Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ѓаволот — повеќе отколку само суеверие

Ѓаволот — повеќе отколку само суеверие

Ѓаволот — повеќе отколку само суеверие

„Низ целиот Нов завет се гледа голем конфликт меѓу силите на Бог и доброто, од една страна, и силите на злото што ги води Сатана, од друга. Ова не е концепт на еден или двајца писатели, туку заеднички терен . . . Значи, сведоштвото на Новиот завет е јасно. Сатана е злонамерна реалност, секогаш непријателски расположен кон Бог и кон Божјиот народ“ (The New Bible Dictionary — Нов библиски речник).

ТОГАШ, зошто многумина кои се исповедуваат како христијани — и кои тврдат дека веруваат во Библијата — ја отфрлаат идејата дека постои вистински Ѓавол? Затоа што, всушност, не ја прифаќаат Библијата како Божја реч (Еремија 8:9). Тие велат дека библиските писатели ги одразувале филозофиите на околните нации и не ја пренеле точно вистината од Бог. На пример, католичкиот теолог Ханс Куен пишува: „Митолошките идеи за Сатана со легиони ѓаволи . . . продреле од вавилонската митологија во раниот јудаизам, а оттаму во Новиот завет“ (On Being a Christian — Да се биде христијанин).

Но, Библијата не е само човечка реч; таа е навистина инспирирана реч Божја. Според тоа, би биле мудри ако сериозно го сфатиме она што таа го кажува за Ѓаволот (2. Тимотеј 3:14-17; 2. Петрово 1:20, 21).

Што мислел Исус?

Исус Христос верувал дека Ѓаволот е реален. Тој не бил искушан од некакво зло кое било внатре во него. Бил нападнат од вистинска личност, која подоцна ја нарекол „владетелот на светот“ (Јован 14:30; Матеј 4:1-11). Верувал дека и други духовни суштества го поддржуваат Сатана во неговите злобни сплетки. Лекувал луѓе ‚опседнати од демони‘ (Матеј 12:22-28). Дури и атеистичката публикација A Rationalist Encyclopædia коментира за значењето на тоа кога вели: „За теолозите отсекогаш било камен на спрепнување тоа како Исус од евангелијата го прифатил верувањето во ѓаволи“. Кога зборувал за Ѓаволот и за неговите демони, Исус не ги повторувал едноставно суеверијата пренесени од вавилонската митологија. Знаел дека тие навистина постојат.

За Ѓаволот можеме многу да научиме ако ги разгледаме зборовите што им ги упатил Исус на верските учители во негово време: „Вие сте од вашиот татко, Ѓаволот, и сакате да ги вршите желбите на вашиот татко. Тој беше човекоубиец кога почна, и не стоеше цврсто во вистината, зашто вистината не е во него. Кога зборува лага, зборува според својата сопствена настроеност, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44).

Според ова, Ѓаволот, име што значи „клеветник“, бил „лажливец и татко на лагата“. Тој бил првото суштество кое лажело за Бог и тоа го сторил уште во градината Еден. Јехова рекол дека нашите прародители ‚навистина ќе умрат‘ ако јадат од дрвото на познавање на доброто и злото. Служејќи се со една змија, Сатана рекол дека тие зборови не биле точни (Битие 2:17; 3:4). Соодветно е наречен „празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана“ (Откровение 12:9).

Ѓаволот излажал за дрвото на познавање на доброто и злото. Тој тврдел дека забраната да се јаде од тоа дрво не била оправдана; тоа било злоупотреба на моќ. Адам и Ева, рекол тој, би можеле да ‚бидат како Бог‘, во смисла самите да одлучуваат што е добро а што зло. Сатана индиректно кажал дека како лица со слободна волја тие требало да имаат право на потполно самоопределување (Битие 3:1-5). Овој напад врз исправноста на Божјиот начин на владеење подигнал значајни спорни прашања. Затоа, Јехова допуштил време за да се решат овие спорни прашања. Ова значи дека на Сатана му било допуштено и понатаму да живее извесно време. Неговото ограничено време веќе брзо истекува (Откровение 12:12). Сепак, тој продолжува да го отуѓува човештвото од Бог со лаги и измама, користејќи луѓе, како книжниците и фарисеите од времето на Исус, за да ги пропагира своите учења (Матеј 23:13, 15).

Исто така, Исус рекол дека Ѓаволот бил ‚човекоубиец кога почнал‘ и дека ‚не стоел цврсто во вистината‘. Ова не значи дека Јехова го создал Ѓаволот како „човекоубиец“. Тој не бил создаден да биде некакво чудовиште одговорно за некое место на оган и мачење на секој што ќе му се спротивстави на Бог. Библискиот „пекол“ не е живеалиште на Сатана. Тој е едноставно општиот гроб на човештвото (Дела 2:25-27; Откровение 20:13, 14).

Во почетокот Ѓаволот бил „во вистината“. Тој некогаш бил дел од Јеховината небесна фамилија како совршен духовен Божји син. Но, не ‚стоел цврсто во вистината‘. Ги претпочитал сопствените патишта и принципи темелени на лага. Тој не ‚почнал‘ кога бил создаден како ангелски Божји син, туку кога намерно се побунил против Јехова и ги излажал Адам и Ева. Ѓаволот е како оние луѓе кои се побуниле против Јехова во времето на Мојсеј. За нив читаме: „Тие се развратија, не Му се синови, туку синовски изрод, изопачен и лукав пород [грешката е нивна, NW]“ (Второзаконие 32:5). Истото би можело да се рече и за Сатана. Тој станал „човекоубиец“ кога се побунил и станал одговорен за смртта на Адам и Ева и, всушност, на целата човечка фамилија (Римјаните 5:12).

Непослушни ангели

И други ангели му се придружиле на Сатана во неговата побуна (Лука 11:14, 15). Овие ангели ‚го напуштиле своето соодветно живеалиште‘ и се материјализирале во човечки тела за да имаат сексуални односи со „човечките ќерки“ во времето на Ное (Јуда 6; Битие 6:1-4; 1. Петрово 3:19, 20). По нивниот пат тргнала „третина од небесните ѕвезди“, или едно малцинство од духовните суштества (Откровение 12:4).

Книгата Откровение, која е многу симболична, го прикажува Ѓаволот како „голем змеј со пламена боја“ (Откровение 12:3). Зошто? Не затоа што тој буквално има застрашувачко, одвратно тело. Ние, всушност, не знаеме какво тело имаат духовните суштества, но веројатно во тој поглед Сатана не се разликува од другите ангелски духовни суштества. Меѓутоа, ‚големиот змеј со пламена боја‘ е пригоден опис за Сатановиот алчен, ужасен, моќен и разорен дух.

Сатана и демоните сега се строго ограничени. Повеќе не можат да се материјализираат како што изгледа некогаш можеле. Кратко по воспоставувањето на Божјето Царство во рацете на Христос во 1914, тие биле исфрлени во близина на Земјата (Откровение 12:7-9).

Ѓаволот е застрашувачки непријател

Сепак, Ѓаволот и понатаму е застрашувачки непријател. Тој „оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Тој не е некаков нејасен принцип на зло, кој живее во нашето несовршено тело. Точно, ние водиме секојдневна борба против сопствените грешни склоности (Римјаните 7:18-20). Но, вистинската борба е „против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12).

Колку е раширено влијанието на Ѓаволот? „Целиот свет лежи во власта на злобниот“, вели апостол Јован (1. Јованово 5:19). Се разбира, ние не сакаме да станеме опседнати со Ѓаволот или да дозволиме суеверниот страв од него да нѐ парализира. Но, мудри сме ако бидеме будни за неговите обиди да нѐ заслепи за вистината и да го скрши нашиот интегритет кон Бог (Јов 2:3-5; 2. Коринќаните 4:3, 4).

Ѓаволот не користи секогаш брутални средства за да ги напаѓа оние што сакаат да ја вршат Божјата волја. Тој понекогаш се прави да изгледа како „ангел на светлината“. Апостол Павле ги предупредил христијаните на оваа опасност кога напишал: „Се плашам, како што змијата ја заведе Ева со своето лукавство, на некој начин и вашите умови да не се расипат и одвратат од искреноста и чесноста кои му припаѓаат на Христос“ (2. Коринќаните 11:3, 14).

Затоа треба да ‚бидеме трезвени, будно да пазиме и да заземеме свој став против него, цврсти во верата‘ (1. Петрово 5:8, 9; 2. Коринќаните 2:11). Избегнувај да му застанеш на нишан на Сатана на тој начин што нема да се плеткаш со што и да било кое е поврзано со окултното (Второзаконие 18:10-12). Марливо проучувај ја Божјата реч и запомни дека кога бил искушуван од Ѓаволот, Исус Христос секогаш одново се повикувал на Божјата реч (Матеј 4:4, 7, 10). Моли се за Божјиот дух. Неговите плодови можат да ти помогнат да ги избегнуваш делата на телото, кои Сатана толку ефикасно ги унапредува (Галатите 5:16-24). Исто така, горливо моли му се на Јехова кога на некој начин чувствуваш притисок од Ѓаволот и неговите демони (Филипјаните 4:6, 7).

Нема потреба да нѐ фаќа ужас од Ѓаволот. Јехова ветува вистинска заштита од сѐ што Сатана може да стори (Псалм 91:1-4; Пословици 18:10; Јаков 4:7, 8). „И понатаму стекнувајте моќ во Господ и во моќта на неговата сила“, вели апостол Павле. Тогаш ќе ‚можеш цврсто да стоиш против Ѓаволовите сплетки‘ (Ефешаните 6:10, 11).

[Слика на страница 5]

Исус знаел дека Ѓаволот бил вистинска личност

[Слика на страница 6]

„Целиот свет лежи во власта на злобниот“

[Извор на слика]

фотографија на НАСА

[Слики на страница 7]

Заземи став против Ѓаволот така што редовно ќе ја проучуваш Божјата реч и ќе се молиш