Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Клучот за еден среќен свет

Клучот за еден среќен свет

Клучот за еден среќен свет

„НАЈМОЌНАТА личност — не само во овие два милениума туку и во целата човечка историја — бил Исус од Назарет“, навело списанието Time. Кога Исус бил на Земјата, илјадници луѓе со искрени срца ја увиделе не само неговата величина туку и неговата грижа за другите. Така, не изненадува тоа што сакале да го постават за цар (Јован 6:10, 14, 15). Сепак, како што беше спомнато во претходната статија, Исус одбил да се вклучи во политика.

ИСУСОВИОТ одговор се темелел на најмалку три фактори: гледиштето на неговиот Татко за пројавите на човечкото самоопределување, меѓу кои спаѓа човечкото владеење; Исусовата свесност дека постојат силни, скриени сили што дејствуваат дури и против најдобрите напори на луѓето за владеење; и Божјата намера да воспостави небесна влада која ќе владее над целата Земја. Додека ги испитуваме овие три точки одблизу, ќе видиме зошто напорите на човештвото да го направи светот подобро место не биле успешни. Исто така ќе видиме како ќе се постигне успех.

Можат ли луѓето да владеат со себеси?

Кога Бог ги создал луѓето, им дал власт над животинското царство (Битие 1:26). Но, човештвото се наоѓало под Божјата сувереност. Првиот маж и првата жена требало да ја потврдат својата подложност кон Бог послушно воздржувајќи се да земат од плодот на едно посебно дрво, „дрвото за познавање на доброто и злото“ (Битие 2:17). За жал, Адам и Ева ја злоупотребиле својата слободна волја и не го послушале Бог. Земањето на забранетиот плод не било само чин на крадење. Тоа претставувало побуна против Божјата сувереност. Една фуснота на Битие 2:17 во The New Jerusalem Bible наведува дека Адам и Ева поставиле барање „за потполна морална независност со која човекот одбива да го признае својот статус на создадено суштество . . . Првиот грев бил напад на Божјата сувереност“.

Поради сериозните морални прашања што биле вклучени, Бог им дозволил на Адам и Ева и на нивните потомци да си го изберат својот сопствен начин на живот, и тие си поставиле свои сопствени мерила за исправно и погрешно (Псалм 147:19, 20; Римјаните 2:14). Во суштина, тогаш започнал човечкиот експеримент со самоопределувањето. Дали се покажал успешен? Имајќи ја предноста да гледаме илјадници години наназад, можеме да кажеме — не! Проповедник 8:9 наведува: „Човек владее над човек за негова несреќа“. Овој жалосен запис на човечко самовладеење ја потврдува вистинитоста на Еремија 10:23: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори!“ Историјата покажала дека луѓето немаат способност успешно да владеат без својот Творец.

Исус во потполност се сложувал со ова. Независноста од Бог била нешто одвратно за него. „Ништо не правам на своја иницијатива“, рекол тој. „Јас секогаш го правам она што му е угодно [на Бог] “ (Јован 4:34; 8:28, 29). Според тоа, без божествено овластување да биде поставен за цар од луѓе, Исус не ни размислувал да прифати. Меѓутоа, тоа не значи дека не бил спремен да им помогне на своите ближни. Напротив, направил сѐ што било во негова моќ да им помогне на луѓето да ја пронајдат најголемата среќа тогаш и за во иднина. Тој дури го дал и својот живот за човештвото (Матеј 5:3-11; 7:24-27; Јован 3:16). Сепак, Исус знаел дека „сѐ има свое доба“, па и Божјето време да ја докаже својата сувереност над човештвото (Проповедник 3:1; Матеј 24:14, 21, 22, 36-39). Но, сети се дека нашите прародители во Еден се подложиле на волјата на едно злобно духовно суштество кое зборувало преку една видлива змија. Тоа нѐ води до втората причина зошто Исус се држел настрана од политиката.

Тајниот владетел на светот

Според Библијата, Сатана му ги понудил на Исус „сите царства на светот и нивната слава“ во замена за еден чин на обожавање (Матеј 4:8-10). Во основа, на Исус му било понудено светско владетелство — но под условите на Ѓаволот. Исус не паднал како жртва на ова искушение. Но, дали навистина било искушение? Можел ли Сатана навистина да даде една таква грандиозна понуда? Да, зашто самиот Исус го нарекол Ѓаволот „владетелот на светот“, и апостол Павле го опишал како „богот на овој систем на работи“ (Јован 14:30; 2. Коринќаните 4:4; Ефешаните 6:12).

Се разбира, Исус знаел дека Ѓаволот не ги има при срце најдобрите интереси на човештвото. Тој го опишал Сатана како „убиец“ и како „татко на лагите и на сѐ што е лажно“ (Јован 8:44, The Amplified Bible). Очигледно, свет кој „лежи во власта“ на таков зол дух никогаш не може да биде вистински среќен (1. Јованово 5:19). Но, Ѓаволот нема неограничено да ја има оваа власт. Исус, сега моќно духовно суштество, наскоро ќе го тргне Сатана и во потполност ќе го отстрани неговото влијание (Евреите 2:14; Откровение 20:1-3).

Самиот Сатана знае дека неговите денови на светски владетел бргу истекуваат. Според тоа, тој со сета сила очајнички се обидува да ги расипе луѓето до степен да станат непоправливи, токму како што направил пред Потопот во времето на Ное (Битие 6:1-5; Јуда 6). „Тешко на земјата и на морето“, вели Откровение 12:12, „зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време.“ Библиските пророштва и светските настани покажуваат дека живееме близу до завршетокот на ова „кратко време“ (2. Тимотеј 3:1-5). Олеснувањето е на видик.

Влада која ќе донесе среќа

Трета причина поради која Исус се држел настрана од политиката било тоа што знаел дека во некое идно одредено време, Бог ќе воспостави небесна влада која ќе владее над Земјата. Библијата ја нарекува таа влада Божје Царство, и таа била главна тема на Исусовото поучување (Лука 4:43; Откровение 11:15). Исус ги поучил своите ученици да се молат да дојде тоа Царство, зашто само под неговата влада ќе се ‚врши Божјата волја на земјата како што се врши на небото‘ (Матеј 6:9, 10). Можеби се прашуваш: ‚Ако ова Царство владее над целата Земја, што ќе се случи со човечките влади?‘

Одговорот се наоѓа во Даниел 2:44: „Во времето на овие цареви [што владеат на крајот на сегашниот систем] Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние [човечки] царства, а самото ќе стои довека“. Зошто Божјето Царство ќе мора да ги „разбие“ земните владетелства? Затоа што тие настојуваат да го овековечуваат духот на самоопределување што му пркоси на Бог, кој Сатана го унапредувал уште во Еденската градина. Освен што работат против најдобрите интереси на човештвото, оние што се стремат да го овековечуваат тој дух се ставаат себеси на пат кој води до судир со Творецот (Псалм 2:6-12; Откровение 16:14, 16). Според тоа, мораме да се прашаме: ‚Дали сме за или против владата на Бог?‘

Чија сувереност ќе ја избереш?

За да им помогне на луѓето да донесат информирана одлука во врска со владетелството, Исус ги овластил своите ученици да ја проповедаат ‚добрата вест за царството . . . по целата населена земја за сведоштво на сите нации‘ пред да дојде крајот на сегашниот систем (Матеј 24:14). Кој е познат денес по проповедањето на Божјето Царство по целиот свет? Јеховините сведоци. Всушност, ова списание долго време на својата насловна страница ги носи зборовите: „Го објавува Јеховиното Царство“. Денес, околу шест милиони Сведоци во преку 230 земји им помагаат на луѓето да стекнат точно спознание за тоа Царство. a

Благослови за поданиците на Царството

Исус секогаш ги правел работите на Божји начин. Затоа, наместо да избере независен пат и да се обидува да го поддржува или подобрува постоечкиот систем на работи со политички средства, тој напорно работел да ги унапредува интересите на Божјето Царство, единственото решение за проблемите на светот. За својата лојалност бил награден со славен престол на небото како вистински Цар на тоа Царство. Каква прекрасна награда за неговата подложност на Бог! (Даниел 7:13, 14).

Денес, милиони што го имитираат Исус ставајќи го Божјето Царство на прво место и подложувајќи се на Божјата волја, исто така ќе добијат еден прекрасен дар — предноста да бидат земски поданици на Божјето Царство (Матеј 6:33). Под неговото љубезно владеење, ќе бидат подигнати до човечко совршенство, со изглед за вечен живот (Откровение 21:3, 4). Во 1. Јованово 2:17 стои: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“. Кога Сатана и неговите следбеници ќе бидат отстранети и Земјата ќе биде преобразена во глобален рај ослободен од разединувачкиот национализам, корумпираните трговски системи и лажната религија, каква извонредна радост ќе биде да се живее на неа засекогаш! (Псалм 37:29; 72:16).

Да, Божјето Царство е вистинскиот клуч за еден навистина среќен свет, и пораката со која се објавува соодветно е опишана како добра вест. Ако сѐ уште не си го сторил тоа, следниот пат кога некој Јеховин сведок ќе те посети дома, зошто не ја прифатиш оваа добра вест која ти ја носи?

[Фуснота]

a Застапувајќи го Божјето Царство, Јеховините сведоци не се мешаат во политика ниту подбуцнуваат побуна против световните власти, дури ни во земјите каде што Сведоците се забранети или прогонувани (Тит 3:1). Наместо тоа, тие се обидуваат да дадат позитивен, духовен и неполитички придонес на начин како што го правеле тоа Исус и неговите ученици во првиот век. Во различни заедници, Сведоците настојуваат да им помагаат на луѓето настроени кон праведност да усвојат здрави библиски вредности, како што се семејната љубов, чесноста, моралната чистота и добрата работна етика. Првенствено, настојуваат да ги поучат како да ги следат библиските начела и да гледаат на Божјето Царство како на вистинска надеж за човештвото.

[Слики на страница 5]

Историјата докажува дека луѓето не можат да владеат успешно без Бог

[Слика на страница 5]

Затоа што владее со сегашниот „систем на работи“, Сатана можел да му ги понуди на Исус „сите царства на светот“

[Слики на страница 7]

Исус поучувал дека под уредувањето на Божјето Царство, светот ќе биде прекрасно место