Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ќе те стигне Јеховиниот благослов?

Дали ќе те стигне Јеховиниот благослов?

Дали ќе те стигне Јеховиниот благослов?

„Сите овие благослови ќе слезат над тебе и ќе те стигнат ако [продолжиш да, NW] го слушаш гласот на Господа, својот Бог“ (ВТОРОЗАКОНИЕ 28:2).

1. Од што зависело дали Израелците ќе добиеле благослови или проклетства?

КОН крајот на своето 40-годишно напорно патување низ пустелијата, Израелците се улогориле на Моавските Полиња. Пред нив лежела Ветената земја. Тогаш Мојсеј ја напишал книгата Второзаконие, во која се наоѓаат низа благослови и проклетства, односно клетви. Ако Израелците ‚продолжеле да го слушаат гласот на Господа‘, со тоа што ќе му биле послушни, ќе ги ‚стигнеле‘ благослови. Јехова ги љубел како своја „премила сопственост“ и сакал да ја покаже својата сила во нивна корист. Но, ако не продолжеле да го слушаат, исто толку сигурно ќе ги стигнеле проклетства (Второзаконие 8:10-14; 26:18; 28:2, 15).

2. Какво значење имаат хебрејските глаголи преведени со ‚продолжи да слуша‘ и ‚стигне‘ во Второзаконие 28:2?

2 Хебрејскиот збор преведен со ‚продолжи да слуша‘, во Второзаконие 28:2 (NW), означува трајно дејство. Јеховиниот народ не смее само повремено да го слуша него; мора да продолжи да слуша во смисла тоа да му стане начин на живот. Само тогаш ќе го стигнат божествените благослови. Утврдено е дека хебрејскиот глагол преведен со ‚стигне‘ е еден ловечки термин кој најчесто значи „да дофати“ или „да достигне“.

3. На кој начин можеме да бидеме како Исус Навин, и зошто е ова животоважно?

3 Израелскиот водач Исус Навин избрал да го слуша Јехова и затоа доживеал благослови. Исус Навин рекол: „Денес изберете кому ќе му служите . . . јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа“. На тоа народот одговорил: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови“ (Исус Навин 24:15, 16). Поради својот одличен став, Исус Навин се нашол меѓу оние неколкумина од неговата генерација што имале привилегија да влезат во Ветената земја. Денес стоиме на прагот на една супериорна Ветена земја — рајска Земја во која сите што имаат Божје одобрување ги чекаат далеку поголеми благослови отколку оние во времето на Исус Навин. Дали ќе те стигнат тие благослови? Тоа ќе биде случај ако продолжиш да го слушаш Јехова. Како помош да ја зајакнеш својата решеност во тоа, разгледај ја националната историја на древниот Израел, како и поучните примери на некои поединци (Римјаните 15:4).

Благослов или проклетство?

4. Што добил Соломон од Бог како одговор на својата молитва, и што треба да мислиме за ваквите благослови?

4 Во поголемиот дел од владеењето на цар Соломон, Израелците добиле извонредни благослови од Јехова. Уживале сигурност и добри работи во изобилство (1. Цареви 4:25). Богатството на Соломон станало легендарно, иако тој не побарал од Бог материјално богатство. Наместо тоа, додека сѐ уште бил млад и неискусен, се молел да има послушно срце — барање кое Јехова му го исполнил благословувајќи го со мудрост и разбирање. Ова му овозможило на Соломон исправно да им суди на луѓето, проникнувајќи што е добро а што зло. Иако Бог му дал и богатство и слава, Соломон, како млад човек, ја ценел извонредната вредност на духовното богатство (1. Цареви 3:9-13). Сеедно дали во материјален поглед имаме многу или не, колку само можеме да бидеме благодарни ако уживаме Јеховин благослов и ако сме духовно богати!

5. Што се случило кога народот на Израел и Јуда не продолжил да го слуша Јехова?

5 Израелците пропуштиле да покажат ценење за Јеховиниот благослов. Бидејќи не продолжиле да го слушаат, ги стигнале претскажаните проклетства. Ова имало за последица освојување од непријателите и изгнанство за царствата Израел и Јуда (Второзаконие 28:36; 2. Цареви 17:22, 23; 2. Летописи 36:17-20). Дали Божјиот народ научил од таквите страдања дека божествените благослови ги стигнуваат само оние што продолжуваат да го слушаат Јехова? Еврејскиот остаток, кој во 537 пр.н.е. се вратил во својата татковина, имал прилика да покаже дали стекнал „мудро срце“ и сега ја увидел потребата да продолжи да го слуша Бог (Псалм 90:12).

6. а) Зошто Јехова ги испратил Агеј и Захарија да му пророкуваат на неговиот народ? б) Кое начело било илустрирано со Божјата порака преку Агеј?

6 Еврејските повратници поставиле еден олтар и почнале да го градат храмот во Ерусалим. Но, кога се јавило силно противење, нивната ревност почнала да попушта и изградбата престанала (Езра 3:1-3, 10; 4:1-4, 23, 24). Исто така, почнале да ѝ даваат приоритет на личната удобност. Затоа, Бог ги испратил пророците Агеј и Захарија да ја разгорат нивната ревност за вистинското обожавање. Јехова преку Агеј рекол: ‚Дали вам ви е време да живеете во покриени куќи, додека овој Дом е разурнат? . .  Обратете ги своите срца на вашите патишта! Сеете многу, собирате малку; јадете, а не сте сити . . . Трудбеникот ја заработува платата, а ја става во скината кожена торбичка за стрели‘ (Агеј 1:4-6). Жртвувањето на духовните интереси во стремежот по материјални користи не резултира со Јеховин благослов (Лука 12:15-21).

7. Зошто Јехова им рекол на Евреите: „Обратете ги своите срца на вашите патишта“?

7 Обземени со секојдневните грижи, Евреите заборавиле дека божествените благослови во облик на дожд и плодоносни сезони ќе ги стигнеле само ако истраеле на патот на послушност на Бог, дури и наспроти противење (Агеј 1:9-11). Затоа, колку само одговара поттикот: „Обратете ги своите срца на вашите патишта!“ (Агеј 1:7). Всушност, Јехова им кажувал: ‚Помислете! Видете ја врската меѓу вашиот залуден труд на полињата и запустената состојба на мојот дом за обожавање‘. Инспирираните зборови на Јеховините пророци конечно ги достигнале срцата на нивните слушатели, зашто народот повторно започнал со изградба на храмот, довршувајќи го во 515 пр.н.е.

8. Каков поттик им дал Јехова на Евреите во времето на Малахија, и зошто?

8 Подоцна, во деновите на пророкот Малахија, Евреите повторно почнале духовно да се тетерават, па дури и му принесувале неприфатливи жртви на Бог (Малахија 1:6-8). Затоа Јехова ги поттикнал да ги донесат десетоците од своите плодови во неговата ризница и да го испитаат за да видат дали нема да им ги отвори небесните брани и да излее благослов со полна мерка (Малахија 3:10). Колку биле глупави Евреите што напорно работеле токму за оние работи што Бог во изобилство би им ги дал само ако продолжеле да го слушаат неговиот глас! (2. Летописи 31:10).

9. На кои тројца поединци од библискиот запис ќе им ги испитаме животите?

9 Освен што ја презентира националната историја на Израел, Библијата хронолошки ги бележи животите на многу поединци кои добиле божествени благослови или проклетства, зависно од тоа дали продолжиле да го слушаат Јехова или не. Да видиме што можеме да научиме од тројца од нив — Воз, Навал и Ана. Во тој поглед, можеби ќе сакаш да ја прочиташ книгата Рута, како и 1. Самоил 1:1—2:21 и 1. Самоил 25:2-42.

Воз го слушал Бог

10. Што имале заедничко Воз и Навал?

10 Иако не биле современици, Воз и Навал имале некои заеднички работи. На пример, обајцата живееле во земјата Јуда. Биле богати земјопоседници и обајцата имале посебна прилика да покажат срдечна љубезност кон некој што бил во оскудица. Но, тука сличностите завршуваат.

11. Како покажал Воз дека продолжил да го слуша Јехова?

11 Воз живеел во ерата на израелските судии. Кон другите се однесувал со почит, а неговите жетвари високо го ценеле (Рута 2:4). Во послушност на Законот, Воз се погрижил на неговото поле да бидат оставани пабирките за измачените и сиромашните (Левит 19:9, 10). Што сторил Воз кога дознал за Рута и Ноемина и кога ја видел трудољубивоста на Рута за да ја згрижи својата остарена свекрва? Покажал посебен обѕир кон Рута и им заповедал на неговите луѓе да ѝ дозволат да паберкува на неговото поле. Со зборови и љубезни дела, Воз открил дека бил духовен човек кој го слушал Јехова. Затоа добил Божја наклоност и благослов (Левит 19:18; Рута 2:5-16).

12, 13. а) Како покажал Воз длабока почит кон Јеховиниот закон за откупување? б) Какви божествени благослови го стигнале Воз?

12 Најизвонреден доказ дека Воз продолжил да го слуша Јехова бил несебичниот начин на кој постапил во врска со Божјиот закон за откупувањето. Воз сторил сѐ што можел за да засигура наследството на неговиот роднина — Елимелех, покојниот сопруг на Ноемина — да остане во семејството на Елимелех. Преку „деверски брак“, вдовицата требало да се омажи за најблискиот роднина на покојниот сопруг за да можело синот што ќе им се родел да го преземе наследството (Второзаконие 25:5-10; Левит 25:47-49). Рута се претставила за брак на местото на Ноемина, која била на возраст кога веќе не можела да има деца. Откако еден поблизок роднина на Елимелех одбил да ѝ помогне на Ноемина, Воз ја зел Рута за жена. Нивниот син Овид бил сметан за потомство на Ноемина и законски наследник на Елимелех (Рута 2:19, 20; 4:1, 6, 9, 13-16).

13 Поради несебичното повинување на Божјиот закон, Воз го стигнале богати благослови. Преку синот Овид, тој и Рута биле благословени со предноста да станат предци на Исус Христос (Рута 2:12; 4:13, 21, 22; Матеј 1:1, 5, 6). Од несебичните постапки на Воз учиме дека благослови ги стигнуваат оние што покажуваат љубов кон другите и постапуваат во согласност со Божјите барања.

Навал не слушал

14. Каков човек бил Навал?

14 Спротивно на Воз, Навал пропуштил да го слуша Јехова. Тој го прекршил Божјиот закон: „Љуби го својот ближен како себеси“ (Левит 19:18). Навал не бил духовен човек; тој бил „суров и опак“. Дури и неговите луѓе го сметале за „опак човек“. Соодветно на тоа, неговото име Навал значи „неразумен“, или „глупав“ (1. Самоил 25:3, 17, 25). Тогаш, како ќе реагира Навал кога ќе има прилика да покаже љубезност кон некој што е во оскудица — Давид, помазаникот на Јехова? (1. Самоил 16:13).

15. Како постапил Навал со Давид, и како се разликувала Авигеја од својот сопруг во тој поглед?

15 Кога се улогориле во близина на Наваловите стада, Давид и неговите луѓе им пружиле заштита од пљачкашки банди без да бараат да им се плати. „Ноќе и дење ни беа како тврдина“, рекол еден од пастирите на Навал. Меѓутоа, кога гласниците на Давид побарале храна, Навал ‚ги истерал‘ и ги вратил со празни раце (1. Самоил 25:2-16). Авигеја, сопруга на Навал, веднаш му однела храна на Давид. Вриејќи од лутина, Давид за малку ќе го истребел Навал и неговите луѓе. Така, Авигеја со својата иницијатива ги спасила животите на многумина и спречила Давид да стане виновен за крв. Но, лакомоста и суровоста на Навал отишле предалеку. Отприлика по десет дена, ‚Господ го удрил Навал, та умрел‘ (1. Самоил 25:18-38).

16. Како можеме да го имитираме Воз и да ги отфрламе патиштата на Навал?

16 Каков само контраст имало меѓу Воз и Навал! Додека ги отфрламе суровите и себични патишта на Навал, да ги имитираме љубезноста и несебичноста на Воз (Евреите 13:16). Тоа можеме да го правиме ако го применуваме советот на апостол Павле: „Сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10). Денес, Исусовите „други овци“, христијаните со земна надеж, имаат привилегија да им прават добро на Јеховините помазаници, остатокот од 144.000, на кои ќе им биде дадена бесмртност на небото (Јован 10:16; 1. Коринќаните 15:50-53; Откровение 14:1, 4). На таквите љубезни дела Исус гледа како да му се направени нему лично, а резултатот од правењето такви добри работи е Јеховин богат благослов (Матеј 25:34-40; 1. Јованово 3:18).

Испитите и благословите на Ана

17. Со какви испити се соочила Ана, и каков став покажала?

17 Јеховиниот благослов ја стигнал и побожната Ана. Таа живеела во планинскиот регион Ефрем со својот сопруг Левит, Елкан. Затоа што било дозволено и регулирано со Законот, тој имал и друга жена — Фенина. Ана немала деца, што било срам за една Израелка, додека Фенина имала неколку (1. Самоил 1:1-3; 1. Летописи 6:16, 33, 34). Меѓутоа, наместо да ја утеши Ана, Фенина постапувала со неа на многу нељубезен начин, а тоа ја вознемирувало Ана до солзи и до тој степен што го изгубила апетитот. Што било уште полошо, ова се случувало „секоја година“, секојпат кога семејството одело во Јеховиниот дом во Сило (1. Самоил 1:4-8). Колку бесчувствително било тоа од Фенина, и колкав испит за Ана! Сепак, Ана никогаш не го обвинила Јехова; ниту останувала дома кога нејзиниот сопруг одел во Сило. Затоа, на крајот сигурно требало да ја стигне богат благослов.

18. Каков пример дала Ана?

18 Ана дала добар пример за Јеховиниот народ денес, особено за оние што можеби се повредени од нељубезните коментари на другите. Во такви ситуации не е одговор некој да се изолира (Пословици 18:1NW). Ана не дозволила нејзините испити да ѝ ја намалат желбата да биде таму каде што се поучувало за Божјата реч и каде што се собирал неговиот народ за обожавање. Така останала духовно јака. Длабочината на нејзината духовност е откриена во нејзината прекрасна молитва запишана во 1. Самоил 2:1—10. *

19. Како можеме да покажеме ценење за духовните работи?

19 Како Јеховини денешни слуги, ние не обожаваме во некој шатор. Сепак, можеме да го покажеме нашето ценење за духовните работи, исто како Ана. На пример, нашето длабоко ценење за духовните работи можеме да го покажеме преку нашето редовно присуство на христијанските состаноци, собири и конгреси. Да ги користиме овие прилики за да се храбриме еден со друг во вистинското обожавање на Јехова, кој ни ја дал „предноста бестрашно да му принесуваме света служба во лојалност и праведност“ (Лука 1:74, 75; Евреите 10:24, 25).

20, 21. Како била наградена Ана за својата побожна оддаденост?

20 Јехова обрнал внимание на побожната оддаденост на Ана и изобилно ја наградил. На едно од годишните патувања на семејството во Сило, расплаканата Ана горливо му се помолила на Бог и се заветувала: „Господи над Воинствата! Ако погледнеш на неволјата на својата слугинка, и си спомнеш за мене, и не ја заборавиш својата слугинка та ѝ дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот“ (1. Самоил 1:9-11). Бог го чул преколнувањето на Ана и ја благословил со син, кому му ставила име Самоил. Кога го одбила од доење, го одвела во Сило за да може да служи во шаторот (1. Самоил 1:20, 24-28).

21 Ана покажала љубов кон Бог и го исполнила својот завет во врска со Самоил. И помисли само на богатиот благослов што таа и Елкан го уживале поради тоа што нивниот драг син служел во Јеховиниот шатор! Многу христијански родители имаат слични радости и благослови заради тоа што нивните синови и ќерки служат како полновремени министри—пионери, членови на бетелската фамилија или на други начини за да му искажат чест на Јехова.

Продолжи да го слушаш Јехова!

22, 23. а) Во што можеме да бидеме сигурни ако продолжиме да го слушаме Јеховиниот глас? б) Што ќе биде разгледано во следната статија?

22 Во што можеме да бидеме сигурни ако продолжиме да го слушаме Јехова? Ќе бидеме духовно богати ако покажеме љубов кон Бог со сета душа и го исполниме нашето предание кон него. Дури и кога стремењето по тој пат значи дека мора да поднесуваме тешки испити, Јеховиниот благослов неизбежно ќе нѐ стигне — честопати на повеличествени начини отколку што можеме да си замислиме (Псалм 37:4; Евреите 6:10).

23 Во иднина ќе бидат излеани многу благослови врз Божјиот народ. Заради тоа што во потполност му е послушно на Јехова, „едно големо мноштво“ ќе биде сочувано во „големата неволја“ и ќе ги доживее радостите на животот во Божјиот нов свет (Откровение 7:9-14; 2. Петрово 3:13). Таму Јехова во целост ќе ги задоволи праведните желби на целиот негов народ (Псалм 145:16). Меѓутоа, како што ќе покаже и следната статија, оние што продолжуваат да го слушаат Јеховиниот глас уште сега се благословени со ‚добри дарови и совршени подароци одозгора‘ (Јаков 1:17).

[Фуснота]

^ пас. 18 Изразите на Ана се слични на изразите на девицата Марија, кои ги кажала кратко откако дознала дека ќе стане мајка на Месијата (Лука 1:46-55).

Се сеќаваш ли?

• Што можеме да научиме за божествените благослови од историјата на Израел?

• Во кој поглед се разликувале Воз и Навал?

• Како можеме да ја имитираме Ана?

• Зошто треба да продолжиме да го слушаме Јеховиниот глас?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Цар Соломон се молел за послушно срце, и Јехова го благословил со мудрост

[Слика на страница 12]

Воз се однесувал кон другите со почит и љубезност

[Слика на страница 15]

Ана била богато благословена заради тоа што се потпирала на Јехова