Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Постои ли Ѓавол?

Постои ли Ѓавол?

Постои ли Ѓавол?

„Во историјата на христијанската црква постоело време кога ѓаволот, Велзевул или Сатана, царот на злото, бил толку реална и моќна личност колку што е денес ‚Бог‘ за сѐ помал број луѓе; бил креација на Евреите и на раните христијани за на злото што го гледале околу нив да му дадат суштина на получовечки, полуживотински облик. Подоцна христијаните сфатиле дека тоа било една измислена личност без никаков темел во стварноста и тивко ја отфрлиле“ (“All in the Mind—A Farewell to God” [„Само во умот — збогување со Бог“], од Лудавик Кенеди).

КАКО што наведува писателот и спикер Лудавик Кенеди, со векови никој во христијанскиот свет не се сомневал во вистинитоста на Ѓаволот. Напротив, христијаните понекогаш биле „опседнати со моќта на Сатана и на неговите демони“, вели професор Норман Кон (Europe’s Inner DemonsВнатрешните демони на Европа). Ваквата опседнатост не била ограничена само на простите, необразовани селани. На пример, верувањето дека Ѓаволот се материјализирал во облик на животно за да управува со злото и со непристојните ритуали „не потекнувало од фолклорот на неписменото мнозинство туку, напротив, од погледот на светот на интелектуалната елита“, вели професор Кон. Оваа ‚интелектуална елита‘ — вклучувајќи ги и учените свештеници — била одговорна за ловот на вештерки што брзо се ширел низ Европа од 15 до 17 век кога, според кажувањата, црквата и граѓанските власти мачеле и убиле околу 50.000 наводни вештерки.

Не е за изненадување што многумина го отфрлаат она што го сметаат за претерана, суеверна претстава за Ѓаволот. Уште во 1726, Даниел Дефо го исмејувал верувањето на луѓето дека Ѓаволот бил страшно чудовиште „со крилја на лилјак, со рогови, расцепени стапала, долга опашка, раздвоен јазик и слично“. Тој вели дека таквите идеи биле „лошо смислени ситници“ измислени од „луѓе што ја унапредуваат идејата за ѓавол и луѓе што ја создале таа идеја“, кои го „мамеле неукиот свет со ѓавол што самите го измислиле“.

Дали и ти размислуваш така? Се сложуваш ли дека „ѓаволот е всушност една измислица на човекот со која сакал да ја објасни сопствената грешност“? Таа изјава стои во The Zondervan Pictorial Encyclopedia of the Bible, а многумина што се исповедуваат како христијани размислуваат на овој начин. Теолозите на христијанскиот свет, вели Џефри Бартон Расел, општо земено, „ги отфрлиле Ѓаволот и демоните како суеверни реликвии“.

Сепак, за некои луѓе Ѓаволот е многу реален. Тие резонираат дека мора да постои некаква натчовечка, злонамерна сила која стои зад повторливите зла со кои е проткаена историјата. „Ужасите на дваесеттиот век“, вели Расел, се една причина зошто „по еден долг период на отсутност, повторно се појавува верувањето во Ѓавол.“ Според авторот Дон Луис, извесен број современи, образовани луѓе кои „супериорно ги исмејуваат“ суеверните верувања и стравови на „своите прости предци . . . повторно стануваат фасцинирани од злобниот елемент во натприродното“ (Religious Superstition Through the Ages — Религиозното суеверие низ вековите).

Тогаш, што е вистина? Дали е Ѓаволот само една суеверна бесмислица? Или, пак, е некој што треба да се сфати сериозно дури и во 21 век?

[Слика на страница 4]

Како што се гледа на оваа резба од Gustave Dorè, старите суеверија го прикажувале Ѓаволот како полу-човек, полу-животно

[Извор на слика]

The Judecca—Lucifer/The Dorè Illustrations For Dante’s Divine Comedy/Dover Publications Inc.