Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животодавни води течат на Андите

Животодавни води течат на Андите

Животодавни води течат на Андите

Андите се протегаат низ средината на Перу, раздвојувајќи ја земјата на еден сув крајбрежен предел на запад и бујна и испарлива џунгла на исток. На овој планински гребен живее преку една третина од 27-те милиони луѓе во Перу. Тие се сместени или на високите висорамнини и стрмните планински падини на Андите или во бескрајно длабоките клисури и во плодните долини на тој планински венец.

КАРПЕСТИОТ венец на Андите спречува лесно продирање однадвор. Како резултат на тоа, милионите што живеат таму се прилично изолирани и главно не се погодени од настаните и збиднувањата надвор од нивната територија.

За да се дојде до водата што е потребна за земјоделските култури и стадата лами, алпаки, викуњи и овци изникнале мали села покрај потоците. Меѓутоа, постои и еден друг вид животоважна вода што тече на Андите — освежувачки духовни води што доаѓаат од Јехова, „Изворот на живата вода“ (Еремија 2:13). Бог ги користи своите Сведоци да им помагаат на луѓето во населбите сместени високо горе на Андите да стекнат точно спознание за него и за неговите намери (Исаија 12:3; Јован 17:3).

Затоа што е Божја волја „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“, овие министри не штедат напори да ги посетат тешко достапните заедници со животодавната порака од Библијата (1. Тимотеј 2:4). Оваа порака што се темели на Библијата е просветлувачка и возвишена. Таа ослободила некои од мештаните со искрени срца од суеверија, обичаи и идеи што ги терале да се плашат од мртвите, злобните духови и природните појави. Што е уште поважно, оваа порака им ја дава славната надеж за бескраен живот на рајска земја.

Да се вложуваат напори

Проповедниците на Царството што ги посетуваат овие оддалечени предели мораат да направат многу преиначувања. За да се достигнат срцата на луѓето, потребно е библиските учители да имаат извесно спознание на кечуа или ајмара, двата локални јазика.

Не е лесно да се стигне до селата во Андите. Во тие предели не сообраќаат многу возови. Транспортот е опасен и подложен на лошото време и на чудната топографија. Тогаш, како Сведоците ги достигнуваат луѓето за да им ја пренесат пораката за Царството?

Храбри проповедници на добрата вест се зафатиле со предизвикот и одговориле во духот на пророкот Исаија: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Употребиле три станбени приколки за да патуваат до северните, централните и јужните предели. Опремени со многу картонски кутии со Библии и библиска литература, ревносните пионери, или полновремени министри, го посеале семето на библиската вистина меѓу пријателски настроените, гостољубиви луѓе со чесни срца што живеат таму.

Кривините на планинските патишта се особено опасни. За да можат да се совладаат некои од нив, возилата мора да возат цик-цак. Во текот на едно такво маневрирање, еден мисионер кој седел на задното седиште од еден автобус погледнал низ прозорецот и забележал дека едно од задните тркала било на самиот раб од една провалија длабока преку 190 метри! Ги затворил очите додека автобусот не тргнал напред.

Некои патишта се во лоша состојба и многу се тесни. Совладувајќи таков нерамен терен, една од станбените приколки се движела по тесен пат кога пред неа излегол камион. Станбената приколка морала да се враќа наназад нагоре по ридот до место каде што двете возила едвај можеле да се разминат.

Сепак, резултатите од таквите истрајни напори биле извонредни. Дали би сакале да дознаете повеќе за овие напори?

„Наводнување“ на езерото Титикака

Сместено во еден басен на Андите на 3.800 метри надморска височина, езерото Титикака е највисоката пловна континентална вода во светот. Планинските врвови прекриени со снег, некои високи преку 6.400 метри, се извор на повеќе од 25 реки со кои се полни Титикака. Поради големата височина, климата е ладна и оние кои не потекнуваат од тоа подрачје мора да се борат со висинска болест.

Пред некое време, група пионери што зборуваат кечуа и ајмара отпатуваа до островите Амантани и Такиле на езерото Титикака. Со себе понесоа презентација со дијапозитиви со наслов: „Поглед одблизу на црквите“, отворен преглед на лагите на христијанскиот свет. Тоа наиде на добар прием. Еден човек ги примил браќата и им понудил пространа соба во својата куќа каде што можеле да престојуваат и да поучуваат за Библијата.

Првиот состанок на Амантани привлекол 100 луѓе; на состанокот на Такиле биле присутни 140. Презентацијата била на кечуа. Една двојка која порано живеела на копното рекла: „Време беше вие Јеховините сведоци да се сетите на нас. Ние се молевме да ни дојдете“.

Покрај овие два поголеми острови, некои од пресметаните 40 „пловни“ острови на езерото Титикака исто така се достигнати со добрата вест. Пловни острови? Да, тие се направени од тоторас, трски што растат во поплитките предели на езерото. Тоторас се издигнуваат низ водата и растат над површината. За да направат остров, мештаните ги превиткуваат трските, кои сѐ уште се вкоренети во езерското дно и ги испреплетуваат правејќи платформа. Платформата потоа се набива со кал и се зацврстува со додатно исечена трска. Луѓето живеат во колиби од трска изградени одозгора.

Јеховините сведоци набавиле чамец за да им проповедаат на луѓето на островите на езерото Титикака. Чамецот може да носи 16 луѓе. Откако се укотвуваат на пловните острови, Сведоците одат по платформата од трска од живеалиште до живеалиште. Тие велат дека обично чувствуваат мало движење на површината под нозете. Ова не е место за оние што се склони кон морска болест!

Што се однесува до населението што зборува ајмара, тоа живее во бројните заедници и села по должината на бреговите и на полуостровите што се издигаат на езерото. До него е полесно да се дојде со чамец отколку по суво копно. Сѐ на сѐ, се проценува дека близу 400.000 луѓе живеат во пределот каде што таквите чамци ја пренесуваат пораката за Царството. Чамците ќе имаат работа уште долго време.

Гаснење на духовната жед

Флавио живеел на Андите, во селото Санта Лусија, во близина на Јулијака. Во неговата евангелска црква бил поучуван за доктрината за пеколниот оган. Со години живеел во страв од една таква вечна огнена казна. Честопати се прашувал како еден Бог на љубовта може бескрајно да ги измачува луѓето во оган. Кога Тито, еден полновремен министер на Јеховините сведоци, го посетил тоа село, свратил и кај Флавио.

Едно од првите прашања што Флавио ги поставил било: „Дали вашата религија учи дека луѓето се мачат во пеколен оган?“ Тито одговорил дека една таква идеја му е одвратна на Творецот и дека му носи и срам на името Јехова, Богот на љубовта. Користејќи го личниот примерок од преводот на Библијата на самиот Флавио, Тито му покажал дека мртвите не се свесни за ништо и дека очекуваат земно воскресение под Божјето Царство (Проповедник 9:5; Јован 5:28, 29). Тоа му ги отворило очите на Флавио. Тој веднаш прифатил библиска студија и набргу станал крстен христијанин.

Село што покажува ценење

Замисли колку е возбудливо да им го однесеш Светото писмо на селани што никогаш порано не виделе примерок од Библијата или да проповедаш по села каде што луѓето никогаш не чуле за Јеховините сведоци ниту за добрата вест што тие ја проповедаат. Вакво искуство имале три сестри пионерки — Роса, Алисија и Сесилија — што проповедале во селата Изкучака и Конајка, сместени на надморска височина од преку 3.600 метри во централен Перу.

Пристигнувајќи во првото село, немале каде да се сместат. Разговарале со локалниот полициски командир, објаснувајќи ја причината за нивната посета. Каков бил резултатот? Тој им дозволил да останат прекуноќ во полициската станица. Следниот ден, пионерките можеле да најдат постојано живеалиште кое станало центар на нивните активности.

Набргу дошло време за годишниот Меморијал на Христовата смрт. Пионерките ги посетиле сите куќи во селото Изкучака, оставиле многу Библии и започнале неколку библиски студии. Пред Меморијалот, испратиле покани за овој настан, објаснувајќи ја целта на прославата и значењето на симболите што се користат во текот на комеморацијата. Една група браќа била поканета да помогне за приликата, и едниот од нив го одржал говорот. Каква радост било да се видат 50 луѓе од тоа мало село присутни на овој посебен настан! За првпат можеа да разберат што, всушност, значи Господовата вечера. Исто така, колку скапоцено беше за нив тоа што ја имаа Божјата реч в раце!

Ослободување од тешките товари

Да се донесува освежувачката вода на библиската вистина до заробениците на лажната религија секогаш е радост. Писак бил тврдина на древната империја на Инките. Повеќето луѓе што денес живеат таму се поучени за небиблиското учење за пеколен оган. Нивните свештеници им кажуваат дека можат да стигнат на небо само со посредство на свештениците.

Се разбира, таквите луѓе се жедни за освежувачките води на библиската вистина. Додека проповедал од врата до врата, Сантијаго, полновремен министер на Јеховините сведоци, имал прилика да му објасни на еден човек дека праведните се одредени да живеат на рајска земја (Псалм 37:11). Сантијаго покажал од Библијата дека мртвите ќе бидат воскреснати и дека човештвото ќе биде поучено за совршените патишта на Јехова со изглед за вечен живот (Исаија 11:9). Дотогаш, тој човек бил побожен католик, се занимавал со спиритизам и се оддавал на прекумерно пиење. Сега стекнал надеж која се темелела на Библијата и цел во животот — да живее во Рај. Тој ја изгорел сета своја спиритистичка опрема и се откажал од пијанчењето. Ја собрал својата фамилија и прифатил библиска студија. Со текот на времето сите во тоа семејство му се предале на Јехова Бог и се крстиле.

Гостољубивоста е добредојдена

Планинските луѓе се многу гостољубиви. Иако нивните куќи се скромни и луѓето имаат малку, на посетителите им го даваат она што го имаат. Пред да ги научи високите мерила на Библијата, домаќинот може на посетителот да му понуди да џвака лисја од кока додека разговараат. Но откако ќе стане Сведок, може да понуди лажица шеќер, што има еднаква вредност во изолираните провинции.

Еден мисионер бил замолен од еден брат да го придружува на повторна посета. После напорното качување по една стрмна планинска патека, заплескале со рацете за да му го најават своето пристигнување на домаќинот. Биле поканети во куќата со сламен покрив, и морале да се наведнат за да влезат низ нискиот влез. Внимателно газеле околу средината на прашливиот под, каде што мајката ископала дупка, поставила во неа ќебе и си го ставила бебето. Не можејќи да излезе, ова бебе задоволно и среќно гукало и брборело додека возрасните разговарале. После жива дискусија за благословите на Царството, жената изнела висок сад со локалниот пијалак. Наскоро тргнале по својот пат по планинската падина да посетат и други луѓе.

Обилна жетва

Сега во овој предел има околу стотина изолирани групи со преку илјада луѓе што ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Се испраќаат дипломци на Школата за оспособување на слуги во Лима за да ги оформат тие групи во собранија. Поединците со исправно настроени срца што толку долго биле заробеници на лажната религија и на суеверијата пронашле слобода преку добрата вест за Царството! (Јован 8:32). Нивната жед за водите на вистината е задоволена.

[Слика на страница 10]

Сведочење на „пловните“ острови на езерото Титикака