Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш да имаш вистинска вера

Можеш да имаш вистинска вера

Можеш да имаш вистинска вера

Кога имала 19 години, Сара Џејн дознала дека има рак на јајникот. По операцијата се чувствувала добро и била оптимистична во врска со иднината. Била, всушност, толку оптимистична што кога имала 20 години се свршила и почнала да прави планови за свадбата. Истата година ракот се вратил и дознала дека ѝ преостануваат само уште неколку седмици живот. Сара Џејн умрела во јуни 2000, токму пред да наполни 21 година.

ОНА што ги импресионирало посетителите крај болничката постела на Сара Џејн во болницата, била нејзината смирена доверба во врска со иднината, како и длабоката вера во Бог и во неговата Реч, Библијата. И покрај ужасната трагедија со која се соочувала, таа била сигурна во надежта за воскресение — дека повторно ќе ги види сите свои пријатели (Јован 5:28, 29). „Сите ќе ве видам во Божјиот нов свет“, рекла таа.

Некои ја отфрлаат таквата вера како залажување. „Што друго е задгробниот живот освен верување на несигурните“, прашува Лудовик Кенеди, „дека при последната труба ќе има колач и пиво, па дури и кавијар и труби, дека во некој разлистан Еден ќе споделуваат среќни часови со оние што заминале пред нив и со други што веројатно ќе дојдат по нив?“ На тоа мораме да поставиме едно контра прашање. Што е поразумно — да се верува дека „овој живот е сѐ што имаме, па затоа да го искористиме најдобро што можеме“, како што предлага Кенеди, или да веруваме во Бог и во неговото ветување за воскресение? Сара Џејн го избрала второто. Како развила таква вера?

‚Барај го Бог . . . и навистина најди го‘

За да развиеш вера и доверба во некого, треба да го запознаеш и да научиш како размислува и постапува. Овој процес го вклучува срцето, како и умот. Всушност, истото е случај и кога станува збор за развивањето вистинска вера во Бог. Треба да го запознаеш, да учиш за неговите особини и за неговата личност, да откриеш колку веродостоен и сигурен се докажал во сѐ што рекол и сторил (Псалм 9:10; 145:1-21).

Некои мислат дека тоа е невозможно. Бог, велат тие, е премногу далечен, премногу мистериозен — ако воопшто и постои. „Ако Бог е толку реален, каков што изгледа за христијани како Сара Џејн“, прашува скептикот, „зошто не ни се објави нам, на останатите?“ Но, дали е Бог навистина премногу далечен и не може да се истражи? Во еден говор пред филозофите и интелектуалците во Атина, апостол Павле рекол дека ‚Богот кој го создал светот и сѐ што е на него‘ обезбедил и сѐ што им е потребно за да го „бараат . . . и навистина да го најдат“. Всушност, Павле рекол: „Тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:24-27).

Тогаш, како можеш да го ‚бараш Бог . . . и навистина да го најдеш‘? Некои го сториле тоа едноставно на тој начин што го набљудувале универзумот околу себе. За многумина, тоа само по себе дава доволно докази за да ги увери дека мора да постои Творец * (Псалм 19:1; Исаија 40:26; Дела 14:16, 17). Тие сметаат, како и апостол Павле, дека „[Божјите] невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е направено“ (Римјаните 1:20; Псалм 104:24).

Потребна ти е Библијата

Меѓутоа, за да изградиш вистинска вера во Творецот, потребно ти е нешто друго што го обезбедил тој. Што е тоа? Библијата — Божјата инспирирана реч, во која тој ја открива својата волја и намера (2. Тимотеј 3:16, 17). „Но, почекај“, ќе речат некои, „како можеш воопшто да веруваш во она што Библијата го кажува кога ги гледаш ужасните работи што ги прават луѓе кои тврдат дека ја следат Библијата?“ Секако, христијанскиот свет има шокантно досие на лицемерство, бруталност и неморал. Но, секоја разумна личност може да види дека христијанскиот свет само се преправа дека ги следи библиските начела (Матеј 15:8).

Самата Библија предупредила дека многу луѓе ќе тврдат дека го обожаваат Бог, а сепак ќе се ‚одречат дури и од сопственикот кој ги купил‘. „Поради нив“, рекол апостол Петар, „ќе се зборува срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2). Исус Христос рекол дека ваквите ‚вршат беззаконие‘ и јасно ќе бидат препознаени по нивните зли постапки (Матеј 7:15-23). Да се отфрли Божјата реч на темел на досието на христијанскиот свет е исто како да се исфрли писмо од некој доверлив пријател едноставно затоа што лицето кое го донело е на лош глас.

Без Божјата реч е невозможно да се гради вистинска вера. Само преку страниците на Библијата Јехова ја презентира, така да се каже, својата страна на работите. Тој фрла светлина врз некои вековни прашања како што се: Зошто тој дозволува страдања и болка, и што ќе стори во врска со таа ситуација (Псалм 119:105; Римјаните 15:4). Сара Џејн поверувала дека Библијата е инспирирана реч Божја (1. Солуњаните 2:13; 2. Петрово 1:19-21). Како? Не само затоа што родителите ѝ рекле така, туку затоа што одвоила време чесно да ги процени сите докази кои покажуваат дека Библијата е единствено откровение од Бог (Римјаните 12:2). Таа го набљудувала, на пример, силното влијание што го има Библијата врз животот на оние што се придржуваат кон нејзините начела. Со помош на публикации, како што е Библијата — Реч Божја или човечка? *‚ таа внимателно испитала и мноштво внатрешни докази кои ја докажуваат божествената инспирација.

„Верата доаѓа од она што се слуша“

Меѓутоа, не е доволно само да се има Библијата ниту, пак, само да се верува дека таа е инспирирана. „Верата“, пишува апостол Павле, „доаѓа од она што се слуша“ (Римјаните 10:17). Слушањето на Библијата, а не само поседувањето Библија е она што ја изградува верата. Она што Бог има да го каже го ‚слушаш‘ преку читање и проучување на неговата Реч. Дури и малите можат да го прават тоа. Павле вели дека Тимотеј бил поучуван од мајка си и баба си за „светите списи“ уште „од периодот на доење“. Дали ова укажува дека се работело за некакво перење на мозокот? Не! Тимотеј воопшто не бил изманипулиран или измамен. Тој бил ‚убеден да верува‘ во она што го слушал и читал (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).

Сара Џејн била убедена на ист начин. Како и Веријците од првиот век, таа ‚ја примила речта [од своите родители и од други учители] со најголема горливост на умот‘. Како малечка, несомнено положувала инстинктивна доверба во она што ѝ го кажувале родителите. Подоцна, додека растела, не прифаќала само слепо или пасивно сѐ што била поучувана. Таа ‚секојдневно го испитувала внимателно Писмото дали е тоа така‘ (Дела 17:11).

Можеш да изградиш вистинска вера

И ти можеш да изградиш вистинска вера — онаа вера што ја опишал апостол Павле во своето писмо до еврејските христијани. Таквата вера, рекол тој, е „осигуреното очекување на она на кое човек се надева, јасното докажување на стварности иако не се гледаат“ (Евреите 11:1). Имајќи таква вера, ќе бидеш апсолутно сигурен дека сите твои надежи и очекувања — вклучувајќи го и Божјето ветување за воскресение — ќе се остварат. Ќе бидеш уверен дека таквите надежи се темелат на сигурна гаранција, а не на пуста желба. Ќе знаеш дека Јехова никогаш не пропуштил да ги исполни своите ветувања (Исус Навин 21:45; 23:14; Исаија 55:10, 11; Евреите 6:18). Божјиот ветен нов свет ќе ти биде толку реален како веќе да е дојден (2. Петрово 3:13). И јасно ќе видиш со очите на верата дека Јехова Бог, Исус Христос и Божјето Царство се реалност, а не залажување.

За да градиш вистинска вера, ти не си препуштен сам на себе. Освен што ја ставил слободно на располагање својата Реч, Јехова обезбедил и светско христијанско собрание кое е посветено на тоа на луѓето со искрени срца да им помага да градат вера во Бог (Јован 17:20; Римјаните 10:14, 15). Прифати ја целата помош што Јехова ја дава преку таа организација (Дела 8:30, 31). А со оглед на тоа што верата е плод на Божјиот свет дух, моли се постојано тој дух да ти помогне да развиеш вистинска вера (Галатите 5:22).

Не дозволувај да те одвраќаат скептици кои му се потсмеваат на секого што исповедува вера во Бог и во неговата Реч (1. Коринќаните 1:18-21; 2. Петрово 3:3, 4). Всушност, вистинската вера има огромна вредност во зајакнувањето на твојот став против таквите напади (Ефешаните 6:16). Сара Џејн увидела дека тоа е точно, и секогаш ги храбрела оние што ја посетувале во болницата да ја градат сопствената вера. „Направете ја вистината своја сопственост“, велела таа. „Проучувајте ја Божјата реч. Останете близу до Јеховината организација. Молете се постојано. Останете активни во Јеховината служба“ (Јаков 2:17, 26).

Гледајќи ја нејзината вера во Бог и во воскресението, една од нејзините болничарки рекла: „Ти навистина веруваш во ова, нели?“ Кога била запрашана што ѝ дало такво оптимистичко гледиште и покрај испитите, таа одговорила: „Тоа е верата во Јехова. Тој ми е вистински пријател, и многу го сакам“.

[Фусноти]

^ пас. 8 Види ја книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, издадена од Јеховини сведоци.

^ пас. 12 Издадена од Јеховини сведоци.

[Слика на страница 6]

Тимотеј бил поучуван од мајка си и баба си за „светите списи“ уште „од периодот на доење“

[Слика на страница 6]

Веријците биле пофалени затоа што секојдневно го испитувале Писмото

[Извор на слика]

Од ‚Фото-драмата за создавањето‘

[Слики на страница 7]

Слушањето и внимавањето на Библијата, а не само поседувањето Библија, е она што ја изградува верата

[Слика на страница 7]

„Сите вас ќе ве видам во Божјиот нов свет“