Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можете да му помогнете на ‚расипничко‘ дете?

Како можете да му помогнете на ‚расипничко‘ дете?

Како можете да му помогнете на ‚расипничко‘ дете?

‚Да се радуваме бидејќи . . . беше загубен и се најде‘ (ЛУКА 15:32).

1, 2. а) Како реагирале некои млади на христијанската вистина? б) Како можеби се чувствуваат родителите и децата во такви ситуации?

„ЈА НАПУШТАМ вистината!“ Колку само е шокантно за богобојазливите родители, кои напорно се обидувале да ги воспитаат своите деца на христијанскиот начин на живот, да ги чујат овие зборови од едно дете! Други млади едноставно ‚отпловиле‘ без, всушност, да кажат за своите намери (Евреите 2:1). Многу од нив личат на расипничкиот син во Исусовата парабола, кој ја напуштил куќата на својот татко и го истрошил своето наследство во далечна земја (Лука 15:11-16).

2 Иако повеќето Јеховини сведоци го немаат овој проблем, на оние што го имаат, никакви зборови на утеха не можат во целост да им ја отстранат жалоста. А не треба да се превиди ни несреќата што и самиот самоволен младинец може да ја доживее. Длабоко во него, совеста можеби го вознемирува. Во Исусовата парабола, расипничкиот син на крајот ‚си дошол при себеси‘, на радост на татко му. Како можат родителите и другите во собранието да им помогнат на расипниците да ‚си дојдат при себеси‘? (Лука 15:17).

Зошто некои решаваат да го напуштат

3. Кои се некои причини зошто младите решаваат да го напуштат христијанското собрание?

3 Постојат стотици илјади млади луѓе што среќно му служат на Јехова во христијанското собрание. Тогаш, зошто други млади го напуштаат? Можеби сметаат дека пропуштаат нешто од она што светот го нуди (2. Тимотеј 4:10). Или, можеби сметаат дека Јеховиното заштитничко трло премногу ги ограничува. Нечистата совест, силниот интерес за спротивниот пол или желбата да се биде прифатен од врсниците можат, исто така, да бидат причина еден млад човек да отплови од Јеховиното стадо. Еден младич може да престане да му служи на Бог поради нешто што му се чини дека е лицемерство кај неговите родители или кај некој друг христијанин.

4. Која е честопати коренската причина поради која младите залутуваат?

4 Бунтовниот став и однесување на едно дете обично се симптоми на духовна слабост, показатели на она што стои во неговото срце (Пословици 15:13; Матеј 12:34). Сеедно од која причина еден младинец залутува, коренот на проблемот честопати лежи во тоа што нема „точно спознание на вистината“ (2. Тимотеј 3:7). Наместо само површно да го обожаваат Јехова, важно е младите да негуваат близок личен однос со него. Што ќе им помогне во тоа?

Приближете му се на Бог

5. Што е неопходно за една млада личност да негува близок однос со Бог?

5 „Приближете му се на Бог“, напишал ученикот Јаков, „и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). За да го прави тоа, на младата личност мора да ѝ се помогне да негува апетит за Божјата реч (Псалм 34:8). Во почетокот ќе ѝ биде потребно „млеко“ — основните учења од Библијата. Но, како што ќе почне да ужива во Божјата реч и да стекнува апетит за ‚цврстата храна‘ — длабоките духовни информации — духовната зрелост нема да изостане (Евреите 5:11-14; Псалм 1:2). Еден младич, кој признал дека бил проголтан од световниот начин на живот, почнал да ги цени духовните вредности. Што му помогнало да се врати назад? Одѕивајќи се на еден предлог да ја прочита целата Библија, тој се држел за распоред за редовно читање на Библијата. Да, читањето на Божјата реч е неопходно за да се негува блиска врска со Јехова.

6, 7. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да развијат наклоност кон Божјата реч?

6 Колку само е битно родителите да им помагаат на своите деца да негуваат наклоност кон Божјата реч! И покрај тоа што имала редовна семејна студија, една тинејџерка се дружела со деликвенти. Во врска со нејзината студија, таа се сеќава: „Кога татко ми ќе ги поставеше прашањата, јас само ќе ги прочитав одговорите, дури и без да го погледнам в лице“. Наместо само да го обработуваат материјалот во текот на семејната студија, мудрите родители користат уметност на поучување (2. Тимотеј 4:2). За да ужива во студијата, младинецот мора да чувствува дека тоа се однесува на него. Зошто не поставуваш прашања со кои ќе дознаеш како тој гледа на работите, и не му дозволиш да се искаже? Охрабри го младинецот практично да го применува материјалот што го разгледувате. *

7 Освен тоа, направете ја жива библиската дискусија. Кога е соодветно, нека младите ги одглумат библиските настани и драми. Помогнете им визуелно да си ги претставуваат локацијата и карактеристиките на земјата каде што се одиграле настаните за кои дискутирате. Може да ви помогне и користењето карти и табели. Да, со малку фантазија, семејната студија може да биде жива и разнообразна. Родителите прават добро ако го преиспитаат и сопствениот однос со Јехова. Додека и самите му се приближуваат на Јехова, можат да им помогнат и на своите деца да го направат тоа (Второзаконие 6:5-7).

8. Како молитвата помага некој да му се приближи на Јехова?

8 Молитвата, исто така, помага некој да му се приближи на Бог. Една девојка во раните тинејџерски години се чувствувала растргната меѓу христијанскиот начин на живот и дружењето со пријателите што не ги делеле нејзините верувања (Јаков 4:4). Што сторила? „За првпат“, признала таа, „вистински му се помолив на Јехова за да му кажам како се чувствувам.“ Дошла до заклучок дека нејзината молитва била одговорена кога, конечно, во христијанското собрание нашла пријателка на која можела да ѝ се довери. Чувствувајќи дека Јехова ја води, таа почнала да гради личен однос со него. Родителите можат да им помогнат на своите деца на тој начин што ќе го подобрат квалитетот на сопствените молитви. Кога се молат како семејство, родителите можат да го излеат своето срце така што децата ќе можат да ја почувствуваат личната врска меѓу родителите и Јехова.

Бидете стрпливи, но цврсти

9, 10. Каков пример дал Јехова со тоа што бил долготрпелив со тврдоглавите Израелци?

9 Кога почнува да отпловува, еден младинец можеби ќе се обиде да се изолира и да се спротивстави на кој и да е напор на родителите да имаат духовна дискусија со него. Што можат да сторат родителите во една таква тешка ситуација? Размислете што сторил Јехова со древниот Израел. Повеќе од 900 години ги поднесувал Израелците „со корав врат“ пред да ги препушти на нивниот тврдоглав пат (Излез 34:9; 2. Летописи 36:17-21; Римјаните 10:21). И покрај тоа што секогаш одново ‚го искушувале‘, Јехова бил ‚милостив‘ кон нив. „Често го воздржуваше Својот гнев, за да не пламне со сета жестина“ (Псалм 78:38-42). Бог бил беспрекорен во постапките со нив. Родителите полни со љубов го имитираат Јехова и се стрпливи кога детето не се одѕива веднаш на нивните напори да му помогнат.

10 Да бидеме долготрпеливи, или стрпливи, не значи „да трпиме долго“; тоа значи да одбиеме да се откажеме од сета надеж дека ќе подобриме некој нарушен однос. Јехова дал пример за тоа како да се биде долготрпелив. Преземал иницијатива со тоа што „постојано“ испраќал свои гласници кај Израелците. На Јехова ‚му било жал за Неговиот народ‘, иако ‚тие им се потсмевале на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови‘ (2. Летописи 36:15, 16). Тој ги повикувал Израелците со зборовите: „Вратете се секој од својот лош пат“ (Еремија 25:4, 5). Сепак, Јехова не ги компромитирал своите праведни начела. Израелците биле поучени да ‚се вратат‘ кај Бог и на неговите патишта.

11. Како можат родителите да бидат долготрпеливи, но цврсти во постапувањето со дете кое застранило?

11 Родителите можат да го имитираат Јехова во долготрпеливоста така што нема набрзина да се откажат од детето што застранило. Без да изгубат надеж, тие можат да преземат иницијатива да ги задржат отворени линиите на комуникација или да ја обноват комуникацијата. Додека се држат за праведните начела, тие можат „постојано“ да му апелираат на детето да се врати на патот на вистината.

Кога е исклучен малолетник

12. Каква одговорност имаат родителите кон еден малолетник што живее со нив, но е отстранет од собранието?

12 Што ако некој малолетник, кој живее со родителите, е заплеткан во сериозно престапување и поради неговиот непокајнички став е отстранет од собранието? Со оглед на тоа што детето живее со родителите, тие сѐ уште се одговорни да го поучуваат и дисциплинираат во согласност со Божјата реч. Како можат да го прават тоа? (Пословици 6:20-22; 29:17).

13. Како можат родителите да се обидат да го достигнат срцето на своето дете што згрешило?

13 Можеби е можно — всушност, би било најдобро — да му се дава таква поука и дисциплина во текот на приватна студија на Библијата. Родителот мора да гледа зад закоравениот став на детето и да се обиде да види што има во неговото срце. До каде допира неговата духовна болест? (Пословици 20:5). Може ли да се стигне до најосетливиот дел од неговото срце? Кои стихови можат делотворно да се користат? Апостол Павле нѐ уверува: „Речта Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Да, родителите можат да сторат повеќе отколку само да му кажат на своето дете да не се впушта повторно во престапување. Тие можат да го поттикнуваат и потхрануваат процесот на лекување.

14. Кој е првиот чекор што треба да го преземе еден младинец што греши за да го обнови својот однос со Јехова, и како можат родителите да му помогнат на детето да го преземе тој чекор?

14 Младинецот што згрешил треба да го обнови својот однос со Јехова. Првиот чекор што тој мора да го преземе е да се ‚покае . . . и да се обрати‘ (Дела 3:19; Исаија 55:6, 7). Помагајќи му на младинецот во својот дом да се покае, родителите мораат ‚да се зауздуваат кога се во зло, поучувајќи го со благост‘ детето кое не е поволно настроено (2. Тимотеј 2:24-26). Тие треба да го ‚укоруваат‘ во библиска смисла. Грчкиот збор преведен со ‚укорува‘ може да се преведе и со: „да се даде убедлив доказ“ (Откровение 3:19; Јован 16:8). Според тоа, да се укорува вклучува да се наведат доволно докази за да се убеди детето дека неговиот начин на постапување е грешен. Мораме да признаеме, тоа не е лесно. Таму каде што е можно, родителите можат да апелираат на неговото срце, користејќи ги сите библиски погодни средства за да го уверат. Треба да се обидуваат да му помогнат да ја сфати потребата да го ‚мрази злото, да го љуби доброто‘ (Амос 5:15). Тоа може да ‚се вразуми и да се извлече од замката на Ѓаволот‘.

15. Каква улога игра молитвата за да може оној што греши да го обнови својот однос со Јехова?

15 За да се обнови нечиј однос со Јехова, неопходна е молитвата. Се разбира, никој не треба „да упатува молба“ во врска со некој дрзок грев што непокајнички го практикува кој и да е што порано бил поврзан со христијанското собрание (1. Јованово 5:16, 17; Еремија 7:16-20; Евреите 10:26, 27). Сепак, родителите можат да го молат Јехова да им даде мудрост да се справат со ситуацијата (Јаков 1:5). Ако еден исклучен младинец дава доказ за каење, но нема „слобода на говорот пред Бог“, родителите би можеле да се молат ако Бог најде темел за простување на грешката на детето, да биде Негова волја (1. Јованово 3:21). Слушањето на ваквите молитви треба да му помогне на младинецот да го гледа Јехова како милостив Бог * (Излез 34:6, 7; Јаков 5:16).

16. Како можеме да им помогнеме на членовите на семејството на исклучен малолетник?

16 Ако е исклучен крстен младинец, од членовите на собранието се очекува ‚да престанат да се дружат со‘ него (1. Коринќаните 5:11; 2. Јованово 10, 11). Ова на крајот може да му помогне да „си дојде при себеси“ и да се врати во Божјето заштитничко трло (Лука 15:17). Меѓутоа, сеедно дали ќе се врати или не, членовите на собранието можат да го охрабрат семејството на исклучениот младинец. Сите ние можеме да бараме прилики да покажеме „сочувство“ и да имаме „нежна сочувствителност“ кон нив (1. Петрово 3:8, 9).

Како можат другите да помогнат

17. Што треба да задржат на ум членовите на собранието кога се обидуваат да му помогнат на дете кое залутало?

17 Што е со младинец кој не е исклучен од христијанското собрание, но ослабел во верата? „Ако страда еден член“, напишал апостол Павле, „сите други членови страдаат со [него]“ (1. Коринќаните 12:26). Другите можат да покажат активен интерес за тој младинец. Се разбира, потребна е извесна претпазливост, со оглед на тоа што духовно болниот младинец би можел неповолно да влијае врз другите млади (Галатите 5:7-9). Во едно собрание, некои добронамерни возрасни што сакале да им помогнат на младинци што духовно ослабеле, ги канеле на собири да свират заедно популарна музика. Иако младите спремно се сложиле и уживале во тие моменти, нивното влијание еден на друг на крајот ги довело до тоа да ги прекинат врските со собранието (1. Коринќаните 15:33; Јуда 22, 23). Она што може да му помогне на болното дете не се друштвените собирања без духовно водство, туку дружење кое ќе му помогне да негува апетит за духовните работи. *

18. Како можеме да го имитираме ставот на таткото на расипничкиот син од Исусовата парабола?

18 Кога еден младинец, кој го напуштил собранието, се врати во Салата на Царството или дојде на некој собир, помисли си само како можеби се чувствува. Зарем не треба да го покажеме ставот на добредојде што го покажал таткото на расипникот од Исусовата парабола? (Лука 15:18-20, 25-32). Еден тинејџер што го имал напуштено христијанското собрание и подоцна дошол на еден обласен конгрес, рекол: „Мислев дека секој ќе игнорира човек како мене, но браќата и сестрите ми пристапија и ми изразија добредојде. Бев длабоко трогнат“. Тој почнал повторно да ја проучува Библијата и подоцна се крстил.

Не откажувајте се

19, 20. Зошто треба да задржиме позитивен став во врска со расипничкото дете?

19 За да му се помогне на едно ‚расипничко‘ дете да ‚си дојде при себеси‘, потребна е стрпливост и ова може да биде предизвик за родителите и за другите. Но, не откажувајте се. „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Ние имаме библиска гаранција дека Јехова сака луѓето да се покаат и да живеат. Всушност, тој презел иницијатива и направил подготовка за да ги помири луѓето со себе (2. Коринќаните 5:18, 19). Неговата стрпливост им овозможила на милиони луѓе да си дојдат при себеси (Исаија 2:2, 3).

20 Тогаш, зарем не треба родителите да ја користат секоја можна библиска метода за да му помогнат на својот расипнички малолетник да си дојде при себеси? Имитирајќи го Јехова, бидете долготрпеливи додека преземате позитивни чекори да му помогнете на своето дете да се врати кај Јехова. Држете се цврсто за библиските начела и обидувајте се да ги одразувате Јеховините особини љубов, правда и мудрост додека го молите за помош. Исто како што многумина закоравени бунтовници се одѕвале на Јеховината љубезна покана да се вратат така и вашиот расипнички син или ќерка може да се врати во Божјето заштитничко стадо (Лука 15:6, 7).

[Фусноти]

^ пас. 6 За понатамошни предлози за тоа како делотворно да се поучуваат младите, видете Стражарска кула од 1 јули 1999, страници 13—17.

^ пас. 15 Такви молитви во полза на исклучениот малолетник нема да се упатуваат јавно на собраниските состаноци, бидејќи другите можеби не се запознати со неговата состојба. (Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 октомври 1979, 31. страница.)

^ пас. 17 За конкретни предлози видете го изданието на Разбудете се! од 22 јуни 1972, страници 13—16 (англ.) и изданието од 1 август 1997, страници 21—23.

Се сеќаваш ли?

• Што може да биде корен на проблемот кога младите го напуштаат собранието?

• Како може да им се помогне на младите да негуваат личен однос со Јехова?

• Зошто треба родителите да бидат долготрпеливи, но цврсти кога му помагаат на едно расипничко дете?

• Како можат членовите на собранието да му помогнат на еден расипнички младинец да се врати?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Читањето на Божјата реч е животоважно за да се негува блиска врска со Јехова

[Слика на страница 15]

Искрената молитва на родителите може да им помогне на нивните деца да ја почувствуваат личната врска меѓу родителите и Јехова

[Слика на страница 17]

Изразете му добредојде на расипничкото дете кога ќе ‚си дојде при себеси‘

[Слика на страница 18]

Преземете позитивни чекори за да му помогнете на своето дете да се врати кај Јехова