Духовната светлина свети на средниот исток
Животна приказна
Духовната светлина свети на средниот исток
РАСКАЖАЛ НАЏИБ САЛЕМ
Во првиот век н.е. светлината на Божјата реч светела од Средниот Исток и стигнала до најоддалечените краеви на Земјата. Во 20 век таа светлина се врати за повторно да го осветли тој дел од светот. Дозволете ми да ви раскажам како се случи тоа.
РОДЕН сум во 1913 година во градот Амјун, во северен Либан. Тоа беше последната година на релативна стабилност и мир во светот, зашто следната година избувна I светска војна. Кога во 1918 војната заврши, Либан, тогаш познат како бисер на Средниот Исток, беше многу исцрпен, и економски и политички.
Во 1920, кога во Либан повторно почнаа да функционираат поштенските услуги, доаѓаше пошта од Либанци што живееја во странство. Меѓу нив беа моите вујковци Абдула и Џорџ Гонтус. Тие му пишуваа на својот татко, Хабиб Гонтус, дедо ми, и му зборуваа за Божјето Царство (Матеј 24:14). Со тоа што само им раскажуваше на своите земјаци за содржината од писмата на своите синови, дедо ми си го навлече нивното исмејување. Граѓаните раширија гласина дека синовите на Хабиб го храбреле својот татко да си ја продаде земјата, да купи магаре и да оди да проповеда.
Почетно ширење на светлината
Следната година, 1921, Мишел Абуд, кој живееше во Бруклин (Њујорк, САД), се врати во Триполи (Либан). Тој станал Библиски студент, како што тогаш беа наречени Јеховините сведоци. Иако повеќето од пријателите и роднините на брат Абуд не се одѕваа на библиската порака, тоа го сторија две многу познати личности: еден професор,
Ибраим Атија, и еден стоматолог, Хана Шамас. Всушност, д-р Шамас ги даде куќата и клиниката на располагање за христијанските состаноци.Јас сѐ уште бев момче кога брат Абуд и брат Шамас го посетија Амјун, каде што живеев. Нивната посета изврши длабоко влијание врз мене и почнав да го придружувам брат Абуд во делото на проповедање. Со него цели 40 години бевме редовни партнери во службата, сѐ до неговата смрт, во 1963.
Меѓу 1922 и 1925, светлината на библиската вистина се прошири во многу села на северен Либан. Околу 20 до 30 лица се состануваа за да дискутираат за Библијата во приватни домови, како што беше нашиот во Амјун. Свештениците испраќаа деца за да трескаат со лимени конзерви, да извикуваат и да врескаат со цел да ни ги прекинат состаноците, така што понекогаш се состанувавме во боровата шума.
Кога бев млад, мојата ревност за службата — и за присуството на секој христијански состанок — ми го донесе прекарот Тимотеј. Директорот на училиштето ми нареди да престанам да одам на, како што рече тој, „тие состаноци“. Кога одбив, ме истера од училиште.
Сведочење во библиските земји
Набрзо по моето крштавање, во 1933, почнав со пионерска служба, како што се нарекува полновремената служба на Јеховините сведоци. Иако тогаш бевме малку на број, не проповедавме само во поголемиот дел од селата во северниот дел на Либан туку стигнавме и до Бејрут и неговите предградија, и така сѐ до југот на Либан. Во тие рани години, обично патувавме пешки или јававме на магаре, како што правеле Исус Христос и неговите следбеници во првиот век.
Во 1936, Јусеф Рахал, Сведок Либанец, кој многу години живеел во Соединетите Држави, се врати во Либан на посета. Со себе донесе опрема за озвучување и два фонографа. Опремата ја качивме на еден автомобил Форд од 1931 и со него патувавме низ Либан и Сирија, пренесувајќи ја пораката за Царството до оддалечените места. Засилувачот можеше да се чуе на далечина од над 10 километри. Луѓето се качуваа на покривите од своите куќи за да го чујат она што го опишуваа како гласови од небото. Луѓето што беа на нивите ја оставаа работата и се приближуваа за да чујат.
Едно од моите последни патувања со Јусеф Рахал беше во Алепо (Сирија), зимата 1937. Пред да се врати во Соединетите Држави, отпатувавме и во Палестина. Таму ги посетивме градовите Хаифа и Ерусалим, како и некои села. Еден од луѓето со кои стапивме во контакт беше Ибраим Шихади, со кого претходно се запознав преку допишување. Ибраим толку беше напредувал во библиското спознание што во текот на нашата посета почна да учествува со нас во службата од куќа до куќа (Дела 20:20).
Бев желен да се сретнам и со професор Халил Коброси, цврст католик кој ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци преку допишување. Како ја добил адресата од Сведоците во Либан? Па, во една продавница во Хаифа, продавачот му завиткал на Халил некои прехранбени продукти во хартија скината од една публикација на Јеховините сведоци. На таа хартија била нашата адреса. На посетата си поминавме многу убаво и, подоцна, во 1939, тој дојде во Триполи за да се крсти.
Во 1937 во Триполи стигнаа Петрос Лагакос и неговата сопруга. Во наредните неколку години, ние тројцата го обработивме
поголемиот дел од Либан и Сирија, посетувајќи ги луѓето во нивните домови со пораката за Царството. До времето кога брат Лагакос умре, во 1943, Сведоците ја однесоа духовната светлина во повеќето градови и села во Либан, Сирија и Палестина. Понекогаш, околу 30 лица, меѓу кои и јас, тргнувавме со автомобил или со автобус уште во 3.00 часот наутро за да стигнеме до далечните подрачја.Во 1940-тите Ибраим Атија ја преведе Стражарска кула на арапски. Потоа, правев четири рачно напишани примероци и ги праќав до Сведоците во Палестина, Сирија и Египет. Во тие денови, во текот на II светска војна, имаше големо противење на нашето проповедање, но ние одржувавме контакт со сите љубители на библиската вистина на Средниот Исток. Јас лично цртав карти од градовите и околните села, и настојувавме да ги достигнеме со добрата вест.
Во 1944, додека сѐ уште беснееше II светска војна, се оженив со Евелин, ќерка на мојот партнер пионер, Мишел Абуд. Со текот на времето ни се родија три деца, една ќерка и два сина.
Работење со мисионерите
Набрзо по завршувањето на војната, во Либан стигнаа првите дипломци на школата Гилеад за мисионери. Како резултат на тоа беше формирано првото собрание во Либан, а јас бев наименуван за слуга на друштвото. Потоа, во 1947, Натан Х. Нор и неговиот секретар Милтон Џ. Хеншел го посетија Либан и многу ги охрабрија браќата. Набрзо пристигнаа и други мисионери, и тие ни беа од голема помош во организирањето на службата и во водењето на собраниските состаноци.
На едно од нашите патувања до едно далечно подрачје во Сирија, наидовме на противење од локалниот бискуп. Тој нѐ обвини за дистрибуирање на, според неговите зборови, ционистички публикации. Иронично е тоа што пред 1948 свештениците често нѐ етикетираа како „комунисти“. Во таа прилика бевме уапсени и два часа сослушувани, при што дадовме одлично сведоштво.
На крајот, судијата што го сослуша случајот изјави: „Иако ја проколнувам брадата
[стилска фигура што укажува на бискупот] која ги изнесе овие обвиненија против вас, морам да ѝ заблагодарам што ми ја овозможи оваа прилика да ве сретнам и да научам повеќе за вашите учења“. Потоа ни се извини заради непријатностите што ни беа создадени.По десет години, додека со автобус бев на пат за Бејрут, почнав да разговарам со еден човек што седеше до мене, земјоделски инженер. Откако неколку минути слушаше за нашите верувања, тој рече дека чул слично нешто од еден пријател од Сирија. Кој беше тој пријател? Судијата што го сослуша нашиот случај десет години пред тоа!
Во текот на 1950-тите ги посетував Сведоците во Ирак и со нив учествував во сведочењето од врата до врата. Исто така, многупати патував до Јордан и до Западниот Брег. Во 1951 бев еден од групата од четири Сведоци кои заминаа за Витлеем. Таму ја одржавме Господовата вечера. Истиот ден порано, сите што бевме присутни за таа прилика заминавме со автобус на реката Јордан, каде што 22 лица се крстија во симбол на своето предание на Јехова. Секогаш кога на тоа подрачје ќе наидевме на противење, ќе кажевме: „Дојдовме да ви кажеме дека еден од синовите на вашата татковина ќе стане Цар над целата Земја! Зошто сте толку вознемирени? Треба да се радувате!“
Проповедање среде тешкотии
Луѓето на Средниот Исток во глобала се добродушни, понизни и гостољубиви. Многумина со интерес ја слушаат пораката за Божјето Царство. Навистина, ништо друго не би можело да биде поосвежувачко од сознанието дека наскоро ќе се исполни следново библиско ветување: „Самиот Бог ќе биде со [својот народ]. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“ (Откровение 21:3, 4).
Открив дека повеќето луѓе кои се противеа на нашата активност навистина не го
разбираа нашето дело и пораката што им ја носевме. Свештенството на христијанскиот свет многу направи за погрешно да нѐ претстави! Затоа, во граѓанската војна што во 1975 започна во Либан и траеше повеќе од 15 години, Сведоците се соочија со многу тешкотии.Едно време водев библиска студија со едно семејство чии членови биле ревни посетители на црква. Нивниот добар напредок во учењето на библиските вистини ги раздразни свештениците. Затоа, една ноќ, една локална религиозна група ги подбуцна своите членови да ја нападнат продавницата на тоа семејство и изгореа трговска стока во вредност од најмалку 10.000 американски долари. Истата ноќ, дојдоа и ме грабнаа. Меѓутоа, можев да резонирам со нивниот водач, објаснувајќи му дека ако тие навистина се христијани, не би се однесувале на варварски начин. Тогаш, тој нареди автомобилот да застане и ми нареди да излезам.
Во друга прилика, ме киднапираа четворица милицајци. По многу закани, нивниот водач, кој рече дека ќе ме застрела, одеднаш се премисли и ме пушти. Двајца од тие мажи сега се в затвор заради убиство и разбојништво, а другите двајца беа погубени.
Други прилики за сведочење
Имав чести прилики да летам од една земја во друга. Еднаш, додека летав од Бејрут кон Соединетите Држави, седнав до Чарлс Малек, бивш либански министер за надворешни работи. Тој внимателно ме сослуша, покажувајќи ценење за секој стих што му го прочитав од Библијата. На крајот ми рече дека се школувал во Триполи, каде што учител му бил Ибраим Атија, човекот кому мојот тест му ја пренесе библиската вистина! Г-н Малек рече дека Ибраим го научил да ја почитува Библијата.
На еден друг лет, седев до еден палестински претставник на Обединетите нации. Имав прилика да му зборувам за добрата вест за Божјето Царство. На крајот ме запозна со семејството на брат му во Њујорк, кое таму често го посетував. И јас имав еден роднина што работеше во зградата на Обединетите нации во Њујорк. Еден ден, мојата посета во неговата канцеларија траеше три часа, и во текот на тоа време можев да му дадам сведоштво во врска со Божјето Царство.
Сега имам 88 години и сѐ уште можам да имам активен удел во грижата за собраниските одговорности. Мојата сопруга, Евелин, сѐ уште му служи на Јехова покрај мене. Нашата ќерка се омажи за еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци, кој сега служи како старешина во едно собрание во Бејрут. И нивната ќерка е Сведок. Нашиот најмлад син и неговата сопруга се Сведоци, а и нивната ќерка е во вистината. Што се однесува до нашиот најстар син, христијанската вера беше всадена во неговото срце, а се надевам дека, со текот на времето, и тој ќе ја прифати.
Во 1933 бев наименуван да служам како пионер — првиот на Средниот Исток. Не можев да изберам ништо подобро во животот отколку да му служам на Јехова како пионер во сите овие изминати 68 години. А решен сум и понатаму да одам во духовната светлина што ја дава тој.
[Слика на страница 23]
Наџиб во 1935
[Слика на страница 24]
Со автомобил со озвучување на либанските планини, 1940
[Слики на страница 25]
Во правец на стрелката на часовникот од горе налево: Наџиб, Евелин, нивната ќерка, брат Абуд и најстариот син на Наџиб, 1952
Долу (предниот ред): браќата Шамас, Нор, Абуд и Хеншел во домот на Наџиб, Триполи, 1952
[Слика на страница 26]
Наџиб и неговата сопруга Евелин