Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како може мирот Христов да владее во нашите срца?

Како може мирот Христов да владее во нашите срца?

Како може мирот Христов да владее во нашите срца?

„Мирот Христов нека владее во вашите срца зашто вие, всушност, на тоа сте и повикани во едно тело“ (КОЛОШАНИТЕ 3:15).

1, 2. На кој начин „мирот Христов“ владее во срцето на еден христијанин?

 ВЛАДЕЕЊЕ е одвратен збор за многумина, бидејќи создава претстави за присила и манипулирање. Затоа, Павловиот поттик до сохристијаните во Колоси „мирот Христов нека владее во вашите срца“ би можел на некои да им звучи како неразумен (Колошаните 3:15). Зарем не сме сите лица со слободна волја? Зошто да дозволиме нешто или некој да владее во нашите срца?

2 Павле не им велел на Колошаните да се откажат од својата слободна волја. Грчкиот термин кој во Колошаните 3:15 е преведен со „владее“ е поврзан со зборот за спортски судија кој ја доделувал наградата во атлетските натпревари од тоа време. Натпреварувачите имале извесна мера слобода во рамките на правилата на играта, но на крајот, судијата одлучувал кој ги следел правилата и, со тоа, кој победил во натпреварот. На сличен начин, ние имаме слобода да донесуваме многу одлуки во животот, но притоа, мирот Христов треба секогаш да биде „судија“ — односно, како што преведувачот Едгар Џ. Гудспид го преведува, „владејачкото начело“ во нашите срца.

3. Што е „мирот Христов“?

3 Што е „мирот Христов“? Тоа е смиреност, внатрешно спокојство кое го добиваме кога стануваме Исусови ученици и кога дознаваме дека Јехова Бог и неговиот Син нѐ љубат и нѐ одобруваат. Токму пред да ги напушти своите ученици, Исус им рекол: „Ви го давам својот мир . . . Нека не се вознемирува вашето срце ниту да се повлекува од страв“ (Јован 14:27). Речиси 2.000 години, тој мир го уживаат верните помазани членови на Христовото тело, а денес во него имаат удел и нивните придружници, ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Тој мир треба да има владејачко влијание во нашите срца. Кога се наоѓаме под суров испит, тој ни помага да избегнеме да бидеме парализирани од страв или да бидеме претерано вознемирени. Да видиме како тоа е случај кога се соочуваме со неправда, кога нѐ притискаат тегобни грижи и кога се чувствуваме безвредни.

Кога се соочуваме со неправда

4. а) Како ја запознал Исус неправдата? б) Како реагирале христијаните на тоа што биле жртви на неправда?

4 Цар Соломон забележал: „Човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Исус ја знаел вистинитоста на овие зборови. Додека бил на небото, тој ги гледал тешките неправди што луѓето си ги нанесувале еден на друг. На Земјата, лично ја доживеал најголемата неправда кога тој, безгрешен човек, бил обвинет за хулење и бил погубен како злосторник (Матеј 26:63-66; Марко 15:27). Денес, неправдата сѐ уште е распространета и вистинските христијани многу страдаат, бидејќи се „предмет на омраза на сите нации“ (Матеј 24:9). Сепак, и покрај ужасните искуства во нацистичките логори на смртта и во советскиот Гулаг, и покрај тоа што биле жртви на насилство од толпи, лажни обвиненија и нечесни напади, мирот Христов ги чувал да бидат цврсти. Тие го имитирале Исус, за кого читаме: „Кога го навредуваа, не враќаше со навредување. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се доверуваше на оној кој праведно суди“ (1. Петрово 2:23).

5. За што треба најнапред да размислиме кога ќе чуеме за некоја наводна неправда во собранието?

5 Во многу помали размери, ние можеби веруваме дека со некого се постапува неправедно во христијанското собрание. Во таков случај, можеби се чувствуваме како Павле, кој рекол: „Кој се спрепнал, а јас да не се распалам?“ (2. Коринќаните 11:29). Што можеме да сториме? Треба да се прашаме: ‚Дали е тоа навистина неправда?‘ Честопати не ги знаеме сите факти. Можеби реагираме претерано откако ќе чуеме некој кој тврди дека е добро информиран. Библијата со добра причина наведува: „Глупавиот верува на секој збор“ (Пословици 14:15). Затоа треба да бидеме претпазливи.

6. Како можеме да реагираме на наводните неправди во собранието?

6 Но, да претпоставиме дека ние лично сме жртва на некоја наводна неправда. Како ќе реагира едно лице кое во своето срце има мир Христов? Можеби увидуваме потреба да разговараме со поединецот за кого мислиме дека ни згрешил. Потоа, наместо да дискутираме за тоа со секој што ќе слуша, зошто да не му го довериме случајот на Јехова во молитва и да имаме доверба во него дека ќе се погрижи да се спроведе правдата? (Псалм 9:10; Пословици 3:5). Можеби, откако сме го сториле тоа, ќе бидеме задоволни ако ја расчистиме таа работа во своето срце и да ‚молкнеме‘ (Псалм 4:4). Во повеќето случаи ќе важи опомената на Павле: „Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие“ (Колошаните 3:13).

7. На што треба секогаш да се сеќаваме во постапките со нашите браќа?

7 Но, што и да се случи, треба да се сетиме дека иако не можеме да го контролираме она што се случува, можеме да ја контролираме нашата реакција. Ако на некоја наводна неправда реагираме на неурамнотежен начин, тоа може поштетно да влијае врз нашиот мир отколку самата неправда (Пословици 18:14). Дури би можеле да се спрепнеме и да престанеме да се дружиме со собранието сѐ додека, според наше мислење, правдата не се задоволи. Псалмистот напишал дека оние што ги љубат Јеховините закони „не се сопнуваат на ништо“ (Псалм 119:165). Вистина е дека одвреме навреме секој доживува неправда. Никогаш не дозволувај таквите жалосни искуства да те спречат во служењето на Јехова. Наместо тоа, нека мирот Христов владее во твоето срце.

Кога сме притиснати од тегобни грижи

8. Кои сѐ работи предизвикуваат тегобни грижи, и до што може да доведат тегобните грижи?

8 Тегобните грижи се еден многу реален дел од животот во овие ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1). Точно, Исус рекол: „Престанете тегобно да се грижите за својата душа, што ќе јадете, или за своето тело, што ќе облечете“ (Лука 12:22). Но, сите тегобни грижи не потекнуваат од грижата околу материјалните работи. Лот ‚тешко се измачувал‘ поради расипаноста на Содом (2. Петрово 2:7). Павле бил притиснат од „тегобната грижа за сите собранија“ (2. Коринќаните 11:28). Ноќта пред својата смрт Исус бил во таква агонија што ‚потта му станала како капки крв што паѓале на земјата‘ (Лука 22:44). Јасно, сите тегобни грижи не се знак на слаба вера. Меѓутоа, сеедно за што станува збор, ако тегобните грижи се силни и потраат, може да ни го одземат мирот. Некои биле совладани од тегобните грижи, што ги направило да се чувствуваат неспособни да продолжат да ги вршат одговорностите вклучени во служењето на Јехова. Библијата вели: „Грижата во срцето го притиска човекот“ (Пословици 12:25). Тогаш, што можеме да сториме ако сме погодени од тегобни грижи?

9. Кои се некои практични чекори што можат да се преземат за да се ублажат тегобните грижи, но кои причини за тегобна грижа не можат да се отстранат?

9 Во некои ситуации, можеби сме во состојба да преземеме практични мерки. Ако причина за нашата состојба на тегобна загриженост е некој медицински проблем, би било мудро да му обрнеме внимание, иако тие работи се лична одлука a (Матеј 9:12). Ако ни натежнале многуте одговорности, можеби ќе можеме да доделиме некои од нив и на другите (Излез 18:13-23). Но, што е со оние — на пример, родителите — кои имаат тешки одговорности што не можат да се доделат на други? Што е со христијанин кој живее со брачен партнер кој се противи? Што е со семејство кое се наоѓа во крајно лоша економска состојба или живее во воена зона? Јасно, во овој систем на работи не можеме да ги отстраниме сите извори на тегобна грижа. Сепак, можеме да го сочуваме мирот Христов во срцата. Како?

10. На кои два начина може еден христијанин да ги ублажи тегобните грижи?

10 Еден начин е да се бара утеха во Божјата реч. Цар Давид напишал: „Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:19). Јеховините „утехи“ можат да се најдат во Библијата. Редовното обраќање кон таа инспирирана книга ќе ни помогне да го сочуваме мирот Христов во срцата. Библијата вели: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“ (Псалм 55:22). На сличен начин, Павле напишал: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Горливата и редовна молитва ќе ни помогне да го сочуваме нашиот мир.

11. а) Како бил Исус убав пример во врска со молитвата? б) Како треба да гледаме на молитвата?

11 Исус бил одличен пример во тој поглед. Понекогаш, тој со часови разговарал во молитва со својот небесен Татко (Матеј 14:23; Лука 6:12). Молитвата му помогнала да ги поднесе најтешките испити. Ноќта пред да умре, неговата мака станала многу голема. Како реагирал? Се молел „уште посесрдно“ (Лука 22:44). Да, совршениот Божји Син бил човек од молитва. Тогаш, колку повеќе треба неговите несовршени следбеници да ја негуваат навиката да се молат! Исус ги поучил своите следбеници „секогаш да се молат и да не се откажуваат“ (Лука 18:1). Молитвата е реална и животоважна комуникација со Оној што нѐ познава подобро отколку што се познаваме самите ние (Псалм 103:14). За да го зачуваме мирот Христов во срцата, треба да ‚се молиме непрестајно‘ (1. Солуњаните 5:17).

Да ги победиме нашите ограничувања

12. Од кои причини можеби некои мислат дека нивната служба е недостаточна?

12 Јехова на секој свој слуга гледа како на богатство, нешто скапоцено (Агеј 2:7). Сепак, на многумина им е тешко да го прифатат ова. Некои се можеби обесхрабрени поради староста, сѐ поголемите семејни обврски или влошеното здравје. Други можеби се чувствуваат хендикепирани поради тоа што во детството доживеале лоши искуства. Трети, пак, можеби се измачувани од грешките во минатото, сомневајќи се дека Јехова може воопшто да им прости (Псалм 51:3). Што може да се стори во врска со таквите чувства?

13. Каква библиска утеха постои за оние што се чувствуваат недостаточни?

13 Мирот Христов ќе нѐ увери во Јеховината љубов. Можеме да го обновиме тој мир во срцата ако размислуваме за фактот дека Исус никогаш не рекол дека нашата вредност се мери со тоа што ќе го споредуваме она што го правиме ние со она што го прават другите (Матеј 25:14, 15; Марко 12:41-44). Она што тој всушност го нагласувал, била лојалноста. На своите ученици им рекол: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Самиот Исус бил „презрен“ од луѓето, но сепак немал никакво сомнение дека Татко му го љуби (Исаија 53:3; Јован 10:17). А на своите ученици им рекол дека и нив ги љуби (Јован 14:21). За да го нагласи ова, Исус рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност? Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени. Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31). Каква само срдечна гаранција за Јеховината љубов!

14. Каква гаранција имаме дека Јехова го цени секого од нас?

14 Исус исто така рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Со оглед на тоа што Јехова е оној што нѐ привлекол кон Исус, Тој сигурно сака да бидеме спасени. Исус им рекол на своите ученици: „Ниту мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниедно од малечкиве“ (Матеј 18:14). Според тоа, ако служиш со цело срце, можеш да ликуваш во твоите добри дела (Галатите 6:4). Ако те измачуваат грешките од минатото, биди уверен дека Јехова ‚го умножува‘ простувањето на оние што навистина се каат (Исаија 43:25; 55:7). Ако се чувствуваш обесхрабрен од некоја друга причина, сети се дека „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“ (Псалм 34:18).

15. а) Како се обидува Сатана да ни го одземе мирот? б) Каква доверба можеме да имаме во Јехова?

15 Единствена работа што Сатана ја посакува е да ти го одземе мирот. Тој е зачетник на наследениот грев со кој сите се бориме (Римјаните 7:21-24). Тој сигурно би сакал да мислиш дека несовршеноста ја прави твојата служба неприфатлива за Бог. Никогаш не дозволувај Сатана да те деморализира! Биди свесен за неговите сплетки и нека таа свесност ти даде решителност да истраеш (2. Коринќаните 2:11; Ефешаните 6:11-13). Запомни, „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“ (1. Јованово 3:20). Јехова гледа зад нашите пропусти. Тој ги гледа и нашите мотиви и намери. Затоа, утеши се од зборовите на псалмистот: „Господ нема да го отфрли Својот народ и не ќе го напушти Своето наследство“ (Псалм 94:14).

Обединети во мирот Христов

16. Во кој поглед не сме сами додека настојуваме да истраеме?

16 Павле напишал дека треба да дозволиме мирот Христов да владее во нашите срца бидејќи сме „повикани во едно тело“. Помазаните христијани на кои Павле им напишал биле повикани да бидат дел од телото Христово, како што се преостанатите помазаници денес. Нивните придружници, ‚другите овци‘, се обединети со нив како „едно стадо“ под „еден пастир“, Исус Христос (Јован 10:16). Заедно, светското „стадо“ од милиони луѓе дозволува мирот Христов да владее во нивните срца. Сознанието дека не сме сами ни помага да истраеме. Петар напишал: „Заземете свој став против [Сатана], цврсти во верата, знаејќи дека, што се однесува до страдањата, истите работи ја снаоѓаат целата заедница од ваши браќа по светот“ (1. Петрово 5:9).

17. Каков поттик имаме да дозволиме мирот Христов да владее во нашите срца?

17 Затоа, нека сите ние продолжиме да негуваме мир, тој многу важен плод на Божјиот свет дух (Галатите 5:22, 23). На крајот, оние што Јехова ќе ги најде без дамка, без петно и во мир ќе бидат благословени со вечен живот на рајска земја, каде што ќе престојува праведност (2. Петрово 3:13, 14). Ја имаме секоја причина да дозволиме мирот Христов да владее во нашите срца.

[Фуснота]

a Во некои случаи, тегобните грижи можат да бидат предизвикани или зголемени поради некои здравствени состојби, како што е клиничка депресија.

Дали се сеќаваш?

• Што е мирот Христов?

• Како може мирот Христов да владее во нашите срца кога се соочуваме со неправда?

• Како мирот Христов ни помага да се справиме со тегобните грижи?

• Како мирот Христов нѐ теши кога се чувствуваме безвредни?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Пред оние што го обвинувале, Исус му се доверувал на Јехова

[Слика на страница 16]

Слично на топлата прегратка на еден татко полн со љубов, Јеховините утехи можат да ги олеснат нашите тегобни грижи

[Слика на страница 18]

Истрајноста многу вреди кај Бог