Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Двајца пастори што ги ценеле записите на Расел

Двајца пастори што ги ценеле записите на Расел

Двајца пастори што ги ценеле записите на Расел

ВО 1891, Чарлс Тејз Расел, кој извршил извонредно дело меѓу вистинските христијански обожаватели на Јехова, за првпат ја посетил Европа. Според некои извештаи, кога застанал во Пинероло (Италија), Расел се запознал со професор Даниеле Ривоире, поранешен пастор на една религиозна група наречена валдензи. a Иако по напуштањето на службата останал тесно поврзан со валдензите, Ривоире останал слободоумен и прочитал многу публикации што ги напишал Ч. Т. Расел.

Во 1903, Ривоире ја превел на италијански Раселовата книга The Divine Plan of the Ages (Божествениот план на вековите) и ја отпечатил на свој трошок. Ова било прилично време пред да биде издадено службено италијанско издание. Во предговорот на книгата, Ривоире напишал: „Ова прво италијанско издание го ставаме под заштитата на Господ. Нека тој го благослови за, и покрај неговите несовршености, да придонесе за величањето на неговото најсвето име и да ги охрабри на поголема оддаденост неговите деца што зборуваат италијански. Нека срцата на сите оние што, преку читање на оваа книга, ја ценат длабочината на богатството, мудроста и спознанието на Божјиот план и љубов, му бидат благодарни на самиот Бог, со чија милост беше можно објавувањето на ова дело“.

Ривоире почнал да ја преведува на италијански и Zion’s Watchtower and Herald of Christ’s Presence (Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност). Ова списание, првобитен облик на Стражарска кула, во 1903 година излегувало како тримесечно издание. Иако никогаш не станал Библиски студент, како што Јеховините сведоци биле наречени тогаш, професор Ривоире покажал голем интерес за ширењето на библиската порака, објаснета во публикациите на Библиските студенти.

„Како лушпи да ми паднаа од очите“

Друг валденшки пастор, кој високо ги ценел публикациите на Расел, бил Џузепе Банкети. Татко му, кој се преобратил од католицизмот, му дал на Џузепе валденшко образование. Во 1894 Џузепе станал пастор и служел во различни валденшки заедници во Апулија и Абруци и на островите Елба и Сицилија.

Во 1905 излегло официјалното издание на Божествениот план на вековите од Расел. Банкети напишал еден одушевен критички осврт на книгата. Тој излегол во протестантскиот журнал La Rivista Cristiana. „За нас“, напишал Банкети, книгата на Расел „е најпросветлениот и најсигурен водич што секој христијанин може да го најде за да преземе една корисна и благословена студија на Светото писмо . . . Веднаш штом го прочитав, како лушпи да ми паднаа од очите, така што патот до Бог ми стана порамен и полесен. Дури и наводните противречности во најголем број случаи исчезнаа. Некогаш тешките доктрини изгледаа едноставни и совршено прифатливи. Досега несфатливите работи станаа јасни. Восхитувачкиот план за спасението на светот во Христос се појави пред мене со толкава едноставност која влева страхопочит што ме наведе да воскликнам со апостолот: О длабочино на богатство и на мудрост и на спознание Божје!“ (Римјаните 11:33).

Како што во 1925 забележал Ремиџо Куминети, Банкети покажал „големи симпатии“ кон делото на Библиските студенти и бил „целосно уверен“ во доктрините што тие ги објаснувале. Банкети на свој сопствен начин настојувал и да ги објави тие доктрини.

Од записите на Банкети е очигледно дека, исто како Јеховините сведоци, тој верувал дека ќе има воскресение на Земјата, како што поучува Писмото. Исто така, тој се сложил со Библиските студенти кога објаснил дека во Даниеловото пророштво за 70-те седмици Бог ја одредил и ја открил годината во која умрел Исус (Даниел 9:24—27). Повеќе од еднаш, и во отворен расчекор со учењата на црквата, тој сметал дека Меморијалот на смртта на Исус Христос треба да се прославува само еднаш во годината, „точниот ден на кој паѓа годишнината“ (Лука 22:19, 20). Ја отфрлил Дарвиновата теорија на еволуција, и потврдил дека вистинските христијани не треба да учествуваат во световна војна (Исаија 2:4).

Во една прилика Банкети дискутирал за Раселовите записи со еден човек по име Џ. Камбел Вол. Како одговор на критиките на Вол, Банкети рекол: „Сигурен сум дека ако ги прочиташ шесте тома на Расел, ќе доживееш силна и длабока радост, и со емоции ќе ми се заблагодариш. Јас не парадирам со некоја доктрина; но пред единаесет години ги прочитав тие книги, и секој ден му благодарам на Бог што стави пред мене таква светлина и таква утеха преку едно дело што е целосно и цврсто темелено на Светото писмо“.

„Слушај, слушај, слушај“

Значајно е тоа што овие двајца валденшки пастори — Даниеле Ривоире и Џузепе Банкети — изразиле ценење за начинот на кој Расел ја објаснил Библијата. Банкети напишал: „Велам дека ниеден од нас евангелистите, па дури ни нашите пастори или професори по теологија, никој не знае сѐ. Не, ние имаме многу, многу работи да научиме . . . [Ние треба] . . . да останеме и да слушаме, да не мислиме дека знаеме сѐ, и да не го отфрламе она што ни се нуди да го испитаме. Наместо тоа, слушај, слушај, слушај“.

Секоја година, илјадници луѓе ја слушаат пораката за Царството што Јеховините сведоци им ја носат во домовите. Насекаде, слободоумните луѓе кои се жедни за библиските вистини се одѕиваат на Исусовата покана: „Дојди и биди мој следбеник“ (Марко 10:17—21; Откровение 22:17).

[Фуснота]

a Името го добиле по Пјер Ваудес, или Питер Валдо, трговец од Лион (Франција) во 12 век. Валдо бил исклучен од Католичката црква поради неговите верувања. За додатни информации во врска со валдензите, види ја статијата „Валдензите — од ерес до протестантизам“, во Стражарска кула од 15 март 2002.

[Слика на страница 28]

Професор Даниеле Ривоире

[Слика на страница 29]

Џузепе Банкети

[Извор на слика]

Ривоире и Банкети: La Luce, 14 април, 1926