Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Треба ли верата да се темели на разумот?

Треба ли верата да се темели на разумот?

Треба ли верата да се темели на разумот?

„Постојат премногу ‚религиозни‘ луѓе кои стануваат религиозни баш за да избегнат да мислат“, пишува деканот на една теолошка семинарија во Соединетите Држави. „Тие едноставно сакаат сѐ да прифатат ‚со вера‘“, додава тој.

ТОА подразбира дека повеќето луѓе што исповедуваат некоја религиозна вера малку размислуваат за тоа зошто веруваат во она што го веруваат или дали постои разумна основа за нивната вера. Не е ни чудо што религијата станала тема за која многумина се колебаат да зборуваат.

За жал, практиките како што се користење религиозни ликови и повторување напамет научени молитви, исто така, не ги охрабруваат луѓето да резонираат. Овие практики, како и импресивната архитектура, раскошните прозорци со мозаик на стакло и подбудувачката музика, повеќе или помалку го дефинираат степенот на религиозно искуство на милиони луѓе. Иако некои цркви тврдат дека верата им се темели на Библијата, нивната порака ‚верувај во Исус и ќе бидеш спасен‘ ја минимизира сериозноста на проучување на Библијата. Други се свртуваат кон проповедање на социјално или политичко евангелие. Каков е резултатот од сето тоа?

Во врска со ситуацијата во Северна Америка, еден писател на религиозни теми рекол: „Христијанството . . . има тенденција да биде површно, [а] неговите приврзаници се слабо школувани за верата“. Еден анкетар отишол уште подалеку и ги опишал Соединетите Држави како „нација на библиски неписмени луѓе“. Да бидеме фер, ваквите забелешки важат и за други земји во кои преовладува таканареченото христијанство. Многу нехристијански религии исто така не охрабруваат да се резонира и, наместо тоа, ги нагласуваат црковните песни, ритуалните молитви и различните облици на медитација што вклучуваат мистицизам, а не логично, конструктивно размислување.

Сепак, истите луѓе кои малку размислуваат за точноста или за вистинитоста на своите религиозни верувања, во својот секојдневен живот честопати многу грижливо размислуваат за други работи. Зарем не ти звучи чудно тоа што лице кое прави обемно истражување за да купи само една кола — која еден ден ќе заврши во отпад — во врска со својата религија ќе рече: ‚Ако била доволно добра за моите родители, таа е доволно добра и за мене‘?

Ако сме навистина заинтересирани да му угодиме на Бог, зарем не треба сериозно да размислиме за точноста на она што го веруваме за него? Апостол Павле зборувал за извесни религиозни луѓе од неговото време кои имале „ревност за Бог; но не според точно спознание“ (Римјаните 10:2). Таквите би можеле да се споредат со еден најмен молер кој напорно работи да бојадиса една куќа, но користи погрешни бои бидејќи не ги слуша упатствата на сопственикот. Молерот е можеби задоволен од својата работа, но дали тоа ќе биде прифатливо за сопственикот?

Што му е прифатливо на Бог во врска со вистинското обожавање? Библијата одговара: „Тоа е добро и прифатливо во очите на нашиот Спасител, Бог, чија волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Некои можеби мислат дека е невозможно да се најде такво спознание во многуте религии денес. Но, помисли само — ако е Божја волја луѓето да дојдат до точно спознание на вистината, зарем тој неправедно ќе го скрие од нив? Според Библијата, не. Таа вели: „Ако го бараш [Бог], ќе биде најден од тебе“ (1. Летописи 28:9).

На кој начин им се открива Бог на оние што искрено го бараат? Одговорот ќе го даде следната статија.