Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бог се слави на филипинските планини

Бог се слави на филипинските планини

Бог се слави на филипинските планини

Ако ги сметаш Филипините за островска нација, во право си. Но, таа е и земја на импресивни планини. За Јеховините сведоци, проповедањето во градовите и во низинските подрачја е релативно лесно и делотворно. Меѓутоа, планинските региони се една сосема поинаква приказна.

ВЕЛИЧЕСТВЕНИТЕ планини на земјата стојат во остра спротивност со песочните плажи, коралните морски гребени, рибарските села и бучните градови на островските рамнини. Планините претставуваат и една предизвикувачка препрека во проповедањето на ‚добрата вест‘ за Божјето Царство (Матеј 24:14).

Филипинските Острови се лоцирани на место каде што се судруваат две тектонски плочи. Испапчувањето на тлото на ова подрачје создало остри планински сртови на поголемите острови. Повеќето од 7.100-те острови што ги сочинуваат Филипините се сместени на западниот лак од пацифичкиот Огнен прстен. Затоа, на нив се начичкани вулкани, кои исто така придонесуваат за формирањето на планинскиот пејзаж. Ваквиот нерамен терен ги изолирал планинските луѓе. Да се дојде до нив е тешко бидејќи релативно малку патчиња се погодни за моторни возила.

И покрај овие препреки, Јеховините сведоци ја увидуваат потребата да ги достигнат „сите видови луѓе“ (1. Тимотеј 2:4). Затоа Сведоците на Филипините работат во согласност со духот од Исаија 42:11, 12: „Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови! Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!“

Концентрираните напори да им се сведочи на луѓето на планините почнале пред повеќе од 50 години. По II светска војна мисионерите помогнале да се даде замав на делото. Многу мештани ја прифатиле библиската вистина и, од своја страна, помогнале да се рашири оваа вистина од селата сѐ до планините. Ова донело добри резултати. На пример, во Централните Кордилера планини во северен Лузон има над 6.000 објавители на добрата вест. Повеќето од нив се староседелски народи, меѓу кои спаѓаат Ибалои, Ифугао и Калинга.

Меѓутоа, високо на планините сѐ уште има тешко достапни подрачја. Луѓето што живеат таму не се заборавени. Како биле достигнати некои од нив, и каква била реакцијата?

Вистинската вера ја заменува традицијата

На северниот остров Лузон, планинските подрачја на провинцијата Абра се населени со Тингијанци. Ова име можеби потекнува од древниот малајски збор тинги, што значи „планина“. Навистина мошне соодветно! Исто така, луѓето се нарекуваат себеси и својот јазик итнег. Тие веруваат во еден бог наречен Кабунијан, и секојдневниот живот е под големо влијание на суеверија. На пример, ако кива некој што планира да отиде некаде, тоа е лош предзнак. Мора да почека околу два часа за да помине лошиот ефект.

Во 1572 дошле Шпанците со католицизмот, но пропуштиле да ги поучат Тингијанците за вистинското христијанство. Оние што станале католици се држеле за своето верување во Кабунијан и ги следеле домородечките обичаи. Точното спознание за Библијата првпат дошло до овие луѓе во 1930-тите, кога Јеховините сведоци почнале да ја шират пораката за Царството на тие планини. Оттогаш многу искрени Тингијанци почнале да го слават Јехова „од горските врвови“.

На пример, Лингбаоан порано бил почитуван племенски главатар во подрачјето. Бил длабоко вклучен во тингијанската култура. „Верно ги следев тингијанските традиции. Ако некој беше убиен, по погребот изведувавме танци и свиревме на гонгови. Исто така, жртвувавме животни. Верувавме во Кабунијан, и не знаевме за Богот на Библијата.“ Ова било и покрај фактот што тој бил номинален католик.

Министрите на Јеховините сведоци дошле да проповедаат на тоа подрачје. Го сретнале Лингбаоан и го охрабриле да ја чита Библијата. Тој се присетува: „Библијата беше таа што ме увери дека Јехова е вистинскиот Бог“. Потоа, еден Сведок ја проучувал Библијата со него, и Лингбаоан донел одлука да му служи на вистинскиот Бог. Ги напуштил поранешните патишта, вклучувајќи ја и позицијата на племенски водач, чекор што го разлутил локалниот свештеник и поранешните другари на Лингбаоан. Меѓутоа, Лингбаоан бил одлучен да ги следи вистините што ги пронашол во Библијата. Сега служи како собраниски старешина.

Седум дена и шест ноќи

Иако сега во некои делови од Абра прилично редовно се слуша добрата вест, други се оддалечени и само повремено добиваат сведоштво. Пред некое време, биле вложени напори да се достигне едно од тие подрачја. Група од 35 Сведоци се упатиле да проповедаат на едно недоделено подрачје во Тинег (Абра), место кое не било посетено 27 години.

Оваа проповедничка експедиција одела пешки, и тоа седум дена. Замисли си да преминуваш висечки мостови и длабоки реки, и со часови да пешачиш низ планинските сртови, а притоа да носиш сѐ што ти е потребно — и сето тоа за да ја проповедаш добрата вест до оние што ретко можат да ја слушаат! Од шесте ноќи во текот на патувањето, четири биле поминати во спиење на планината на отворено.

Иако издржливите Сведоци што ја сочинувале експедицијата носеле нешто храна, тие не можеле да земат доволно за целото патување. Меѓутоа, тоа не било проблем, бидејќи луѓето биле пресреќни што можеле да разменуваат храна за публикации темелени на Библијата. Сведоците добиле изобилство земјоделски производи, риба и срнечко месо. Иако имало некои неудобности, членовите на групата рекле: „Овие жртви беа надоместени со преобилната радост што ја доживеавме“.

Во текот на седумте дена, овие министри сведочеле во десет села, поделиле 60 книги, 186 списанија, 50 брошури и многу трактати. Прикажале како се водат библиски студии пред 74 групи луѓе. Во градот Тинег, на барање на локалните службени лица и на некои истакнати граѓани, бил одржан собраниски состанок со 78 присутни. Повеќето од посетителите биле учители и полицајци. Се надеваме дека уште многу Тингијанци допрва ќе им се придружат на оние што „подвикнуваат“ и го фалат Јехова од горските врвови.

Нешто подобро од злато

На појужниот дел од Филипините се наоѓаат некои острови каде што Шпанците пронашле злато. Оттаму потекнува името Миндоро, скратен облик од mina de oro, односно „златен рудник“. Меѓутоа, сега на тие острови се пронаоѓа нешто што е подобро од злато — луѓе што сакаат да му служат на вистинскиот Бог, Јехова.

Околу 125.000 староседелци наречени Мангијани живеат во далечната шумска внатрешност на Миндоро. Тие водат едноставен живот, претежно движејќи се во својот круг, и имаат сопствен јазик. Повеќето се анимисти и политеисти, и веруваат во различни духови во природата.

Повремено, поради недостиг на храна или други потребни работи, поединечни Мангијани слегуваат до крајбрежните подрачја во потрага по работа. Ова било случај со Пајлинг, кој потекнува од подгрупата на Мангијаните наречена Батанган. Тој пораснал меѓу својот народ во планинските шуми, и ги поддржувал батанганските верувања и обичаи. Вообичаена облека им е едноставна ткаенина околу бедрата. За да се осигура добра жетва, батанганската традиција бара обожавателите да убијат пиле и да дозволат крвта да капе во вода додека тие се молат.

Пајлинг повеќе не ги следи тие традиции. Зошто? Кога слегол во низините, нашол работа кај семејства Јеховини сведоци. Едно од тие семејства ја искористило приликата за да го запознае Пајлинг со библиската вистина. Тој добро реагирал и навистина го ценел тоа што можел да научи за Јеховината намера со човекот и со Земјата. Тие организирале тој да се запише во основно училиште, како и да ја проучува Библијата. Пајлинг се крстил како Јеховин сведок на возраст од 24 години. На 30-годишна возраст бил втора година средно училиште, и училиштето го направил подрачје за проповедање. Сега го викаат Роландо (низинско име).

Ако го сретнеш Роландо, ќе видиш еден убаво облечен, насмеан министер, кој служи како полновремен проповедник и како слуга помошник во едно од собранијата на Миндоро. Неодамна Роландо се вратил на планините, но не за да им се придружи на Батанганите во нивните традиции туку за да ги сподели со нив животодавните вистини од Библијата.

Желни да добијат Сала на Царството

Провинцијата Букиднон — што на цебуано значи „планински луѓе“ — е сместена на јужниот остров Минданао. Ова е подрачје на планини, кањони, речни долини и висорамнини. Плодната почва придонесува за жетви на ананас, пченка, кафе, ориз и банани. Таму живеат ридските племиња Талаандиг и Хигаонон. И овие луѓе треба да научат за Јехова. Неодамна, во близина на градот Талакаг се отворила ваква прилика на еден многу интересен начин.

Сведоците што се искачиле на брдата наишле на студена клима, но на топол прием. Мештаните тврделе дека веруваат во семоќниот Бог, Таткото, но не му го знаеле името. Со оглед на тоа што поголемиот дел од времето го поминуваат во шумата, тогаш за првпат сретнале Јеховини сведоци. Се запознале со Божјето име, како и со неговата прекрасна намера во врска со Царството. Луѓето биле восхитени, па затоа било одлучено во селото да се направат и понатамошни посети.

Следеле неколку посети. Како резултат на тоа, мештаните понудиле место за „дом“ на Јеховините сведоци. Сведоците радо ја прифатиле понудата. Местото се наоѓало на врвот на највисокиот рид на подрачјето, од каде што се гледал патот. Градбата била направена од дрво, бамбус и палмини листови. Проектот бил завршен за три месеци и десет дена. На предниот дел од градбата бил истакнат натписот „Сала на Царството на Јеховини сведоци“. Помисли само, подигната Сала на Царството уште пред да се формира собрание!

Потоа, таму се преселил еден собраниски старешина кој е полновремен министер, како и еден слуга помошник. Заедно со Сведоците од соседните места, тие работеле на целта да формираат собрание. Ова се остварило во август 1998. Оваа Сала на Царството сега во потполност ја користи едно мало собрание, додека им помага на планинските луѓе да ги дознаат библиските вистини.

Секако, Јехова моќно ги користи своите спремни слуги на Филипините за да ја шират вистината за Царството дури до тешко достапните планини. Тоа нѐ потсетува на Исаија 52:7, каде што се вели: „Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот“.

[Карти на страница 11]

(Види во публикацијата)

АБРА

МИНДОРО

БУКИДНОН

[Извор на слика]

Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Слики на страница 10]

Проповедањето на планините вклучува часови пешачење низ карпест терен

[Слика на страница 10]

Крштавање во еден планински поток