Прашања од читателите
Прашања од читателите
Како биле наместени стаповите за носење на ковчегот на заветот, затоа што 1. Царства 8:8 покажува дека биле видливи од Светињата?
Кога Јехова му го дал на Мојсеј моделот на шаторот за обожавање во пустелијата, клучно обележје бил ковчегот на заветот. Овој правоаголен сандак обложен со злато ги содржел плочите на Законот и други предмети. Се чувал во највнатрешниот оддел, Најсветата светиња. На капакот од ковчегот имало две златни фигури на херувими со раширени крилја. На двете страни од ковчегот, имало прстени за да може да се носи со два стапа, направени од багремово дрво обложено со злато. Логично, стаповите биле протнати низ прстените, по должината на ковчегот. Според тоа, кога ковчегот стоел на своето место во Најсветата светиња од шаторот за обожавање, која била свртена кон исток, стаповите биле свртени во правец север-југ. Истото било случај подоцна кога ковчегот се наоѓал во храмот што го изградил Соломон (Излез 25:10-22; 37:4-9; 40:17-21). a
Најсветата светиња била одделена со завеса од Светињата (надворешната соба). Свештениците во Светињата не можеле да погледнат во Најсветата светиња и да го гледаат ковчегот, над кој се јавувал Бог (Евреите 9:1-7). Затоа, можеби 1. Царства 8:8 звучи збунувачки: „Драговите [Стаповите, NW] беа толку долги така што краевите им се гледаа од Светилиштето спроти Светината над светините, но не се гледаа однадвор“. Истата мисла е изразена и во 2. Летописи 5:9. Како можел да ги види стаповите некој во Светињата на храмот?
Некои претпоставувале дека стаповите ја допирале завесата, создавајќи видливи испакнатини. Но тоа не можело да биде случај ако стаповите биле свртени во правец север-југ, а завесата била паралелна со стаповите (Броеви 3:38). Постои поразумно објаснување. Стаповите можеби се гледале ако имало мал процеп помеѓу завесата и ѕидот на храмот или, пак, кога првосвештеникот морал да влезе во Најсветата светиња. Завесата спречувала било каков поглед на самиот ковчег, но стаповите што се протегале на двете страни можеле да се видат низ процепот. Иако ова објаснување е прифатливо, не можеме да бидеме догматични во врска со тоа.
Јасно, има многу детали што можеби допрва ќе ги увидиме. Апостол Павле спомнал неколку аспекти во своето писмо до Евреите. Потоа коментирал: „Сега не е време да се зборува детално за ова“ (Евреите 9:5). Претстојното воскресение на верните би требало да ни отвори подбудувачка прилика да дознаеме од луѓе како што се Мојсеј, Арон, Веселеил и други кои лично биле запознати со моделот и функционирањето на шаторот за обожавање (Излез 36:1).
[Фуснота]
a Стаповите не требало да се вадат од прстените дури ни кога ковчегот бил сместен во шаторот за обожавање. Како резултат на тоа, стаповите не можеле да се користат за ниедна друга намена. Исто така, ковчегот не би се допирал; кога стаповите би се извадиле од прстените, секое пренесување би изискувало допирање на светиот ковчег за повторно да се стават стаповите во прстените. Коментарот во Броеви 4:6 за ‚ставање на стаповите‘ може да се однесува на подготвување или прилагодување на стаповите при подготовката да се носи тешкиот ковчег до следниот логор.