Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Продолжи да му служиш на Јехова со постојано срце

Продолжи да му служиш на Јехова со постојано срце

Продолжи да му служиш на Јехова со постојано срце

„Постојано е моето срце, Боже, постојано е моето срце“ (ПСАЛМ 57:7).

1. Зошто можеме да имаме уверување како Давид?

ЈЕХОВА може да направи да сме постојани во христијанската вера за да можеме да се прилепиме кон вистинското христијанство како негови предадени слуги (Римјаните 14:4). Затоа можеме да го имаме уверувањето што го имал псалмистот Давид, кој бил поттикнат да пее: „Моето срце е непоколебливо [постојано, NW], Боже“ (Псалм 108:1). Ако нашето срце е постојано, ќе бидеме мотивирани да го исполниме нашето предание кон Бог. И ако се потпираме на него за водство и сила, можеме да се покажеме непоколебливи, цврсти во нашата решеност и верување како чувари на интегритетот, „секогаш обилно вработени во делото Господово“ (1. Коринќаните 15:58).

2, 3. Какво значење имаат Павловите поттикнувања запишани во 1. Коринќаните 16:13?

2 Во поттикнувањата упатени до Исусовите следбеници во древниот Коринт, но кои секако важат за денешните христијани, апостол Павле рекол: „Останете будни, стојте цврсто во верата, однесувајте се машки, бидете јаки“ (1. Коринќаните 16:13). На грчки јазик, секоја од овие заповеди е во сегашно време, што поттикнува на постојана акција. Какво значење има оваа опомена?

3 Можеме духовно да ‚останеме будни‘ со тоа што ќе му се спротивставуваме на Ѓаволот и ќе останеме близу до Бог (Јаков 4:7, 8). Потпирањето на Јехова ни овозможува да ги задржиме редовите збиени и да ‚стоиме цврсти во христијанската вера‘. Ние — вклучувајќи ги и многуте жени меѓу нас — ‚се однесуваме машки‘ така што храбро му служиме на Бог како објавители на Царството (Псалм 68:11NW). ‚Јаки сме‘ така што постојано се потпираме на нашиот небесен Татко за сила за да ја вршиме неговата волја (Филипјаните 4:13).

4. Што водело до нашето крштавање како христијани?

4 Ние сме зазеле став за вистинската вера кога безрезервно сме му се предале на Јехова и сме го симболизирале тоа со подронување во вода. Но, што водело до нашето крштавање? Прво сме примиле точно спознание за Божјата реч (Јован 17:3). Ова изградило вера кај нас и нѐ поттикнало да се покаеме, и да покажеме вистинско жалење за минатите престапи (Дела 3:19; Евреите 11:6). Потоа следело нашето преобраќање, зашто сме се одвратиле од погрешните практики за да се стремиме кон живот што е во согласност со Божјата волја (Римјаните 12:2; Ефешаните 4:23, 24). По ова дошло нашето предание на Јехова со цело срце во молитва (Матеј 16:24; 1. Петрово 2:21). Сме упатиле барање до Бог за добра совест и сме се крстиле како симбол на нашето предание кон него (1. Петрово 3:21). Ако ги имаме на ум овие чекори, тоа ќе ни помогне да останеме сосредоточени на потребата од постојан напор да живееме според нашето предание и да продолжиме да му служиме на Јехова со постојано срце.

Продолжи со својата потрага по точно спознание

5. Зошто треба да продолжиме да примаме библиско спознание?

5 За да живееме според нашето предание на Бог, мораме да продолжиме да стекнуваме библиско спознание што ја изградува верата. Колкаво само уживање било примањето духовна храна кога првпат сме ја запознале Божјата вистина! (Матеј 24:45—47). Тие „оброци“ биле многу вкусни — и добро нѐ хранеле духовно. Сега е неопходно да продолжиме да примаме од богатата духовна храна за да задржиме постојано срце како Јеховини предадени слуги.

6. Како можеби ти било помогнато да развиеш искрено ценење за библиската вистина?

6 Потребен е напор за да се стекне понатамошно спознание за Писмото. Тоа е како да се трага по скриено богатство — нешто што бара напрегање. Но, колку е само наградувачки да се најде „знаењето за Бога“! (Пословици 2:1—6). Кога некој објавител на Царството првпат ја проучувал Библијата со тебе, можеби ја користел книгата Спознание кое води до вечен живот. Може било потребно прилично време за да го обработите секое поглавје, и тоа можеби во повеќе од една сесија. Си извлекол корист кога сте ги читале наведените стихови и сте дискутирале за нив. Ако некоја точка била тешка за разбирање, била објаснувана. Оној што ја водел библиската студија со тебе добро се подготвувал, се молел за Божјиот дух и ти помогнал да развиеш искрена благодарност за вистината.

7. Што оспособува едно лице да ги поучува другите за Божјата вистина?

7 Овој напор бил соодветен, зашто Павле напишал: „Секој кој усно е поучуван за речта, нека има удел во сите добри работи со оној кој дава таква усна поука“ (Галатите 6:6). Овде грчкиот текст покажува дека учењата од Божјата реч биле всадени во умот и срцето на оној што е ‚усно поучен‘. Тоа што си поучен на таков начин те оспособува тебе да бидеш учител и на други (Дела 18:25). За да бидеш верен на твоето предание, мораш да го одржуваш своето духовно здравје и постојаност преку редовно проучување на Божјата реч (1. Тимотеј 4:13; Тит 1:13; 2:2).

Сети се на твоето каење и преобраќање

8. Како е можно да се задржи побожно однесување?

8 Се сеќаваш ли на олеснувањето што си го почувствувал кога си ја дознал вистината, си се покајал, и потоа си го почувствувал Божјето простување на темел на верата во Исусовата откупна жртва? (Псалм 32:1—5; Римјаните 5:8; 1. Петрово 3:18). Сигурно не сакаш да се вратиш на грешниот живот (2. Петрово 2:20—22). Меѓу другото, редовната молитва до Јехова ќе ти помогне да задржиш побожно однесување, да живееш според твоето предание и да продолжиш верно да му служиш на Јехова (2. Петрово 3:11, 12).

9. Откако сме се одвратиле од грешните практики, по каков пат треба да се стремиме?

9 Откако си се преобратил со тоа што си се одвратил од грешните практики, продолжи да бараш Божја помош за срцето и понатаму да ти биде постојано. Всушност, ти си се нашол на погрешниот автопат, но си побарал во една веродостојна карта и си почнал да патуваш по исправниот пат. Сега немој да се губиш. Продолжи да се потпираш на Божјето водство, и биди одлучен да останеш на патот што води до живот (Исаија 30:20, 21; Матеј 7:13, 14).

Никогаш не заборавај го твоето предание и крштавање

10. Кои точки треба да ги имаме на ум во врска со нашето предание на Бог?

10 Задржи на ум дека ти си му се предал на Јехова во молитва, со изглед да му служиш верно во вечноста (Јуда 20, 21). Преданието означува издвојување, односно одвојување за света цел (Левит 15:31; 22:2). Твоето предание не било ниту привремен договор ниту обврзување кон луѓе. Тоа било трајно предание на Универзалниот Суверен, а живеењето според него бара доживотна лојалност кон Бог. Да, ‚живееме или умираме, ние му припаѓаме на Јехова‘ (Римјаните 14:7, 8). Среќата ни зависи од тоа дали сме подложни на неговата волја и од тоа дали продолжуваме да му служиме со постојано срце.

11. Зошто треба да си спомнуваш на твоето крштавање и на неговото значење?

11 Секогаш спомнувај си на твоето крштавање како симбол на преданието на Бог со цело срце. Тоа не било присилно крштавање — одлуката си ја донел самиот. Дали си сега одлучен во преостанатиот дел од животот да ја користиш својата волја во согласност со божествената волја? Ти си упатил барање до Бог за чиста совест и си бил крстен како симбол на твоето предание кон него. Сочувај ја таа чиста совест со тоа што ќе го исполниш своето предание, и Јеховиниот богат благослов ќе почива врз тебе (Пословици 10:22).

Твојата волја има удел

12, 13. Како нашата сопствена волја е поврзана со преданието и крштавањето?

12 Преданието и крштавањето навистина им донеле големи благослови на милиони луѓе низ целата Земја. Кога го симболизираме нашето предание на Бог со тоа што се подложуваме на крштавање во вода, ние умираме во поглед на нашиот минат начин на живот, но не и во поглед на сопствената волја. Како правилно поучени верници, кога сме му се предавале на Бог во молитва и сме се крстиле, ние всушност сме ја употребиле својата сопствена волја. Патот на предание и крштавање бара да одредиме која е Божјата волја и потоа намерно да избереме да ја вршиме (Ефешаните 5:17). На тој начин го имитираме Исус, кој постапил според својата волја кога ги оставил дрводелските алатки, се крстил и се посветил на тоа целосно да ја врши волјата на својот небесен Татко (Псалм 40:7, 8; Јован 6:38—40).

13 Јехова Бог имал намера да ‚го усоврши преку страдања‘ својот Син. Затоа Исус морал да ја користи својата волја за верно да ги поднесе таквите страдања. За таа цел, принесувал ‚преколнувања а и молби . . . со силни извици и солзи а и молби . . . и бил поволно услишен поради својот побожен страв‘ (Евреите 2:10, 18; 5:7, 8). Ако покажуваме сличен побожен страв од Бог, и ние сигурно ќе бидеме ‚поволно услишени‘ и можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе нѐ направи постојани како негови предадени Сведоци (Исаија 43:10).

Можеш да задржиш постојано срце

14. Зошто треба да ја читаме Библијата секој ден?

14 Што ќе ти помогне да задржиш постојано срце и на тој начин да живееш според твоето предание на Бог? Со цел да примаш сѐ повеќе спознание од Божјата реч, читај ја Библијата секој ден. Ова е нешто на кое „верниот и разборит роб“ постојано нѐ поттикнува. Такви совети ни се даваат бидејќи живеењето според нашето предание бара да продолжиме да одиме во Божјата вистина. Ако Јеховината организација свесно поткрепува лажни учења, тогаш на Јеховините сведоци и на оние на кои тие им проповедаат нема никогаш да им се даде совет да ја читаат Библијата.

15. а) За што треба да се размисли кога се донесуваат одлуки? б) Зошто може да се рече дека световното вработување му е споредно занимање на еден христијанин?

15 Кога донесуваш одлуки, секогаш размислувај како тие можат да влијаат врз исполнувањето на твоето предание на Јехова. Ова може да се однесува на твојата световна работа. Дали настојуваш таа да ти помогне во унапредувањето на вистинското обожавање? Иако работодавачите, во глобала, увидуваат дека предадените христијани се доверливи и ефикасни, тие забележуваат и дека Сведоците на Јехова не се обземени со амбиции да напредуваат во светот и не се натпреваруваат со другите за најпрофитабилни позиции. Ова е затоа што целта на Сведоците не е да стекнат богатство, слава, престиж или моќ. За оние што живеат според своето предание на Бог, најважното нешто е да ја вршат божествената волја. Световната работа што им овозможува да ги набават неопходните работи за живот им е споредно занимање, позив од второстепена важност. Слично на апостол Павле, нивни позив, или главна работа, е христијанската служба (Дела 18:3, 4; 2. Солуњаните 3:7, 8; 1. Тимотеј 5:8). Дали интересите на Царството и понатаму ти се на прво место во животот? (Матеј 6:25—33).

16. Што можеме да правиме ако претераната тегобна грижа ни отежнува да живееме според нашето предание на Бог?

16 Некои можеби биле речиси обземени од различните тегобни грижи пред да ја дознаат вистината. Но, колку само нивното срце се прелевало од радост, благодарност и љубов кон Бог кога ја прифатиле надежта за Царството! Размислувањето за благословите што ги уживаат оттогаш веројатно ќе им помогне да живеат според своето предание на Јехова. Од друга страна, пак, што ако претераните тегобни грижи заради проблемите што се вообичаени во животот од овој свет сега се закануваат да ја задушат „речта Божја“, исто како што трњето можат да го спречат семето да достигне целосна зрелост? (Лука 8:7, 11, 14; Матеј 13:22; Марко 4:18, 19). Ако чувствуваш дека ова почнува да ти се случува тебе или на твоето семејство, фрли ја твојата тегобна грижа врз Јехова и моли му се да ти помогне да растат твојата љубов и ценење. Ако го фрлиш својот товар врз него, тој ќе те поддржува и ќе ти даде сила да продолжиш да му служиш среќно со постојано срце (Псалм 55:22; Филипјаните 4:6, 7; Откровение 2:4).

17. На кој начин е можно да излеземе на крај со многу тешките испити?

17 Продолжи редовно да му се молиш на Јехова Бог, исто како што си се молел кога си му се предал (Псалм 65:2). Кога си искушан да постапиш погрешно или кога се соочуваш со некој тежок испит, барај го Божјето водство и неговата помош за да го следиш. Имај ја на ум потребата од вера, зашто ученикот Јаков напишал: „Ако некому од вас му недостига мудрост [за да поднесе некаков испит], постојано нека бара од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување; и ќе му се даде. Но постојано нека бара со вера, не сомневајќи се ни најмалку, зашто оној кој се сомнева е како морски бран кого ветрот го носи и тера ваму-таму. Всушност, тој човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Јехова; тој е неодлучен човек, неутврден на сите свои патишта“ (Јаков 1:5—8). Ако се чини дека некој испит е преголем, можеме да бидеме сигурни во ова: „Никакво искушение не ве снајде, освен она кое е вообичаено за луѓе. Но, Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:13).

18. Што можеме да правиме ако некој сериозен скриен грев ја ослабува нашата решеност да живееме според нашето предание на Јехова?

18 Што ако твојата совест се измачува поради некој сериозен скриен грев и поради него ослабува твојата решеност да живееш според твоето предание на Бог? Ако се каеш, можеш да се утешиш од спознанието дека Јехова ‚нема да презре скршено и здробено срце‘ (Псалм 51:17). Барај помош од љубезните христијански старешини, знаејќи дека тие — имитирајќи го Јехова — нема да ја минимизираат твојата желба да го обновиш добриот однос со својот небесен Татко (Псалм 103:10—14; Јаков 5:13—15). Потоа, со обновена духовна сила и со постојано срце, ќе можеш да ги израмниш патеките на твоите нозе и ќе увидиш дека е можно да живееш според твоето предание на Бог (Евреите 12:12, 13).

Продолжи да служиш со постојано срце

19, 20. Зошто е животоважно да продолжиме да живееме според нашето предание?

19 Во овие критични времиња, мораме напорно да работиме на тоа да живееме според нашето предание и да продолжиме да му служиме на Бог со постојано срце. Исус рекол: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Со оглед на тоа што живееме во „последните денови“, крајот може да дојде во секое време (2. Тимотеј 3:1). Освен тоа, никој од нас не може да биде сигурен дека утре ќе биде жив (Јаков 4:13, 14). Затоа е животоважно да продолжиме денес да живееме според своето предание!

20 Апостол Петар го нагласил ова во своето второ писмо. Покажал дека исто како што безбожните изгинале во Потопот, така и симболичната Земја, односно злобното човечко општество, ќе биде уништено во текот на „Јеховиниот ден“. Затоа, Петар извикал: „Какви личности тогаш треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост“! Исто така, ги поттикнал: „Љубени, имајќи го однапред ова спознание, чувајте се да не бидете одвлечени со нив преку заблудата на луѓето кои му пркосат на законот, и да не отпаднете од својата постојаност“ (2. Петрово 3:5—17). Колку само би било трагично ако некој крстен залута и заврши со својот живот како некој што пропуштил да задржи постојано срце!

21, 22. На кој начин зборовите од Псалм 57:7 се покажале вистинити во случајот на Давид и на вистинските христијани?

21 Твојата решеност да живееш според твоето предание на Бог веројатно ќе се зајакне ако го имаш на ум среќниот ден на твоето крштавање и бараш Божја помош за да можат твоите зборови и дела да го радуваат неговото срце (Пословици 27:11). Јехова никогаш не го изневерува својот народ, и секако дека треба да му бидеме верни (Псалм 94:14). Тој покажал милост и сожалување така што ги осуетил плановите на непријателите и го избавил Давид. Благодарен за ова, Давид ја изразил цврстината, непоколебливоста на својата љубов кон својот Избавител. Тој со длабоко чувство пеел: „Постојано е моето срце Боже, постојано е моето срце, ќе пеам и ќе свирам“ (Псалм 57:7).

22 Исто како Давид, вистинските христијани не отстапуваат од својата оддаденост кон Бог. Со постојани срца, своето избавување и сочувување му го припишуваат на Јехова, кому радосно му пеат фалби. Ако твоето срце е постојано, тоа ќе се потпре на Бог, и со негова помош ќе можеш да го исполниш твоето предание. Да, можеш да бидеш како „праведникот“ во врска со кого псалмистот пеел: „Не ќе се плаши од лоши вести, мирно [постојано, NW] е неговото срце, надевајќи се на Господа“ (Псалм 112:6, 7). Ако имаш вера во Бог и цврсто се потпираш на него, можеш да живееш според твоето предание и да продолжиш да му служиш на Јехова со постојано срце.

Се сеќаваш ли?

• Зошто треба да продолжиме да примаме точно спознание за Библијата?

• Зошто треба да го имаме на ум нашето каење и преобраќање?

• На кој начин извлекуваме корист ако си спомнуваме на нашето предание и крштавање?

• Што ќе ни помогне да продолжиме да му служиме на Јехова со постојано срце?

[Прашања]

[Слики на страница 18]

Дали го одржуваш твоето духовно здравје со секојдневно проучување на Божјата реч?

[Слика на страница 18]

Ако ја направиме христијанската служба главна работа, тоа ќе ни помогне да продолжиме да му служиме на Јехова со постојано срце