Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Барај го Бог со своето срце и со својот ум

Барај го Бог со своето срце и со својот ум

Барај го Бог со своето срце и со својот ум

Вистинското христијанство охрабрува да се користи и срцето и умот во изградувањето на вера што му е угодна на Бог.

ВСУШНОСТ, основачот на христијанството, Исус Христос, поучувал дека освен со „сето свое срце“ и со „сета своја душа“, мораме да го љубиме Бог и со „сиот свој ум“, или интелект (Матеј 22:37). Да, нашите умствени способности мораат да играат клучна улога во нашето обожавање.

Кога ги повикувал своите слушатели да размислат за неговото поучување, Исус честопати велел: „Што мислите?“ (Матеј 17:25; 18:12; 21:28; 22:42). На сличен начин, апостол Петар на соверниците им напишал за да ги ‚буди нивните способности за јасно размислување‘ (2. Петрово 3:1). Апостол Павле, првиот мисионер кој патувал најмногу, ги поттикнал христијаните да ја користат својата „сила на разумот“ и да ‚се уверат која е добра и прифатлива и совршена волја Божја‘ (Римјаните 12:1, 2). Само со еден таков темелен, внимателен пристап кон своите верувања христијаните можат да изградат вера што ќе му биде угодна на Бог и ќе биде дорасната на искушенијата што се јавуваат во животот (Евреите 11:1, 6).

За да им помогнат на другите да изградат таква вера, раните христијански евангелизатори ‚резонирале на темел на Писмото, објаснувајќи ги и докажувајќи ги со наводи‘ работите за кои поучувале (Дела 17:1—3). Таквиот разумен пристап предизвикувал поволна реакција кај лицата со искрени срца. На пример, некои луѓе од македонскиот град Верија ‚ја примиле речта [Божја] со најголема горливост на умот, секојдневно испитувајќи го внимателно Писмото дали е тоа [она што го објаснувале Павле и неговите придружници] така‘ (Дела 17:11). Овде вреди да се забележат две работи. Прво, Веријците биле горливи да ја слушаат Божјата реч; второ, тие не претпоставувале на слепо дека она што го чуле било исправно, туку се повикувале на Писмото. Христијанскиот мисионер Лука понизно ги пофалил Веријците за тоа, нарекувајќи ги ‚благородно настроени‘. Дали одразуваш таков благороден ум во својот пристап кон духовните работи?

Умот и срцето соработуваат

Како што беше спомнато претходно, вистинското обожавање ги вклучува и умот и срцето (Марко 12:30). Размисли повторно за илустрацијата во претходната статија за најмениот молер кој користел погрешни бои кога бојадисувал една куќа. Ако внимателно ги слушал упатствата од газдата, ќе можел со срце и со душа да се внесе во својата работа и да има доверба дека таа ќе го добие одобрувањето од сопственикот. Истото важи и за нашето обожавање.

„Вистинските обожаватели“, рекол Исус, „ќе го обожаваат Таткото со дух и со вистина“ (Јован 4:23). Од таа причина апостол Павле напишал: „Затоа . . . не престанавме да се молиме за вас и да бараме да бидете исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање за да одите достојно на Јехова, за потполно да му угодите“ (Колошаните 1:9, 10). Таквото ‚точно спознание‘ им овозможува на искрените поединци да се внесат со срце и со душа во своето обожавање имајќи целосна доверба бидејќи го ‚обожаваат она што го знаат‘ (Јован 4:22).

Јеховините сведоци од тие причини не крштаваат бебиња или новозаинтересирани луѓе кои не го проучиле внимателно Писмото. Исус на своите следбеници им дал налог: „Правете ученици од луѓето од сите нации . . . учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Дури откако ќе стекнат точно спознание за Божјата волја, искрените библиски студенти можат да донесат информирана одлука во врска со обожавањето. Дали настојуваш да стекнеш такво точно спознание?

Да се разбере Господовата молитва

За да ја видиме разликата меѓу тоа да се има точно спознание на Библијата и да се има површно познавање на тоа што стои во неа, да го разгледаме она што обично се нарекува Оче наш, или Господовата молитва, запишана во Матеј 6:9—13.

Милиони луѓе редовно ја рецитираат Исусовата пример-молитва во црква. Но, колкумина се поучени за нејзиното значење, особено за првиот дел од молитвата кој се занимава со Божјето име и Царство? Овие работи се толку важни што Исус ги ставил на прво место во молитвата.

Таа почнува вака: „Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое“, што значи да се освети или да се направи свето. Забележи дека Исус рекол да молиме да се свети Божјето име. За многу луѓе ова покренува најмалку две прашања. Прво, кое е Божјето име? И второ, зошто треба да се свети?

Одговорот на првото прашање може да се најде на повеќе од 7.000 места во Библијата на нејзините оригинални јазици. Едно од нив е Осија 12:5 (СП): „Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“. Во врска со божественото име, Јехова, во Излез 3:15 се вели: „Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род“. * Но, зошто името на Бог, кое е самата суштина на чистота и светост, треба да се свети? Затоа што е прекорувано и оцрнувано уште од самиот почеток на човечката историја.

Во Еден, Бог им рекол на Адам и Ева дека ако јадат од забранетиот плод, ќе умрат (Битие 2:17). Сатана дрско му се спротивставил на Бог, велејќи ѝ на Ева: „Навистина, не ќе умрете!“ Со тоа Сатана го обвинил Бог дека лаже. Но, не останал само на тоа. Фрлил уште поголем прекор врз Божјето име, со тоа што ѝ рекол на Ева дека Бог неправедно ѝ ускратувал вредно спознание. „Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од [дрвото на познавање на доброто и злото], ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.“ Каква клевета! (Битие 3:4, 5).

Со тоа што јаделе од забранетиот плод, Адам и Ева застанале на страната на Сатана. Оттогаш повеќето луѓе, свесно или несвесно, го зголемуваат тој првобитен прекор со тоа што ги отфрлаат Божјите праведни мерила (1. Јованово 5:19). Луѓето сѐ уште го оцрнуваат Бог на тој начин што го обвинуваат за своите страдања — иако можеби тие се должат на нивните лоши патишта. „Безумието го расипува животот на човекот, а срцето му се лути на Господа!“, се вели во Пословици 19:3. Можеш ли да увидиш зошто Исус, кој вистински го сакал својот Татко, се молел да се свети Неговото име?

„Нека дојде царството твое“

Откако се молел да се свети Божјето име, Исус рекол: „Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Во врска со овој стих, можеби се прашуваме: ‚Што е Божјето Царство? И каква врска има неговото доаѓање со тоа да биде вршена Божјата волја на Земјата?‘

Во Библијата зборот „царство“ во основа значи „владетелство од цар“. Тогаш, логично е дека Божјето Царство би укажувало на владетелство, односно на влада од Бог, со цар избран од него. Овој Цар не е никој друг туку воскреснатиот Исус Христос — ‚Царот на царевите и Господарот на господарите‘ (Откровение 19:16; Даниел 7:13, 14). Во врска со Божјето месијанско Царство во рацете на Исус Христос, пророкот Даниел напишал: „Во времето на тие цареви [човечките влади што владеат сега] Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“, т.е. засекогаш (Даниел 2:44).

Да, Божјето Царство ќе преземе целосна контрола над Земјата, ослободувајќи ја од сите злобни и ќе владее „довека“, т.е. засекогаш. На овој начин, Божјето Царство е средството преку кое Јехова ќе го посвети своето име, исчистувајќи го од сиот лажен прекор од Сатана и од злите луѓе (Езекиел 36:23).

Како и сите влади, Божјето Царство си има свои поданици. Кои се тие? Библијата одговара: „Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11). На сличен начин, Исус рекол: „Среќни се оние со благ нарав, бидејќи ќе ја наследат земјата“. Се разбира, овие имаат точно спознание за Бог, што е услов за живот (Матеј 5:5; Јован 17:3).

Можеш ли да си ја замислиш целата Земја полна со кротки луѓе со благ нарав, кои навистина го љубат Бог и се љубат еден со друг? (1. Јованово 4:7, 8). За тоа се молел Исус кога рекол: „Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“. Дали сфаќаш зошто Исус ги поучувал своите следбеници да се молат така? Што е уште поважно, дали увидуваш како исполнувањето на таа молитва може да те засега тебе лично?

Милиони сега резонираат на темел на Писмото

Исус претскажал една глобална кампања на духовно образование во која ќе се објавува Божјето претстојно Царство. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот [на сегашниот свет, односно систем]“ (Матеј 24:14).

Низ целиот свет околу шест милиони Јеховини сведоци ја споделуваат добрата вест со своите ближни. Тие те повикуваат да научиш повеќе за Бог и за неговото Царство со тоа што ‚внимателно ќе го испиташ Писмото‘, користејќи ја својата сила на разумот. Тоа ќе ја зајакне твојата вера и ќе направи во твоите очи да зрачи надежта за живот на рајска Земја, која ќе биде ‚полна со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода‘ (Исаија 11:6—9).

[Фуснота]

^ пас. 14 Некои изучувачи го претпочитаат преводот „Јахве“ наместо „Јехова“. Меѓутоа, повеќето современи библиски преведувачи го избришале Божјето име од своите преводи на кој и да било начин, заменувајќи го со општите титули „Господ“ или „Бог“. За потемелна дискусија за Божјето име, те молиме види ја брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш, издадена од Јеховини сведоци.

[Рамка/слика на страница 8]

ИМИТИРАЈ ГО ГОЛЕМИОТ УЧИТЕЛ

Исус честопати поучувал така што се сосредоточувал на конкретни библиски теми. На пример, по своето воскресение, на двајца ученици што биле збунети заради неговата смрт, тој им ја објаснил својата улога во Божјата намера. Во Лука 24:27 се вели: „Почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им ги протолкува работите што се однесуваа на него во целото Писмо“.

Забележи дека Исус избрал конкретна тема — „себеси“, Месијата — и дека во својата дискусија цитирал од „целото Писмо“. Всушност, Исус сложил поврзани библиски стихови како делчиња од една слагалка, а тоа им овозможило на учениците да увидат еден јасен образец на духовната вистина (2. Тимотеј 1:13). Како резултат на тоа, тие не само што биле просветлени туку биле и длабоко трогнати. Извештајот ни вели: „Еден на друг си рекоа: ‚Зарем не ни гореа срцата додека ни зборуваше по патот, додека во потполност ни го откриваше Писмото?‘“ (Лука 24:32).

Јеховините сведоци настојуваат да ги имитираат Исусовите методи во својата служба. Нивни главни помагала за проучување се брошурата Што бара Бог од нас? и книгата Спознание кое води до вечен живот. Овие помагала се занимаваат со голем број интересни библиски теми, како што се „Кој е Бог?“, „Зошто Бог допушта страдање?“, „Како можеш да ја најдеш вистинската религија?“, „Ова се последните денови!“ и „Да се изгради семејство кое ќе му оддава чест на Бог“. Секоја лекција содржи по неколку библиски стихови.

Добредојден си да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твојата средина или да пишеш на адресата на 2. страница од ова списание за да побараш бесплатна домашна библиска студија на овие или на други теми.

[Слика]

Достигни го срцето на твојот студент со тоа што ќе се сосредоточиш на конкретни библиски теми

[Слики на страница 7]

Дали го сфаќаш значењето на Исусовата пример-молитва?

„Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое . . .“

„Нека дојде царството [месијанско] твое . . .“

„Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“