Прашања од читателите
Прашања од читателите
Што е ‚починката‘ на која се укажува во Евреите 4:9-11, и како некој ‚влегува во таа починка‘?
На еврејските христијани од првиот век апостол Павле им напишал: „На Божјиот народ му останува сабатна починка. Оти, оној кој влегол во Божјата починка, и самиот починал од своите сопствени дела, како и Бог од своите. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да влеземе во таа починка“ (Евреите 4:9-11).
Кога зборувал за починката на Бог од работа, изгледа Павле укажувал на она што стои во Битие 2:2, каде што читаме: „И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи“. Зошто Јехова ‚се одморил [отпочинал] во седмиот ден‘? Сигурно не затоа што му било потребно закрепнување ‚од сите дела што ги направил‘. Следниот стих содржи еден показател: „И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи“ (Битие 2:3; Исаија 40:26, 28).
„Седмиот ден“ се разликувал од кој и да е од претходните шест дена во тој поглед што бил ден кој Бог го благословил и го осветил, т.е. ден одвоен, односно посветен за една посебна намера. Која била таа намера? Пред тоа, Бог ја открил својата намера во врска со човештвото и со Земјата. На првиот маж и првата жена Бог им рекол: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!“ (Битие 1:28). Иако Бог им дал совршен почеток на човештвото и на Земјата, било потребно време за целата Земја да биде подложена и преобразена во рај исполнет со совршена човечка фамилија, каква што била намерата на Бог. Значи, „седмиот ден“ Бог отпочинал, односно се откажал од понатамошни земни дела на создавање за да дозволи она што веќе го создал да се развие во согласност со неговата волја. До крајот на тој „ден“, сѐ што Бог предвидел ќе стане реалност. Колкава ќе биде таа починка?
Враќајќи се на Павловата изјава во Евреите, забележуваме како тој укажал дека „на Божјиот народ му останува сабатна починка“ и ги поттикнал сохристијаните да дадат сѐ од себе за да ‚влезат во таа починка‘. Ова покажува дека кога Павле ги напишал тие зборови, „седмиот ден“ на Божјата починка, кој започнал околу 4.000 години пред тоа, сѐ уште бил во тек. Ќе заврши дури кога Божјата намера во врска со човештвото и со Земјата во потполност ќе се исполни на крајот од илјадагодишното владеење на Исус Христос, кој е „Господар на сабатот“ (Матеј 12:8; Откровение 20:1-6; 21:1-4).
Со таков прекрасен изглед на повидок, Павле објаснил како човек би можел да влезе во Божјата починка. Тој напишал: „Оној кој влегол во Божјата починка, и самиот починал од своите сопствени дела“. Ова ни кажува дека иако имало совршен почеток, човештвото во целина не влегло во Божјата починка. Ова било бидејќи Адам и Ева не ја држеле долго Божјата починка во „седмиот ден“, прифаќајќи ја неговата подготовка за нив. Наместо тоа, се побуниле и сакале да станат независни од Бог. Всушност, се сложиле со Сатановата сплетка наместо да го прифатат Божјето упатство полно со љубов (Битие 2:15-17). Како резултат на тоа, го изгубиле изгледот да живеат засекогаш на рајска Земја. Оттогаш наваму, целото човештво е поробено од гревот и смртта (Римјаните 5:12, 14).
Побуната на човештвото не ја осуетила Божјата намера. Неговиот ден на починка продолжува. Меѓутоа, Јехова направил една љубезна подготовка — откупнината — преку својот Син, Исус Христос, така што сите што ја прифаќаат на темел на верата можат со нетрпение да очекуваат да се ослободат и да отпочинат од товарот на гревот и смртта (Римјаните 6:23). Затоа Павле ги поттикнал сохристијаните да си ‚отпочинат од своите дела‘. Тие требало да ја прифатат Божјата подготовка за спасение и да не се обидуваат да ја издејствуваат својата иднина на сопствен начин, како Адам и Ева. Исто така, требало да избегнуваат да се стремат по сопствените дела на самооправдување.
Да се тргнат настрана себичните или секојдневните стремежи за да се врши Божјата волја навистина освежува и дава починка. Исус ја упатил оваа покана: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Павловата дискусија за Божјата починка и начинот на кој некој може да влезе во неа сигурно била извор на охрабрување за еврејските христијани во Ерусалим, кои поднеле големо прогонство и исмејување заради својата вера (Дела 8:1; 12:1-5). На сличен начин, Павловите зборови можат да бидат извор на охрабрување за христијаните денес. И ние, увидувајќи дека исполнувањето на Божјето ветување за рајска Земја под неговото праведно Царство е близу, треба да отпочинеме од сопствените дела и да дадеме сѐ од себе за да влеземе во таа починка (Матеј 6:10, 33; 2. Петрово 3:13).
[Слики на страница 31]
Божјето ветување за земен рај ќе се оствари на крајот од неговиот ден на починка