Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој ќе нѐ одвои од Божјата љубов?

Кој ќе нѐ одвои од Божјата љубов?

Кој ќе нѐ одвои од Божјата љубов?

„А што се однесува до нас, ние љубиме, бидејќи тој првин нѐ љубеше нас“ (1. ЈОВАНОВО 4:19).

1, 2. а) Зошто ни е важно да знаеме дека сме сакани?б) Чија љубов ни е најпотребна?

 КОЛКУ ти е важно да знаеш дека си сакан? Од детството до зрелоста, луѓето цветаат поради љубовта што ја добиваат. Дали си набљудувал бебенце свиено со љубов во мајчината прегратка? Често, додека се загледува во насмеаните очи на мајка си, малечкото се чувствува опуштено и спокојно во рацете на мајка што го сака, без разлика што се случува околу него. Или, пак, дали се сеќаваш каков си бил во текот на оние понекогаш бурни адолесцентни години? (1. Солуњаните 2:7). Некогаш можеби не си знаел што сакаш или, пак, како се чувствуваш, а сепак, колку ти било важно да знаеш дека татко ти и мајка ти те сакаат! Зарем не било корисно што си знаел дека можеш да им пристапиш со кој и да било проблем или прашање? Навистина, една од нашите најголеми потреби во животот е да бидеме сакани. Таквата љубов ни дава потврда дека сме вредни.

2 Постојаната љубов на родителите сигурно придонесува за правилен развој и рамнотежа. Сепак, довербата дека нашиот небесен Татко, Јехова, нѐ сака, е далеку поважна за нашето духовно и емоционално здравје. Некои читатели на ова списание можеби немале родители кои вистински се грижеле за нив. Ако е тоа случај и со тебе, охрабри се. Дури и ако родителската љубов недостигала или изневерила, Божјата лојална љубов доаѓа на помош.

3. Како Јехова го успокоил својот народ во врска со својата љубов кон нив?

3 Преку својот пророк Исаија, Јехова истакнал дека можеби мајката би го ‚заборавила‘ своето доенче, но тој нема да го заборави својот народ (Исаија 49:15). На сличен начин, Давид со доверба рекол: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Колку успокојувачки! Без разлика на твоите околности, ако си влегол во предаден однос со Јехова Бог, секогаш треба да имаш на ум дека неговата љубов кон тебе далеку ја надминува љубовта на кој и да било човек!

Зачувајте се во Божјата љубов

4. Како биле уверени во Божјата љубов христијаните од првиот век?

4 Кога првпат ја запозна ти Јеховината љубов? Твоето искуство веројатно било донекаде слично на она на христијаните од првиот век. Петтото поглавје на Павловото писмо до римјаните убаво опишува како грешниците, некогаш отуѓени од Бог, ја запознале Јеховината љубов. Во 5. стих читаме: „Љубовта Божја е излеана во нашите срца преку светиот дух кој ни беше даден“. Во 8. стих, Павле додава: „Бог ја препорачува својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници“.

5. Како дошло до тоа да ја цениш големината на Божјата љубов?

5 На сличен начин, кога си ја запознал вистината од Божјата реч и си почнал да практикуваш вера, Јеховиниот свет дух почнал да дејствува во твоето срце. На тој начин си почнал да ја цениш големината на она што го направил Јехова испраќајќи го својот љубен Син да умре за тебе. Така, Јехова ти помогнал да разбереш колку всушност тој го љуби човештвото. Кога си сфатил дека, иако си се родил како грешник отуѓен од него, Јехова го отворил патот луѓето да бидат прогласени за праведни со изглед за вечен живот, зарем твоето срце не било трогнато? Зарем не си почувствувал љубов кон Јехова? (Римјаните 5:10).

6. Зошто понекогаш би можеле да се почувствуваме малку оддалечени од Јехова?

6 Откако си бил привлечен од љубовта на твојот небесен Татко и си го приспособил животот за да му биде прифатлив, твојот живот си му го предал на Бог. Сега уживаш мир со Бог. Сепак, дали понекогаш се чувствуваш малку оддалечен од Јехова? Тоа може секому да му се случи. Но, секогаш имај на ум дека Бог не се менува. Неговата љубов е постојана и стабилна како сонцето, кое никогаш не престанува да ги праќа своите топли зраци светлина на Земјата (Малахија 3:6; Јаков 1:17). Од друга страна, ние можеме да се промениме — макар и привремено. Како што се врти Земјата, едната половина од планетата ја покрива темнина. На сличен начин, ако се свртиме од Бог, макар и во ограничена мера, би можеле да почувствуваме дека нашиот однос со него заладува. Што можеме да направиме за да ја поправиме ситуацијата?

7. Како може самоиспитувањето да ни помогне да останеме во Божјата љубов?

7 Ако почувствуваме дека некако се одвојуваме од Божјата љубов, би требало да се запрашаме: ‚Дали Божјата љубов сум ја сфатил како сама по себе разбирлива? Дали постепено малку сум се свртел од живиот Бог полн со љубов, покажувајќи на различни начини ослабена вера? Дали мислите сум ги насочил кон „работите на телото“ наместо кон „работите на духот“‘? (Римјаните 8:5-8; Евреите 3:12). Ако сме се оддалечиле од Јехова, можеме да преземеме чекори да ги исправиме работите, да се вратиме во еден близок и срдечен однос со него. Јаков нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Земи ги при срце зборовите на Јуда: „Љубени, изградувајќи се на својата најсвета вера и молејќи се со свет дух, зачувајте се во Божјата љубов“ (Јуда 20, 21).

Изменетите околности не влијаат врз Божјата љубов

8. Какви промени можат ненадејно да ни се случат во животот?

8 Нашиот живот во овој систем на работи е подложен на многу промени. Цар Соломон забележал дека „времето и непредвидениот настан [ни] се случуваат на сите“ (Проповедник 9:11NW). Нашиот живот може сосема да се промени прекуноќ. Еден ден сме здрави, следниот ден би можеле да бидеме тешко болни. Еден ден нашата световна работа изгледа стабилна, следниот ден сме невработени. Без предупредување, смртта може да погоди некој што го сакаме. Христијаните во некоја земја можеби некое време уживаат во мирни услови, а потоа ненадејно избувнува жестоко прогонство. Можеби сме лажно обвинети и претрпуваме одредена неправда поради тоа. Да, животот не е стабилен ниту потполно сигурен (Јаков 4:13-15).

9. Зошто би било добро да разгледаме дел од Римјаните поглавје 8?

9 Кога ни се случуваат тажни работи, би можеле да почнеме да се чувствуваме напуштени, дури и да помислиме дека Божјата љубов кон нас се намалила. Затоа што сите ние сме подложни на такви настани, би било добро внимателно да ги разгледаме особено утешителните зборови на апостол Павле запишани во Римјаните, поглавје 8. Тие зборови им биле упатени на христијани помазани со дух. Сепак, тие во принцип се применуваат и на другите овци, кои се прогласени за праведни како Божји пријатели, како што бил Авраам во претхристијанските времиња (Римјаните 4:20-22; Јаков 2:21-23).

10, 11. а) Какви обвиненија понекогаш покренуваат непријателите против Божјиот народ?б) Зошто таквите обвиненија всушност не се важни за христијаните?

10 Прочитај Римјаните 8:31-34. Павле прашува: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ Точно, Сатана и неговиот злобен свет се против нас. Непријателите би можеле лажно да нѐ обвинат, дури и по државните судови. Некои христијански родители биле обвинувани дека ги мразат своите деца затоа што не им дозволиле да прифатат медицински постапки што го прекршуваат Божјиот закон или не ги пуштиле да учествуваат во пагански прослави (Дела 15:28, 29; 2. Коринќаните 6:14-16). Други верни христијани биле лажно обвинети дека се бунтовни затоа што одбивале да убиваат други луѓе во војни или, пак, не се вклучувале во политика (Јован 17:16). Некои противници рашириле клеветнички лаги во медиумите, дури лажно обвинувајќи ги Јеховините сведоци дека се опасен култ.

11 Меѓутоа, не заборавај дека во времето на апостолите, било речено: „За оваа секта навистина знаеме дека насекаде се зборува против неа“ (Дела 28:22). Дали всушност се важни лажните обвиненија? Бог е тој кој ги прогласува вистинските христијани за праведни, на темел на нивната вера во жртвата на Христос. Зошто Јехова би престанал да ги сака своите обожаватели откако им го дал најскапоцениот подарок што можел да се даде — својот љубен Син? (1. Јованово 4:10). Со тоа што Христос сега е подигнат од мртвите и е поставен оддесно на Бог, тој активно се застапува за христијаните. Кој може со право да ја побие Христовата одбрана на неговите следбеници или успешно да приговори на Божјиот поволен суд над своите верни? Никој! (Исаија 50:8, 9; Евреите 4:15, 16).

12, 13. а) Какви услови или околности не можат да нѐ одвојат од Божјата љубов? б) Која е целта на Ѓаволот кога ни предизвикува тешкотии? в) Зошто христијаните излегуваат целосни победници?

12 Прочитај Римјаните 8:35-37. Освен ние самите, постои ли некој или нешто што може да нѐ одвои од љубовта кон Јехова и неговиот Син, Христос Исус? Сатана може да ги користи своите земски застапници за да им предизвика многу неволји на христијаните. Во текот на минатиот век, многу од нашите христијански браќа и сестри биле предмет на жестоко прогонство во многу земји. На некои места денес, нашите браќа секојдневно се соочуваат со економски тешкотии. Некои го доживуваат страдањето од гладот или од недостигот на доволно облека. Која е целта на Ѓаволот кога ги предизвикува овие тешки околности? Барем делумно, неговата цел е да одврати од вистинското обожавање на Јехова. Сатана сака да нѐ наведе да веруваме дека Божјата љубов оладила. Меѓутоа, дали е тоа случај?

13 Како Павле, кој го цитирал Псалм 44:22, ние ја проучуваме Божјата пишана реч. Сфаќаме дека овие работи ни се случуваат нам, на неговите „овци“, токму поради Божјето име. Вклучени се посветувањето на Божјето име и оправдувањето на неговиот универзален суверенитет. Бог ги дозволил испитите токму поради овие важни спорни прашања, а не поради тоа што повеќе не нѐ сака. Без разлика каква е тешката околност, ние сме уверени дека Божјата љубов кон неговиот народ, вклучувајќи го секој од нас, не се променила. Секој привиден пораз што можеби го претрпуваме ќе се претвори во победа ако го зачуваме својот интегритет. Ние сме зајакнати и поткрепени од уверувањето во Божјата непоколеблива љубов.

14. Зошто Павле бил уверен во Божјата љубов и покрај тешкотиите што можеби ги претрпувале христијаните?

14 Прочитај Римјаните 8:38, 39. Што го уверило Павле дека ништо не може да ги одвои христијаните од Божјата љубов? Без сомнение, Павловите лични искуства додека бил во службата го зајакнале неговото уверување дека тешкотиите не можат да влијаат врз Божјата љубов кон нас (2. Коринќаните 11:23-27; Филипјаните 4:13). Исто така, Павле имал спознание за Јеховината вечна намера и за Неговите постапки со својот народ во минатото. Дали самата смрт може да ја победи Божјата љубов кон оние што лојално му служеле? Во никој случај! Таквите верни што умираат ќе продолжат да живеат во Божјето совршено сеќавање и тој ќе ги воскресне во свое време (Лука 20:37, 38; 1. Коринќаните 15:22-26).

15, 16. Наброј некои работи што никогаш не можат да го наведат Бог да престане да ги љуби своите верни слуги.

15 Без разлика каква несреќа би можел да ни донесе животот денес — било да е тоа несреќен случај што може да нѐ онеспособи, смртоносна болест или економска катастрофа — ништо не може да ја уништи Божјата љубов кон неговиот народ. Моќните ангели, како што е непослушниот ангел кој станал Сатана, не можат да влијаат врз Јехова да престане да ги љуби своите предадени слуги (Јов 2:3). Владите би можеле да ги забранат, затворат или малтретираат Божјите слуги и да ги етикетираат како „персона нон грата“ (1. Коринќаните 4:13). Таквата неоправдана омраза од нациите може да изврши притисок врз луѓето и тие да се свртат против нас, но тоа не го поколебува Суверениот на универзумот да нѐ напушти.

16 Како христијани, не треба да се плашиме дека некои од работите што Павле ги нарекол „она што е сега“ — настаните, условите и ситуациите во овој сегашен систем на работи, или „она што ќе дојде“ во иднина можат да ја поголебаат Божјата приврзаност кон неговиот народ. Иако земските и небесните сили водат војна против нас, Божјата лојална љубов е тука да нѐ поддржува. Ниту „височината, ниту длабочината“ не може да ја спречи Божјата љубов, како што нагласил Павле. Да, ништо што би можело да нѐ сруши, или што би можело да изврши силно влијание врз нас, не може да нѐ одвои од Божјата љубов; ниту може некое друго суштество да го наруши односот на Творецот со своите верни слуги. Божјата љубов никогаш не затајува; таа е вечна (1. Коринќаните 13:8)

Високо цени ја Божјата срдечна љубезност засекогаш

17. а) Зошто поседувањето на Божјата љубов е ‚подобро од животот‘? б) Како покажуваме дека ја цениме Божјата срдечна љубезност?

17 Колку ти е важна Божјата љубов тебе? Дали се чувствуваш како Давид, кој напишал: „Твојата љубов [срдечна љубезност, NW] е подобра од животот, моите усни ќе Те слават. Така ќе Те благословувам додека сум жив, во Твое име ќе ги кревам рацете“? (Псалм 63:3, 4). Навистина, има ли нешто што животот во овој свет може да го понуди а што е подобро од тоа да се има Божјата љубов и неговото лојално пријателство? На пример, дали стремежот по профитабилна световна кариера е подобар од тоа да се има душевен мир и среќа што доаѓаат од блискиот однос со Бог? (Лука 12:15). Некои христијани стоеле пред изборот да се одречат од Јехова или да се соочат со смртта. Тоа им се случило на многу Јеховини сведоци во нацистичките концентрациони логори за време на Втората светска војна. Со многу малку исклучоци, нашите христијански браќа избрале да останат во Божјата љубов, спремни, ако е потребно, да се соочат и со смртта. Оние што лојално остануваат во неговата љубов можат да бидат уверени дека од Бог ќе добијат вечна иднина, нешто што светот не може да ни го даде (Марко 8:34-36). Но, вклучено е уште повеќе од вечен живот.

18. Зошто вечниот живот е толку пожелен?

18 Иако не е возможно да се живее вечно без Јехова, обиди се да си замислиш каков би бил еден многу долг живот без нашиот Творец. Би бил празен, без вистинска цел. Јехова му дал на својот народ една задоволувачка работа во овие последни денови. Затоа, можеме да имаме доверба дека кога Јехова, Големиот Наумител, дава вечен живот, тој ќе биде исполнет со фасцинантни и вредни работи за кои ќе можеме да учиме и што ќе можеме да ги правиме (Проповедник 3:11). Колку и да истражуваме во претстојните милениуми, никогаш нема во потполност да ја сфатиме ‚длабочината на Божјето богатство и мудрост и спознание‘ (Римјаните 11:33).

Таткото има наклоност кон тебе

19. Какво проштално уверување им дал Исус Христос на своите ученици?

19 На 14 нисан, 33 н.е., за време на својата последна вечер со своите 11 верни апостоли, Исус кажал многу работи за да ги зајакне за она што претстоело во иднина. Сите тие останале со Исус во текот на неговите испити, и лично ја почувствувале неговата љубов кон нив (Лука 22:28, 30; Јован 1:16; 13:1). Исус тогаш ги уверил: „Самиот Татко има наклоност кон вас“ (Јован 16:27). Колку тие зборови мора да им помогнале на учениците да ги сфатат нежните чувства што нивниот небесен Татко ги имал кон нив!

20. Што си одлучен да правиш, и во што можеш да имаш доверба?

20 Многумина од оние што денес се живи верно му служеле на Јехова со децении. Без сомнение, пред крајот на овој злобен систем на работи, ќе се соочиме со уште многу испити. Никогаш не дозволувај таквите испити или неволји да те натераат да се сомневаш во Божјата лојална љубов кон тебе. Тешко е доволно да се нагласи овој факт: Јехова има наклоност кон тебе (Јаков 5:11). Секој од нас нека продолжи да го дава својот дел, лојално држејќи ги Божјите заповеди (Јован 15:8-10). Да ја користиме секоја прилика да го фалиме неговото име. Треба да ја зајакнеме својата решеност да продолжиме да му се приближуваме на Јехова во молитва и да ја проучуваме неговата Реч. Без разлика што ќе ни донесе утрешнината, ако правиме сѐ што можеме да му угодиме на Јехова, ќе останеме во мир, потполно уверени во неговата љубов која не затајува (2. Петрово 3:14).

Како би одговорил?

• Чија љубов особено ни е потребна за да ја зачуваме својата духовна и емоционална рамнотежа?

• Кои работи никогаш не би предизвикале Јехова да престане да ги сака своите слуги?

• Зошто искусувањето на Јеховината љубов е ‚подобро од животот‘?

[Прашања]

[Слики на страница 13]

Ако се чувствуваме одвоени од Божјата љубов, можеме да работиме на тоа да ги поправиме работите

[Слика на страница 15]

Павле сфаќал зошто бил прогонуван