Стекни срце кое му е угодно на Јехова
Стекни срце кое му е угодно на Јехова
„Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене!“ (ПСАЛМ 51:10).
1, 2. Зошто треба да бидеме заинтересирани за своето срце?
ИМАЛ висок раст и привлечен изглед. Кога го видел, пророкот Самуил бил толку импресиониран што заклучил дека овој најстар син на Јесеј е тој кого Бог го избрал да биде цар после Саул. Но Јехова објавил: „Не гледај на неговата надворешност [на тој син], ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив . . . Човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“. Се покажало дека изборот на Јехова е најмладиот син на Јесеј, Давид — „човек угоден на неговото срце“ (1. Самуил 13:14, NW; 16:7).
2 Бог може да го чита човечкото срце, како што подоцна објаснил: „Јас, Господ, ги истражувам срцата и ги испитувам бубрезите, за да му дадам секому според неговото поведение, според плодот на неговите раце“ (Еремија 17:10). Да, „Господ го испитува срцето“ (Пословици 17:3). Но, што е срцето во човекот што Јехова го испитува? И што можеме да правиме за да стекнеме срце што му е угодно нему?
„Тајната личност на срцето“
3, 4. Во која смисла се користи првенствено зборот „срце“ во Библијата? Дај примери.
3 Зборот „срце“ се појавува околу илјада пати во Светото писмо. Во повеќето случаи се користи во преносна смисла. На пример, Јехова му рекол на пророкот Мојсеј: „Кажи им на Израелците да Ме даруваат, а вие примајте ги даровите во Моја чест од секој што дава од срце“. И оние кои давале прилози ‚секој, кого срцето го влечеше . . . дошол“ (Излез 25:2; 35:21). Јасно, еден аспект од фигуративното срце е мотивацијата — внатрешната сила што нѐ поттикнува на акција. Нашето фигуративно срце исто така ги одразува нашите емоции и чувства, нашите желби и склоности. Срцето може да пламне од гнев или да се исполни со страв, да се кине од жал или да биде полно со радост (Псалм 27:3; 39:3; Јован 16:22; Римјаните 9:2). Тоа може да биде гордо или понизно, полно со љубов или со омраза (Пословици 16:5; Матеј 11:29; 1. Петрово 1:22)
4 Според тоа, „срцето“ честопати се поврзува со мотивацијата и емоциите, додека „умот“ е посебно поврзан со интелектот. Овие термини треба така да се разберат кога се појавуваат во еден ист контекст во Писмото (Матеј 22:37; Филипјаните 4:7). Но срцето и умот не се исклучуваат меѓусебно. На пример, Мојсеј ги поттикнал Израелците: „Сети се во срцето [или „сети се во својот ум“, фуснота] дека Јехова е вистинскиот Бог“ (Второзаконие 4:39, NW). На книжниците што правеле сплетки против него, Исус им рекол: „Зошто мислите зло во своите срца?“ (Матеј 9:4). ‚Разбирањето‘, ‚знаењето‘ и ‚резонирањето‘ исто така можат да се поврзат со срцето (1. Царства 3:12, NW; Пословици 15:14, NW; Марко 2:6). Според тоа, фигуративното срце може исто така да го вклучува нашиот интелект — нашите мисли или нашето разбирање.
5. Што претставува фигуративното срце?
5 Според едно референтно дело, фигуративното срце го претставува „средишниот дел воопшто, внатрешноста, па според тоа го претставува внатрешниот човек што се манифестира во сите негови разновидни активности: неговите желби, склоности, емоции, страсти, намери, неговите мисли, согледувања, фантазии, неговата мудрост, знаење, вештина, неговите верувања и неговите резонирања, неговата меморија и неговата свесност“. Тоа го претставува она што всушност сме однатре, „тајната личност на срцето“ (1. Петрово 3:4). Ова е тоа што Јехова го гледа и испитува. Според тоа, Давид можел да моли: „Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене!“ (Псалм 51:10). Како можеме да стекнеме чисто срце?
„Вашите срца нека се посветат“ на Божјата реч
6. Каков поттик му дал Мојсеј на Израел додека биле улогорени на Моавските рамници?
6 Кога ги опоменал синовите на Израел собрани на Моавските рамници пред да влезат во Ветената земја, Мојсеј рекол: „Во своите срца посадете ги [Вашите срца нека се посветат на, NW] овие зборови, што ги земам денес за сведоци против вас; наредете им на своите синови да ги пазат, вршејќи ги сите зборови на овој Закон“ (Второзаконие 32:46). Израелците требало „добро да внимаваат“ (Knox). Само ако биле темелно запознаени со Божјите заповеди можеле да ги всадат во своето потомство (Второзаконие 6:6-8).
7. Што е вклучено во ‚посветувањето на нашето срце‘ на Божјата реч?
7 Клучно барање за да се стекне чисто срце е да се прими точно спознание за Божјата волја и намери. Постои само еден извор на такво спознание, инспирираната реч Божја (2. Тимотеј 3:16, 17). Но, само знаењето во главата нема да ни помогне да стекнеме срце што му е угодно на Јехова. За знаењето да влијае врз она што навистина сме однатре, мораме ‚да го посветиме своето срце‘ на, или да „го земеме при срце“ она што го учиме (Второзаконие 32:46, An American Translation). Како се прави тоа? Псалмистот Давид објаснува: „Си спомнувам за минатите дни, размислувам за сите Твои дела; размислувам за делата на Твоите раце“ (Псалм 143:5).
8. За кои прашања можеме длабоко да размислуваме додека проучуваме?
8 И ние треба со благодарност да медитираме за Јеховината активност. Кога ја читаме Библијата и библиски темелените публикации, треба длабоко да размислуваме за прашањата како што се: ‚Што учам од ова за Јехова? Кои особини на Јехова јасно ги гледам овде? Што учам од овој извештај за тоа што Јехова сака а што не сака? Кои се резултатите ако се следи правец што Јехова го сака во споредба со тоа да се следи правец што тој го мрази? Во каква поврзаност е оваа информација со она што веќе го знам?‘
9. Од колкава вредност се личното проучување и медитирање?
9 Триесетидвегодишната Лиза a објаснува како почнала да ја цени вредноста на смисловното проучување и медитирање: „После моето крштавање во 1994, околу две години бев прилично активна во вистината. Присуствував на сите христијански состаноци, посветував од 30 до 40 часа секој месец во службата на подрачјето и се дружев со другите христијани. Потоа почнав полека да отпловувам. Толку длабоко потонав што дури го прекршив Божјиот закон. Но, се разбудив и одлучив да си го средам животот. Колку ми е мило што Јехова го увиде моето покајание и ме прими назад! Честопати размислувам: ‚Зошто се оддалечив?‘ Одговорот што постојано ми се враќа е дека го запоставив смисловното проучување и медитирање. Библиската вистина едноставно го немаше достигнато моето срце. Отсега, личното проучување и медитирање секогаш ќе играат важна улога во мојот живот“. Додека растеме во нашето спознание за Јехова, неговиот Син, и неговата Реч, колку е битно да си одвоиме време за смисловно размислување!
10. Зошто треба да одредиме време за лично проучување и за медитирање?
10 Во овој свет исполнет со активности, навистина е предизвик да се најде време за проучување и медитирање. Меѓутоа, христијаните денес стојат на прагот на една прекрасна Ветена земја — Божјиот праведен нов свет (2. Петрово 3:13). На повидок се страшни настани, како што е уништувањето на „Големиот Вавилон“ и нападот од ‚Гог, во земјата Магог‘ врз Јеховиниот народ (Откровение 17:1, 2, 15—17; Езекиел 38:1-4, 14—16; 39:2). Она што лежи пред нас може да ја стави на испит нашата љубов кон Јехова. Итно е сега да го откупуваме поволното време и нашето срце да го посветуваме на Божјата реч! (Ефешаните 5:15, 16).
‚Подготви го своето срце да се советува со Божјата реч‘
11. Како може нашето срце да се спореди со почва?
11 Фигуративното срце може да се спореди со почва во која може да се посади семето на вистината (Матеј 13:18-23). Дословната почва обично се обработува за да се осигури добар раст на растението. На сличен начин, срцето треба да се подготви или приправи, за да биде поприемливо за Божјата реч. Свештеникот Езра „го подготвил своето срце да се советува со законот Јеховин и да го извршува“ (Езра 7:10, NW). Како можеме да го подготвиме своето срце?
12. Што ќе помогне да се подгови срцето за проучување?
12 Извонредна подготовка на срцето кога се советуваме со Божјата реч е срдечната молитва. Христијанските состаноци за вистинско обожавање се отвораат и затвораат со молитва. Колку е пригодно секој период на лично проучување на Библијата да го започнеме со искрена молитва и потоа да задржиме молитвен став во текот на нашето проучување!
13. За да стекнеме срце што му е угодно на Јехова, што мора да правиме?
13 Фигуративното срце мора да биде подготвено да ги отфрли однапред оформените мислења. Верските водачи од времето на Исус не биле спремни да го сторат тоа (Матеј 13:15). Од друга страна, Исусовата мајка, Марија, извлекувала заклучоци „во своето срце“ темелени на вистините што ги слушала (Лука 2:19, 51). Таа станала верен ученик на Исус. Лидија од Тијатира го слушала Павле, ‚и Јехова ширум ѝ го отворил срцето да обрне внимание‘. И таа станала верник (Дела 16:14, 15). Никогаш да не се држиме круто за лични идеи или ценети доктринални гледишта. Наместо тоа, да бидеме спремни „Бог [да] се најде вистинит, макар секој човек се покажува лажливец“ (Римјаните 3:4).
14. Како би можеле да го подготвиме срцето да слуша на христијанските состаноци?
14 Особено е важно да се подготви срцето да слуша на христијанските состаноци. Пречките можат да ни го одвлечат вниманието од она што се кажува. Зборовите што се кажуваат можат малку да влијаат врз нас ако сме преокупирани со она што се случило во текот на тој ден или ако сме загрижени за она што нѐ очекува утре. Треба да бидеме цврсто решени да слушаме и да учиме ако сакаме да извлечеме корист од она што се кажува. Каква само корист можеме да извлечеме ако сме решени да го разбереме Писмото што се изнесува и значењето што се објаснува! (Неемија 8:5-8, 12).
15. Како понизноста ни помага да бидеме попоучливи?
15 Токму како што ставањето исправни додатоци може да ја подобри физичката почва, така и негувањето понизност, глад за духовност, доверба, побожен страв и љубов кон Бог може да го збогати нашето фигуративно срце. Понизноста го омекнува срцето и ни помага да бидеме попоучливи. На јудејскиот цар Јосија, Јехова му рекол: „Бидејќи ти смекна срцето, и зашто се понижи пред Господа откако чу што им објавив . . . и зашто плачеше пред Мене, затоа те послушав“ (2. Цареви 22:19). Срцето на Јосија било понизно и приемливо. Понизноста им овозможила на Исусовите „неуки и обични“ ученици да ги сфатат и да ги применат духовните вистини што ги пропуштиле „мудрите и умните“ луѓе (Дела 4:13; Лука 10:21). Да се „смириме пред својот Бог“ додека се обидуваме да стекнеме срце што му е угодно на Јехова (Езра 8:21).
16. Зошто е потребен напор за да негуваме глад за духовната храна?
16 Исус рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Иако сме надарени со способност за духовност, притисоците од овој злобен свет или особините како што е мрзливоста можат да ја затапат нашата свесност за нашите потреби (Матеј 4:4). Мораме да развиваме здрав апетит за духовна храна. Дури и ако во почетокот не наоѓаме задоволство во читањето на Библијата и личното проучување, ако сме истрајни ќе откриеме дека спознанието ‚ќе ѝ омили на нашата душа‘ и желно ќе ги очекуваме периодите за проучување (Пословици 2:10, 11).
17. а) Зошто Јехова е достоен за нашата потполна доверба? б) Како можеме да развиеме доверба во Бог?
17 „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум“, опоменал цар Соломон (Пословици 3:5). Срце што има доверба во Јехова знае дека сите барања и упатства што Тој ги дава во својата Реч, секогаш се исправни (Исаија 48:17). Сигурно, Јехова е достоен за нашата потполна доверба. Тој е во состојба да спроведе сѐ што го наумил (Исаија 40:26, 29). Па, самото негово име дословно значи „Тој предизвикува да стане“, што изградува доверба во неговата способност да го исполни она што го ветил! Тој е ‚Праведен на сите Свои патишта, и добар во сите Свои дела‘ (Псалм 145:17). Се разбира, за да развиеме доверба во него, потребно е ‚да вкусиме и да видиме колку е добар Господ‘ применувајќи го она што го учиме од Библијата во нашиот личен живот и размислувајќи за доброто што го донесува тоа (Псалм 34:8).
18. Како побожниот страв ни помага да бидеме приемливи на Божјето водство?
18 Укажувајќи на уште една особина што го прави нашето срце приемливо на божественото водство, Соломон навел: „Бој се од Господа и отстранувај се од злото“ (Пословици 3:7). Во врска со древниот Израел, Јехова рекол: „Само кога нивните срца би биле такви секогаш да се бојат од Мене и да ги пазат сите Мои заповеди, за да бидат така постојано среќни, тие и нивното потомство!“ (Второзаконие 5:29). Да, оние што се плашат од Бог му се послушни. Јехова има способност „да ја покаже својата сила во полза на оние чие срце е цело спрема него“ и да ги казни оние што не му се послушни (2. Летописи 16:9, NW). Побожниот страв да не не му угодиме на Бог нека ги води сите нашите постапки, мисли и емоции.
‚Љуби го Јехова со сето свое срце‘
19. Каква улога игра љубовта за нашето срце да стане приемливо на Јеховиното водство?
19 Повеќе од сите други особини, љубовта навистина помага нашето срце да биде приемливо на Јеховиното водство. Срце полно со љубов кон Бог придонесува човек да биде спремен со одушевеност да учи што му е угодно на Бог а што не (1. Јованово 5:3). Исус рекол: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Да ја продлабочуваме нашата љубов кон Бог со тоа што размислувањето за неговата добрина ќе ни стане навика и редовно ќе зборуваме со него како со близок пријател и спремно ќе им кажуваме на другите за него.
20. Како можеме да стекнеме срце што му е угодно на Јехова?
20 Да повториме: Да се стекне срце што му е угодно на Јехова вклучува да дозволиме Божјата реч да влијае врз она што сме однатре, тајната личност на срцето. Смисловното лично проучување на Писмото и медитирањето со благодарност се неопходни. Тоа најдобро се прави со подготвено срце — срце ослободено од однапред смислени идеи, исполнето со особини што нѐ прават поучливи! Да, со Јеховина помош, може да се стекне добро срце. Меѓутоа, кои мерки можеме да ги преземеме за да го зачуваме своето срце?
[Фуснота]
a Името е променето.
Како би одговорил?
• Што е фигуративното срце што Јехова го испитува?
• Како можеме да ‚го посветиме своето срце‘ на Божјата реч?
• Како треба да го подготвиме своето срце за да се советуваме во Божјата реч?
• Откако го разгледа овој материјал, што си мотивиран да правиш?
[Прашања]
[Слика на страница 17]
Давид медитирал со благодарност за духовните работи. Дали медитираш и ти?
[Слики на страница 18]
Подготви го своето срце пред да ја проучуваш Божјата реч