Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Помош за младите луѓе со навремени упатства

Помош за младите луѓе со навремени упатства

Стојте потполни и со цврсто уверување

Помош за младите луѓе со навремени упатства

ЕПАФРАС бил христијанин од првиот век кој отпатувал за Рим. Меѓутоа, мислите со добра причина постојано му биле свртени кон Колоси, град во Мала Азија. Таму ја имал проповедано добрата вест и несомнено им помогнал на некои колошани да станат ученици на Исус Христос (Колошаните 1:7). Епафрас бил длабоко загрижен за соверниците во Колоси, зашто апостол Павле од Рим им напишал: „Епафрас . . . ви праќа поздрави, секогаш напрегајќи се за вас во своите молитви, за конечно да стоите потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја“ (Колошаните 4:12).

На сличен начин, денешните христијански татковци и мајки горливо се молат за духовното добро на своите деца. Тие родители настојуваат во срцата на своите малечки да всадат љубов кон Бог за да станат цврсти во верата.

Многу христијански младинци побарале помош во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат на училиште и на други места. Една 15-годишна девојка рекла: „Нашите проблеми се влошуваат. Животот е многу страшен. Ни треба помош!“ Дали било одговорено на барањата на тие млади и на молитвите на побожните родители? Да! Преку „верниот и разборит роб“ биле дадени упатства темелени на Библијата (Матеј 24:45). Овде може да видиме дел од литературата што им помогнала на стотици илјади младинци да ‚стојат потполни и со цврсто уверување‘. Да разгледаме неколку од овие публикации.

„Гледајте . . . 15.000 нови сведоци!“

Во август 1941, 115.000 присутни се собраа во Сент Луис (Мисури, САД), на најголемиот конгрес на Јеховините сведоци одржан дотогаш. Последниот ден — „Денот на децата“ — околу 15.000 деца што седеа близу до подиумот внимателно слушаа додека Џозеф Ф. Ратерфорд зборуваше на темата „Децата на Царот“. Кон крајот на својот говор, 71-годишниот Ратерфорд со татковски тон рече:

„Сите вие . . . деца, кои се сложувате . . . да му бидете послушни на Бог и на неговиот Цар, ве молам да станете“. Децата станаа како еден. „Гледајте,“ извика брат Ратерфорд, „повеќе од 15.000 нови сведоци на Царството!“ Настапи бурен аплауз. Говорникот додаде: „Сите вие кои ќе правите сѐ што можете за да им кажувате на другите за Божјето Царство . . . ве молам речете: ‚Да‘“. Децата одговорија со едно гласно „Да!“ Потоа, тој ја покажа новата книга Children (Деца), која беше примена со долг аплауз.

По овој возбудлив говор, една долга редица деца чекореа кон подиумот, каде што брат Ратерфорд им подари по еден примерок од новата книга. Сцената ги трогна присутните до солзи. Еден очевидец на тој настан рече: „Само срце од камен немаше да биде трогнато од глетката како младите [покажуваат] целосна доверба и вера во својот Бог, Јехова“.

На тој незаборавен собир се крстија 1.300 млади луѓе во симбол на своето предание на Јехова. Многумина од нив остануваат цврсти во верата сѐ до ден-денес. Тие ги поддржуваат локалните собранија, служат како бетелски доброволци или како мисионери во странски земји. Навистина, „Денот на децата“ и книгата Деца оставија траен впечаток врз многу млади срца!

„Изгледа доаѓаат токму во право време“

Во 1970-тите, Јеховините сведоци објавија уште три книги кои ги трогнаа срцата на стотици илјади млади луѓе. Тоа беа: Слушати великог учитеља, Учини своју младост успешном и Моја книга со библиски приказни. Во 1982 во англиското издание на списанието Разбудете се! почна да излегува серијата „Младите прашуваат . . .“. Овие статии ја погодија правата жица во срцата и на младите и на старите. „Секоја ноќ му се заблагодарувам на Бог што ги објавивте“, рекол еден 14-годишник. „Многу ми се допаѓаат статиите,“ забележало едно 13-годишно девојче, „изгледа доаѓаат токму во право време.“ Родителите и наименуваните христијански старешини се сложуваат со тоа дека овие статии се навремени и корисни.

До 1989 година во Разбудете се! (англиско издание) излегоа околу 200 статии „Младите прашуваат . . .“. На Обласниот конгрес таа година беше објавена книгата Младите прашуваат — делотворни одговори. (На македонски е објавена во 1997.) Дали таа им помогна на младите да останат цврсти во верата? Три младинци напишале: „Оваа книга ни е прекрасен благослов за да ги разбереме нашите проблеми и да знаеме како да се справиме со нив. Ви благодариме што се грижите за нашето добро“. Голем број млади читатели низ целиот свет се сложуваат со тоа.

„Го засити нашиот глад“

Во 1999, Јеховините сведоци издадоа еден друг навремен облик на упатство за младите — видеокасетата Младите прашуваат — како можам да стекнам вистински пријатели? Таа наиде на одушевена реакција. „Оваа видеокасета ме погоди право в срце“, рекла една 14-годишна девојка. „Таа ќе биде редовен дел од нашата духовна прехрана“, рекла една самохрана мајка. „Пријатно е да се знае дека нашиот најдобар Пријател, Јехова, навистина ги сака младите во својата светска организација и се грижи за нив“, рекла една млада жена.

Што постигна видеокасетата? Младите велат: „Таа ми помогна да внимавам на друштвото, да се раширам во собранието и да го направам Јехова мој пријател“. „Ми помогна смело да се соочам со врсниците.“ „Ме направи цврст во мојата решеност да му служам на Јехова најдобро што можам.“ Еден брачен пар напишал: „Од срце ви благодариме што ни ја дадовте оваа ‚храна‘. Таа го засити нашиот глад“.

Верно на својот налог добиен од Бог, помазаниот ‚верен и разборит роб‘ обезбедува навремена духовна храна за сите што ќе ја прифатат. И колкава само радост е да се види како тие библиски упатства им помагаат на младите денес да ‚стојат потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘!