Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имитирајте го Јехова при воспитувањето на своите деца

Имитирајте го Јехова при воспитувањето на своите деца

Имитирајте го Јехова при воспитувањето на своите деца

„Зарем не ги исправаат сите родители своите деца?“ (ЕВРЕИТЕ 12:7, Contemporary English Version).

1, 2. Зошто родителите денес имаат проблем со подигањето на своите деца?

ЕДНА анкета спроведена пред неколку години во Јапонија открила дека околу половина од возрасните кои биле интервјуирани, сметале дека постои премала комуникација меѓу родителите и нивните деца и дека родителите им дозволуваат премногу на децата. Во една друга анкета спроведена во таа земја, речиси четвртина од испитаниците признале дека не знаат како да се однесуваат со децата. Овој тренд не е одлика само на Ориентот. „Многу родители од Канада признале дека се чувствуваат несигурни околу тоа како да бидат добри родители“, известил The Toronto Star. На родителите насекаде им паѓа тешко да ги одгледуваат своите деца.

2 Зошто родителите имаат проблем со подигањето на своите деца? Главна причина е тоа што живееме во „последните денови“, и настанати се ‚критичните времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Освен тоа, „помислите на срцето човечко се зли уште од младини“, стои во Библијата (Битие 8:21СП). А младите се особено ранливи на нападите на Сатана, кој како „разрикан лав“ ги лови неискусните (1. Петрово 5:8). Сигурно изобилуваат препреки за христијанските родители, кои се нафатиле да ги подигаат своите деца „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Како можат родителите да им помогнат на своите деца да пораснат во зрели обожаватели на Јехова, способни да разликуваат „исправно и неисправно“? (Евреите 5:14).

3. Зошто се неопходни родителско воспитување и водство за успешно подигање на децата?

3 „Глупоста се прилепува до срцето на детето“, забележал мудриот цар Соломон (Пословици 13:1; 22:15). За да ја отстранат таквата глупост од своите срца, на младите им е потребно љубезно исправање од родителите. Но, таквото исправање не им е секогаш добредојдено на младите. Всушност, тие честопати се огорчуваат на советот, сеедно кој го дава. Затоа, родителите мораат да научат да ‚го упатуваат детето по неговиот пат‘ (Пословици 22:6). Кога децата се придржуваат за таквата дисциплина, тоа за нив може да значи живот (Пословици 4:13). Колку само е битно родителите да знаат што сѐ е вклучено во воспитувањето на нивните млади!

Дисциплина — што значи таа

4. Кое е првенственото значење на зборот „дисциплина“, употребен во Библијата?

4 Од страв да не бидат обвинети за малтретирање — физичко, вербално или емоционално — некои родители избегнуваат да ги исправаат своите деца. Не треба да негуваме такви стравови. Зборот „дисциплина“, употребен во Библијата, не подразбира никакво малтретирање или суровост. Грчкиот збор за „дисциплина“ првенствено се однесува на поука, образование, исправка и, понекогаш, на цврсто, но љубезно казнување.

5. Зошто е корисно да го разгледаме Јеховиниот начин на постапување со неговиот народ?

5 Јехова Бог дава совршен пример во давањето таква дисциплина. Споредувајќи го Јехова со човечки татко, апостол Павле напишал: „Зарем не ги исправаат сите родители своите деца? . . Нашите човечки татковци нѐ исправаат за кратко време, и тоа го прават онака како што мислат дека е најдобро. Но, Бог нѐ исправа за наше добро, бидејќи сака да бидеме свети“ (Евреите 12:7-10, Contemporary English Version). Да, Јехова го дисциплинира својот народ за да стане свет, односно чист. Сигурно можеме многу да научиме за дисциплинирањето на децата ако разгледаме како Јехова го воспитувал својот народ (Второзаконие 32:4; Матеј 7:11; Ефешаните 5:1).

Љубовта — мотивирачка сила

6. Зошто на родителите можеби им е тешко да ја имитираат Јеховината љубов?

6 „Бог е љубов“, вели апостол Јован. Значи, воспитувањето од страна на Јехова е секогаш мотивирано од љубов (1. Јованово 4:8; Пословици 3:11, 12). Дали ова значи дека на родителите кои имаат природна наклоност кон своите потомци ќе им биде лесно да го имитираат Јехова во тој поглед? Не мора да значи. Божјата љубов е начелна љубов. А еден грчки изучувач истакнува дека таквата љубов „не се совпаѓа секогаш со природните склоности“. Бог не е заслепен од сентименталност. Тој секогаш го зема предвид она што е најдобро за неговиот народ (Исаија 30:20; 48:17).

7, 8. а) Каков пример на начелна љубов дал Јехова во постапките со својот народ? б) Како можат родителите да го имитираат Јехова во помагањето на своите деца да ја развијат способноста да ги следат библиските начела?

7 Размисли за љубовта што Јехова ја покажал во постапките со Израел. Мојсеј употребил прекрасна аналогија за да ја опише Јеховината љубов кон младата нација Израел. Читаме: „Како орелот што бдее над [го раздвижува, NW] гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крила, го зема, па го носи на Своите перја. Самиот Господ го водеше [Јаков]“ (Второзаконие 32:9, 11, 12). За да ги научи младенчињата да летаат, мајката орлица ‚го раздвижува гнездото‘, треперејќи и замавнувајќи со своите крилја за да ги натера малечките да полетаат. Кога една млада птица конечно летнува од гнездото, кое честопати се наоѓа на некој висок гребен, мајката ‚трепери над‘ младенчето. Ако се чини дека пиленцето може да падне на земја, мајката се спушта под него, носејќи го ‚на своите перја‘. На сличен начин, Јехова со љубов се грижел за новородената нација Израел. Му го дал на народот Мојсеевиот закон (Псалм 78:5-7). Тогаш Бог бдеел над нацијата со остро око, спремен да ја спаси кога неговиот народ бил во неволја.

8 Како можат христијанските родители да ја имитираат Јеховината љубов? Прво, мора да ги поучат своите деца за начелата и мерилата што се наоѓаат во Божјата реч (Второзаконие 6:4-9). Целта е да им помогнат на младите да научат да донесуваат одлуки во согласност со библиските начела. Притоа, љубезните родители треперат над своите млади, така да се каже, набљудувајќи како тие ги применуваат начелата што ги научиле. Како што децата растат и постепено им се дава поголема слобода, грижливите родители се спремни да ‚се спуштат‘ и да ги ‚носат младите на своите перја‘, секогаш кога постои опасност. Каква опасност?

9. За која опасност особено мораат да бидат будни родителите полни со љубов? Илустрирај.

9 Јехова Бог ги предупредил Израелците на последиците од лошите друштва (Броеви 25:1-18; Езра 10:10-14). Дружењето со погрешни луѓе е вообичаена опасност и денес (1. Коринќаните 15:33). Христијанските родители прават добро ако го имитираат Јехова во тој поглед. Една 15-годишна девојка по име Лиза се заинтересирала за момче кое не ги делело моралните и духовните вредности на нејзиното семејство. „Моите родители веднаш забележаа промена во мојот став и се загрижија“, раскажува Лиза. „Понекогаш ме исправаа, а во други прилики нежно ме храбреа.“ Тие седнувале со Лиза и внимателно ја слушале, помагајќи ѝ на тој начин да се справи со она што сфатиле дека ѝ е основен проблем — желбата да биде прифатена од врсниците. *

Држете ги отворени линиите на комуникација

10. На кои начини дал Јехова добар пример во комуницирањето со Израелците?

10 За да бидат успешни во воспитувањето на децата, родителите мора да настојуваат да ги држат отворени линиите на комуникација со своите млади. Јехова, иако во потполност знае што стои во нашето срце, нѐ охрабрува да комуницираме со него (1. Летописи 28:9). Откако им го дал Законот на Израелците, Јехова ги назначил Левитите да ги поучуваат, а пророците ги испраќал да резонираат со нив и да ги исправаат. Исто така, покажал спремност да ги услиши нивните молитви (2. Летописи 17:7-9; Псалм 65:2; Исаија 1:1-3, 18-20; Еремија 25:4; Галатите 3:22-24).

11. а) Како можат родителите да унапредуваат добра комуникација со своите деца? б) Зошто е важно родителите да бидат добри слушатели кога комуницираат со своите деца?

11 Како можат родителите да го имитираат Јехова кога комуницираат со своите деца? Пред сѐ, тие мора да одвојат време за нив. Исто така, добро е ако родителите избегнуваат бесмислени коментари со кои исмејуваат, како што се: „Тоа е сѐ? Мислев дека беше нешто важно“; „Глупости“; „Па, што очекуваш? Ти си сѐ уште дете“ (Пословици 12:18). За да ги охрабрат децата да се отворат, мудрите родители настојуваат да бидат добри слушатели. Родителите што ги игнорираат своите деца кога се мали можеби и самите ќе бидат игнорирани кога децата ќе пораснат. Јехова бил секогаш спремен да го слуша својот народ. Тој има отворено уво за оние што понизно му се обраќаат во молитва (Псалм 91:15; Еремија 29:12; Лука 11:9-13).

12. Кои особини на родителите можат да им олеснат на децата да им пристапат?

12 Размисли и за тоа како извесни аспекти од Божјата личност му олесниле на неговиот народ да му пристапува слободно. На пример цар Давид од древниот Израел сериозно згрешил со тоа што имал прељубнички однос со Вирсавија. Како несовршен човек, Давид извршил и други сериозни гревови во животот. Сепак, никогаш не пропуштил да му пристапи на Јехова и да бара од него простување и укор. Несомнено, Божјата незаслужена љубезност и милост му олесниле на Давид да се врати кај Јехова (Псалм 103:8). Покажувајќи побожни особини како што се сочувство и милост, родителите можат да ги држат отворени линиите на комуникација, дури и кога децата грешат (Псалм 103:13; Малахија 3:17).

Бидете разумни

13. Што вклучува тоа да се биде разумен?

13 Кога ги сослушуваат своите деца, родителите мора да бидат разумни и да размислуваат за „мудроста одозгора“ (Јаков 3:17). „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“, напишал апостол Павле (Филипјаните 4:5). Што значи да се биде разумен? Една дефиниција на грчкиот збор преведен со „разумен“ е „да не се инсистира на словото на законот“. Додека поддржуваат цврсти морални и духовни мерила, како можат родителите да бидат разумни?

14. Како покажал Јехова разумност во постапувањето со Лот?

14 Јехова дава извонреден пример за разумност (Псалм 10:17). Кога тој го поттикнал Лот и неговото семејство да го напуштат осудениот град Содом, Лот ‚се задржувал‘ (NW). Подоцна, кога Јеховиниот ангел го замолил да побегне во планинскиот предел, Лот рекол: „Јас не можам да побегнам во планината . . . Ене град [Сигор] онаму, доста е близу за да побегнам во него, а местото е толку мало? Остави ме да избегам онаму — местото е навистина мало!“ Како реагирал Јехова на ова? Тој рекол: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш“ (Битие 19:16-21, 30). Јехова бил спремен да се сложи со барањето на Лот. Да, родителите треба да се придржуваат кон мерилата што Јехова Бог ги изложува во својата Реч, Библијата. Сепак, можеби е можно да се задоволат желбите на младите кога не се загрозени библиските начела.

15, 16. Каква лекција можат да научат родителите од илустрацијата што се наоѓа во Исаија 28:24, 25?

15 Да се биде разумен вклучува и да се подготват срцата на децата за да бидат спремни да прифатат совет. Исаија на еден илустративен начин го споредил Јехова со земјоделец и рекол: „Ора ли орачот секој ден [за да сее семе, NW], дали отвора бразди, дали влече брана во својата нива? А кога ќе ѝ ја израмни поврвнината, не сее ли грав, не турува ли ким? Пченица каде што треба, просо и јачмен, и најпосле ‘рж по рабовите?“ (Исаија 28:24, 25).

16 Јехова „ора за да сее семе“ и ‚отвора бразди и влече брана во својата нива‘. На тој начин ги подготвува срцата на оние што го сочинуваат неговиот народ пред да ги дисциплинира. Додека ги исправаат своите деца, како можат родителите да ‚ораат‘ во срцата на своите потомци? Еден татко го имитирал Јехова кога го исправал своето четиригодишно дете. Кога син му удрил едно момче од соседите, таткото најпрвин стрпливо ги сослушал изговорите на својот син. Потоа, за да ‚изора‘ во срцето на синот, таткото раскажал приказна за едно момченце кое многу страдало од рацете на некој тиранин. Откако ја чул приказната, малиот бил поттикнат да каже дека тиранинот мора да биде казнет. Таквото ‚орање‘ го подготвило срцето на момчето и му олеснило да увиди дека удирањето на момчето од соседите било гест на еден тиранин и било погрешно (2. Самоил 12:1-14).

17. Каква лекција за родителското исправање е дадена во Исаија 28:26—29?

17 Понатаму Исаија го споредил исправањето од Јехова со еден друг земјоделски процес — вршење. Земјоделецот користи различни орудија за вршење, во зависност од тоа колку е тврда плевата во житото. Се користи прачка за нежниот црн ким, и стап за кимот, но за жито со потврда плева се користи санка или тркало. Сепак, тој нема да гмечи потврдо жито до тој степен што ќе го смачка. Исто така, кога сака да отстрани нешто непожелно од својот народ, Јехова постапува различно во зависност од постоечките потреби и околности. Тој секогаш се воздржува и никогаш не постапува сурово (Исаија 28:26-29). Некои деца реагираат само на еден поглед од родителите, и ништо повеќе не е потребно. На други им се потребни постојани потсетувања, додека на трети можеби им треба малку појако убедување. Разумните родители ќе применуваат исправање зависно од потребите на секое дете поединечно.

Направете ги семејните дискусии пријатни

18. Како можат родителите да одвојат време за редовна семејна библиска студија?

18 Меѓу најдобрите начини да ги поучувате децата се редовната семејна библиска студија и секојдневната дискусија за Писмото. Семејната студија е најделотворна кога е редовна. Ако се остави на случајноста или на некоја моментална одлука, во најдобра рака ќе биде ретка. Затоа родителите мораат да ‚го откупуваат времето‘ за проучување (Ефешаните 5:15-17). Избирањето конкретен термин што ќе им одговара на сите може да биде предизвик. Еден семеен поглавар открил дека како што децата растеле така и нивните распореди сѐ повеќе му отежнувале на семејството да се собере. Сепак, семејството секогаш било заедно навечер кога имале собраниски состаноци. Затоа таткото организирал семејната студија да ја одржуваат во една од тие вечери. Ова добро функционирало. Сега сите три деца се крстени слуги на Јехова.

19. Како можат родителите да го имитираат Јехова кога водат семејна студија?

19 Меѓутоа, не е доволно само да се помине извесен библиски материјал во текот на студијата. Јехова ги поучувал израелските повратници преку свештениците, кои ‚ја разјаснувале смислата‘ на Законот, за ‚да се разбере она што се читало‘ (Неемија 8:8). Еден татко, кој успешно им помогнал на сите свои седум деца да го љубат Јехова, секогаш пред семејната студија се повлекувал во својата соба за да се подготви, кроејќи го материјалот според потребите на секое дете. Ја правел студијата пријатна за сите. „Студијата секогаш беше забавна“, си спомнува еден од неговите возрасни синови. „Ако во моментот кога нѐ викаа за семејната студија бевме надвор и игравме топка во дворот, ние веднаш ја остававме топката и трчавме за студијата. Тоа беше една од најпријатните вечери во седмицата.“

20. Кој можен проблем во подигањето на децата мораме допрва да го разгледаме?

20 Псалмистот изјавил: „Еве, синовите се дар од Господа, Негова награда е: плодот на утробата“ (Псалм 127:3). За воспитувањето на нашите деца е потребно време и напор, но ако го правиме тоа правилно може да значи вечен живот за нашите млади. Колку само убава награда ќе биде тоа! Затоа, желно да го имитираме Јехова кога ги воспитуваме нашите деца. Меѓутоа, иако на родителите им е доверена одговорноста да ‚ги подигаат [децата] во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“, не постои гаранција за успех (Ефешаните 6:4). Дури и со најдобрата грижа, детето би можело да стане бунтовно и да престане да му служи на Јехова. Што тогаш? Тоа ќе биде тема на следната статија.

[Фуснота]

^ пас. 9 Искуствата што се наоѓаат во оваа и во следната статија можеби се од земји што имаат поинаква култура од вашата. Обидете се да ги сфатите начелата што се вклучени, и да ги примените во рамките на вашата култура.

Каков е твојот одговор?

• Како можат родителите да ја имитираат Јеховината љубов опишана во Второзаконие 32:11, 12?

• Што научи ти од начинот на кој Јехова комуницирал со Израелците?

• Што учиме од тоа што Јехова ја сослушал молбата на Лот?

• Каква лекција за исправањето на децата научи ти од Исаија 28:24—29?

[Прашања]

[Слика на страници 8 и 9]

Јеховиното воспитување на својот народ Мојсеј го споредил со начинот на кој орелот постапува со своите малечки

[Слики на страница 10]

Родителите треба да одвојуваат време за своите деца

[Слика на страница 12]

„Тоа беше една од најпријатните вечери во седмицата“