Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Да бараме мир и да тежнееме кон него‘

‚Да бараме мир и да тежнееме кон него‘

‚Да бараме мир и да тежнееме кон него‘

„Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (РИМЈАНИТЕ 12:18).

1, 2. Кои се некои причини зошто мирот воспоставен од човек нема да трае?

 ЗАМИСЛИ СИ една куќа со слаб темел, скапани греди и покрив што пропаѓа. Ќе сакаш ли да се преселиш во неа и таа да ти стане дом? Веројатно не. Дури и ако е свежо бојадисана, тоа нема да го промени фактот дека градбата на куќата не е цврста. Кога-тогаш, таа веројатно ќе се распадне.

2 Мирот што потекнува од овој свет е како една таква куќа. Тој е изграден врз слаб темел — ветувања и стратегии од човек „од кого нема спасение“ (Псалм 146:3). Историјата се состои од долга низа конфликти меѓу нации, етнички групи и племиња. Точно, постоеле кратки периоди на мир, но каков? Ако две нации се во војна и потоа се прогласи мир затоа што едната нација е поразена или затоа што обете нации не гледаат понатамошна корист од борбата, каков мир е тоа? Омразата, сомневањата и љубомората што ја запалиле војната сѐ уште се присутни. Мирот што е само фасада, ‚бојадисување‘ на непријателството, не е траен мир (Езекиел 13:10).

3. Зошто се разликува мирот на Божјиот народ од кој и да е мир воспоставен од човек?

3 Меѓутоа, во овој свет растргнат од војни сепак постои вистински мир. Каде? Меѓу оние што одат по стапките на Исус Христос, вистинските христијани, кои внимаваат на Исусовите зборови и настојуваат да го имитираат неговиот начин на живот (1. Коринќаните 11:1; 1. Петрово 2:21). Мирот што постои меѓу правите христијани од различни раси, социјална положба и националности е вистински бидејќи потекнува од мирниот однос што го имаат со Бог, однос темелен на нивната вера во откупната жртва на Исус Христос. Нивниот мир е дар од Бог, а не нешто што го измислиле луѓето (Римјаните 15:33; Ефешаните 6:23, 24). Тој е резултат на тоа што му се подложуваат на ‚Кнезот на Мирот‘, Исус Христос, и што го обожаваат Јехова, „Богот на љубовта и на мирот“ (Исаија 9:6; 2. Коринќаните 13:11).

4. Како христијанинот „тежнее“ кон мир?

4 Мирот не доаѓа автоматски врз несовршените луѓе. Затоа Петар рекол дека секој христијанин треба да ‚бара мир и да тежнее кон него‘ (1. Петрово 3:11). Како можеме да го правиме тоа? Одговорот е истакнат во едно древно пророштво. Говорејќи преку Исаија, Јехова рекол: „И сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13СП; Филипјаните 4:9). Да, вистинскиот мир доаѓа врз оние што внимаваат на Јеховините учења. Освен тоа, мирот, како и ‚љубовта, радоста . . . долготрпеливоста, љубезноста, добротата, верата, благоста, самосовладувањето‘ е плод на Божјиот свет дух (Галатите 5:22, 23). Него не може да го ужива некој што нема љубов, радост, што е нестрплив, нељубезен, зол, без вера, свиреп или што нема самосовладување.

„Во мир со сите луѓе“

5, 6. а) Во што е разликата меѓу тоа да се биде мирен и да се биде мирољубив? б) Со кого се стремат да бидат мирољубиви христијаните?

5 Мирот се дефинира како „состојба на смиреност или спокојство“. Таа дефиниција би опфатила многу ситуации во кои постои отсуство на кавга. Па, дури и мртвиот е во мир! Меѓутоа, за човек да ужива вистински мир, потребно е повеќе отколку само да се биде мирен. Во својата Проповед на гората Исус рекол: „Среќни се мирољубивите, бидејќи тие ќе бидат наречени ‚Божји синови‘“ (Матеј 5:9). Исус им зборувал на лица што подоцна би имале прилика да станат духовни Божји синови и да добијат бесмртен живот на небото (Јован 1:12; Римјаните 8:14-17). А на крајот, сите луѓе од верното човештво кои немаат небесна надеж ќе ја уживаат „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21). Само мирољубивите можат да имаат таква надеж. Грчкиот збор за „мирољубиви“ буквално значи „миротворци“. Често постои разлика меѓу тоа да се биде мирен — во мир — и да се биде мирољубив. Да се биде мирољубив во библиска смисла значи активно да се унапредува мирот, понекогаш да се твори мир таму каде што претходно го немало.

6 Имајќи го ова на ум, разгледај го советот на апостол Павле до римјаните: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Павле не им рекол на римјаните само да бидат смирени, иако и тоа би помогнало. Тој ги охрабрувал да творат мир. Со кого? Со „сите луѓе“ — со членовите на семејството, сохристијаните, па дури и со оние што не ги делеле нивните верувања. Тој ги охрабрил римјаните ‚колку што зависи од нив‘ да творат мир со другите. Не, тој не сакал тие да ги компромитираат своите верувања заради мирот. Наместо непотребно да ги нервираат другите, требало да им пристапуваат со мирна намера. Христијаните требало да го прават тоа сеедно дали имале работа со лица во собранието или надвор од него (Галатите 6:10). Во согласност со ова, Павле напишал: „Секогаш стремете се да го правите она што е добро еден на друг и на сите други“ (1. Солуњаните 5:15).

7, 8. Како и зошто се христијаните мирољубиви со оние што не ги делат нивните верувања?

7 Како можеме да бидеме мирољубиви со оние што не ги делат нашите верувања, па дури и ни се противат? Како прво, избегнуваме да се правиме супериорни. На пример, некој тешко би бил мирољубив ако за одредени лица зборува со потценувачки термини. Јехова ги открил своите судови против организации и класи, но ние немаме никакво право да зборуваме за некој поединец како тој веќе да е осуден. Всушност, ние не им судиме на другите, дури ни на нашите противници. Откако му кажал на Тит да ги советува христијаните на Крит во врска со нивните постапки со човечките власти, Павле му рекол да ги потсети „да не зборуваат лошо за никого, да не бидат воинствени, да бидат разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе“ (Тит 3:1, 2).

8 Тоа што сме мирољубиви со оние што не ја делат нашата вера придонесува да им ја препорачаме вистината. Се разбира, ние не негуваме пријателства кои „ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33). Сепак, можеме да бидеме учтиви и со сите луѓе да постапуваме со достоинство и човечка љубезност. Петар напишал: „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите за во она, во кое зборуваат против вас како да сте злосторници, на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог во денот на неговото прегледување“ (1. Петрово 2:12).

Мирољубиви во службата

9, 10. Каков пример за мирољубиво постапување со неверници дал апостол Павле?

9 Христијаните од првиот век биле познати по својата смелост. Тие не ја разводнувале својата порака, а кога се соочиле со противење, биле решени повеќе да го слушаат Бог како владетел отколку луѓето (Дела 4:29; 5:29). Сепак, не ја мешале смелоста со неучтивоста. Разгледај го пристапот на Павле кога ја бранел својата вера пред цар Ирод Агрипа II. Ирод Агрипа бил во инцестна врска со својата сестра Верника. Меѓутоа, Павле не почнал на Агрипа да му држи лекција за моралот. Наместо тоа, ги нагласил точките околу кои се сложувале, припишувајќи му на Агрипа заслуга како на извонреден познавач на еврејските обичаи и човек кој верува во пророците (Дела 26:2, 3, 27).

10 Дали Павле неискрено му ласкал на човекот што можел да му даде слобода? Не. Павле го следел сопствениот совет и ја зборувал вистината. Сѐ што му рекол на Ирод Агрипа било вистина (Ефешаните 4:15). Но, Павле бил миротворец и знаел како да им стане ‚сѐ на луѓето од сите видови‘ (1. Коринќаните 9:22). Неговата цел била да го одбрани своето право да проповеда за Исус. Како добар учител, тој почнал на тој начин што спомнал нешто околу кое тој и Агрипа можеле да се сложат. Така Павле му помогнал на тој неморален цар да го гледа христијанството во една поповолна светлина (Дела 26:28-31).

11. Како можеме да бидеме миротворци во нашата служба?

11 Како можеме да бидеме миротворци во нашата служба? Слично на Павле, треба да избегнуваме расправии. Секако, понекогаш треба ‚бестрашно да ја зборуваме речта Божја‘, смело бранејќи ја нашата вера (Филипјаните 1:14). Но, во повеќето случаи, наша првенствена цел е да ја проповедаме добрата вест (Матеј 24:14). Ако некој ја сфати вистината за Божјите намери, тогаш може да се ослободи од лажните религиозни идеи и да се исчисти од нечистите практики. Според тоа, добро е колку што можеме да нагласуваме работи што ќе им бидат привлечни на слушателите, започнувајќи со нешто што ни е заедничко со нив. Би имало спротивен ефект ако раздразниме некого кој, кога би му пристапиле тактично, би можел да ја сослуша нашата порака (2. Коринќаните 6:3).

Миротворци во семејството

12. На кои начини можеме да бидеме миротворци во семејството?

12 Павле рекол дека оние што стапуваат во брак „ќе имаат неволја во своето тело“ (1. Коринќаните 7:28). Ќе наидуваат на различните тешкотии. Тука спаѓаат несогласувањата што некои парови ги имаат одвреме навреме. Како треба да се справат со нив? На мирољубив начин. Еден миротворец ќе настојува да спречи конфликтот да се заостри. Како? Прво, така што ќе го чува јазикот. Кога се користи за да дава саркастични и навредливи забелешки, овој мал орган може навистина да биде „непокорлива штетна работа, полна со смртоносен отров“ (Јаков 3:8). Миротворецот го користи својот јазик за да изградува, а не за да руши (Пословици 12:18).

13, 14. Како можеме да го сочуваме мирот кога грешиме во говорот или кога емоциите ќе се вжештат?

13 Затоа што сме несовршени, сите ние повремено кажуваме работи за кои подоцна ни е жал. Кога ќе се случи тоа, биди брз да ги исправиш работите — да твориш мир (Пословици 19:11; Колошаните 3:13). Избегнувај да заглибуваш во „дебати околу зборови“ и во „жолчни препирки околу ситници“ (1. Тимотеј 6:4, 5). Наместо тоа, гледај под површината и обиди се да ги разбереш чувствата на твојот брачен другар. Ако ти кажал груби зборови, не враќај на ист начин. Запомни дека „благиот одговор ја ублажува јароста“ (Пословици 15:1).

14 Понекогаш, можеби треба да размислиш за советот од Пословици 17:14: „Пред да избувне караница оддалечи се“. Отстапи од експлозивната ситуација. Подоцна, кога емоциите ќе се оладат, веројатно ќе можете мирно да го решите проблемот. Во некои случаи, можеби е препорачливо да се повика за помош некој зрел христијански надгледник. Таквите искусни и сочувствителни мажи можат да бидат освежувачка помош кога е загрозен брачниот мир (Исаија 32:1, 2).

Миротворци во собранието

15. Според Јаков, каков лош дух се развил меѓу некои христијани, и зошто е тој дух ‚земен‘, ‚животински‘ и ‚демонски‘?

15 За жал, некои христијани од првиот век покажале дух на љубомора и кавгаџиство — сосема спротивно на мирот. Јаков рекол: „Тоа не е мудроста која доаѓа одозгора, туку е земна, животинска, демонска. Зашто каде има љубомора и кавгаџиство, таму има неред и секаква подлост“ (Јаков 3:14-16). Некои веруваат дека грчкиот збор преведен со „кавгаџиство“ е поврзан со себична амбиција, надитрување за позиција. Јаков со добра причина го етикетира како ‚земно, животинско‘. Низ историјата, светските владетели постапувале кавгаџиски, како диви животни кои се борат меѓу себе. Кавгаџиството е навистина ‚земно‘ и ‚животинско‘. Тоа е и ‚демонско‘. Оваа подмолна особина најпрвин ја покажал еден ангел жеден за моќ, кој се поставил против Јехова Бог и станал Сатана, владетел на демоните.

16. Како некои христијани од првиот век покажале дух сличен на Сатановиот?

16 Јаков ги поттикнал христијаните да се спротивстават на развивањето кавгаџиски дух, зашто тој дејствува против мирот. Тој напишал: „Од каде војни и од каде борби меѓу вас? Зарем не доаѓаат оттука, имено од вашите копнежи по сетилно задоволство кои се во судир со вашите членови?“ (Јаков 4:1). Овде ‚копнежите по сетилно задоволство‘ би можеле да укажуваат на лакомо копнеење по материјални работи или на желба за истакнатост, контрола или влијание. Слично на Сатана, изгледа некои во собранијата сакале да бидат сјајни наместо ‚помали‘, какви што Исус рекол дека ќе бидат неговите вистински следбеници (Лука 9:48). Таквиот дух може да му го одземе мирот на собранието.

17. Како можат христијаните денес да бидат миротворци во собранието?

17 И денес мораме да се спротивставуваме на склоноста кон материјализам, љубомората или суетната амбиција. Ако сме вистински миротворци, нема да се чувствуваме загрозени доколку некои во собранието се повешти од нас во извесни активности ниту, пак, ќе го нарушуваме угледот на таквите во очите на другите така што ќе ги ставаме нивните мотиви под знак прашалник. Ако поседуваме некоја истакната способност, нема да ја користиме за да се правиме дека сме подобри од другите, како да сакаме да кажеме дека собранието ќе напредува само поради нашата умешност и вештина. Таквиот дух ќе предизвика поделби; нема да донесе мир. Миротворците не се расфрлаат со своите таленти, туку скромно ги користат за да им служат на своите браќа и да му искажат чест на Јехова. Тие сфаќаат дека, на крајот, вистинскиот христијанин се препознава по љубовта — а не по способноста (Јован 13:35; 1. Коринќаните 13:1-3).

‚Мирот за твои надгледници‘

18. Како унапредуваат старешините мир меѓу себе?

18 Собраниските старешини предводат како миротворци. Во врска со својот народ Јехова претскажал: „Мирот ќе го поставам за твој главатар [надгледници, NW], Правдата за владетел“ (Исаија 60:17). Во согласност со овие пророчки зборови, оние што служат како христијански пастири напорно работат на тоа да унапредуваат мир меѓу себе и во стадото. Старешините можат да го одржат мирот меѓу себе на тој начин што покажуваат мирољубива и разумна ‚мудрост одозгора‘ (Јаков 3:17). Поради своите различни заднини и искуства во животот, старешините во собранието понекогаш ќе имаат различни гледишта. Дали ова значи дека им недостига мир? Не, доколку во таквата ситуација се постапи правилно. Миротворците скромно ги изразуваат своите мисли и потоа со почит слушаат што мислат другите. Наместо да инсистира да биде по негово, еден миротворец во молитва ќе размислува за гледиштето на својот брат. Ако не е прекршено некое библиско начело, обично има простор за различни гледишта. Кога другите не се сложуваат со него, миротворецот ќе попушти и ќе ја поддржи одлуката на мнозинството. На тој начин ќе се покаже разумен (1. Тимотеј 3:2, 3). Искусните надгледници знаат дека сочувувањето на мирот е поважно од тоа да си тераат по свое.

19. На кој начин постапуваат старешините како миротворци во собранието?

19 Старешините унапредуваат мир со членовите на стадото на тој начин што ги поддржуваат и не се претерано критизерски настроени кон нивните напори. Секако, понекогаш можеби некои ќе треба да бидат исправени (Галатите 6:1). Но, работата на христијанскиот надгледник не е првенствено да дава дисциплина. Тој честопати дава пофалба. Љубезните старешини настојуваат да го гледаат доброто кај другите. Надгледниците ја ценат напорната работа на сохристијаните и имаат доверба дека нивните соверници го прават најдоброто што можат (2. Коринќаните 2:3, 4).

20. На кој начин собранието извлекува корист ако сите се миротворци?

20 Според тоа, во семејството, во собранието и во постапките со оние што не ги делат нашите верувања настојуваме да бидеме мирољубиви, да работиме на мирот. Ако марливо го унапредуваме мирот, ќе придонесеме за среќата на собранието. Истовремено, ќе бидеме заштитени и зајакнати на многу начини, како што ќе видиме во следната статија.

Се сеќаваш ли?

• Што значи да се биде мирољубив?

• Како можеме да бидеме мирољубиви кога имаме работа со не-Сведоци?

• На кои сѐ начини се негува мир во семејството?

• Како можат старешините да унапредуваат мир во собранието?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Миротворците избегнуваат да се прават супериорни

[Слики на страница 10]

Христијаните се миротворци во службата, дома и во собранието