Соживување — клуч за љубезност и сочувство
Соживување — клуч за љубезност и сочувство
„СЀ ДОДЕКА можеш да ја ублажиш болката на другиот, животот не е залуден“, напишала Хелен Келер. Келер многу добро разбирала што значи емоционалната болка. Кога имала 19 месеци, поради болест останала потполно слепа и глува. Но, една сочувствителна учителка ја научила Хелен да чита и да пишува на Брајово писмо и, подоцна, да зборува.
Ен Саливан, учителката на Хелен, многу добро знаела колкава фрустрација е за еден човек да се бори со некој физички инвалидитет. И самата била речиси слепа. Но, Ен стрпливо измислила начин да комуницира со Хелен така што ‚ги пишувала‘ буквите на раката на Хелен. Инспирирана од соживувањето на својата учителка, Хелен решила својот живот да го посвети на помагање на слепите и глувите. Надминувајќи го со големи напори сопствениот инвалидитет, таа покажала сочувство кон оние што се наоѓале во слични околности. Сакала да им помогне.
Веројатно си забележал дека во овој себичен свет е лесно да се ‚затвори вратата на нежното сочувство‘ и да се игнорираат потребите на другите (1. Јованово 3:17). Меѓутоа, на христијаните им е заповедано да го љубат ближниот и да имаат силна љубов еден кон друг (Матеј 22:39; 1. Петрово 4:8). Сепак, веројатно си свесен за оваа реалност: Иако сме целосно решени да се љубиме еден со друг, честопати превидуваме прилики да им ја ублажиме болката на другите. Ова може да биде случај едноставно затоа што не сме свесни за нивните потреби. Соживувањето е клучот со кој можеме да ја отвориме вратата на нашата љубезност и сочувство.
Што е соживување?
Еден речник вели дека соживување е кога човек се става во ситуацијата на другиот и ги разбира неговите чувства и мотиви. Опишано е и како способност некој да се стави во кожата на другиот. Затоа, соживувањето бара, како прво, да ги сфатиме околностите на некој друг и, второ, да ги осетиме чувствата што тие околности ги создаваат кај него. Да, соживувањето вклучува болката на другиот да ја чувствуваме во своето срце.
Зборот „соживување“ не се појавува во Библијата, но Писмото индиректно укажува на оваа особина. Апостол Петар ги советувал христијаните да покажат ‚сочувство, братска наклоност и сочувствителност‘ (1. Петрово 3:8). Грчкиот збор преведен со „сочувство“ буквално значи „да се страда со другиот“ или „да се биде сочувствителен“. Апостол Павле препорачал да се имаат слични чувства кога ги поттикнал сохристијаните ‚да се радуваат со оние кои се радуваат; да плачат со оние кои плачат‘. Павле додал: „За другите размислувајте на ист начин како и за себе“ (Римјаните 12:15, 16). И, зарем не се сложуваш дека ако не се ставиме на местото на ближниот, би било скоро невозможно да го љубиме како себеси?
Речиси секој, донекаде, природно има соживување. Кој не бил трогнат кога видел слики што го кинат срцето од деца што гладуваат или од избезумени бегалци? Која љубезна мајка може да го игнорира липањето на своето дете? Но, не можат веднаш да се препознаат сите страдања. Колку е само тешко да ги сфатиме чувствата на некој што доживува депресија, некоја прикриена физичка тешкотија, па дури и нарушување во исхраната — ако никогаш и самите не сме имале такви проблеми! Сепак, Писмото покажува дека можеме и треба да развиваме сочувство кон оние што имаат поинакви околности од нашите.
Библиски примери на соживување
Јехова е нашиот најдобар пример на соживување. Иако самиот е совршен, тој не очекува ние да бидеме совршени, „зашто знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14; Римјаните 5:12). Освен тоа, бидејќи е свесен за нашите ограничувања, ‚нема да дозволи да бидеме искушани повеќе од она што можеме да носиме‘ (1. Коринќаните 10:13). Преку своите слуги и својот дух, тој ни помага да најдеме излез (Еремија 25:4, 5; Дела 5:32).
Јехова лично ја чувствува болката што ја доживува неговиот народ. На Евреите што се вратиле од Вавилон им рекол: „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото“ (Захарија 2:8). Длабоко свесен за Божјето соживување, библискиот писател Давид за него рекол: „Ги собра моите солзи во Твојот сад; не е ли запишано сѐ во Твојата книга?“ (Псалм 56:8). Колку е само утешно да се знае дека Јехова се сеќава — како да се запишани во книга — на солзите што неговите верни слуги ги леат додека се борат да го сочуваат својот интегритет!
Слично на својот небесен Татко, Исус Христос е осетлив за чувствата на другите. Кога излекувал еден глув човек, го тргнал настрана, веројатно за неговото чудесно оздравување да не го засрами претерано ниту да го преплаши (Марко 7:32—35). Во една друга прилика, Исус забележал една вдовица токму пред да биде погребан нејзиниот син. Тој веднаш ја почувствувал болката што таа ја доживувала, ѝ пристапил на погребната поворка и го воскреснал младичот (Лука 7:11—16).
По своето воскресение, кога му пристапил на Савле на патот за Дамаск, Исус му дал до знаење дека неговото злобно прогонство на учениците влијаело врз него. „Јас сум Исус, кого ти го прогонуваш“, му рекол (Дела 9:3—5). Исус лично ја чувствувал болката што ја поднесувале неговите ученици, како што една мајка ја чувствува болката на своето болно дете. На сличен начин, како наш небесен Првосвештеник, Исус „сочувствува со нашите слабости“ (Евреите 4:15).
Апостол Павле научил да биде осетлив за страдањата и чувствата на другите. „Кој е слаб, а јас да не сум слаб? Кој се спрепнал, а јас да не се распалам?“ — прашал тој (2. Коринќаните 11:29). Кога еден ангел на чудесен начин ги ослободил Павле и Сила од нивните окови во еден филиписки затвор, првата мисла на Павле била да го извести темничарот дека никој не побегнал. Тој со соживување осетил дека темничарот би можел да изврши самоубиство. Павле знаел дека според римскиот обичај, темничарот требало да биде сурово казнет ако некој затвореник избегал — особено ако добил упатство добро да го чува (Дела 16:24—28). Павловиот животоспасувачки чин на љубезност го импресионирал темничарот, така што тој и неговото домаќинство презеле чекори да станат христијани (Дела 16:30—34).
Како да се негува соживување
Писмото секогаш одново нѐ охрабрува да го имитираме нашиот небесен Татко и неговиот Син, Исус Христос, па затоа соживувањето е особина што треба да ја развиваме. Како можеме да го правиме тоа? Постојат три главни начини на кои можеме да ја изостриме својата осетливост за потребите и чувствата на другите: со слушање, со набљудување и со имагинација.
Слушај. Кога внимателно слушаме, дознаваме со какви проблеми се соочуваат другите. И колку подобро слушаме веројатно толку повеќе тие ќе си ги отворат срцата и ќе ги откријат своите чувства. „Можам да разговарам со некој старешина ако сум сигурна дека тој ќе ме сослуша“, објаснува Мирјам. „Сакам да знам дека тој навистина го разбира мојот проблем. Мојата доверба во него расте кога ми поставува проникливи прашања кои покажуваат дека внимателно го слушал она што сум му го кажала.“
Набљудувај. Нема секој отворено да ни каже како се чувствува или низ што сѐ поминува. Меѓутоа, оној што внимателно набљудува, ќе забележи кога некој сохристијанин изгледа депресивно, кога некој тинејџер станува некомуникативен или кога некој ревносен министер ја губи својата одушевеност. Оваа способност да се осети некој проблем уште во неговите почетни фази е многу битна за родителите. „На некој начин, мајка ми знае како се чувствувам уште пред да ѝ кажам“, забележува Мари, „па затоа ми е лесно отворено да разговарам со неа за моите проблеми.“
Користи ја својата имагинација. Најсилниот начин да се стимулира соживување е да се прашаш: ‚Кога би бил јас во оваа ситуација, како би се чувствувал? Како би реагирал? Што би ми било потребно?‘ Тројцата лажни тешители на Јов се покажале неспособни да се стават во неговата положба. Затоа го осудиле за некои замислени гревови кои претпоставувале дека мора да ги извршил.
На несовршените луѓе честопати им е полесно да ги осудат грешките отколку да ги разберат чувствата. Меѓутоа, ако се напрегаме да си ја замислиме неволјата на некој што се измачува, тоа ќе ни помогне да сочувствуваме, а не да осудуваме. „Многу подобар совет давам кога слушам внимателно и кога се обидувам да ја разберам целата ситуација пред да почнам да давам предлози“, коментирал Хуан, еден искусен старешина.
Публикациите што ги дистрибуираат Јеховините сведоци им помогнале на многумина во тој поглед. Списанијата Стражарска кула и Разбудете се! дискутираат за сложени проблеми како што се депресијата и злоупотребата на деца. Овие навремени информации им помагаат на читателите да бидат поосетливи за чувствата на оние што страдаат на таков начин. На сличен начин, книгата Младите прашуваат — делотворни одговори им помогнала на многу родители да ги сфатат проблемите на своите деца.
Соживувањето помага во христијанските активности
Малкумина од нас би можеле да ја игнорираат маката на некое дете што гладува ако имаме на располагање храна која би ја поделиле со него. Ако имаме соживување, ќе ја разбереме и духовната состојба на еден човек. Библијата за Исус кажува: „Штом ги здогледа мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа одрани и расеани како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Милиони луѓе денес се наоѓаат во слична духовна состојба, и им треба помош.
Како и во Исусово време, за да ги достигнеме срцата на некои луѓе, можеби ќе мораме да надминеме предрасуди или некоја вкоренета традиција. Еден сочувствителен министер настојува да најде заеднички темел или да зборува на теми што се во мислите на луѓето за да ја направи својата порака попривлечна (Дела 17:22, 23; 1. Коринќаните 9:20—23). Делата на љубезност мотивирани од соживување можат, исто така, да ги направат нашите слушатели поприемливи за пораката на Царството, како што било случај со филипискиот темничар.
Соживувањето ни е од непроценлива помош за да ги превидуваме недостатоците на другите во кругот на собранието. Ако настојуваме да ги разбереме чувствата на некој брат што нѐ навредил, несомнено ќе ни биде многу полесно да му простиме. Можеби и ние би реагирале на ист начин кога би биле во истата ситуација и би ја имале неговата заднина. Соживувањето го поттикнува Јехова да „си спомнува дека сме прав“, па затоа, зарем нашето соживување не треба да нѐ мотивира да ги земаме предвид несовршеностите на другите и ‚спремно да простуваме‘? (Псалм 103:14; Колошаните 3:13).
Ако мораме да даваме совет, веројатно тоа ќе го правиме на еден пољубезен начин доколку ги разбереме чувствата и осетливоста на оној што згрешил. Еден христијански старешина што покажува соживување се потсетува: ‚И јас можев да ја направам истата грешка. Можев да бидам во неговата ситуација‘. Затоа Павле препорачува: „Обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост, додека секој од вас пази на себе и самиот да не биде искушан“ (Галатите 6:1).
Исто така, соживувањето може да нѐ наведе да понудиме практична помош ако тоа е во доменот на нашата моќ, иако некој христијанин можеби ќе се колеба да побара. Апостол Јован пишува: „Кој ги има средствата од овој свет кои се потребни за живот и гледа дека брат му има потреба, а сепак пред него ја затвора вратата на своето нежно сочувство, како останува во него љубовта кон Бог? . . Да не се љубиме со збор ниту со јазик, туку со дело и вистина“ (1. Јованово 3:17, 18).
За да се љубиме „со дело и вистина“, најпрвин треба да ги увидиме конкретните потреби на нашиот брат. Дали внимателно ги набљудуваме потребите на другите со цел да им помогнеме? Тоа е всушност соживување.
Негувај сочувство
Можеби по природа не сме многу сочувствителни, но сепак, можеме да ја негуваме оваа особина. Ако слушаме повнимателно, ако набљудуваме подлабоко и ако почесто се замислуваме себеси во ситуацијата на другиот, нашето соживување ќе расте. Како резултат на тоа, ќе се чувствуваме наведени да покажуваме повеќе љубов, љубезност и сочувство кон нашите деца, кон другите христијани и кон ближните.
Никогаш не дозволувај себичноста да го задуши твоето соживување. „Не гледајте секој само на своето, туку секој нека гледа на она што се однесува за другите“ (Филипјаните 2:4, ДХК). Нашата вечна иднина зависи од соживувањето на Јехова и на неговиот Првосвештеник, Исус Христос. Затоа имаме морална обврска да ја негуваме оваа особина. Нашето соживување ќе ни даде сила да станеме подобри министри и подобри родители. Пред сѐ, соживувањето ќе ни помогне да откриеме дека „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
[Слика на страница 25]
Соживувањето вклучува внимателно да ги набљудуваме потребите на другите со цел да им помогнеме
[Слика на страница 26]
Дали ќе научиме да го покажуваме соживувањето што една љубезна мајка природно го чувствува кон своето дете?