веќе прима плата и собира плод за вечен живот, за да се радуваат заедно сејачот и жетварот“ (Јован 4:34-36). Можеби Исус веќе го видел ефектот од својата средба со Самарјанката, зашто заради нејзиното сведоштво многумина поверувале во него (Јован 4:39). Во изминативе години, различни земји ги укинаа ограничувањата на Јеховините сведоци или им дадоа законско признание, и на тој начин се отворија нови полиња за жетва. Резултатот е тоа што во тек е обилна духовна жетва. Всушност, низ целиот свет доживуваме богати благослови додека радосно продолжуваме да учествуваме во духовната жетва.

21. Зошто имаме причина да се напрегаме како радосни жетвари?

21 Кога посевите се зрели и готови за жетва, работниците мораат да дејствуваат со итност. Мора да се трудат без одложување. Денес, ние треба да работиме трудољубиво и со чувство на итност бидејќи живееме во „времето на свршетокот“ (Даниел 12:4). Да, наидуваме на испити, но постои поголема жетва на Јеховини обожаватели од кога и да било порано. Според тоа, ова е ден за радување (Исаија 9:3). Затоа, како радосни работници, да се напрегаме во делото на жетвата!

[Фуснота]

a Издадена и дистрибуирана од Јеховините сведоци.

Како би одговорил?

Како одговорил Господарот на жетвата на молбата за повеќе работници?

Иако сме „предмет на омраза“, каква настроеност задржуваме?

Зошто сме радосни и покрај тоа што нѐ прогонуваат?

Зошто треба да истраеме во делото на жетвата со чувство на итност?

[Прашања]

[Слики на страници 16 и 17]

Оние што учествуваат во духовната жетва имаат ангелска поддршка

[Слика на страница 18]

Информативните маршеви го свртеле вниманието на многумина кон пораката за Царството

[Слика на страница 18]

Ние садиме и залеваме, но Бог прави да расте