Да се излезе на крај со ‚трнот во телото‘
Да се излезе на крај со ‚трнот во телото‘
„Доволна ти е мојата незаслужена љубезност“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 12:9).
1, 2. а) Зошто не треба да нѐ збуни фактот што се соочуваме со искушенија и проблеми? б) Зошто можеме да имаме доверба наспроти искушенијата?
„СИТЕ оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Зошто? Затоа што Сатана тврди дека човекот му служи на Бог само од себични причини, и очајнички сака да го докаже тоа. Во една прилика Исус ги предупредил своите верни апостоли: „Сатана побара да ве просее како пченица“ (Лука 22:31). Исус добро знаел дека Бог му дозволува на Сатана да нѐ испита преку болни проблеми. Се разбира, ова не значи дека секој проблем со кој се соочуваме во животот потекнува директно од Сатана или од неговите демони (Проповедник 9:11, NW). Но, Сатана е желен да го употреби секое средство што му стои на располагање за да го скрши нашиот интегритет.
2 Библијата ни кажува дека искушенијата не треба да нѐ збунат. Што и да нѐ снајде не е ниту чудно ниту неочекувано (1. Петрово 4:12). Всушност, „што се однесува до страдањата, истите работи ја снаоѓаат целата заедница од [наши] браќа по светот“ (1. Петрово 5:9). Денес Сатана врши огромен притисок врз секој Божји слуга. Ѓаволот се радува кога гледа како се мачиме со колку што е можно повеќе проблеми слични на трње. За таа цел го користи својот систем на работи на таков начин што постои веројатност да додаде или да го зголеми кој и да е ‚трн во нашето тело‘ (2. Коринќаните 12:7). Сепак, нападите на Сатана не треба да го скршат нашиот интегритет. Исто како што Јехова ќе ‚направи излез‘ за да го поднесеме искушението така тој ќе го стори истото и кога се соочуваме со проблеми што се слични на трње во нашето тело (1. Коринќаните 10:13).
Како да излезеш на крај со трн
3. Како одговорил Јехова кога Павле побарал да му го тргне трнот од телото?
3 Апостол Павле го преколнувал Бог да му го тргне трнот од телото. „Во врска со тоа, трипати го молев Господ да го отстрани од мене.“ Каков бил Јеховиниот одговор на горливото барање на Павле? „Доволна ти е мојата незаслужена љубезност; зашто мојата сила се усовршува во слабост“ (2. Коринќаните 12:8, 9). Да го проанализираме овој одговор и да видиме како може тој да ни помогне да излеземе на крај со кој и да е болен проблем сличен на трн.
4. На кои начини извлекол Павле корист од Јеховината незаслужена љубезност?
4 Забележи дека Бог го охрабрил Павле да ја цени незаслужената љубезност што веќе ја имал добиено преку Христос. Навистина, Павле бил богато благословен на многу начини. Јехова со љубов му ја дал предноста да биде ученик иако бил фанатичен противник на Исусовите следбеници (Дела 7:58; 8:3; 9:1—4). Потоа, Јехова љубезно му дал на Павле многу возбудливи задачи и предности. Лекцијата за нас е јасна. Дури и во најтешки времиња, сѐ уште имаме многу благослови за кои треба да бидеме благодарни. Никогаш поради нашите искушенија да не ја заборавиме изобилната доброта на Јехова (Псалм 31:19).
5, 6. а) Како Јехова го поучил Павле дека божествената моќ „се усовршува во слабост“? б) На кој начин докажува примерот на Павле дека Сатана е лажливец?
5 Јеховината незаслужена љубезност е доволна и на еден друг начин. Божјата моќ е повеќе од доволна за да ни помогне да ги пребродиме нашите искушенија (Ефешаните 3:20). Јехова го поучил Павле дека божествената моќ „се усовршува во слабост“. Како? Тој со љубов му ја дал на Павле сета сила што му била потребна за да излезе на крај со своето искушение. Од друга страна, пак, истрајноста на Павле и неговата безрезервна доверба во Јехова им откриле на сите дека Божјата моќ триумфирала во случајот на овој слаб и грешен човек. Сега, разгледај го ефектот врз Ѓаволот, кој тврди дека луѓето му служат на Бог само тогаш кога животот им е удобен и некомплициран. Интегритетот на Павле значел шлаканица за тој клеветник!
6 Овде бил Павле, поранешен сојузник на Сатана во борбата против Бог, дрзок прогонител на христијаните, ревносен фарисеј кој, несомнено, некогаш уживал многу удобности во животот затоа што бил роден во привилегирана класа. Сега Павле им служел на Јехова и на Христос како „најмал од апостолите“ (1. Коринќаните 15:9). Како таков, тој понизно се подложувал на авторитетот на водечкото тело на христијаните од првиот век. И верно истрајувал и покрај трнот во своето тело. На големо разочарување на Сатана, искушенијата во животот на Павле не предизвикале неговата ревност да се намали. Ниту, пак, неговиот фокус се изместил од надежта дека ќе има удел во Христовото небесно Царство (2. Тимотеј 2:12; 4:18). Ниеден трн, сеедно колку бил болен, не можел да ја намали неговата ревност. Нека и нашата ревност продолжи да биде силна на ист начин! Со тоа што нѐ поддржува низ нашите искушенијата, Јехова нѐ удостојува со предноста да помогнеме во докажувањето дека Сатана е лажливец (Пословици 27:11).
Јеховините подготовки животоважни
7, 8. а) Преку што им дава Јехова сила на своите слуги денес? б) Зошто секојдневното читање на Библијата и проучувањето е толку животоважно за да излеземе на крај со некој трн во нашето тело?
7 Денес Јехова им дава сила на верните христијани преку својот свет дух, својата Реч и нашето христијанско братство. Ние, како и апостол Павле, можеме во молитва да ги фрлиме нашите товари на Јехова (Псалм 55:22). Иако можеби нема да ни ги тргне искушенијата, Бог може да ни даде мудрост да излеземе на крај со нив, дури и со оние што е особено тешко да се поднесат. Исто така, Јехова може да ни даде јачина — ‚сила која ја надминува нормалната‘ — за да ни помогне да истраеме (2. Коринќаните 4:7).
8 Како ја добиваме таа помош? Мораме марливо да ја проучуваме Божјата реч, зашто во неа ќе ги најдеме неговите сигурни утехи (Псалм 94:19). Во Библијата ги читаме трогателните зборови на Божјите слуги што ги упатувале додека преколнувале за божествена помош. Јеховиниот одговор, кој често вклучува утешителни зборови, е храна за медитирање. Проучувањето ќе нѐ зајакне така што „силата која ја надминува нормалната да биде од Бог, а не од нас“. Исто како што секој ден ни е потребна физичка храна за да се прехраниме и да добиеме сила, така мораме и редовно да се храниме со Божјите зборови. Го правиме ли тоа? Ако да, тогаш ќе видиме дека тоа што добиваме ‚сила која ја надминува нормалната‘ ни помага да го поднесеме кое и да било фигуративно трње што можеби нѐ измачува сега.
9. Како можат старешините да ги поддржуваат оние што се борат со проблеми?
9 Богобојазливите христијански старешини можат да бидат „како заветрина“ од неволја, ‚прибежиште од невремето‘ од проблеми. Старешините, кои сакаат да одговараат на тој инспириран опис, понизно и искрено бараат Јехова да им даде „вешт јазик“ за да знаат како со исправни зборови да им дадат одговор на оние што страдаат. Зборовите на старешините можат да бидат како пријатен дождец што го разладува и утешува нашиот дух во тешките периоди од животот. Говорејќи „им утешно на депримираните души“, старешините вистински ги поддржуваат своите духовни браќа и сестри, кои можеби стануваат исцрпени или потиштени поради некој трн во своето тело (Исаија 32:2; 50:4; 1. Солуњаните 5:14).
10, 11. На кој начин можат Божјите слуги да ги храбрат другите што доживуваат тешки искушенија?
10 Сите слуги на Јехова се дел од неговото обединето христијанско семејство. Да, ние сме „како поединци, членови кои припаѓаат еден на друг“ и сме „должни да се љубиме еден со друг“ (Римјаните 12:5; 1. Јованово 4:11). Како ја исполнуваме оваа должност? Според 1. Петрово 3:8, тоа го правиме така што ‚покажуваме сочувство, имаме братска наклоност, нежна сочувствителност‘ кон сите што ни се сродни по вера. Што се однесува до оние кои излегуваат на крај со некој особено болен трн во телото, сеедно дали се млади или стари, сите ние можеме да им покажеме посебен обѕир. Како?
11 Треба да се трудиме да бидеме чувствителни за нивните страдања. Ако сме бесчувствителни, студени или рамнодушни, би можеле ненамерно уште повеќе да им ги зголемиме страдањата. Свесноста за нивните искушенија треба да нѐ поттикне да внимаваме што зборуваме, како го кажуваме тоа и како постапуваме. Нашиот позитивен и охрабрувачки став може да ни помогне да ублажиме дел од острата болка од кој и да е трн што ги измачува. На тој начин можеме да им бидеме зајакнувачка помош (Колошаните 4:11).
Како некои успешно излегуваат на крај со искушенијата
12-14. а) Што сторила една христијанка за да излезе на крај со ракот? б) Како духовните браќа и сестри на оваа жена ја поддржале и ја охрабриле?
12 Додека се приближуваме кон крајот на овие последни денови, „мачните болки“ секојдневно се зголемуваат (Матеј 24:8). Значи, со искушенија ќе бидат погодени веројатно сите на Земјата, особено Јеховините верни слуги, кои настојуваат да ја вршат неговата волја. На пример, размисли за една христијанка што служела во полновремена служба. Кај неа бил дијагностициран рак и морало по хируршки пат да ѝ бидат отстранети плунковните и лимфните жлезди. Кога дознале дека ја има оваа болест, таа и нејзиниот сопруг веднаш му се обратиле на Јехова во една долга, горлива молитва. Подоцна рекла дека биле обземени од неверојатен мир. Сепак, претрпела многу подеми и падови, особено додека се борела со несаканите последици од третманите.
13 За да се справи со својата ситуација, оваа сестра се обидела да научи колку што е можно повеќе за ракот. Се консултирала со нејзините лекари. Во Стражарска кула, Разбудете се! и во други сродни христијански публикации нашла лични извештаи што покажуваат како поединци емоционално излегле на крај со оваа болест. Исто така, читала релевантни библиски стихови што покажуваат дека Јехова е способен да го поддржува својот народ во време на тешкотии, како и други корисни информации.
14 Во една статија во врска со тоа како да се излезе на крај со очајот се наведени овие мудри зборови: „Оној што се изолира, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи“ (Пословици 18:1, NW). Затоа во статијата е даден овој совет: „Спротивстави се на изолирањето“. * Сестрата раскажува: „Многумина ми рекоа дека се молеле за мене; други ми телефонираа. Двајца старешини редовно ми се јавуваа за да проверат како сум. Добив цвеќиња и куп картички. Некои дури подготвуваа оброци. Исто така, многумина доброволно се пријавуваа да ме носат на моите третмани“.
15-17. а) Како една христијанка излегла на крај со тешкотиите што биле последица од сообраќајни несреќи? б) Каква поддршка ѝ дале членовите на собранието?
15 Една жена, долгогодишен слуга на Јехова од Њу Мексико (САД), имала две автомобилски несреќи. Ѝ биле повредени вратот и рамениците, што ја влошило состојбата со нејзиниот артритис со кој се борела повеќе од 25 години. Таа раскажува: „Ми беше голем проблем да ја држам главата исправено и да носам што и да било потешко од 2 килограма. Но, горливата молитва до Јехова многу ме поддржуваше. Ме поддржуваа и статиите од Стражарска кула што ги проучувавме. Во една статија имаше коментар за Михеј 6:8, во кој беше забележано дека да се оди скромно со Бог значи да се знаат сопствените ограничувања. Тоа ми помогна да увидам дека и покрај мојата состојба не треба да се обесхрабрувам, иако времето што го минував во службата беше помалку од она што сакав. Она што првенствено вреди е да му служиме со чисти мотиви“.
16 Исто така, таа вели: „Старешините секогаш ме пофалуваа за напорите што ги вложував да присуствувам на состаноците и да одам во служба на теренот. Младите ме поздравуваа со прегратки. Пионерите беа исто така стрпливи со мене и честопати ги менуваа своите планови во деновите кога не ми беше добро. Кога времето беше лошо, љубезно ме земаа на повторни посети или ме покануваа да присуствувам на нивните библиски студии. И со оглед на тоа што не можев да носам торба со книги, другите објавители ја ставаа мојата литература во нивната торба кога одевме во делото на проповедање“.
17 Забележи како собраниските старешини и соверниците им помогнале на овие две сестри да излезат на крај со болестите слични на трње. Им нуделе практична, љубезна помош со цел да ги задоволат нивните конкретни духовни, физички и емоционални потреби. Зарем за тебе не е охрабрување тоа што можеш да им укажеш помош на другите браќа и сестри што доживуваат проблеми? Вие млади, исто така можете да им бидете од помош на оние во собранието што се борат со трње во своето тело (Пословици 20:29).
18. Какво охрабрување можеме да најдеме во животните приказни што се објавени во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! ?
18 Во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! се објавени многу животни
приказни и искуства на Сведоци што излегле и сѐ уште излегуваат на крај со проблеми во животот. Додека редовно ги читаш тие статии, ќе видиш дека многу твои духовни браќа и сестри низ целиот свет поднесуваат економски тешкотии, загуба на сакани во катастрофи и опасни воени услови. Други живеат со онеспособувачки болести. Многумина не можат да вршат едноставни работи во животот што здравите ги сфаќаат како нешто само по себе разбирливо. Нивните болести се многу силно искушение за нив, особено кога не можат да учествуваат во христијанските активности онолку колку што сакаат. Колку само таквите длабоко ја ценат помошта и поддршката што им ја даваат нивните браќа и сестри, млади и стари!Истрајноста донесува среќа
19. Зошто можел Павле да се радува и покрај искушенијата и слабостите слични на трње?
19 Павле се радувал кога гледал како Бог го зајакнува. Тој рекол: „Со најголемо задоволство повеќе ќе се фалам во врска со своите слабости, за да остане Христовата сила како шатор над мене. Затоа наоѓам задоволство во слабости, во навреди, во нужди, во прогонства и тешкотии за Христос. Зашто кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:9, 10). Поради неговите лични искуства, Павле можел со увереност да рече: „Не го зборувам тоа како да сум во оскудица, зашто сум научил во какви и да сум околности, да бидам задоволен со она што го имам. Навистина знам како е да имаш малку, навистина знам како е да имаш изобилство. Во сѐ и во сите околности ја научив тајната и како да бидам сит и како да гладувам, и како да имам изобилство и како да трпам оскудица. За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:11—13).
20, 21. а) Зошто можеме да најдеме радост кога медитираме за она „што не се гледа“? б) Што е она „што не се гледа“ а кое ти се надеваш да го видиш во земниот Рај?
20 Значи, со тоа што истрајуваме без оглед на тоа каков фигуративен трн имаме во телото, можеме да најдеме голема среќа во тоа да им покажеме на сите дека Јеховината моќ се усовршува во нашата слабост. Павле напишал: „Не се откажуваме . . . оној [човек] којшто сме однатре, сигурно се обновува од ден на ден. Зашто, иако неволјата е моментална и лесна, таа ни донесува слава која сѐ повеќе и повеќе добива на тежина и е вечна; додека ги управуваме очите . . . на она што не се гледа. Зашто . . . она што не се гледа е вечно“ (2. Коринќаните 4:16—18).
21 Поголемиот дел од Јеховиниот народ денес се надева дека ќе живее во неговиот земен Рај и ќе ги ужива благословите што тој ги ветил. Тие благослови ние денес би можеле да ги сметаме за нешто „што не се гледа“. Меѓутоа, брзо се приближува времето кога тие благослови ќе ги видиме со свои сопствени очи, да, и ќе уживаме во нив засекогаш. Еден од тие благослови ќе биде ослободувањето што никогаш повторно не ќе мораме да живееме со каков и да е проблем сличен на трн! Божјиот Син ќе „ги разбие делата на Ѓаволот“ и ќе „го уништи оној кој го има средството да предизвикува смрт“ (1. Јованово 3:8; Евреите 2:14).
22. Каква доверба и решеност треба да имаме?
22 Затоа, сеедно каков трн во телото нѐ мачи денес, да продолжиме да се бориме со него. Исто како Павле, ќе имаме сила да го правиме тоа поради Јехова, кој великодушно ни дава моќ. Кога ќе живееме во земниот Рај, ќе го благословуваме нашиот Бог Јехова секој ден за сите прекрасни добротворства што ќе ги направи за нас (Псалм 103:2).
[Фуснота]
^ пас. 14 Види ја статијата „Гледиште на Библијата: Како да се справиме со очајот“ во изданието на Разбудете се! од 8 август 2000.
Како би одговорил?
• Зошто и како се обидува Ѓаволот да го скрши интегритетот на вистинските христијани?
• Како Јеховината моќ „се усовршува во слабоста“?
• На кој начин можат старешините и другите да ги охрабрат оние што се измачувани од проблеми?
[Прашања]
[Слика на страница 18]
Павле трипати се молел Бог да му го тргне трнот од телото