Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Какво значење има коментарот во Евреите 12:4: „Уште не сте се спротивставиле до крв“?

Фразата „спротивставиле до крв“ подразбира да се оди до краен степен, до смрт, буквално пролевање на нечија крв.

Апостол Павле знаел дека како резултат на својата вера, некои еврејски христијани веќе ‚поднеле голема борба под страдања‘ (Евреите 10:32, 33). Кога го истакнувал тоа, изгледа Павле ја употребил метафората за борба во еден грчки атлетски натпревар, во кој можело да има пешачки трки, борење, бокс и фрлање диск и копје. Согласно со тоа, во Евреите 12:1 тој ги поттикнал сохристијаните: „Да го симнеме секој товар и грев кој лесно нѐ заплеткува, и со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас“.

Три стиха потоа, во Евреите 12:4, Павле можеби се префрлил од сликата на пешачка трка на слика на боксерски натпревар. (И тркачи и боксери се појавуваат во 1. Коринќаните 9:26.) На тупаниците и на рачните зглобови на древните боксери биле врзувани кожни ремени. Ремените можеле дури да бидат направени и потешки „со олово, железо или метални топчиња, кои им нанесувале сериозни повреди на боксерите“. Таквите брутални мечеви предизвикувале крвавење, а понекогаш и смрт.

Во секој случај, еврејските христијани имале доволно примери на верни Божји слуги што претрпеле прогонство и брутално малтретирање, дури до степен на смрт, „до крв“. Забележи го контекстот во кој Павле го свртел вниманието кон она што го доживеале древните верни поединци:

„Беа каменувани, искушувани, препилени, умреа погубени со меч, одеа наоколу во овчи кожи, во козји кожи, додека беа во оскудица, во неволја, малтретирани“. Потоа го истакнал Усовршителот на нашата вера, Исус: „Тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна откај десницата на Божјиот престол“ (Евреите 11:37; 12:2).

Да, многумина „се спротивставиле до крв“, т.е. до степен на смрт. Нивното спротивставување било повеќе отколку само внатрешна борба против гревот на недостиг на вера. Тие биле лојални под брутално надворешно малтретирање, задржувајќи ја својата верност до смрт.

Поновите во собранието во Ерусалим, можеби затоа што станале христијани откако суровото прогонство од минатото стивнало, никогаш се немале соочено со такви екстремни испити (Дела 7:54—60; 12:1, 2; Евреите 13:7). Сепак, некои од нив се обесхрабриле дури и од некои не толку жестоки испити да продолжат со борбата; тие ‚се умориле и малаксале во своите души‘ (Евреите 12:3). Требало да напредуваат кон зрелост. Тоа ќе ја изградело нивната способност да поднесат сѐ што би можело да дојде, дури и ако тоа вклучувало физичко малтретирање до степен да биде пролеана нивната животна крв (Евреите 6:1; 12:7—11).

Многу христијани во денешно време „се спротивставиле до крв“, со тоа што биле погубени затоа што не го компромитирале своето христијанство. Наместо да дозволиме зборовите на Павле во Евреите 12:4 да бидат причина за страв, можеме да ги сфатиме како показател до кој степен сме решени да одиме за да му останеме лојални на Бог. Подоцна во истото писмо до Евреите, Павле напишал: „Да имаме и понатаму незаслужена љубезност, преку која можеме на прифатлив начин да му принесуваме на Бог света служба со побожен страв и со страхопочит“ (Евреите 12:28).

Дали тоа што библиските писатели покажале индивидуалност во изразувањето е во согласност со тврдењето дека Библијата е инспирирана од Бог?

Доказите покажуваат дека мажите што Бог ги користел да го запишат Писмото не биле само некои автомати, кои едноставно пишувале диктиран материјал. Во врска со апостол Јован читаме дека Откровението „вдахнато од Бог“ му било изнесено преку Божјиот ангел „во знаци“ (Откровение 1:1, 2). Јован „преку инспирација“ [буквално, „во дух“] ‚се нашол во Господовиот ден‘ и му било кажано: „Она што го гледаш напиши го на свиток“ (Откровение 1:10, 11). Значи, изгледа Бог сметал дека е добро да им дозволи на библиските писатели да ги користат своите умствени способности при изборот на зборови и изрази за да ги опишат визиите што ги виделе (Хабакук 2:2), секогаш задржувајќи доволно контрола и водство над нив така што крајниот производ не бил само точен и вистинит туку и одговарал на Јеховината намера (Пословици 30:5, 6). Од изјавата во Проповедник 12:9, 10 се гледа дека бил вклучен личен напор од страна на писателот.

Ова несомнено објаснува зошто постојат различни стилови на пишување, како и изрази што очигледно ја одразуваат заднината на поединечни писатели. Природните квалификации на писателите можеби биле фактор кога Бог ги избирал за нивната задача; можеби тој и ги подготвил пред тоа со цел да служат за неговата одредена намера.

Дури и кога писателот зборува дека добил „реч од Јехова“ или одредена „објава“, можеби тие не биле пренесени од збор до збор, туку на писателот му била дадена умствена слика за Божјата намера, која потоа тој ја изразил со зборови. На ова можеби укажува тоа што писателите понекогаш зборуваат за ‚гледање‘ (а не ‚слушање‘) „објава“ или „реч од Јехова“ (Исаија 13:1; Михеј 1:1NW; Хабакук 1:1NW; 2:1, 2).

Според тоа, мажите што биле користени за да го пишуваат Писмото соработувале со дејството на Јеховиниот свет дух. Тие биле спремни и подложни на Божјето водство (Исаија 50:4, 5), желни да ја дознаат Божјата волја и упатство (Исаија 26:9). Во многу случаи тие имале на ум извесни цели (Лука 1:1—4) или реагирале на некоја очигледна потреба (1. Коринќаните 1:10, 11; 5:1; 7:1), и Бог ги водел така што она кое го напишале се совпаѓало со неговата намера и ја исполнило (Пословици 16:9). Како духовни мажи, нивните срца и умови биле наштимани според Божјата волја, го ‚имале умот на Христос‘ и така не изнесувале некоја чисто човечка мудрост ниту „виденија на своето срце“, како што правеле лажните пророци (1. Коринќаните 2:13—16; Еремија 23:16; Езекиел 13:2, 3, 17).

Приличен дел од информациите им биле достапни на библиските писатели по човечки пат, понекогаш веќе постоеле во пишан облик, како што било случај со родословијата и извесни историски извештаи (Лука 1:3; 3:23—38; Броеви 21:14, 15; 1. Цареви 14:19, 29; 2. Цареви 15:31; 24:5). Овде Божјиот дух дејствувал за да спречи во божествениот запис да се вовлече неточност или грешка и исто така за да го води изборот на материјал што требало да биде внесен. Очигледно, сѐ што кажале други лица и потоа било вклучено во Библијата не било инспирирано од Бог, но изборот на материјалот што требало да биде дел од Светото писмо и неговото точно запишување биле водени од светиот дух. (Види Битие 3:4, 5; Јов 42:3; Матеј 16:21—23.) Што се однесува до мудрите изјави и совети, иако писателот можеби многу научил од своето лично животно искуство и уште повеќе од сопственото проучување и од примената на оние делови од Писмото што веќе биле запишани, сѐ уште било потребно дејствувањето на Божјиот дух за да осигура дека тие информации се квалификуваат да станат дел од речта Божја која е „жива и врши силно влијание . . . и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).

Ова може да се види од изјавите на апостол Павле во неговото прво писмо до коринќаните. Давајќи совет во врска со бракот и самештвото, во еден момент тој вели: „А на другите им велам јас, да јас, а не Господ . . .“ И повторно: „А што се однесува до девиците, немам заповед од Господ, туку изнесувам свое мислење“. И, на крајот, во врска со некоја вдовица вели: „Но, според мое мислење, посреќна е ако остане како што е. А навистина мислам дека и јас имам Божји дух“ (1. Коринќаните 7:12, 25, 40). Павловите изјави очигледно значат дека за извесни точки тој не можел да цитира некое директно учење од Господ Исус. Затоа Павле дал свое лично мислење како апостол исполнет со дух. Меѓутоа, неговите совети биле „вдахнати од Бог“ и така станале дел од Светите списи, имајќи ист авторитет со останатиот дел од тие Списи.

Постои јасна разлика меѓу инспирираните записи од Библијата и другите записи кои, иако покажуваат извесна мера упатство и водство од духот, не се пригодно класифицирани како дел од Светите списи. Освен писмата што станале дел од библискиот канон, нема сомнение дека со текот на годините апостолите и постарите мажи напишале многу други писма до бројните собранија. Иако писателите биле мажи водени од духот, сепак, Бог не ставил свој печат на гаранција со кој ќе издвои кој и да е од тие додатни записи како дел од непогрешливата реч Божја. Хебрејските неканонски записи можеби содржеле некоја грешка, па дури и неканонските записи на апостолите можеби во извесна мера го одразувале некомплетното разбирање што постоело во раните години на христијанското собрание. (Спореди Дела 15:1—32; Галатите 2:11—14; Ефешаните 4:11—16.) Меѓутоа, исто како што со својот дух, или активна сила, Бог им дал на некои христијани „проникнување на инспирирани изрази“ така можел да го води и водечкото тело на христијанското собрание за тоа да увиди кои инспирирани записи требало да бидат вклучени во канонот на Светите списи (1. Коринќаните 12:10).