Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали е исправно да му се пристапува на Бог во молитва без да се каже некој израз како, „во името на Исус“?
Библијата покажува дека христијаните што сакаат да му пристапат на Јехова во молитва треба да го прават тоа во името на Исус. Исус им рекол на своите ученици: „Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“. Тој додал: „Што и да замолите во мое име, ќе го направам тоа за да се прослави Таткото во поврзаност со Синот. Ако замолите за нешто во мое име, јас ќе го направам тоа“ (Јован 14:6, 13, 14).
Осврнувајќи се на Исусовата единствена позиција, една енциклопедија вели: „Целта на молитвата е само Бог, преку Исус Христос како Посредник. Според тоа, сите преколнувања до светци или до ангели не само што се бескорисни туку се и богохулни. Сето обожавање на творештвото, сеедно колку е тоа возвишено, е идолопоклонство, и е строго забрането во светиот Божји закон“ (Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature).
Што ако некој, по некое многу пријатно искуство, рече: „Ти благодарам Јехова“, без да додаде „во името на Исус“? Дали тоа е погрешно? Не мора да значи. Да претпоставиме дека еден христијанин се соочува со ненадејна опасност и извикува: „Јехова, помогни ми!“ Тешко дека Бог би одбил да помогне затоа што неговиот слуга не рекол „во името на Исус“.
Меѓутоа, треба да се забележи дека дури и едноставно зборувањето гласно со Бог само по себе не претставува молитва. На пример, откако добил пресуда од Јехова затоа што си го убил братот Авел, Каин рекол: „Мојата казна е премногу тешка, за да се поднесува. Еве, денес ме тераш од плодната почва; треба да се кријам од Твоето лице и да бидам вечен скитник на земјата — кој ќе ме најде, може да ме убие“ (Битие 4:13, 14). Иако Каин му ги упатил своите зборови на Јехова, неговиот емоционален излив бил жалба поради горките плодови на гревот.
Библијата вели: „Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“. Неформалното обраќање до Највишиот како да е обичен човек дефинитивно би покажало недостиг на понизност (Јаков 4:6; Псалм 47:2; Откровение 14:7). Исто така, би било неучитво некој да знае што вели Божјата реч за Исусовата улога и, сепак, намерно да се моли без да го признае Исус Христос (Лука 1:32, 33).
Ова не значи дека Јехова очекува некој посебен стил или некоја фиксна формула кога се молиме. Клучен фактор е состојбата на срцето на еден човек (1. Самоил 16:7). Во првиот век н.е., еден римски воен офицер по име Корнелиј ‚непрестајно го преколнувал Бог‘. Корнелиј, необрежан не-Евреин, не му бил предаден на Јехова. Иако не постои веројатност дека ги упатувал молитвите во името на Исус, тие ‚се воздигнале како спомен пред Бог‘. Зошто? Затоа што оној што „го испитува срцето“ видел дека Корнелиј бил ‚побожен човек, кој се плашел од Бог‘ (Дела 10:2, 4; Пословици 17:3). Откако стекнал спознание за ‚Исус кој бил од Назарет‘, Корнелиј добил свет дух и станал крстен ученик на Исус (Дела 10:30—48).
На крајот на краиштата, луѓето не се тие што одлучуваат кои молитви Бог ги слуша. Ако еден христијанин повремено би зборувал со Јехова и превиди да употреби израз како што е „во името на Исус“, нема потреба да се оптоварува со вина. Јехова е потполно свесен за нашите ограничувања и сака да ни помогне (Псалм 103:12—14). Можеме да бидеме уверени дека ако практикуваме вера во „Синот Божји . . . што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:13, 14). Меѓутоа, особено кога ги претставуваат другите во јавна молитва, вистинските христијани ја признаваат библиски изложената улога што ја има Исус во Јеховината намера. И тие послушно настојуваат да му искажат чест на Исус упатувајќи ги молитвите до Бог преку него.