Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заветрина

Заветрина

Заветрина

ВИСОКО на Алпите во Европа можеш да најдеш една крупна грмушка, наречена алпска ружа. Овој џуџест рододендрон честопати расте во густи ниски грмушки припиени до тлото за да се заштитат од суровите висински ветрови. Немилосрдниот ветар се заканува на постоењето на алпските билки со тоа што ја снижува нивната температура, ги суши воздухот и почвата и им ги тегне корењата.

Алпската ружа честопати го избегнува разорното дејство на ветрот на тој начин што расте во пукнатините меѓу карпите. Иако на овие места можеби нема многу почва, пукнатините во карпите овозможуваат заштита од ветрот и му овозможуваат на растението да ја сочува водата. Практично скриени од видик во поголемиот дел од годината, овие рододендрони во лето го красат својот заштитник — планините — со сјајно-црвени цветови.

Пророкот Исаија објаснил дека Бог ќе наименува ‚кнезови‘ и дека секој од нив ќе служи како „заветрина“ (Исаија 32:1, 2). Под водство на Царот, Христос Исус, овие духовни кнезови, или надгледници, ќе бидат како стабилни карпи, цврсти во времиња на стрес или неволја. Тие ќе понудат доверливо засолниште наспроти неволја и ќе им помагаат на оние што се во оскудица да ги сочуваат резервите на духовна вода од Божјата реч.

Некој христијанин може да биде удиран од ветрови на прогонство, обесхрабрување или болест, што ќе предизвика верата да му овене, ако не е заштитен. Христијанските старешини можат да обезбедат заштита со тоа што внимателно ќе го сослушаат неговиот проблем, ќе понудат совет темелен на Библијата и ќе дадат охрабрување или практична помош. Како и нивниот наименуван Цар, Христос Исус, тие сакаат да им помогнат на оние што се „расеани“ (Матеј 9:36). И сакаат да им помогнат на оние на кои ветровите на лажното учење им нанеле штета (Ефешаните 4:14). Таквата помош во погодно време може да биде животоважна.

„Поминав низ еден трауматичен период во животот кога некои блиски пријатели го напуштија собранието и, истовремено, татко ми доби излив на крв во мозокот“, објаснува Мирјам. „Во обид да ја совладам депресијата, почнав да излегувам со световен дечко. Набрзо потоа, чувствувајќи се безвредна, ги информирав собраниските старешини дека решив да ја напуштам вистината, зашто бев сигурна дека Јехова не би можел да ме сака.

Во тој критичен момент, еден сочувствителен старешина ме потсети на годините што ги поминав служејќи како општ пионер. Ми рече дека секогаш ѝ се восхитувал на мојата верност, и љубезно побара да им дозволам на старешините да ми помогнат, повторно да ме уверат во Јеховината љубов. Нивниот љубезен интерес во тој пресуден период ми беше како заветрина во текот на духовната луња што беснееше околу мене. За еден месец ја прекинав врската со дечкото, и оттогаш продолжувам да одам по патот на вистината.“

Старешините се чувствуваат наградени кога гледаат како сохристијаните духовно цветаат, благодарение на заштитата што тие им ја обезбедуваат во вистинско време. И овие ‚заветрини‘ ни даваат предвкус на изобилната духовна помош што ќе ја уживаме во текот на Христовото илјадагодишно владеење.