Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Може ли нешто навистина да ги обедини луѓето?

Може ли нешто навистина да ги обедини луѓето?

Може ли нешто навистина да ги обедини луѓето?

СЕЕДНО во што веруваш, веројатно се сложуваш дека речиси во сите религии мора да има љубители на вистината. Луѓе што длабоко го ценат она што е вистинито и се спремни да трагаат по него можат да се најдат меѓу хиндусите, католиците, Евреите и други. Сепак, се чини дека религијата го поделува човештвото. Некои дури и ја користат религијата за зли цели. Дали некогаш ќе биде можно да се обединат искрените луѓе од сите религии, оние што имаат љубов кон она што е добро и вистинито? Можно ли е да се соберат за една заедничка цел?

Колку само вознемирува кога ќе се види дека религијата сѐ повеќе станува причина за поделба! Разгледај некои од овие конфликти. Во Шри Ланка хиндуси се борат со будисти. Протестанти, католици и Евреи пролеваат крв во различни конфликти. „Христијани“ се борат со муслимани во Босна, Индонезија, Косово и во Чеченија. А во март 2000, за два дена борба поврзана со религијата беа усмртени 300 Нигеријци. Навистина, религиозната омраза ја распламтува крволочноста во овие конфликти.

Искрените луѓе честопати се вчудовидени од злите практики што се вршат во името на религијата. На пример, многу луѓе кои одат в црква се шокирани што некои цркви службено толерираат свештеници кои сексуално злоупотребувале деца. Други верници многу се срамат од поделбите во рамките на таканаречените христијански секти заради спорни прашања како што се хомосексуалноста и абортусот. Јасно, религијата не го обединила човештвото. Сепак, во многу вери постојат вистински љубители на вистината, како што покажуваат и следниве искуства.

Копнееле по вистината

Фиделија била искрена и оддадена обожавателка во католичката црква Сан Франциско во Ла Пас (Боливија). Паѓала на колена пред ликот на Марија и ги ставала пред распетието најубавите свеќи што можела да ги купи. Секоја седмица на свештеникот му подарувала огромни количини храна за да им ја подели на сиромашните. Меѓутоа, пет бебиња на Фиделија умреле пред да бидат крстени. Кога свештеникот ѝ рекол дека сите тие страдаат во темнината на лимбот, Фиделија се прашувала: ‚Ако Бог е добар, како е можно тоа?‘

Тара, лекарка, била воспитана како хиндус во Катманду (Непал). Следејќи ги вековните обичаи на своите предци, таа ги обожавала своите богови во хиндуистичките храмови и дома имала идоли. Но, ја збунувале прашања како, на пример: ‚Зошто има толку многу страдања? Зошто умираат луѓето?‘ Во својата религија не нашла некои задоволителни одговори.

Паниј, пак, пораснал како будист во куќа покрај еден канал во Банкок (Тајланд). Бил поучен дека страдањата се последица од дела извршени во претходните животи и дека некој може да постигне слобода од нив ако се ослободи од сите желби. Како и другите искрени будисти, и тој бил поучен да има длабока почит кон мудроста на монасите во жолти облеки кои секој ден на разденување им доаѓале дома за милостина. Практикувал медитација и собрал ликови од Буда, верувајќи дека тие носат заштита. Откако доживеал една сериозна несреќа по која останал парализиран од половината надолу, Паниј ги посетувал будистичките манастири, искрено надевајќи се дека ќе најде некој чудотворен лек. Не нашол ниту лек ниту духовно просветлување. Наместо тоа, бил изложен на спиритизам и почнал да занимава со него.

Вирџил бил роден во Соединетите Држави и на колеџ им се придружил на Црните муслимани. Ревносно ја дистрибуирал нивната литература, според која белецот е Ѓавол. Според нивно мислење, тоа била причината поради која белците извршиле толку многу ѕверства против црнците. Иако бил искрен во своите верувања, Вирџил го вознемирувале прашањата: ‚Како може сите белци да се лоши? И зошто толку голем дел од проповедањето се врти околу парите?‘

Иако пораснала во Јужна Америка, која е претежно католичка земја, Чаро била искрен протестант. Била задоволна што не е дел од идолопоклонството што ја опкружувало. Чаро уживала што секоја недела одела в црква на миса полна со емоции, каде што извикувала „Алелуја!“ и се придружувала во религиозното пеење и танцување кое следело. Искрено верувала дека била спасена и повторно родена. На црквата ѝ плаќала десеток од својот приход, а кога нејзиниот омилен ТВ-евангелист ќе побарал прилози, му испраќала пари за децата во Африка. Меѓутоа, кога го прашала својот пастор зошто Богот на љубовта ги мачи душите во пекол, сфатила дека немал смисловен одговор. Подоцна открила и дека нејзините прилози не биле користени за да им се помогне на децата во Африка.

Иако се со различно потекло, овие пет поединци имале нешто заедничко. Тие ја сакале вистината и искрено барале вистинити одговори на своите прашања. Но, можно ли е навистина да се обединат во вистинско обожавање? На тоа прашање ќе одговори следната статија.

[Слика на страница 4]

Можно ли е луѓе со различно потекло навистина да се обединат?

[Извор на слика на страница 3]

G.P.O., Ерусалим