Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховиниот благослов нѐ збогатува

Јеховиниот благослов нѐ збогатува

Јеховиниот благослов нѐ збогатува

„Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (ПОСЛОВИЦИ 10:22).

1, 2. Зошто среќата не е поврзана со материјалното богатство?

МАТЕРИЈАЛИСТИЧКИТЕ стремежи ги контролираат животите на милиони луѓе денес. Но, дали материјалните работи ги прават среќни? „Не можам да се сетам на некое друго време кога луѓето биле толку депримирани поради својата судбина“, се вели во The Australian Women’s Weekly (Неделник на австралиските жени). Во него се додава: „Тоа е парадокс. Се вели дека во економски поглед Австралија се наоѓа во одлична состојба, дека животот никогаш не бил подобар . . . Сепак, кај нацијата изобилува песимизам. И мажите и жените чувствуваат дека им недостига нешто во животот, но не можат да дефинираат што е тоа“. Колку само е вистинито Писмото кога укажува дека ниту среќата ниту животот не произлегуваат од работите што ги поседуваме! (Проповедник 5:9; Лука 12:15).

2 Библијата учи дека најголемата среќа доаѓа од Божјиот благослов. Во тој поглед, во Пословици 10:22 се вели: „Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака [болка, NW]“. Болката честопати е последица од алчното стекнување материјално богатство. Соодветно на тоа, апостол Павле предупредил: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).

3. Зошто доживуваат испити Божјите слуги?

3 Од друга страна, пак, безболни благослови ги стигнуваат сите оние што ‚[продолжуваат да, NW] го слушаат гласот на Господа‘ (Второзаконие 28:2). Сепак, можеби некои прашуваат: ‚Ако Јеховиниот благослов не придодава болка, тогаш зошто многу Божји слуги страдаат?‘ Библијата открива дека Бог ги допушта нашите испити, но дека тие, всушност, потекнуваат од Сатана, од неговиот зол систем и од нашата несовршена природа (Битие 6:5; Второзаконие 32:4, 5; Јован 15:19; Јаков 1:14, 15). Јехова е изворот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Од таа причина, неговите благослови никогаш не предизвикуваат болка. Ајде да разгледаме некои од Божјите совршени подароци.

Божјата реч — непроценлив дар

4. Каков благослов и непроценлив дар ужива Јеховиниот народ во „времето на свршетокот“?

4 Во врска со „времето на свршетокот“, пророштвото на Даниел вели: „Вистинското спознание ќе биде изобилно“ (NW). Меѓутоа, ова било поблизу објаснето со зборовите: „Безбожниците нема да се вразумат, а умните ќе разберат“ (Даниел 12:4, 10). Замисли си го само ова! Божјата реч — особено пророштвата — е изразена со таква божествена мудрост што злобните не можат да ја сфатат нејзината вистинска смисла, додека Јеховиниот народ може. „Јавно те фалам Татко, Господару на небото и на земјата“, се молел Божјиот Син, „бидејќи внимателно си ги скрил тие работи од мудрите и умните, а си им ги открил на бебињата“ (Лука 10:21). Колкав само благослов е да се има непроценливиот дар на Божјата пишана реч, Библијата, и да се биде меѓу оние на кои Јехова им дава духовен увид! (1. Коринќаните 1:21, 27, 28; 2:14, 15).

5. Што е мудрост, и како можеме да ја добиеме?

5 Ние не би имале никаков духовен увид да не била „мудроста одозгора“ (Јаков 3:17). Мудроста е способност да се употребат спознанието и разбирањето за да се решат проблемите, за да се избегнат или да се спречат опасностите, да се постигнат целите или за да се даде здрав совет. Како добиваме побожна мудрост? Во Пословици 2:6 (NW) се вели: „Самиот Јехова дава мудрост; од неговата уста доаѓаат спознанието и проникливоста“. Да, Јехова ќе нѐ благослови со мудрост ако истрајно се молиме за неа, како што на цар Соломон му дал „срце мудро и полно со разбирање“ (1. Цареви 3:11, 12NW; Јаков 1:5-8). За да стекнеме мудрост, мора и ние да продолжиме да го слушаме Јехова преку редовно проучување и применување на неговата Реч.

6. Зошто е мудро да ги применуваме Божјите закони и начела во нашиот живот?

6 Најдобрите примери на побожна мудрост се наоѓаат во библиските закони и начела. Тие ни користат на секој начин — физички, умствено, емоционално и духовно. Псалмистот соодветно пеел: „Господовиот Закон е совршен — ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот; Господовите повелби се праведни — го веселат срцето; Господовата заповед е светла — ги просветлува очите; стравот од Господа е чист — останува довека; Господовите судови се вистински — сите се еднакво праведни; поскапоцени се од златото, од чистото злато“ (Псалм 19:7-10; 119:72).

7. Која е последицата од игнорирањето на Божјите праведни мерила?

7 Од друга страна, пак, оние што ги игнорираат Божјите праведни мерила не ги наоѓаат среќата и слободата што ги бараат. Кога-тогаш ќе откријат дека со Бог нема подигрување, зашто што човек сее, тоа и ќе пожнее (Галатите 6:7). Милиони лица, кои ги игнорираат библиските начела, жнеат трагични последици како што се: несакана бременост, одвратни болести или осакатувачки зависности. Ако покајнички не го сменат начинот на живот, нивниот пат на крајот ќе ги одведе во смрт и можеби во уништување од Божјата рака (Матеј 7:13, 14).

8. Зошто се среќни љубителите на Божјата реч?

8 Меѓутоа, оние што ја љубат Божјата реч и ја применуваат, ќе бидат стигнати од богати благослови сега и во иднина. Тие со право се чувствуваат ослободени преку Божјиот закон, вистински се среќни и желно го чекаат времето кога ќе бидат ослободени од гревот и од неговите смртоносни ефекти (Римјаните 8:20, 21; Јаков 1:25). Оваа надеж е сигурна бидејќи почива врз Божјиот најљубезен дар кон човештвото — откупната жртва на неговиот единороден Син, Исус Христос (Матеј 20:28; Јован 3:16; Римјаните 6:23). Таквиот ненадминлив дар ја потврдува длабочината на Божјата љубов кон човештвото и гарантира бескрајни благослови за сите што ќе продолжат да го слушаат Јехова (Римјаните 8:32).

Благодарни за дарот свет дух

9, 10. На кој начин извлекуваме корист од Јеховиниот дар — светиот дух? Наведи пример.

9 Друг љубезен дар од Бог за кој треба да бидеме благодарни е неговиот свет дух. На ден Пентекост 33 н.е., апостол Петар го поттикнал мноштвото кое било присутно во Ерусалим: „Покајте се, и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за простување на вашите гревови, и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“ (Дела 2:38). Денес, Јехова им дава свет дух на своите предадени слуги кои се молат за него и кои сакаат да ја вршат неговата волја (Лука 11:9-13). Во древни времиња, оваа најмоќна сила во универзумот — Божјиот свет дух, односно активна сила — им давала сила на мажите и жените од вера, вклучувајќи ги и раните христијани (Захарија 4:6; Дела 4:31). Истото може да го стори и за нас иако, како Јеховин народ, можеби се соочуваме со застрашувачки препреки или предизвици (Јоил 3:1, 2).

10 Разгледај го примерот на Лорел, која била погодена од детска парализа и 37 години живеела во комора за вештачко дишење. * И покрај нејзините крајно испитувачки околности, ревносно му служела на Бог сѐ до својата смрт. Низ годините, Јеховиниот богат благослов ја стигнал Лорел. На пример, можела да им помогне дури на 17 лица да дојдат до точно спознание на библиската вистина, иако по 24 часа на ден била врзана за машината! Нејзината ситуација потсетува на зборовите на апостол Павле: „Кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:10). Да, кој и да е успех што можеби го имаме во проповедањето на добрата вест не потекнува од нашата способност и моќ, туку од Божјата помош преку светиот дух, кој им го дава на оние што продолжуваат да го слушаат неговиот глас (Исаија 40:29-31).

11. Кои особини ги произведува Божјиот дух кај оние што ја облекуваат „новата личност“?

11 Ако во потполност сме му послушни на Бог, неговиот дух ги создава во нас особините љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатите 5:22, 23). Овие ‚плодови на духот‘ се дел од „новата личност“ која христијаните ја облекуваат наместо кое и да е лакомо, животинско обележје што можеби порано го покажувале (Ефешаните 4:20-24; Исаија 11:6-9). Од огромна важност меѓу овие плодови е љубовта, „совршена врска на единство“ (Колошаните 3:14).

Христијанската љубов — дар што треба високо да се цени

12. Како покажале љубов Тавита и други христијани од првиот век?

12 Христијанската љубов е уште еден благословен дар од Јехова — дар што треба со право високо да го цениме. Таа е водена од начело, но толку е богата со наклоност што повеќе ги привлекува верниците еден кон друг отколку што тоа можат да го сторат телесните врски (Јован 15:12, 13; 1. Петрово 1:22). На пример, размисли за Тавита, добра христијанка од првиот век. „Таа изобилуваше со добри дела и со дарови на милосрдие“, особено во корист на вдовиците во собранието (Дела 9:36). Овие жени можеби имале телесни роднини, но Тавита сакала да направи сѐ што можела за да им помогне и да ги охрабри вдовиците (1. Јованово 3:18). Колку само убав пример дала Тавита! Братската љубов ги поттикнала Приска и Акила да ги ‚ризикуваат своите глави‘ за Павле. Исто така, љубовта ги мотивирала Епафрас, Лука, Онисифор и други да му помагаат на апостолот додека се наоѓал в затвор во Рим (Римјаните 16:3, 4; 2. Тимотеј 1:16; 4:11; Филемон 23, 24). Да, денес таквите христијани ‚имаат љубов меѓу себе‘, благословен дар од Бог што ги идентификува како Исусови вистински ученици (Јован 13:34, 35).

13. Како можеме да покажеме дека високо го цениме нашето христијанско братство?

13 Дали високо ја цениш љубовта што се покажува во христијанското собрание? Дали си благодарен за нашето духовно братство, кое е раширено низ целата Земјина топка? И тие се дарови одозгора кои благословуваат и збогатуваат. Како можеме да покажеме дека високо ги цениме? На тој начин што ќе му принесуваме света служба на Бог, ќе учествуваме на христијанските состаноци и ќе покажуваме љубов и други плодови на Божјиот дух (Филипјаните 1:9; Евреите 10:24, 25).

„Дарови во облик на луѓе“

14. Што се бара од еден христијанин ако сака да служи како старешина или слуга помошник?

14 Христијанските мажи што сакаат да им служат на сообожавателите како старешини или слуги помошници имаат извонредна цел (1. Тимотеј 3:1, 8). За да се квалификува за овие предности, еден брат мора да биде духовен човек, добро упатен во Писмото и ревносен во службата на теренот (Дела 18:24; 1. Тимотеј 4:15; 2. Тимотеј 4:5). Мора да покажува понизност, скромност и стрпливост, зашто божествените благослови не ги стигнуваат вообразените, гордите и амбициозните (Пословици 11:2; Евреите 6:15; 3. Јованово 9, 10). Ако е оженет, тој мора да биде љубезен поглавар на семејството, способен добро да го предводи целото свое домаќинство (1. Тимотеј 3:4, 5, 12). Затоа што го цени духовното богатство, тој го привлекува Јеховиниот благослов (Матеј 6:19-21).

15, 16. Кои се докажуваат како „дарови во облик на луѓе“? Наведи примери.

15 Кога оние што служат како старешини во собранието се напрегаат како евангелизатори, пастири и учители, ни даваат цврсти причини да ги цениме таквите „дарови во облик на луѓе“ (Ефешаните 4:8, 11). Оние што извлекуваат корист од нивната љубезна служба можеби нема секогаш да го изразат своето ценење, но Јехова гледа сѐ што прават верните старешини. Тој нема да ја заборави љубовта што тие ја покажуваат кон неговото име, служејќи му на неговиот народ (1. Тимотеј 5:17; Евреите 6:10).

16 Размисли за случајот на еден многу марлив старешина што посетил една христијанска девојка, на која требало да ѝ се изврши операција на мозокот. „Тој беше толку љубезен, полн со поддршка и грижлив“, напишала една пријателка на тоа семејство. „Побара дозвола да му се помоли на Јехова заедно со нас. Додека се молеше, таткото [кој не е Јеховин сведок] почна да липа, и од очите на сите што се наоѓаа во болничката соба течеа солзи. Колку само беше нежна молитвата на тој старешина и колку беше љубезно од страна на Јехова што го испрати токму во такво време!“ За старешините кои ја посетиле, една друга пациентка Сведок рекла: „Кога дојдоа до мојот кревет во одделението за интензивна нега, знаев дека што и да се случи од тој момент ќе можам да го издржам. Се зајакнав и се смирив“. Може ли таквата љубезна грижа да се купи со нешто? Никогаш! Таа е дар од Бог, достапен преку христијанското собрание (Исаија 32:1, 2).

Дарот — службата на теренот

17, 18. а) Кој дар на служба му го ставил Јехова на располагање на сиот свој народ? б) Каква помош обезбедува Бог за да можеме да ја извршиме нашата служба?

17 Нема поголема чест за човек од тоа да му служи на Јехова, Највишиот (Исаија 43:10; 2. Коринќаните 4:7; 1. Петрово 2:9). Сепак, предноста да се учествува во јавната служба им е отворена на сите — млади и стари, машки и женски — што имаат вистинска желба да му служат на Бог. Дали го користиш овој скапоцен дар? Можеби некои се воздржуваат затоа што се чувствуваат недостаточни, но запомни, Јехова им дава свет дух на оние што му служат, и светиот дух го надоместува секој недостаток што можеби го имаме (Еремија 1:6-8; 20:11).

18 Јехова им го доверил делото на проповедање на Царството на своите понизни слуги, а не на поединци кои се склони да бидат горди и да се потпираат на сопствените способности (1. Коринќаните 1:20, 26-29). Понизните, скромни луѓе ги признаваат своите ограничувања и зависат од Божјата помош додека учествуваат во службата на теренот. Исто така, тие ја ценат духовната помош што тој им ја дава преку „верниот настојник“ (Лука 12:42-44; Пословици 22:4).

Среќен семеен живот — прекрасен дар

19. Кои фактори водат до успех во подигањето деца?

19 Бракот и среќниот семеен живот се дарови од Бог (Рута 1:9NW; Ефешаните 3:14, 15). Децата се исто така скапоцен „дар од Господа“ и им донесуваат радост на родителите кои успешно всадуваат во нив побожни особини (Псалм 127:3). Ако си родител, продолжи да го слушаш Јеховиниот глас со тоа што ќе ги обучуваш твоите малечки во согласност со неговата Реч. Оние што го прават тоа сигурно ќе ја доживеат Јеховината поддршка и богат благослов (Пословици 3:5, 6; 22:6; Ефешаните 6:1-4).

20. Што може да биде од помош за родителите чии деца се одвраќаат од вистинското обожавање?

20 И покрај совесните напори на побожните родители, можеби некои од нивните деца, кога ќе пораснат, ќе изберат да се одвратат од вистинското обожавање (Битие 26:34, 35). Ова може да биде емоционално погубно за родителите (Пословици 17:21, 25). Меѓутоа, наместо да се откажат од секаква надеж, можеби за нив ќе биде од помош ако се сетат на Исусовата илустрација за расипничкиот син. Иако го напуштил домот и тргнал по своеволен пат, тој син подоцна се вратил во домот на својот татко, кој го примил на радосен и љубезен начин (Лука 15:11-32). Што и да се случи, верните христијански родители можат да бидат уверени во Јеховиното разбирање, љубезна грижа и сигурна поддршка (Псалм 145:14).

21. Кого треба да слушаме, и зошто?

21 Затоа, нека секој од нас одреди што е навистина важно во нашиот живот. Дали страсно се стремиме кон материјално изобилство, кое може да ни донесе болка нам и на нашите семејства? Или, се стремиме кон ‚добрите дарови и совршени подароци‘ што доаѓаат од „Таткото на небесните светла“ (Јаков 1:17). Сатана, ‚таткото на лагата‘, сака напорно да работиме за материјалното богатство и да ги пропуштиме среќата и животот (Јован 8:44; Лука 12:15). Но, Јехова ги има при срце нашите најдобри интереси (Исаија 48:17, 18). Затоа, да продолжиме да го слушаме нашиот љубезен небесен Татко и секогаш ‚радоста да ни биде‘ во него (Псалм 37:4). Ако се стремиме по тој пат, Јеховините непроценливи дарови и изобилен благослов ќе нѐ збогатат — и тоа без најмала трага од болка.

[Фуснота]

Се сеќаваш ли?

• Каде може да се најде најголема среќа?

• Кои се некои дарови што Јехова му ги дава на својот народ?

• Зошто е службата на теренот дар?

• Што можат да сторат родителите за да добијат Божји благослов додека ги подигаат своите деца?

[Прашања]

[Слика на страница 16]

Дали покажуваш ценење за Божјиот дар — неговата пишана Реч?

[Слика на страница 17]

И покрај многу тешките околности, Лорел Низбет ревносно му служела на Бог

[Слики на страница 18]

Слично на Тавита, денешните христијани се добро познати по делата на љубов

[Слика на страница 19]

Христијанските старешини љубезно се грижат за соверниците