Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Што се готви во Франција?“

„Што се готви во Франција?“

„Што се готви во Франција?“

„Слобода, мила слобода“, се зборовите од „Ла Марселеза“, националната химна на Франција. Без сомнение, слободата е нешто што треба високо да се цени. Сепак, неодамнешните настани во Франција предизвикуваат загриженост дека се поткопани основните слободи. Затоа, во петокот, на 3 ноември 2000, десетици илјади Јеховини сведоци дистрибуираа вкупно 12 милиони примероци од еден посебен трактат со наслов „Што се готви во Франција? Дали можеби слободата назадува?“

ВЕЌЕ неколку години, Јеховините сведоци во Франција се изложени на напад од страна на разни политичари и антисекташки групи. Ова доведе до тешкотии за Сведоците на индивидуално, собраниско и национално ниво. Меѓутоа, на 23 јуни 2000, Conseil d’Ètat, врховниот управен суд на Франција, донесе значајна одлука со која беше потврдено општото мислење на 31 нижи суд во врска со повеќе од 1.100 парници. Врховниот суд потврди дека обожавањето кое го практикуваат Јеховините сведоци е во целосна согласност со францускиот закон и дека нивните Сали на Царството имаат право на истите фискални изземања што им се дадени на другите религии.

Меѓутоа, во целосно непочитување на оваа одлука, француското Министерство за финансии и понатаму одбива да им го даде на Јеховините сведоци правото на изземање од данок, што законот им го обезбедува на религиозните организации. Министерството наметна 60-процентен данок на прилозите што ги даваат Сведоците и пријателите поврзани со 1.500 локални собранија во Франција. Овој случај моментално е на суд.

Целта на претходно спомнатата кампања беше да се разоткрие овој парадокс и да се истакнат ризиците што се вклучени во ваквото произволно оданочување и во предложените закони кои би ја поткопале религиозната слобода на сите. a

Долг ден

Во два часот в зори, Сведоците во некои собранија почнуваат со дистрибуција надвор од железничките станици и фабриките, а потоа на аеродромите. Во шест часот, Париз се буди. Околу 6.000 доброволци се поставени на стратешки точки за да ги сретнат луѓето што патуваат на работа. Една млада жена коментира: „Она што го правите вие за религиозната слобода е добро. Во тоа не се вклучени само Јеховините сведоци“. Во Марсеј, повеќе од 350 Сведоци го делат трактатот во метроата и на улиците. За еден час, националното радио известува за кампањата, кажувајќи им на своите слушатели да не се изненадат ако им пристапат Јеховини сведоци. Во Стразбур, седиштето на Европскиот суд за човекови права, патниците на централната станица стрпливо чекаат во ред за да добијат примерок. Еден адвокат коментира дека, иако не ги дели нашите убедувања, со интерес го следи случајот бидејќи нашата борба е важна и праведна.

Во осум часот, и покрај поројниот дожд, 507 Сведоци во алпскиот град Гренобл темелно ги обработуваат улиците или го ставаат трактатот во поштенски сандачиња. Возачите на автомобили и трамваи, гледајќи дека нешто се случува, застануваат со возилата за да побараат трактат. Во западниот град Поатје, патниците кои стигнуваат со воз во девет часот, веќе добиле трактат во местото од каде што тргнале. Во Милуз, близу германската граница, веќе се поделени 40.000 примероци.

До десет часот, многу собранија веќе имаат дистрибуирано над половина од своите трактати. Како што утрото одминува, малку луѓе одбиваат, а како резултат се водат доста интересни разговори. Во Безансон, на нешто повеќе од 80 километри од швајцарската граница, еден млад човек покажува интерес за Библијата и прашува зошто Бог дозволува страдања. Сведокот го поканува да ја продолжат дискусијата во блиската Сала на Царството, каде што веднаш започнуваат библиска студија со брошурата Што бара Бог од нас?

Напладне, многу Сведоци ја користат својата пауза за ручек за да проповедаат еден или два часа. Во текот на попладнето, дистрибуцијата продолжува, а голем број собранија завршуваат до три или четири истото попладне. Во Ремс, престолнината на шампањот, некои луѓе кои порано проучувале или биле поврзани со Јеховините сведоци изразуваат желба да го обноват контактот со собранието. Во Бордо се започнати три домашни библиски студии. Во истиот град, една жена Сведок влегува во продавница за да купи весник и на штандот гледа куп трактати. Продавачката, поранешен Сведок, го добила трактатот и, увидувајќи ја неговата важност, направила фотокопии за самата да ги дели.

Во Авр (Нормандија), една госпоѓа протестантка, која на радио чула дека прилозите на Јеховините сведоци се даночат, е шокирана. Радо го прифаќа трактатот и им честита на Сведоците за тоа што отворено зборуваат против таквата неправда. Во 19.20 часот, регионалните ТВ вести во Лион ја коментираат дистрибуцијата вака: „Утрово беше полесно да се избегнат капките дожд отколку трактатите на Јеховините сведоци“. Интервјуирани се двајца Сведоци, кои ги објаснуваат причините за кампањата.

Сведоците кои сакаат да земат удел по завршувањето на својата световна работа им дистрибуираат некои трактати на луѓето кои се враќаат од работа, а другите ги ставаат во поштенски сандачиња. Во градовите, како што се Брест и Лимож — прочуен по порцеланот — луѓето кои го напуштаат киното во 23.00 се меѓу последните кои го добиваат трактатот тој ден. Преостанатите трактати се собираат и се дистрибуираат следното утро.

Резултати

Еден Сведок напишал: „Нашите непријатели мислат дека не ослабуваат. Всушност, се случува токму спротивното“. Во повеќето собранија, тој ден имале удел повеќе од 75 проценти од Сведоците, а некои од нив во таа активност поминале по 10, 12 или 14 часа. Во Ем, на северот од Франција, откако работел ноќна смена, еден Сведок го дистрибуирал трактатот од пет часот наутро до три попладне. Во блискиот Дение, каде што постои собрание од 1906 година, 75 Сведоци поминале 200 часа дистрибуирајќи го трактатот во петокот. Други, пак, и покрај староста, немоќта и лошото време, биле исто така решени да учествуваат. На пример, во Ле Ман, три сестри во своите 80-ти години, поминале два часа ставајќи го трактатот во поштенските сандачиња, а еден Сведок во инвалидска количка го делел трактатот пред железничката станица. И колку само беше охрабрувачки да се види како голем број порано неактивни Сведоци учествуваат во оваа посебна активност!

Без сомнение, оваа дистрибуција даде големо сведоштво. Луѓето од сите општествени слоеви, од кои со многумина ретко се стапува во контакт во нивните домови, добија примерок од трактатот. Голем број луѓе мислат дека со оваа акција беше постигнато многу повеќе отколку само заштита на интересите на Сведоците. Многумина ја сметаат за одбрана на слободата на совеста и обожавањето за сите Французи. Доказ за тоа е што луѓето бараа уште трактати за да им дадат на пријателите, колегите или роднините.

Да, Јеховините сведоци во Франција се горди што го објавуваат Јеховиното име и ги бранат интересите на Царството (1. Петрово 3:15). Нивна искрена желба е да можат ‚и понатаму да водат мирен и тивок живот во потполна побожна оддаденост и сериозност‘ и уште илјадници да им се придружат во фалењето на нивниот небесен Татко, Јехова (1. Тимотеј 2:2).

[Фуснота]

a Слична кампања се спроведе во јануари 1999 за да се протестира против религиозната дискриминација. Види Стражарска кула од 1 август 1999, 9. страница и Годишник на Јеховините сведоци за 2000, страници 24—26.