Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во 1. Петрово 4:3 читаме дека некои христијани некогаш учествувале во „незаконски идолопоклонства“. Зарем не се сите идолопоклонства незаконски, осудени и забранети од Бог?

Да, во очите на Бог секое идолопоклонство е незаконско. Оние што ја бараат неговата наклоност не смеат да практикуваат идолопоклонство (1. Коринќаните 5:11; Откровение 21:8).

Меѓутоа, изгледа дека апостол Петар укажувал на идолопоклонство на еден поинаков начин. Една работа е тоа што меѓу многуте древни нации, идолопоклонството било вообичаено и не било законски ограничено од властите. Со други зборови, законот на земјата не забранувал такво идолопоклонство. Некое идолопоклонство било дел дури и од националната или владината политика. Во таа смисла, некои учествувале во ‚идолопоклонства кои не биле законски ограничени‘ пред да станат христијани (Превод Нов свет, англиско издание од 1950). На пример, може да се забележи дека вавилонскиот цар Навуходоносор поставил еден идолопоклонички златен лик, но дека Јеховините слуги Седрах, Мисах и Авденаго одбиле да го обожаваат (Даниел 3:1-12).

И, од друга гледна точка, многу идолопоклонички обреди вклучувале дела што биле сериозно спротивни на кој и да е природен закон или морално чувство што потекнува од вродената совест (Римјаните 2:14, 15). Апостол Павле пишувал за деградирани практики кои биле ‚противприродни‘ и ‚срамни‘, и тие честопати наоѓале место во религиозните обреди (Римјаните 1:26, 27). Мажите и жените што учествувале во незаконско идолопоклонство не се држеле за законското ограничување на човечката природа. Сигурно било соодветно оние што станале христијани да ги напуштат таквите расипани практики.

Освен штотуку спомнатото, таквите идолопоклонства вообичаени меѓу не-Евреите биле осудени од Јехова Бог. На тој начин биле незаконски a (Колошаните 3:5-7).

На што се должат разликите во начинот на кој се формулирани цитатите што се земени од Хебрејските списи во Христијанските грчки списи?

Во извесен број случаи, кога цитирале од Хебрејските списи, писателите на Христијанските грчки списи очигледно го користеле преводот на грчката Септуагинта. Понекогаш, преводот Септуагинта, кој тие го цитирале, малку се разликува од материјалот во Хебрејските списи што е познат сега (повеќето денешни преводи се темелат на хебрејскиот масоретски текст што датира од околу десеттиот век н.е.). На пример, во цитатот на Павле земен од Псалм 40:6 се наоѓа изразот „туку ми подготви тело“, израз што се наоѓа во Септуагинтата (Евреите 10:5, 6). Достапните хебрејски манускрипти за Псалм 40:6, наместо тој израз, ги содржат зборовите „ми ги отвори ушите“. Дали оригиналниот хебрејски текст ја содржел фразата што се наоѓа во Септуагинтата, не може да се каже со сигурност. Како и да било, Божјиот дух го водел Павле додека цитирал и, според тоа, овие зборови имаат божествено овластување. Ова не значи дека целиот превод Септуагинта треба да се смета за инспириран; туку дека тие делови кои се цитирани од инспирираните христијански писатели станале составен дел на Божјата реч.

Во неколку случаи, цитатите што ги зеле Павле и други се разликуваат и од хебрејските и од грчките текстови што се наоѓаат во достапните манускрипти. Меѓутоа, разликите се ситни, и откако ќе се испитаат, може да се види дека тие се резултат на парафразирање, резимирање, употреба на синонимни термини или додавање на појаснителни зборови или фрази. На пример, во Битие 2:7 се вели „човекот стана жива душа“ додека, кога Павле го цитирал овој дел рекол: „Така е и напишано: ‚Првиот човек Адам стана жива душа‘“ (1. Коринќаните 15:45). Тоа што ги додал зборовите „првиот“ и „Адам“ послужило да го нагласи контрастот што тој го направил меѓу Адам и Христос. Вметнатото било во целосен склад со фактите запишани во Писмото и во никој случај не ја искривило смислата ниту содржината на цитираниот текст. Оние на кои им пишувал Павле имале примероци (или преводи) од Хебрејските списи што биле постари од оние што ги имаме ние денес и можеле да ги испитаат неговите цитати, слично на луѓето во Верија (Дела 17:10, 11). Тоа што христијанското собрание од првиот век ги вклучило овие записи во канонот на Светото писмо дава доказ дека ги прифатило таквите цитати како дел од инспирираната Божја реч. (Спореди и Захарија 13:7 со Матеј 26:31.)

[Фуснота]

a Грчкиот текст во 1. Петрово 4:3 буквално значи „противзаконски идолопоклонства“. Во англиските Библии таа фраза е различно преведена со назнаки како што се: „недозволено идолопоклонство“, „забрането обожавање идоли“ и „беззаконски идолопоклонства“.