Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Побожните принципи можат да ти користат

Побожните принципи можат да ти користат

Побожните принципи можат да ти користат

НЕСОМНЕНО знаеш дека животните се водени од инстинкт. Многу машини се дизајнирани да работат според упатства. Но, луѓето се создадени да бидат водени од принципи. Како можеш да бидеш сигурен во тоа? Па, кога Јехова, Зачетникот на сите праведни принципи, ги создал првите луѓе, објавил: „Да направиме човек според Нашиот лик, според Нашата сличност“. Творецот е дух; тој нема физичко тело како нас, па затоа ние сме според неговиот „лик“ во таа смисла што можеме да ја одразуваме неговата личност, да ги покажуваме неговите прекрасни особини во одредена мера. Луѓето имаат способност да ги обликуваат своите животи според принципи, односно, според она за кое веруваат дека е кодекс на исправно однесување. Јехова дал многу од овие принципи да се запишат во неговата Реч (Битие 1:26; Јован 4:24; 17:17).

‚Но, Библијата содржи стотици принципи‘, би можел некој да каже. ‚Никогаш нема да ги научам сите.‘ Точно. Но, размисли за овој факт: Иако сите побожни принципи се корисни, некои имаат поголема важност од други. Тоа можеш да го видиш од Матеј 22:37—39, каде што Исус покажал дека меѓу заповедите во Мојсеевиот закон и принципите поврзани со него некои биле поважни од други.

Кои принципи имаат поголема важност? Во Библијата се клучни оние принципи што директно влијаат врз нашиот однос со Јехова. Ако ги земеме при срце, Творецот ќе почне да врши првенствено влијание врз нашиот морален компас. Освен тоа, постојат принципи што влијаат врз нашите односи со другите луѓе. Нивната примена може да ни помогне да одолееме на ставот „прво јас“, сеедно како е наречен тој.

Да почнеме со една од најважните вистини во Библијата. Која е таа вистина, и како влијае врз нас?

„Севишен на целата земја“

Светото писмо јасно става до знаење дека Јехова е нашиот Величествен Творец, Семоќен Бог. Нему никогаш не може да му се најде рамен или замена. Тоа е една клучна вистина запишана во Библијата (Битие 17:1; Проповедник 12:1).

Еден од писателите на книгата Псалми за Јехова забележал: „Ти си . . . Севишен на целата земја“. Древниот цар Давид напишал: „Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сѐ, Главатар на сѐ!“ А познатиот пророк Еремија бил поттикнат да запише: „Никој не е како Ти, Господи, Ти си велик и силно е Твоето Име“ (Псалм 83:18; 1. Летописи 29:11; Еремија 10:6).

Како да ги примениме во секојдневниот живот овие вистини за Бог?

Јасно е кој треба навистина да биде најистакнат во нашиот живот — нашиот Творец и Животодавец. Тогаш, зарем не би било на место да се спротивставиме на која и да е склоност да свртуваме внимание кон себеси — склоност што кај некои може да биде појака отколку кај други? Еден мудар водечки принцип е ‚сѐ да правиме за Божја слава‘ (1. Коринќаните 10:31). Пророкот Даниел дал добар пример во тој поглед.

Историскиот запис ни кажува дека еднаш цар Навуходоносор од Вавилон бил вознемирен од сон и побарал да го дознае неговото значење. Додека сите биле збунети, Даниел точно му го кажал на царот она што сакал да го знае. Дали Даниел си ја припишал заслугата себеси? Не, славата му ја дал на ‚Бог на небото Кој ги открива тајните‘. Понатаму Даниел рекол: „Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена“. Даниел бил човек од принцип. Не е ни чудо што во книгата Даниел трипати е опишан како „многу пожелен“ (NW) во Божји очи (Даниел 2:28, 30; 9:23; 10:11, 19).

Ќе извлечеш корист ако го имитираш Даниел. Додека го следиш неговиот пример, одлучувачки фактор е мотивот. Кој треба да добие чест за она што го правиш? Без оглед на тоа каква е твојата ситуација, ти имаш способност да постапуваш во согласност со овој крајно важен библиски принцип — Јехова е Суверен Господ. Тоа ќе те направи „многу пожелен“ во негови очи.

Сега, да разгледаме два основни принципа што можат да нѐ водат на полето на човечките односи. Наспроти раширеното истакнување на личното „јас“, ова подрачје од животот е особен предизвик.

„Со понизност на умот“

Оние што се ставаат себеси на прво место ретко се задоволни. Повеќето сакаат уште подобар живот, и го сакаат сега. За нив скромноста е еден вид слабост. Стрпливоста ја сметаат за нешто што само другите треба да го покажуваат. Кога станува збор за нивниот напредок, сѐ им е дозволено. Дали мислиш дека имаш некој избор или мораш да се однесуваш како нив?

Божјите слуги секојдневно наидуваат на овој став, но тој не треба да влијае врз нив. Зрелите христијани го прифаќаат принципот дека „не е одобрен оној кој самиот себеси се препорачува, туку оној кого Јехова го препорачува“ (2. Коринќаните 10:18).

Од помош ќе биде применувањето на принципот од Филипјаните 2:3, 4. Тој стих те охрабрува да ‚не правиш ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот да ги сметаш другите за подобри од себе‘. На тој начин ќе ‚гледаш со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘.

Еден човек што имал здрав став за себеси и направил трезвена проценка на сопствената вредност бил Гедеон, судија кај древните Евреи. Тој не барал да биде водач на Израел. Меѓутоа, кога бил назначен да ја врши таа улога, Гедеон свртел внимание кон својата безвредност. „Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко“, објаснил (Судии 6:12—16).

Освен тоа, откако Јехова му дал победа на Гедеон, луѓето од Ефрем почнале да се караат со него. Како реагирал Гедеон? Дали триумфот ја надул неговата самоважност? Не. Тој спречил катастрофа со тоа што дал благ одговор. „Може ли да се споредува моето дело со она што го направивте вие?“ Гедеон бил со понизен ум (Судии 8:1—3).

Точно, настаните во кои бил вклучен Гедеон се случиле многу одамна. Сепак, во разгледувањето на овој извештај има нешто вредно. Можеш да видиш дека ставот на Гедеон прилично се разликувал од ставот што е толку вообичаен денес, и тој живеел во склад со него, на своја корист.

Раширениот став сосредоточен на своето „јас“ може да го искриви нашето гледиште за сопствената вредност. Библиските принципи го исправаат тоа искривување, поучувајќи нѐ за нашата вистинска вредност во однос на Творецот и на другите.

Ако внимаваме на библиските принципи, се издигнуваме над моменталниот тренд. Повеќе не сме управувани од чувства или личности. Колку повеќе учиме за праведните принципи толку подобро се запознаваме со нивниот Зачетник. Да, вреди да обрнеме посебно внимание на побожните принципи кога ја читаме Библијата. (Види ја рамката.)

Јехова ги направил луѓето со повисок ранг од животните, кои се водени првенствено од инстинкт. Следењето на Божјата волја вклучува и применување на божествените принципи. На тој начин можеме да го задржиме нашиот морален компас во исправна состојба, компас што ќе нѐ насочува кон новиот систем кој Бог ќе го создаде. Библијата ни дава причина наскоро да очекуваме еден нов систем на целата Земја во кој „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).

[Рамка/слика на страница 6]

Некои корисни библиски принципи

Во семејството:

„Никој да не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

„Љубовта . . . не ги бара сопствените интереси“ (1. Коринќаните 13:4, 5).

„Секој од вас поединечно така нека ја љуби својата жена како самиот себе“ (Ефешаните 5:33).

„Вие жени, бидете им подложни на своите мажи“ (Колошаните 3:18).

„Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари“ (Пословици 23:22).

На училиште, на работа или во деловните односи:

„Лажната мерка гнасна е на Господа . . . Нечесниот човек придобива измамлива печалба“ (Пословици 11:1, 18).

„Кој крадел повеќе да не краде, туку нека работи напорно“ (Ефешаните 4:28).

„Ако некој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Солуњаните 3:10).

„Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова“ (Колошаните 3:23).

„Во сѐ сакаме да се однесуваме чесно“ (Евреите 13:18).

Став кон богатството:

„Кој брза по богатство, не останува без казна“ (Пословици 28:20).

„Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно“ (Проповедник 5:9).

Проценување на сопствената вредност:

„Не е добро  . . . ниту да се бара претерана слава“ (Пословици 25:27).

„Нека те фали друг, а не твојата уста“ (Пословици 27:2).

„Му велам на секој од вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3).

„Ако некој мисли дека е нешто, а е ништо, тој го мами својот сопствен ум“ (Галатите 6:3).

[Слика на страница 5]

Даниел му ја оддал должната заслуга на Бог

[Слика на страница 7]

Постапувањето со другите со согласност со побожните принципи придонесува за пријатни односи и среќа

[Извор на слика на страница 7]

U.S. Fish & Wildlife Service, Washington, D.C./Robert Bridges