Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинска вера — дали е сѐ уште можна?

Вистинска вера — дали е сѐ уште можна?

Вистинска вера — дали е сѐ уште можна?

„Верата е жива, смела доверба во Божјата милост, толку сигурна и извесна што верникот би го ставил на коцка и својот живот за неа илјада пати“ (МАРТИН ЛУТЕР, 1522).

„Всушност, веќе имаме световно општество во кое христијанската вера и практики прилично изумреле“ (ЛУДОВИК КЕНЕДИ, 1999).

ГЛЕДИШТАТА за верата драматично се разликуваат. Во минатото, верата во Бог била норма. Денес, во свет на скептицизам и страдања, вистинската вера во Бог и во Библијата брзо исчезнува.

Вистинска вера

За многумина, „верата“ едноставно значи да се има религиозно верување или да се следи некаков облик на обожавање. Меѓутоа, на начинот на кој е користена во Библијата, „верата“ во основа значи тотална верба — целосна, непоколеблива доверба во Бог и во неговите ветувања. Тоа е особина по која се препознава еден ученик на Исус Христос.

Во една прилика, Исус Христос зборувал за потребата да се молиме и да ‚не се откажуваме‘. Притоа поставил прашање во врска со тоа дали во нашево време воопшто ќе постои вистинска вера. Тој прашал: „Кога Синот човечки ќе дојде, дали навистина ќе најде [ваква] вера на земјата?“ Зошто поставил такво прашање? (Лука 18:1, 8).

Изгубена вера

Многу работи можат да бидат причина луѓето да ја изгубат и онаа вера што ја имаат. Во нив спаѓаат траумите и испитите од секојдневниот живот. Професор Мајкл Гулдер, на пример, бил парохиски свештеник во Манчестер (Англија) во времето на минхенската авионска несреќа од 1958 во која загинале повеќето од членовите на фудбалскиот тим Манчестер Јунајтед. Во една програма на телевизијата Би-Би-Си, водителката Џоан Бејквел објаснила дека Гулдер „се чувствувал беспомошен пред големината на жалоста на луѓето“. Една последица од тоа било што „ја изгубил верата во еден Бог кој интервенира во човечката судбина“. Гулдер го навел своето верување дека „Библијата не е . . . непогрешлива реч Божја“, туку напротив, „погрешлива реч човечка, можеби со некоја божествена инспирација овде-онде“.

Понекогаш верата едноставно згаснува. Тоа било случај со писателот и спикер Лудовик Кенеди. Тој вели дека уште од детството ‚овде-онде му се појавувале сомневања и несигурност [во врска со Бог] и неговото неверување растело‘. Се чини дека никој не можел да му даде разумни одговори на неговите прашања. Смртта на татко му на море била сериозен удар за она што веќе било многу слаба вера. Молитвите до Бог да „нѐ сочува од опасности на морето и од насилството на непријателот“ останале неодговорени додека пренаменетиот патнички брод, на кој се наоѓал татко му, бил нападнат и уништен од германските воени бродови во текот на II светска војна (All in the Mind—A Farewell to God [Сѐ е во умот — збогување со Бог]).

Таквите искуства не се необични. „Верата“, вели апостол Павле, „не ја поседуваат сите луѓе“ (2. Солуњаните 3:2). Што мислиш ти? Дали е сѐ уште можно да се има вистинска вера во Бог и во неговата Реч во еден сѐ поскептичен свет? Испитај што има да каже на оваа тема следната статија.