Можеш ли светот да го направиш подобро место?
Можеш ли светот да го направиш подобро место?
„Политиката не може да ги обнови сврзните ткива во општеството. Таа е лошо опремена да ги реконструира традиционалните морални верувања. И најдобрите насочници не можат да го опорават додворувањето ниту бракот, да ги натераат татковците да бидат одговорни спрема своите деца, да го повратат шокот или срамот онаму каде што некогаш постоеше . . . Поголемиот дел од моралните проблеми што нѐ измачуваат не можат да се искоренат со закон.“
ДАЛИ си склон да се согласиш со овие зборови на еден поранешен владин помошник на САД? Ако да, тогаш кое е решението за многуте проблеми денес што извираат од алчноста, недостигот на природна наклоност во семејствата, слабиот морал, незнаењето и други нагризувачки фактори што го разјадуваат ткивото на општеството? Некои луѓе мислат дека нема решение, па така продолжуваат со своите животи најдобро што можат. Други се надеваат дека еден ден некој харизматичен и брилијантен водач, можеби дури и верски водач, ќе дојде и ќе ги насочи во исправниот правец.
Всушност, пред две илјади години, луѓето сакале да го направат Исус Христос свој цар затоа што сметале дека тој е испратен од Бог и дека би бил многу способен владетел. Сепак, кога Исус ги увидел нивните намери, бргу ја напуштил сцената (Јован 6:14, 15). „Моето царство не е дел од овој свет“,му објаснил подоцна на еден римски управител (Јован 18:36). Меѓутоа, во денешно време малкумина го заземаат ставот што го зазел Исус — дури и меѓу верските водачи кои тврдат дека се негови следбеници. Некои од нив се обиделе да го направат светот подобро место или со обидот да влијаат врз световните власти или со тоа што самите се на политички положби. Тоа можеме да го видиме ако фрлиме поглед на 1960-тите и 70-тите.
Верски обиди да се подобри светот
Кон крајот на 1960-тите, извесни теолози во латино-американските земји се зазеле за сиромашните и угнетените. За таа цел развиле теологија на ослободувањето, во која Христос повеќе не се толкувал како спасител само во библиска смисла туку и на политичка и економска основа. Во Соединетите Држави, извесен број црковни водачи кои станале длабоко загрижени поради нагризувањето на моралните вредности формирале една организација наречена Моралното мнозинство. Нејзината цел била да внесе луѓе на политички положби што ќе донесуваат закони за здрави семејни вредности. На сличен начин, во многу муслимански земји некои групи се обиделе да ги зауздаат корупцијата и прекршоците унапредувајќи потесно следење на Коранот.
Дали веруваш дека светот е подобро место поради таквите обиди? Фактите покажуваат дека, општо земено, моралните вредности продолжуваат да опаѓаат и дека јазот помеѓу богатите и сиромасите продолжува да се шири, вклучувајќи ги и оние земји каде што теологијата на ослободувањето била угледна.
Поради тоа што Моралното мнозинство потфрлило во своите клучни цели во Соединетите Држави, нејзиниот основач, Џери Фалвел, ја распуштил организацијата во 1989. Нејзиното место го зазеле други организации. Сепак, Пол Вејрич, оној што го сковал терминот „морално мнозинство“, во списнието Christianity Today (Христијанството денес) напишал: „Дури и кога победуваме во политиката, нашите победи не успеваат да водат до онаа политика која ние ја сметаме за важна“. Тој исто така напишал: „Културата станува сѐ поголема канализација. Фатени сме во еден културен колапс од историски размери, колапс толку голем што едноставно ја надминува политиката“.
Колумнистот и авторот Кал Томас го открил она што тој го сметал за фундаментален недостаток во обидот општеството да се подигне преку политиката: „Вистинската промена настапува во едно срце по друго, а не во избори по избори, затоа што нашите првенствени проблеми не се економски ниту политички туку морални и духовни“.
Но, како да се решат моралните и духовните проблеми во еден свет во кој не постојат критериуми, каде што луѓето сами си одлучуваат што е исправно а што погрешно? Ако влијателни и добронамерни луѓе — религиозни или не — не се во состојба да го направат светов едно навистина подобро место, тогаш кој може? Како што ќе видиме во следната статија, постои одговор. Всушност, тој лежи во самата срж на тоа зошто Исус рекол дека неговото Царство не е од овој свет.
[Извори на слики на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Нечиста вода: фотографија на WHO/UNICEF; Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Извори на слики на страница 3]
Деца: фотографија на ОН; Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.